Колкави се трошоците за живот во Македонија и во регионот

Проф. д-р Зоран Ивановски - Колкави се трошоците за живот во Македонија и во регионот

Просечната плата во Македонија, и покрај тоа што достигна 34.354 денари, и понатаму е најниска во регионот споредено со тие во поранешните југословенски републики, поради што и куповната моќ на граѓаните во Македонија е на ниско ниво. Професорот Зоран Ивановски од Универзитетот за туризам и менаџмент смета дека Македонија и понатаму има најнизок просек во регионот, кој се движи од нашите 558 евра до просекот во Словенија од 1.419 евра.

„Ако ја споредиме куповната моќ само преку пет основни прехранбени производи, лебот, месото, млекото, маслото за јадење и сирењето, се доаѓа до констатација дека лебот кај нас е поевтин, додека млекото е поевтино во Хрватска. Маслото за јадење е речиси двојно поскапо кај нас споредено со Црна Гора“, вели професорот Ивановски и додава дека просечниот Словенец, на пример, може да купи речиси три пати повеќе месо од нашите сограѓани и речиси двојно повеќе кравјо сирење. 

Во однос на најавеното покачување на минималната плата за 12 отсто и на пензиите за близу 7 проценти, професорот Ивановски смета дека ваквото покачување на примањата на граѓаните нема многу да влијае на нивната куповна моќ. 

„Имајќи предвид дека индексот на трошоците на животот во јануари во 2023 година во однос на јануари во 2022 година, бележи зголемување од 7.1%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 13.3%, не можеме да констатираме дека покачувањето на платите и на пензиите ќе ја зголеми потрошувачката моќ на граѓаните. Реално, не може да се каже дека барем се обезбедува индексација на платите и на пензиите за стапката на инфлација“, вели професорот од УТМС, Зоран Ивановски.

Негова препорака е Владата да прави редовно годишно усогласување на растот на платите и на пензиите со стапката на инфлација. 

Минимална потрошувачка кошничка

Минимална потрошувачка кошничка

Минималната потрошувачка кошница надмина 50.000 денари

Според најновите податоци објавени од страна на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во февруари 2023 година, во однос на февруари 2022 година, бележи зголемување од 16.7%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12.4%.

На ова реагираа од Сојузот на синдикати на Македонија. Тие потенцираат дека цените неоправдано растат и дека се осиромашуваат работниците. 

„Неоправданото зголемување на цените дополнително ги осиромашува работниците и граѓаните, додека газдите и компаниите профитираат од таквите неоправдани, нелогични и нечовечки зголемени цени. Нивните огромни профити ја подгреваат инфлацијата, а не платите на работниците, со кои одвај се преживува тековниот месец“, се вели во дописот на ССМ.

Иако инфлацијата се намалува и за месец февруари изнесува 16,7%, што претставува намалување за 0,4 процентни поени споредбено со месец јануари истата година, сепак синдикалната минималната кошница се зголемува. Според пресметката, вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари изнесува 50.909 денари и е поголема за 110 денари споредбено со синдикалната минимална кошница за месец јануари од 50.799 денари .

Зголемувањето е поради порастот на индексите на трошоците на животот во февруари 2023 година во споредба со претходниот месец, јануари 2023 година, и тоа значително кај исхрана и пијалаци од 0,9 отсто, домување од 1,3 проценти и кај хигиената од 2 отсто.

„Пораст на индексите на трошоците на животот во февруари 2023 година во споредба со претходниот месец, јануари 2023 е забележан кај пивото за 5.8%, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4.9%, кафето, чајот, какаото за 2.3 %, жестоките пијалаци за 1.4%, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1.3%, лебот и житата за 1.2%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1.0%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, виното за 0.9% и месото за 0.7%“, објави Државниот завод за статистика.

Потрошувачка за храна и безалкохолни пијалоци во земјите на ЕУ според „Еуростат“

Потрошувачка за храна и безалкохолни пијалоци во земјите на ЕУ според „Еуростат“

Каде е Македонија на европската мапа според куповната моќ на граѓаните?

Во најразвиените европски земји, само 10-тина проценти од расходите во семејствата се трошат за храна и за безалкохолни пијалаци. Сепак, и во ЕУ има разлики, па дел од земјите, како Романија, Литванија, Бугарија трошат од 20 до 24 проценти од вкупните расходи за овие намени.

Процентот кој македонските семејства го одвојуваат од семејниот буџет само за храна и безалкохолни пијалаци е многу поголем и претставува многу сериозен трошок. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека на едно просечно македонско семејство му се потребни високи 67,2 проценти од својот буџет за основни потреби како храна, облека, домување и покуќнина.

Последните податоци кои ги објави „Евростат“ покажуваат дека во 2021 година, домаќинствата во ЕУ потрошиле над 1.035 милијарди евра, што е еквивалентно на 7,1 отсто од вкупниот БДП на Унијата за храна и за безалкохолни пијалаци.

Притоа, ова опфаќа 14,3 отсто од вкупните расходи на домаќинствата. Споредено со 2020 година, кога тој опфат бил 14,8 проценти, има намалување од 0,5 процентни поени.

Бројките покажуваат дека најголем дел од семејниот буџет за храна и за безалкохолни пијалаци се троши во Романија, каде што трошокот достигнува 24,8 проценти. Потоа следуваат Литванија со 20,4 отсто, Бугарија со 20,1 процент и Естонија, каде што 19,9 проценти одат на основни трошоци.

Спротивно на нив, најмали трошоци за основни потреби од европските земји има во Ирска, каде што се одвојуваат само 8,3 проценти за храна, по која следува Луксембург, каде што 9 отсто одат на храна, додека во Австрија овој трошок достигнува 10,9 проценти, по што следуваат Данска и Германија, каде што за храна и за безалкохолни пијалаци се трошат 11,8 отсто.

Image
Newsletter