Локалните избори ја обоија Македонија во црвено. ВМРО-ДПМНЕ прослави историска победа во 56 општини, наспроти СДСМ, која освои само шест од вкупно 81 општина (вклучително и Град Скопје)
Ако некогаш се мислеше дека Кичево и Струмица се општини на ДУИ и СДСМ, по овие локални избори веќе не е така. Паднаа бастионите, односно сега се под владение на ВМРО-ДПМНЕ. Покрај Скопје, за овие две општини се водеа најголемите битки. Но, по историската победа, сега ВМРО-ДПМНЕ ја има и најголемата одговорност, исто како и за Скопје. Веќе нема изговори дека друг е виновен, бидејќи владејачката партија ја има целосната контрола во најголемиот број од општините во Македонија.
Граѓаните го дадоа својот глас и очекуваат резултати, а не изговори. Па така, по завршувањето на локалните избори, новоизбраните градоначалници се фатија за работа со цел да обезбедат подобри услови за живот на граѓаните од тие општини.
Победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во вкупно 56 општини значи значително зголемување на одговорноста пред граѓаните. Изборниот резултат јасно ја пренесе волјата на граѓаните, но истовремено гласачите гласаат за личности од кои очекуваат конкретни резултати.
Локалната власт е најблиску до секојдневниот живот на населението, па затоа инфраструктурата, комуналните услуги, урбанизмот, образованието и локалниот економски развој се области во кои граѓаните брзо ги препознаваат и успесите и пропустите.
Победата во поголемиот број општини под раководство на ВМРО-ДПМНЕ значи дека секои одлука, ветувања, рокови, реализација ќе бидат под лупа на јавноста. Гласачите очекуваат резултати веднаш затоа што се уморни од постојаните нереализирани ветувања.
Дополнително, граѓаните ќе имаат основа да бараат исполнување на дадените ветувања бидејќи локалната власт нема простор за префрлање на одговорноста на други институции од централната власт. Успехот или неуспехот ќе се поврзува директно со партијата која има освоено најголем дел од општините.
Очекувањата ќе бидат насочени не само кон решавање на тековните проблеми, туку и кон воспоставување долгорочни политики за развој, подобрување на квалитетот на живот. Тоа подразбира соработка со граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и институциите, без оглед на партиската припадност.
На крај, победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори значи дека политичкиот кредит добиен од граѓаните мора да се оправда со резултати. Колку е поголема довербата, толку е поголема и одговорноста. Во таа смисла, локалното управување ќе стане клучен тест за капацитетот на партијата да испорача ефикасност, отчетност и конкретни подобрувања во секојдневниот живот на граѓаните.
СДСМ на локалните избори доживеа тешка катастрофа
Овие локални избори го одбележа најслабиот резултат на СДСМ во историјата на партијата. СДСМ освои само шест градоначалници, а партијата е трета во Скопје.
Покрај главниот град, голем пораз за партијата на Филипче е губењето на Струмица, која се сметаше за „сдсмовска“ неосвоива тврдина. За потопот во Струмица придонесе тоа што раководството на СДСМ реши да не го кандидира Костадин Костадинов, кој на анкетите беше фаворит. Наместо Костадинов, СДСМ се реши за Марјан Даскаловски, кој беше поразен од Петар Јанков.
Колку е значајна победата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица говори и фактот што оваа партија последен пат имаше градоначалник во 2005 година – Кирил Јанев, пред да настапи ерата на Зоран Заев.
Не за џабе на ВМРО-ДПМНЕ најслатка им е победата во Кичево, бидејќи покрај СДСМ како противник го имаат и својот коалициски партнер Билал Касами. Тој, откако ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и победи уште во првиот круг, изјави дека за вториот круг во Кичево треба да се поддржи кандидатот на ДУИ, Дехари, само затоа што бил Албанец. Етничкото му било поважно од коалициското. Откако дури и неговите од „Вреди“ не го подржаа Касами, за да ја смири топката во коалицијата рече дека граѓаните на Кичево треба да гласаат по сопствено убедување.

