Македонија повторно им се радува на туристите од Турција, Холандија, Србија

Македонија повторно им се радува на туристите од Турција, Холандија, Србија

Каква туристичка сезона ни претстои?

Ден среда, месец јули. Заминавме на Матка со надеж дека нема да има премногу гужва затоа што е работен ден, па така, можевме возилото да го паркираме до патеката, да изнајмиме кајак, а потоа да седнеме на ручек и да уживаме во преубавиот пејзаж на Матка. Сето ова го реализиравме, но останавме изненадени. Иако беше среда, на Матка имаше многу гужва, а најголем дел од посетителите беа странски туристи. Местото е лесно пристапно и се наоѓа во близината на главниот град, па поради тоа и мами голем број туристи. Турци, Срби, гости од Косово беа само дел од туристите кои се воодушевуваа на убавината на кањонот Матка, а чамците кои вршат организиран превоз до пештерата Врело имаа полни раце работа. 

По искуството што го доживеавме и кое ви го споделивме, се наметнува прашањето дали Македонија ќе има добра туристичка сезона, колку странски туристи ќе ја посетат земјава, дали ќе има туристи од некои нови пазари и дали државата ќе ги надмине бројките од претходната година, ќе има ли зголемување на девизниот прилив? Ќе бидат ли задоволни туристичките работници, хотелиерите и угостителите, особено по крахот што го доживеаја за време на ковид-кризата? 

Одговорите на дел од овие прашања ќе ги анализираме кога ќе се сумираат резултатите, а за успешноста на туристичката сезона, прогнозите се различни. Надлежните во областа на туризмот со оптимизам гледаат на состојбата и велат дека годинава ќе има плодна туристичка сезона. Од друга страна, пак, од туристичкиот сектор се жалат дека е тешка состојбата и постојано ги потенцираат проблемите со кои се соочуваат, кои според нив премногу бавно се решаваат. 

„За жал, не сме на добар пат, имаме многу предизвици кои треба да ги решиме, имаме сериозни проблеми со вработувањата, имаме сериозни проблеми со инфраструктурата, имаме сериозни проблеми со правилата на игра што државата ни ги наметнува за добра и успешна туристичка сезона. На пример, имаме проблеми со визите, ние сме членка на ,Отворен Балкан‘, но за разлика од Србија и од Албанија, таму туристите влегуваат слободно, а ние им ставаме визи. Треба тие работи да ги средиме. Еве, и Белград го доби ,Експо 2027‘, а ние што имаме од тоа? Значи, треба да работиме да се поправи климата. Ние бевме десет години пред сите, а сега за жал и Албанија и Србија и другите дестинации до нас се пред нас во многу работи. Ние можеби имаме бројки, имаме туристи, меѓутоа, како да се справиме со предизвиците – еден патник стигнува во Охрид на аеродром и за транспорт до хотел му требаат три и пол часа! Тоа не треба да се случи во сезона, срамота е“, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителска комора при ССК. 

Аркан Керим, претседател на туристичко-угостителска комора при ССК.

Аркан Керим, претседател на туристичко-угостителска комора при ССК.

Согласно анализите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, оваа година властите очекуваат да има добра туристичка сезона и надминување на бројот на туристите во однос на 2019 година. Мисијата и целта за 2023 година е надминување на 3,2 милиони ноќевања и повеќе од 430 милиони долари од туристичката индустрија. Првиот човек на Агенцијата за туризам, Љупчо Јаневски, потенцира дека неделно од Холандија летаат по пет чартери за Охрид. Освен од Холандија, чартери за Охрид има од Катовице, Манчестер и од Лондон. Оваа година на Охридскиот аеродром има нови и обновени авиолинии кои овозможија сезоната во Македонија да започне во мај. Скок на бројот во првите четири месеци од 2023 година се бележи кај турските, романските, германските, португалските, полските и српските туристи

„Во овој момент летаат пет чартери неделно од Холандија. Ако споредиме со 2022 година, бројот на туристите е зголемен за 30 проценти. Ние во овој момент се бориме во 2023 да надополниме 150 до 200 илјади туристи од три дестинации и да забележиме подобри резултати од 2019 година, со кои што сметам дека сме на добар пат. Падот на туристите од Бугарија е 70 проценти во 2023 година, но тоа е очекувано поради реториката и состојбите меѓу двете земји, а секако дека и македонските граѓани не ја одбираат Бугарија, не само во лето туку и на зима“, изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија.

Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија.

Сепак, туристичките работници имаат јасен став дека сезоната секогаш ќе биде промашена ако половина од бројот на туристите не се од домашниот пазар. 

„Каде сѐ не погрешивме, грешките се побројни од негрешките. Состојбата е многу горчлива затоа што во туризмот во Македонија, секогаш велам, дека ако 50 проценти од бројот на туристите не се од домашниот пазар, тогаш сезоната е промашена и неуспешна. Во Македонија не се бориме за домашниот турист и не се согласувам со она што го рече министерката за култура, Бисера Костадиновска, која ги критикуваше рестораните и угостителите дека имале високи цени. Нека земе таа нека раководи еден објект 365 дена во годината, да обезбеди плати, па тогаш ќе видам со кои цени ќе наплаќа. Државен службеник е многу лесно да се биде, но стопанственик да се биде е исклучително тешко. Државен службеник не смее да си дозволи да го критикува тој што му дава плата, затоа треба да внимава, особено министерка за култура. Со водени топови се пречекуваат туристите, но со топови водени се бркаат од паркинзите, каде да паркираат тие автобуси. Во секоја организирана држава за туризам има определен простор каде што може да паркираат 20 автобуси“, вели Ангел Иванов, туристички работник. 

Ангел Иванов, туристички работник.

Ангел Иванов, туристички работник.

Факт е дека државата не успева да зграби голем дел од колачот во туризмот во однос на нам блиските земји, а причини за тоа има многу. Неопходни се визи за некои земји, а со тоа се одвлекуваат истите тие туристи да дојдат и да ја посетат Македонија. Лошата инфраструктура е дополнителен проблем, особено ако се има предвид дека од Скопје до Охрид се патува и по неколку часа, а дека автопатот се гради речиси една деценија. Оние кои патуваат често, на шеговит начин велат дека за да патуваш до Охрид не ти треба резерва гума, туку резервна кола. Многу мал дел од туристичките агенции работат дојдовен туризам. Дополнителен проблем кој е присутен во последните години е и недостигот од работна сила, затоа што голем дел од работниците што работат во туристичкиот сектор напролет до есен заминуваат да работат во Хрватска. Токму лошата инфраструктура, честите патарини и неизградените патишта ги бркаат туристите од Македонија, обвинуваат туристички работници кои ги споделуваат негативните впечатоци од странските туристи кои ги донеле во Македонија. 

„Јапонците прашуваат, како е можно на должина од 70 километри од Скопје до Гостивар да има четири наплатни рампи. Во светот на една патарина влегуваш, на една излегуваш – крај, на граничните премини нема тоалети, а Јапонците прво нешто што бараат е тоалет. Светот ми се превртуваше, луѓето не можат да помислат дека тоа се случува во 21. век , паѓаме на најелементарните работи. Тие доаѓаат со норми во главата, ние имаме ,Банско‘ во дворот, како Пелистер, Попова Шапка, Маврово, но кој од кој е позастрашувачки. Како дете одев на жичара на Попова Шапка, до денеска ништо не е сменето“, изјави Ангел Иванов, туристички работник. 

И оваа година најголем број туристи се очекуваат во Охрид. | Извор: alternativenturizam.mk

И оваа година најголем број туристи се очекуваат во Охрид. | Извор: alternativenturizam.mk

Годинава според првичните податоци, најголем број туристи се очекуваат во Охрид, Струга и во Скопје. Преспа е веќе помалку атрактивна, затоа што има скромна понуда на сместувачки капацитети, а сега засега помал број туристи во однос на минатите години има и во Дојран. 

Јаневски вели дека Македонија треба да работи на нови атракции во дестинациите, затоа што ќе се зголемува просечниот престој на туристите, но и дека сите заедно треба да помогнеме да се стимулира туристичката индустрија.

 „Ние на Владата уште од 2018 година, преку примери и информации, понудивме практики за можноста за побрзо издавање визи и се надевам дека ќе успееме. Од тоа зависи и бројот на кинески туристи кои ќе ги донесеме. Според анализите на Државниот завод за статистика, еден турист дневно остава во просек по 95 долари. Туризмот во нашата држава треба да биде третиран на многу повисоко ниво оти мултипликативно влијае на 20 останати гранки“, изјави Јаневски. 

