El Derbi Madrileño – фудбалското дерби на Мадрид
Шпанија е велесила во екипните спортови и глобален великан во фудбалот, кошарката и во ракометот. Престолнината, пак, е симбол на врвниот спорт, а нејзино главно обележје е пред сè Реал Мадрид – џин со безброј пехари и титули во домашни и во меѓународни рамки. Иако главен спортски конкурент му е Барселона, а мечевите „Ел Класико“ секогаш се очекуваат со огромно нетрпение и предизвикуваат интересирање низ целата планета, посебен спортски шмек на главниот град му дава мадридското фудбалско дерби – El Derbi Madrileño.
Мадрид има повеќе фудбалски клубови во елитниот натпреварувачки ранг, но е поделен на две главни фудбалски династии. На едната страна се „Галактикос“ на Реал, 15-кратниот европски владетел чиишто знаци на препознатливост се белиот дрес и опсесијата со трофеите. Легендарниот стадион „Бернабеу“ е нивниот „кралски“ дворец, како по правило исполнет со над осумдесет илјади приврзаници на клубот. На другата страна, седумдесетилјадниот „Метрополитано“ е најновото фудбалско здание во престолнината и дом на Атлетико и на неговите воини на работничката класа во црвено и бело, чиј идентитет се темели на страста, на отпорот кон авторитетите и на непопустливоста пред посилните.
Мадридското фудбалско дерби не е само бој за победи и за бодови. Тоа е и борба за моќ и за гордост на два клуба, чија историја ја отсликува приказната на шпанскиот фудбал.
Како почнало ова ривалство? Како прераснало од локална фудбалска војна во едно од најгледаните фудбалски дербија на светот?
Баскиски почетоци
Приказната на Атлетико Мадрид всушност почнала со Атлетик Билбао. Откако Билбао го победил Реал Мадрид во финалето на Кралскиот куп во 1903 година, некои баскиски студенти решиле да формираат сестрински клуб во главниот град: Атлетико Мадрид. Во тоа време фудбалскиот клуб Мадрид (подоцна Реал Мадрид) веќе се етаблирал како главен во престолнината, проголтувајќи ги помалите. За разлика од другите, не можел да го претопи во себе и Атлетик, па Мадрид првпат добил вистински предизвикувач во градот. Во 1905 неколку поранешни негови играчи го засилиле Атлетик. Таа година двата клуба го одиграле и првиот официјален меч што завршил 1:1, со што било родено ривалството.
Во раните децении Реал доминирал, а Атлетико имал репутација на незгоден аутсајдер. До 1916 година нивните дуели станале толку тензични што финалето на регионалниот шампионат било прекинато поради општа тепачка на трибините. Уште пред постоењето на Ла Лига, конкуренцијата меѓу нив била силно заострена и набиена со антагонизам.
Подемот на Атлетико по Граѓанската војна
Шпанската граѓанска војна 1936-1939 година ги разнебитила и двата клуба. Стадионот на Реал бил во урнатини, а во борбите Атлетико загубил осуммина играчи. По враќањето на фудбалот во 1939 година, Атлетико доживеал преродба благодарение на спојувањето со тимот на шпанските воздухопловни сили. Со поддршка од владата, со помош на војската и со пристап до речиси неограничени ресурси, резултатски експлодирал и освоил две шампионски титули во 1940 година и во 1941 година.
Реал Мадрид се мачел во 1940-тите. Дури ниту доаѓањето на Сантјаго Бернабеу за претседател во 1943 година не ги променило брзо нештата. Атлетико му го нанел најтешкиот пораз во дербијата во таа ера, 5:0 во 1947 година. Извесно време „црвено-белите“ фудбалски владееле со главниот град.
Златна доба
Но, 1950-тите за навек ја промениле траекторијата на Реал Мадрид. Пристигнувањето на Алфредо Ди Стефано во 1953 година го претворило во незапирлив европски фудбалски џин. Следувале низа шампионски титули во Шпанија и пет последовни круни во Купот на европските шампиони, со што се родила аурата на надмоќност и супериорност која се протега во глобални рамки и ден-денес.
