Македонија е светилник на светското културно наследство, преку туризмот тоа може да ни донесе пари

Граматниковски: „Културното наследство го формира идентитетот на еден народ, а преку туризмот овој идентитет се споделува со светот.“

Културните и природните убавини може да ни донесат пари - ако знаеме како

Македонија мириса на Библијата, знаеме ли тоа да им го „продадеме“ на туристите

Цркви и манастири во Охрид и Скопје, Плаошник, Свети Јован Канео, Музејот на вода, Старата скопска чаршија, Кале се само дел од местата кои предизвикуваат воздишка кај туристите, без разлика дали се странски или домашни. 

Посетата на сите овие културно-историски споменици, зачинето со вкусната храна е богатство на државата кое треба да го негуваме и развиваме во насока на привлекување што поголем број туристи од регионот, европските и земјите од цел свет. 

Сведоштвата и на туристичките водичи говорат дека голем број од туристите , освен што уживаат во храната, виното, локалните производи , го ценат и вреднуваат културното наследство. Некои доаѓаат дури добро информирани и со желба да потрошат денар плус на влезници на историските локалитети. 

Нивниот интерес не опаѓа со годините, дури и највозрасните се љубопитни и сакаат да научат нови работи. Но, странските туристи кои во минатото биле во Македонија и сега повторно доаѓаат заедно со туристичките водичи  забележуваат дека дел од културното наследство се запоставува. 

Да се смени ваквата слика на подобро има елан и желба кај надлежните. Заедно со туризмот, културата да стане профитабилна дејност и да може да придонесува за економијата во државата е и целта на припојувањето на секторот туризам во Министерството за култура, како би се развивал културниот туризам. 

Во оваа насока се и конференциите кои се организираат на тема културно наследство, со цел да се подигне свеста за важноста на овој сегмент во делот на привлекување странски туристи. Токму на конференцијата Европските денови на културното наследство, која беше организирана во Скопје, по повод 70 години од прифаќањето на Европската конвенција за култура, се говореше за врската на туризмот и културното наследство.

Граматниковски: „Културното наследство е компасот на една цивилизација, ни покажува каде сме биле и нè води по патот кон вечноста.“

Граматниковски: „Културното наследство е компасот на една цивилизација, ни покажува каде сме биле и нè води по патот кон вечноста.“

Деканот на Факултетот за туризам, при Универзитетот Скопје, професор д-р Сашко Граматниковски испрати силна порака во јавноста, дека идентитетот на еден народ се формира преку културното наследство, а преку туризмот овој идентитет се споделува со светот. Ние сме во срцето на Балканот вели тој, каде секој град и село има своја приказна. 

„Живееме во свет каде што минатото, сегашноста и иднината се среќаваат. Големината на една цивилизација не се гледа во битките што ги водела, туку во културата што ја негувала и зачувала. Но, би додал и дека големината на една цивилизација е во нејзиното наследство — во спомениците, приказните, обичаите и традициите што се пренесуваат низ генерациите. Културното наследство го формира идентитетот на еден народ, а преку туризмот овој идентитет се споделува со светот. А ние сме овде, во Македонија. Место во срцето на Балканот, кое е неизмерна ризница на историја и култура. Тоа е земја каде што древните цивилизации се среќаваат со модерниот живот, каде секој град и село има своја приказна. Културното наследство на Македонија е испреплетено со влијанија од Римската, Византиската, Отоманската и Словенската култура. Од древниот град Хераклеја Линкестис, основан од Филип II Македонски, до прекрасниот манастир Свети Наум на кристално чистите води на Охридското Езеро, македонското минато е живо и опипливо. УНЕСКО го препозна Охридскиот регион како светско наследство, нарекувајќи го „крстосница на човечката цивилизација“, рече проф. д-р Сашко Граматниковски, декан на Факултетот за туризам при Универзитетот Скопје.

Културниот туризам е доживување на самата суштина на едно место, како што е Македонија. Според последните податоци, пак, на Светската туристичка организација, културниот туризам сочинува дури 40% од целиот глобален туризам и тој постојано расте, ги поддржува локалните економии и помага во зачувување на наследството на тие места, категоричен е Граматниковски. 

