Македонија ужасно доцни со подготовките за претстојната зима

РЕК Битола

Србија го диверзифицира пазарот за снабдување со енергенси, Албанија во минатиот месец потроши 35 милиони евра за увоз на струја, Бугарија е во најдобра положба бидејќи низ нејзина територија поминуваат сите клучни гасоводи и нафтоводи, Грција „игра“ со сите, само Македонија очајно сака да фати приклучок со соседите. Досега тоа тешко ѝ оди од рака на Владата. Најтешката зима е пред прагот, но земјава премногу доцни со подготовките за да се преброди енергетската криза. Додека другите држави беа „мравките“ што навреме се подготвија за зимата, се чини Македонија е „штурецот“ што ќе смрзне за некој месец. Дали е, сепак, во „5 до 12“ веројатен спасот за да може мирно и без некои поголеми потреси да излеземе неповредени од бурата што надоаѓа?

Зошто сме неподготвени?

За да ја преброди Македонија најтешката зима по Втората светска војна, неопходно е државните електрани да работат „турбо“ и на максимум. По неколку години континуирани намалувања на домашното производство, оваа година мора да се запне и да се одработи конечно како што треба. По подолг застој, тоа е навистина тешко изводливо. Доволен податок е оној дека во деведесеттите години, па сѐ некаде до 2000 година, земјава целосно ги задоволувала потребите за струја од домашно производство. Со текот на времето, старите капацитети не се обновувале, не се поправале, не се доградувале. Сето тоа, заедно со неодговорниот однос на сите влади придонесе вкупното производство од термоцентралите и од хидроцентралите значително да се намали. Или поточно, да се преполови. Во 2010 година, државните капацитети произвеле речиси 6.500 гигават часа струја. Тоа е воедно и најдобра година, односно тогаш се произвело најмногу струја од домашни извори. Производството почнува да опаѓа од 2012 година наваму, кога се држи на некое ниво од над 5.000 гигават-часа. Потоа продолжува да опаѓа до 4.000 гигават-часа до 2019 година, а лани го достигна минимумот од 3.263 гигават-часа струја. Истовремено, увозот постојано се зголемува, па на годишно ниво во просек увезуваме 30 % од вкупните потреби за електрична енергија.

Во вакви услови, за да не се зголеми цената на струјата по Нова година, од Регулаторната комисија за енергетика предупредија дека државните електрани едноставно мора да произведат точно 4.000 гигават-часа и ништо помалку. Ако планот потфрли, граѓаните ќе имаат повисоки сметки, а можни се и рестрикции на струјата по примерот на другите држави. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, е против планот на Владата на регулираниот пазар да се стават производните капацитети, училиштата и јавните претпријатија. Вели тоа ќе направи притисок врз крајната цена за домаќинствата.

„Регулаторната комисија за енергетика определува цена и нема да може да ги следи случувањата на пазарот. Ако се прави тоа преку „ЕСМ Продажба“, ЕСМ може на месечно ниво да ја коригира цената што ќе ја понуди имајќи ги предвид најавите на Европската комисија дека ќе се воведе лимит на цената на електричната енергија на берзите од компаниите што не се на природен гас. Тогаш имаме „вин-вин“ ситуација: се обезбедува поголема флексибилност, поголема заработка кај ЕСМ и нема притисок врз цената на домаќинствата заради маржата“, рече Бислимовски.

Засега АД ЕСМ го остварува планот за производство, но само еден испад или колапс на само еден блок во РЕК Битола би можело да ја влоши состојбата. И покрај тоа што менаџментот на ЕСМ и на РЕК ги направија сите потребни подготовки, факт е дека капацитетот е премногу стар и дека никогаш истовремено и континуирано не работеле сите три блока без притоа да се случат дефекти.

Изгледа страшно, но е вистинито. Користењето туѓа механизација за ископ на јаглен, неработењето на ТЕЦ Неготино поради неисплатливост, слабите инвестиции во капацитети за производство на струја од ветер и од сонце си го направија своето. Додека другите држави навреме вложуваа во таканаречена „зелена енергија“, односно енергија добиена од обновливи извори, ние како да спиевме. Дури во последнава деценија се случи изградбата на Ветерниот парк „Богданци“, делумната пренамена на ТЕЦ Осломеј, односно изградбата на фотоволтаична централа на дел од нејзината територија, како и давањето десетици дозволи за изградба на мали хидроцентрали. Тоа ни оддалеку не е доволно. Мегапроектот „Чебрен“ допрва чека на реализација по повеќе од 30 години, бројни физибилити-студии, над десетина неуспешни тендери и одвојувањето од „Галиште“ како проект за кој се утврди дека поради нискиот водостој е неисплатлив за потенцијалните инвеститори. Според најповолното сценарио, оваа електрана треба да произведува над 1.000 гигават-часа струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно. Се проценува дека изградбата ќе чини меѓу 600 и 800 милиони евра. Македонија во моментов користи само една четвртина од хидропотенцијалот за производство на струја.