Но, во односите со градскиот конкурент ниту тогаш немало дуели со однапред познат победник. Напротив. И за Атлетико 1950-тите и 1960-тите биле златно доба. „Душекчиите“ дури и во тој период знаеле да ја предизвикаат доминацијата на Реал и често да го сопнат во важни и клучни моменти. „Кралевите“ можеби осумпати биле прваци во 1960-тите, но Атлетико ги освоил преостанатите два пехари, прекинувајќи им ја во 1966 година серијата од пет титули. За многу реаловци од таа генерација, вистински конкурент не беше Барселона, туку Атлетико.

Легендарниот стадион „Бернабеу“ е нивниот „кралски“ дворец, како по правило исполнет со над осумдесет илјади приврзаници на клубот. | Извор: realmadrid.com
Идентитет, прослави, фонтани
1970-тите го зацементирале не само лутото фудбалско ривалство, туку и културната поделеност на двата табора, меѓу нив и верните навивачи, а потоа почнала и битката нa фонтаните. Малкумина знаат дека всушност прво Атлетико ги прославувал трофеите на плоштадот кај фонтаната „Сибелес“. За фановите на „црвено-белите“, тоа градско обележје било извонредно собиралиште за радости по триумфите.
Но, како минувале децениите, Реал победувал и победувал, нижејќи успеси без крај, така што Сибелес станал синоним за „Лос Бланкос“, секогаш преплавен со бели шалови и знамиња при секоја нивна нова шампионска титула. Поради тоа, Атлетико се откажал од „Сибелес“ и како своја локација за прослава ја одбрал фонтаната „Нептун“. До денес, „Сибелес“ му припаѓа на Реал, а „Нептун“ на Атлетико.
Во 1970-тите двата мадридски клуба освоиле осум шпански титули, од кои на кралскиот клуб му припаднале шест, а на Атлетико две. Во 1980 година на својот стадион „Висенте Калдерон“, Атлетико на пенали го добил финалето на Кралскиот куп против Реал, со што на домашен терен макар делумно се одмаздил за фрустрациите во тој период. Но станало јасно – во нивниот ривалитет не станувало збор само за фудбалот, туку и за идентитетот.
„Предавници“ од двете страни на Мадрид
Малку нешта можат да ги разгневат навивачите повеќе од предавствата. Од тој аспект, Мадридското фудбалско дерби низ историјата имало приличен број „предавници“.
Хуго Санчез бил најдобар стрелец во лигата како играч на Атлетико, пред да премине на спротивната страна во 1985 година и да стане икона на Реал. Семејството на Раул Гонзалес било меѓу најогнените фанови на Атлетико – тој дури и почнал да тренира во младинската академија на клубот, но откако таа згаснала, Раул се преселил во Реал, станувајќи подоцна негова легендарна „седумка“. Хуанито е уште еден младински производ на Атлетико којшто славата ја стекна во белиот дрес. Луис Арагонес, можеби најславниот играч на „црвено-белите“ на сите времиња, иронично, ја почнал кариерата во Реал, пред да стане најголеми фудбалер на Атлетико на сите времиња, а подоцна и успешен тренер.
Секој премин од едниот во другиот табор додавал зачин во ривалството, бидејќи за навивачите тоа не биле само трансфери, туку лузни.

„Алфредо Ди Стефано во 1953 година го претворил Реал Мадрид во незапирли европски фудбалки џин“. | Извор: Keystone/Getty Images, cnn
Оживување на дерби-ривалството
1990-тите требало да бидат ера на Атлетико. „Душекчиите“ триумфирале против Реал во славното финале на Кралскиот куп во 1992 година, а во 1996 година ја заслужиле двојната круна, освојувајќи ги првенството и купот. Но, набрзо одново ги зафатил вителот на хаосот. На преминот во новиот милениум, во 2000 година Атлетико испадна од елитниот ранг, додека Реал Мадрид се вивна во вселенската орбита.