Што вели официјалната статистика

Според статистиката, ва првите пет месеци во годинава се остварени 600.000 ноќевања и 300.000 туристи. Ако се анализираат податоците од јануари до мај, ќе се види дека во мај бројот на туристите е најголем.

 Во месец мај низ државата минале 100.977 туристи. Главно странци – 71.259 или 70,6 отсто, додека 29,4 проценти се домашни туристи, односно нивниот број е 29.718. 

Од јануари до мај, а споредено со истиот лански период, бројот на туристите е зголемен за 29,4 отсто. Статистиката вели дека кај домашните туристи растот е 4,8, а кај странските – 45,9 отсто. Зголемен е и бројот на ноќевањата, и тоа за 18,6 проценти. Ноќевањата на странците се побројни за 31,9, а на домашните туристи за 0,6 проценти. 

За туристите, во мај најпривлечни биле езерските крајбрежја. На тие места статистиката евидентирала 43.642 посетители. На втората позиција е Скопје, со вкупно 35.399 гости – 4.382 домашни и 31.017 странци.

Хотелите се првиот избор на гостите. Мајските податоци покажуваат дека за хотелското сместување се определиле 91.833 лица – 24.204 од земјава и 67.629 од странство. 

Во петтиот месец од годината, меѓу странските посетители најбројни биле Турците – 16.412, кои во структурата на гостите учествуваат со 23 проценти. Зад нив се Србите, кои во мај дошле 8.643 на број. Следат посетителите од Германија – 4.042, од Хрватска – 4.004, а во првите пет се и 2.839 туристи кои дошле од САД.

Туризмот во Грција ги собори сите рекорди

Туристичкиот сектор во Грција ќе се приближи до нивото пред пандемијата оваа година. Од туризмот во буџетот треба да се слеат 39,2 милијарди евра, а само годинава ќе се отворат 17.000 работни места, што е повеќе од 2019 година. Исто така, интересно е да се забележи дека туристичкиот сектор обнови 82 отсто од работните места што беа изгубени за време на пандемијата.

Главни пазари за Грците се Велика Британија, Германија и Бугарија. Грција и годинава е една од најпопуларните дестинации во Европа, а доколку продолжи овој тренд, туризмот на земјата до 2033 година треба да го зголеми учеството во БДП на 57 милијарди евра, што е речиси четвртина. Инаку, охрабрувачки се и прогнозите за вработување, па се наведува дека во наредната деценија туристичкиот сектор треба да вработи повеќе од милион луѓе низ Грција.

Се очекува туристичкиот сектор целосно да закрепне до крајот на следната година. Според туристите, оваа сезона во најпопуларната европска дестинација цените се повисоки од лани. Цените за сместување во хотели се во просек 53 евра, хотелите со три ѕвезди чинат 74, а хотелите со пет ѕвезди чинат и до 300 евра од ноќ. Просечен ручек во ресторан чини околу педесет евра за двајца, а оброците во поевтините ресторани се од шест до дваесет евра.

Во првата половина од оваа година, Албанија ја посетиле околу 3,4 милиони странски туристи

И Албанија бележи висок прилив на странски туристи во периодот јануари – јуни оваа година, со раст од 33 отсто споредено со истиот период од минатата година. Министерката за туризам и животна средина, Мирела Кумбаро, на социјалните мрежи ги сподели податоците за периодот јануари – јуни 2022 и 2023 година.

„Во првите 6 месеци од оваа година, Албанија ја посетиле околу 3,4 милиони посетители-странци, или 33 отсто повеќе од минатата година, со што стануваме дел од туристичката мапа на Медитеранот, со уникатен вкус и поглед на сè што може да се најде во Албанија“, наведува Кумбаро во видео-запис објавен на Фејсбук.

Според неа „само во јуни 2022 година Албанија ја посетиле 876.056 посетители, додека во јуни 2023 година оваа бројка изнесувала 1.007.033 посетители, односно 15 отсто повеќе од пред една година. Во периодот јануари – јуни 2022 година во земјата престојувале 2.553.747 туристи, додека во истиот период годинава 3.396.932 или 33 отсто повеќе.

Image
Newsletter