Д-р Александар Јовановски, градоначалник на Кичево - Неговата победа е симбол на нова енергија и надеж за градот
Па така, на локалните избори во Кичево со голема доверба од граѓаните за градоначалник е избран д-р Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, а партијата таму немаше градоначалник од 2009 година.
Неговата победа е симбол на нова енергија и надеж за градот. Со искрена верба во заедништвото, д-р Јовановски ја поставува основата на своето работење врз три столба, чесност, развој и единство. Како градоначалник, тој се залага за живот и заемна почит меѓу сите граѓани, без разлика на етничката или верската припадност. Под негово водство, Кичево веќе станува пример за мултиетничка хармонија и современ европски град кој чекори напред со достоинство.
Втори ноември беше само прво полувреме од локалните извори. Кон средината на јануари нѐ дочека второто полувреме во Гостивар, Маврово, Центар Жупа и Врапчиште, каде што претходно немаше доволен цензус на излезени гласачи.

По 20 години ВМРО ДПМНЕ победи во Струмица, а градоначалник е Петар Јанков.
Со победата во Гостивар, ДУИ ja поврати позицијата кај Албанците
Пoвторените избори во четири општини не ги променија целосната слика и бројките во однос на локалните избори минатата година. ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се апсолутни победници. ВМРО-ДПМНЕ освои вкупно 56 oпштини, а СДСМ само 6. Кај албанските партии, „Вреди“ останува победник со 10 градоначалници иако оваа коалиција доживеа порази во Гостивар и во Врапчиште. Невзат Бејта загуби од Валбон Лимани, додека Исен Шабани е нов градоначалник на Врапчиште. Со победата во Гостивар, ДУИ колку-толку ја поврати позицијата кај Албанците, која беше разнишана по изборите во ноември кога ги загуби најголемите бастиони кај Албанците – Тетово, Струга и Чаир. ВМРО-ДПМНЕ по овие избори го освои Маврово-Ростуше, каде што победи Онер Јакуповски пред Анес Ахмети од СДСМ. Во Центар Жупа, пак, победи Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците.
По завршувањето на овие повторени избори во јануари, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека овие избори пратија јасна политичка порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност, порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати. Оваа победа, вели тој, е резултат на концепт што постојано се гради – скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
„Во другите општини изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Во целокупната политична слика е повеќе од јасна – се заокружува резултатот од локалните избори во целина. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во Македонија, СДСМ во шест. Тоа не е случајно, тоа е јасен политички суд на граѓаните“, рече Мицкоски по завршените локални избори во овие четири општини.

Шест општини на СДСМ наспроти 56 на ВМРО ДПМНЕ.
Премиерот истакна дека победата на локалните избори е уште една потврда дека кланот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, доживува нов дебакл. Смета дека СДСМ треба да расчисти со своето коруптивно минато, да престане да се натпреварува во навреди, туку со идеи и проекти за граѓаните.
„Ова преставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се преставува како силна и кредибилна опозиција“, рече на прес-конференција Мицкоски.
Според Мицкоски, проблемот на СДСМ не е само во изборниот резултат, туку е многу подлабок. Тоа, вели, е пораз на политика која со години произведувала криминал, конфликти, национални предавства и деструкции, политика што ја држела државата во место и ја трошела енергијата на граѓаните.
„Затоа мора јасно да се каже. Не станува збор само за бројка. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политика од сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски: „Се заокружува резултатот од локалните избори во целина. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во Македонија, СДСМ во шест.“
Од другата страна, додаде, е концептот што победува, концептот на ред, стабилност и одговорност, концептот на проекти, мерки и резултати, и концепт на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси.
„Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани. На крај, како претседател на Владата, имам обврска да упатам јасна и недвосмислена државничка порака. Македонија нема луксуз да губи време на хаос и деструкција. Потребна ѝ е сериозна и одговорна политичка сцена. СДСМ мора да се отрезни, да расчисти со своето минато и да престане да биде срам за сопственото членство и за државата. Нека биде јасно и нека остане запишано: државата е поголема од секоја партија, стабилноста е поважна од секој политички интерес, довербата на граѓаните не се освојува со кодошење и хаос, туку со работа, чесност и со одговорност“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи по својот пат – со напорна работа, со генерирање стабилност и со јасна цел: Македонија да оди напред, сигурно и достоинствено.
На новоизбраните градоначалници им останува да се фатат за работа и да донесат резултати, а народот е тој кој на следните локални избори ќе процени дали носителите на локалната власт ја оправдале дадената доверба.
И овие повторени избори ги обележа ниската излезеност, но во прилог одеше што овој пат немаше цензус на излезени гласачи.