Во „Галактикос“ ерата која почна со доаѓањето на Фиго, Зидан, Роналдо и на Бекам, „кралевите“ на теренот го уништуваа Атлетико речиси во секоја пригода. Најдолгата низа без пораз им беше 23 меѓусебни дуели. Повеќе од една деценија, мадридските дебија беа апсолутно нерамноправни, па помладите навивачи веќе речиси и да не чувствуваа дека ривалството сè уште постои.
Револуцијата на Симеоне: ново раѓање на дербито
Сè почна да се менува во декември 2011 година, кога Диего Симеоне стана тренер на Атлетико Мадрид. Аргентинецот го возобнови клубот според сопствениот имиџ: дисциплиниран, бескрајно упорен, бестрашен. За само три години, Атлетико го урна монополот на Реал, освојувајќи ја Ла Лига во 2014 година и стигна до две финалиња во УЕФА Лигата на шампионите, и двете против Реал. Лисабонското во 2014 година донесе неверојатна драма. Атлетико водеше се до 93 минута, кога Серхио Рамос изедначи, за потоа Реал да победи со 4:1 во продолженијата. Две години подоцна во Милано решаваа пеналите, а Реал пак беше славеникот.
За фановите на Атлетико тоа не беа само спортски трауми. Нив ги чувствуваа како судбина. Многу од приврзаниците почнаа да го сметаат клубот како “El Pupas”, или „проколнати“, што стана неговиот најнов прекар. Таа е фразата што ги сумира децениите прокоцкани шанси, неискористени можности, болни порази и на сурови судбински пресврти, чија кулминација беа двете големи европски финалиња загубени од градскиот ривал. Овие неуспеси длабоко го повредија Атлетико, но, од друга страна, го воскреснаа El Derbi Madrileño.
Првпат по неколку децении, двата клуба војуваа меѓу себе за трофеи на највисоко европско ниво.

Мадридското фудбалско дерби е повеќе од фудбалски натпревар, меѓу најпривлечните, најатрактивните и најгледани европски натпревари. | Извор: Juan Medina/Reuters/ cnn
Мадридското дерби денес
Денес мадридското дерби е меѓу најпривлечните, најатрактивните и најгледани европски натпревари. Без оглед дали се во Ла Лига, во Кралскиот куп или во УЕФА Лигата на шампионите, натпреварите меѓу Реал и Атлетико носат огромна тежина. Реал сè уште доминира во однос на трофеите и на глобалното влијание и популарност. Под водство на Симеоне, Атлетико е меѓу најборбените и најжилави тимови во Европа, никогаш гламурозен, но незгоден противник кој никогаш не може лесно да се победи.
Последните неколку дербија донесоа незаборавни моменти: суперефикасен фудбал, победнички голови во финишот, пен контроверзи, црвени картони, луди одбрани на Куртоа, херојски голмански изведби на Облак...
Балансот можеби секогаш натежнува на страната на Реал, особено според бројот на трофеите, но со духот и со воинственоста, Атлетико се грижи меѓусебните пресметки никогаш да не се еднострани.
Заклучок
Мадридското фудбалско дерби е повеќе од фудбалски натпревар. Тоа е приказна за град поделен меѓу „кралевите“ во бело и „бунтовниците“ во црвено и бело. Од Ди Стефано до Симеоне, од Пушкаш до Гризман, Од Бернабеу до Калдерон, сега и Метрополитано, секоја генерација испишува свое поглавје.
За Реал секогаш мотивот е да се сочува круната. За Атлетико целта е да се докаже дека со настојчивост и со непоколебливост може да се собори кралството. А за обичните фудбалски фанови, овие дуели се потсетник зошто се важни ваквите фудбалски ривалства: бидејќи никогаш не е во прашање само фудбалот.
