Се реновира пистата на Скопскиот аеродром. Летовите ќе се одвиваат од 17 часот попладне до 9 часот наутро.
Рехабилитацијата, како што неодамна информираа од ТАВ, ќе се реализира од 28 март до 16 мај годинава, во период од 50 дена. Инвестицијата е 7,5 милиони евра. Рехабилитацијата на пистата значи дека практично ќе го обновиме горниот слој на асфалтот на пистата, па затоа, во текот на овој период, меѓу 9 и 17 часот, од 28 март до 16 мај, 2022 година, на пистата ќе се изведуваат градежни работи. Секој ден, во споменатиот временски период, ќе се рехабилитира еден дел од вкупната должина на полетно-слетната патека, со цел аеродромот да остане оперативен, односно да можеме нормално да ги опслужуваме летовите во текот на останатиот период од денот, од 17 часот нападне до 9 часот наутро, изјави во пишана изјава генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
На 28 март стартуваше летниот распоред на летање.
Моментално, летниот распоред на летање од Меѓународниот аеродром во Скопје има 35 дестинации. Летовите за сите дестинации од лани ќе продолжат, освен за Москва, Санкт-Петербург и за Киев. Иако беа пуштени како авиолинии првпат во кризата со ковидот, во 2020 и во 2021 година, во моментов овие три линии не се оперативни.
Во овој летен распоред на летање се враќаат и неколку рути што беа активни пред пандемијата, но во текот на зимската сезона не беа сѐ уште вратени.
Друга авиолинија што можеби дека ќе се воспостави по завршувањето на рехабилитацијата на пистата е Скопје – Варшава, со полската авиокомпанија ЛОТ, која исто како и авиолинијата до Истанбул, се користеше од нашите патници како конекција за патувања до САД.
Во првите два месеца од годинава, ТАВ Македонија бележи вкупно 215.227 патници на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром во Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Тоа е пад од 29% од вкупниот број патници споредено со бројките за јануари и за февруари во 2019 како референтна година. Во однос на 2021 година, пак, бројот на патници во првите два месеца оваа година е зголемен за 107%.
Метин Батак - Генерален директор на ТАВ Македонија
Бројот на летови на двата аеродрома во првите два месеци годинава е 1.900, што е за 46% повеќе во однос на истиот период лани, но е за 26% помалку во однос на 2019 година, изјави г-н Метин Батак.
Неодамна Скопскиот аеродром беше избран за најдобар аеродром во Европа во неговата големина. Ова е седми пат како Скопскиот аеродром ја добива наградата за Најдобар аеродром во неговата големина во регионот на Европа. Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, изјави дека ова е резултат на заложбите и на посветената работа.
Ова е седми пат како ја добиваме оваа прекрасна вест дека Меѓународниот аеродром во Скопје е награден од ACI за квалитет на аеродромските услуги за Најдобар аеродром во неговата големина и регион, а вторпат по ред од минатата година за Најдобри хигиенски мерки по регион за 2021 година. Воодушевени сме што Меѓународниот совет на аеродроми го награди скопскиот аеродром. Овие награди и признанија се доказ за нашите извонредни напори во еден ваков исклучителен период бидејќи 2021-та беше година кога сè уште значително се соочувавме со ефектите од глобалната пандемија. Меѓутоа, нашите патници и клиенти уште еднаш ги потврдија нашата заложба, напорна работа и посветеност. Ние сме благодарни, горди и привилегирани од нивната позитивна оценка за нашата работа, особено ако ги земеме предвид предизвиците поради моменталните околности, изјави за медиумите, генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
Да се надеваме дека почнатиот процес на укинување на сложените рестрикции поврзани со пандемијата ќе влијае позитивно врз зголемување на авионските патувања. Веруваме и дека позитивниот тренд на авионски патувања, поддржан од моменталниот процес на укинување на сложените рестрикции за патување наметнати од различните држави, ќе продолжи и во следниот период.