„Културниот туризам не е само за посета на споменици или музеи — тоа е за доживување на самата суштина на едно место. Кога туристите доаѓаат во Македонија, тие не само што се фотографираат пред Црквата Свети Јован Канео или се восхитуваат на античките мозаици во Стоби. Тие се нурнуваат во вековни традиции, вкусуваат храна што се подготвува на ист начин со генерации и ги слушаат приказните стари колку и камењата што ги изградиле градовите. Како што големиот писател Марк Твен рекол: ,Патувањето е смртоносно за предрасудите, фанатизмот и тесноградоста‘. Преку туризмот, посетителите добиваат увид во душата на едно место, а Македонија нуди прозорец кон дел од Европа кој изгледа недопрен од времето, а сепак длабоко поврзан со пошироката историја на континентот. Друг важен аспект е економското влијание на културниот туризам. Според Светската туристичка организација, културниот туризам сочинува 40% од целиот глобален туризам и тој расте. Овој вид туризам не само што ги поддржува локалните економии, туку помага и во зачувување на наследството на тие места. Кога туристите ги посетуваат Старата Скопска чаршија или ги истражуваат римските урнатини на Хераклеја, тие придонесуваат за зачувување на овие места, давајќи гаранција дека тие ќе останат дел од живата историја на Македонија. Културниот туризам исто така поттикнува дијалог меѓу народите. Во свет кој често е поделен од разлики, наследството може да биде мост. Македонија, со својата мешавина на етникуми, јазици и религии, е совршен пример за тоа. Преку добредојде на туристите, Македонија ги отвора своите врати кон светот, поканувајќи ги луѓето да го разберат нејзиниот уникатен идентитет, додека истовремено ги ценат заедничките културни вредности што сите ние ги поседуваме“, вели Граматниковски. 

Но, на крај треба и да се запрашаме како можеме да го балансираме туризмот со зачувувањето на културното наследство, да најдеме начини да го промовираме културното наследство, а воедно да го почитуваме интегритетот на местата и луѓето кои живеат околу нив.

„Очекувам оваа влада и овој министер во кој сите вложуваме многу надеж, да работи на промоција на нашите древни манастири, археолошки локалитети, културни фестивали и автентичните искуства кои тие ги нудат, на се надевам, се поголемиот број на туристи, но во исто време дека ќе се бори тие да останат недопрени од силите на масовниот туризам кои зафатија многу други дестинации“, истакна Граматниковски.

Љутков: „Македонското културно наследство е скапоцен дел од европското богатство.“

Љутков: „Македонското културно наследство е скапоцен дел од европското богатство.“

На конференцијата за културното наследство свое обраќање имаше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој пак ја изрази посветеноста на Владата за унапредување на состојбите во заштитата на културното наследство како врвен приоритет кој овозможува афирмација и промоција на нашата држава во Европа.

„Македонската култура е симбол на континуитет и еволуција, која го збогатува заедничкиот европски идентитет со својата автентичност, прикажувајќи го нашиот народ како чувар на своите традиции, но и како учесник во создавањето една нова, модерна и креативна Европа“, рече министерот Љутков, говорејќи на темата на конференцијата, „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“.

Министерот Љутков порача дека со зачувувањето на европското културно наследство, ние го чуваме и нашиот идентитет, учиме од минатото и ја цениме различноста што нè обединува.

„Македонското културно наследство е скапоцен дел од големиот мозаик на европските вредности, со вековна традиција која ги отсликува нашата историја, уметност и духовност. Нашите археолошки наоѓалишта, црковни споменици, традиционални обичаи и уметнички дела сведочат за длабоките културни врски со вековите и го претставуваат нашиот уникатен придонес во европската културна ризница“, додаде Љутков. 

По усвојувањето на Европската културна конвенција на 19 декември 1954 година од страна на Советот на Европа, како документ кој има цел да ја промовира културната соработка меѓу европските земји и да го зачува и да го заштити заедничкото културно наследство на европските народи, Деновите на европското наследство се широко прифатен настан кој се одбележува со илјадници активности низ цела Европа. На темата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“, во нашата земја оваа година се организираат настани во 14 градови и села, со учество на 20 музеи, невладини организации и други институции кои се ангажирани на полето на културното наследство.

Трајков: „Секое македонско ,ќоше’ мириса на Maкедонија од Библијата!“

Трајков: „Секое македонско ,ќоше’ мириса на Maкедонија од Библијата!“

Дека културата и туризмот се главни промотори на Македонија, истакна и заменик министерката за европски прашања доцент д-р Викторија Трајков. Секое македонско „ќоше“, истакна таа, мириса на Македонија од Библијата, земја со големо културно и историско наследство. 

„Секое македонско ‚ќоше‘ мириса на Македонија од Библијата и тоа е факт кој го гледаме на терен, но истовремено истражувајќи и копајќи по минатото на овие простори гледаме дека не без причина Македонија е спомената во Библијата во 21 стих“, истакна доц. д-р Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања. 

Културното наследство и туризмот се длабоко поврзани. Наследството не е статично – тоа живее, дише и се развива со секој посетител кој доаѓа да го доживее. Македонија е светилник на светското културно наследство, таа е сведоштво за тоа како минатото и сегашноста можат да коегзистираат, нудејќи богата културна таписерија која ги привлекува туристите од целиот свет, порача Граматниковски.

„Додека се движиме напред, важно е да се запамети дека нашето културно наследство е наша заедничка одговорност. Тоа не е само ресурс за туризам; тоа е живо наследство што мора да го зачуваме за идните генерации. На ова парче земја, на ова свето место, во оваа наша Македонија, историјата не е само нешто што го учиме — тоа е нешто што го живееме. Културното наследство е компасот на една цивилизација; ни покажува каде сме биле и нѐ води по патот кон вечноста“, изјави на крајот од својот говор Граматниковски.

Image
Newsletter