Мадрид можеби е еден град. Но на деновите на големото фудбалско дерби, наликува на судир на два света.
Борби со бикови
Мадрид е домаќин на најголемата арена за бикови „Плаза де Торос“ позната како „Лас Вентас“ во Шпанија, основана во 1929 година. Оваа арена од многумина е проценета како центар на борбите со бикови во светот, а нејзиниот капацитет е околу 25.000 седишта. Сезоната на борбите со бикови во Мадрид започнува во март и завршува во октомври. Борбите со бикови се одржуваат за време на прославите на светецот заштитник на Мадрид, Сан Исидоро, кои почнуваат од средината на март до средината на јуни, секоја недела и државен празник и остатокот од сезоната. Но, покрај борбите со бикови, на арената „Лас Вентас“ се одржуваат музички концерти и други настани.
Други спортови во Мадрид
Мадрид исто така може да се пофали со забележливо место во шпанската кошарка, со два клуба на домашната листа, на ниво на лигата АЦБ. Кошаркарскиот клуб Реал го има освоено Европското првенство повеќепати од кој било друг клуб и исто така е забележан во модерната верзија на тој натпревар, Евролигата.
Градот е исто така домаќин на „Сиркуит дел Харама“, кружна трка на мотори, која порано била домаќин на Формула 1 шпанското Гран при во Барселона. Историски, во градот се вози последната етапа на велосипедската трка „Турнеја на Шпанија“ слично како во Париз за „Тур де Франс“.
Скијањето е овозможено на блиската планина Сиера де Гвадарама, каде што се наоѓаат скијачките одморалишта на Валдескуи и Навакерада. Градот се обиде да биде домаќин на Летните олимписки игри во 1972, Летните олимписки игри во 2012 и на Летните олимписки игри во 2016, но загуби од Минхен, Лондон и од Рио де Жанеиро.
Градот исто така е домаќин на две трки – Мадридскиот маратон и Сан Силвестре Валекана, долг 10 км, и секоја година десетици илјади тркачи земаат учество во овие трки.
Мадрид е домаќин на престижниот турнир во тенис „Матуа Мадрид опен“, дел од турнирите АТП и ВТА .
Шпанија се смета за број еден во Европа за развој на млади играчи. Земјата има голем број академии. Затоа таа создава свои ѕвезди, но и привлекува странски спортисти.
Шпанија е позната земја за спортски академски студии. Во земјата има 14 универзитети на кои може да се стекне со државна или со диплома од приватен универзитет. Меѓу најдобрите се пет, и тоа: Универзитетот од Гранада, Универзитетот од Барселона, Политехничкиот универзитет во Мадрид, Универзитетот од Валенсија, Европскиот универзитет во Мадрид. Диплома може да се стекне по спортски науки, физичка активност, физиотерапија, нутриција, специјализирани насоки, тренер, наставник по физичко, спортски менаџер, рехабилитација.
Образование во Реал Мадрид
Мастер-програмите на Реал Мадрид, преку „Реал Мадрид Универзитет Европа“, нудат специјализирано образование во спортски менаџмент, маркетинг, право, тренирање и исхрана. Програмите се со седиште во Мадрид, траат околу 9 месеци и комбинираат теорија со практични искуства, вклучувајќи посети на стадионот „Сантјаго Бернабеу“ и тренинг-центарот.
Настава на англиски јазик со студенти од над 40 националности. Опции за патувања (Њујорк, Лондон, Португалија) и запознавање со бизнис-моделите на клубот. Програмите се водени од експерти од Реал Мадрид и од други врвни спортски организации.
Постдипломските студии на „Реал Мадрид Универзитет Европа“ се пионерски постдипломски студии посветени 100% на спортот. Од основањето на Факултетот пред 16 години, повеќе од 14.000 алумни дипломирале на „Реал Мадрид Универзитет Европа“ на различни програми, што е доказ за квалитет и академска ригорозност. Денес, многумина работат како успешни професионалци во престижни компании во спортскиот сектор.