ТЕЦ Осломеј

ТЕЦ Осломеј | извор: АД ЕСМ

Експертите негодуваа поради незаинтересираноста на владите за нови инвестиции во енергетскиот сектор. На фалбите дека како никогаш досега се вложува во енергија од обновливи извори, тие велат дека процентот на струја добиена на ваков начин е на ниво на статистичка грешка и дека недостигаат инвестиции во крупни енергетски проекти што ќе го „понесат“ производството на струја во земјава кога ќе се исцрпат изворите во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Критикуваа дека земјава не нашла начин да вложи во преадаптација на ТЕЦ Неготино, која од мазут треба да почне да работи на гас, да се изградат уште неколку гасни електрани на територијата на Македонија, првенствено во Штип и во полошкиот регион. Константин Димитров од Македонскиот центар за енергетска ефикасност и добар познавач на состојбите во енергетиката, со години инсистира на вакви проекти, наместо, според него, одлуката на Владата да вложи во гасна централа и во терминал на грчка територија.

„Изградбата на гасни електрани што може да се завршат за релативно краток период, отворање на рудникот за јаглен Живојно и одржување на РЕК Битола за да може да работи барем до 2030 година, со што ќе се добие време за изградба на хидроелектраната Чебрен, а во меѓувреме инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, тоа треба да го направиме. Навреме да мислевме, досега можевме да изградиме барем една 100-мегаватна гасна централа за 100 милиони евра“, вели Димитров.

Поход по енергенси без епилог

На стартот на летото, кога сите други држави се подготвуваа добро да ја дочекаат зимата и ги полнеа резервите со нафта, гас, јаглен, мазут и друго, надлежните во Македонија смируваа, уверуваа дека проблеми ќе нема и се надеваа дека цените на енергенсите ќе одат надолу. Откако стана јасно дека војната во Украина се разгорува и дека веројатно нема да заврши во догледна иднина, буквално во „5 до 12“ економскиот тим на Владата се растрча во потрага по поволни енергенси. Подолгорочен договор се постигна единствено со Грција за набавка на јаглен и на мазут за следнава сезона. Со Србија и со Бугарија се договори да не се затворат прекуграничните капацитети, односно во случај некоја држава забрани извоз поради недостиг од енергенси и од струја, на пример на гас, тоа да не важи за Македонија. Сето друго засега остана без видлив ефект. Премиерот и министрите не договорија размена со Србија – да ни продаваат поевтин гас (за 3 до 4 пати поевтино) за потребите на ТЕ-ТО, а потоа ние да им продаваме струја. Иако ова беше помпезно најавено на официјална владина прес-конференција на енергетскиот советник во Владата, овој план едноставно не можеше да се реализира. Србија купува руски гас од Газпром, а од компанијата нема „зелено светло“ за таков потфат. Договор со Бугарија исто така нема. Освен проширувањето на капацитетот на гасоводот во Бугарија, меѓу другото и за македонските потреби од гас, друг бенефит нема. Владата беше на разговори за да договори со бугарските власти од оваа држава да купува поевтина струја за стопанството, но во меѓувреме цената на електричната енергија на светските берзи падна. Дополнително, Бугарија нема формирано влада, што значи, едноставно нема со кој да се склучи договор. Во потрага за евтин гас, владиниот економски тим отпатува дури до Турција. Требаше да се договорат евтини количини природен гас од Азербејџан, Катар или од други извори. Се преговараше со најголемата турска компанија за снабдување и трговија со гас „Боташ“, но според македонските власти, понудата од Турците не била поволна, односно понудената цена била превисока.

Ковачевски договори јаглен и мазут од Грција

Ковачевски договори јаглен и мазут од Грција | извор: Макфакс

Борбата за енергенси – трка за политички поени

Во „спринтот“ по енергенси, обид политички да поентира направи и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инаку своевремено директор на АД ЕЛЕМ (сегашно АД ЕСМ) му понуди на премиерот Димитар Ковачевски контакти од странски компании што биле подготвени да ја снабдат Македонија со евтини енергенси (гас и мазут). Се пофали дека понудите би биле неколкукратно пониски. По неколкунеделните препукувања дали да има средба меѓу двајцата партиски лидери, тие конечно се сретнаа. Мицкоски тврдеше дека понудите се и повеќе од добри – меѓу 750 и 1.000 евра за 1.000 нормални кубни метри гас. Тоа е за најмалку двапати поевтино од гасот што Владата го купи од Макпетрол за потребите на топланите за втората половина од октомври. Од Владата тврдеа дека швајцарската фирма ПГО предложена од Мицкоски воопшто не доставила понуда, тој пак обвинуваше дека АД ЕСМ била неажурна компанија.

„Во Европа, начинот на кој се тргува со ‚commodities', тие така ги нарекуваат, односно со гасот, нафтата, мазутот, струјата итн., е предмет на еден договор што ние што сме се занимавале со таа работа го викаме „ЕФЕТ-договор“. И тоа го потпишуваат секаде во Европа компаниите што се занимаваат со оваа проблематика. Според тоа што е договорено на таа средба, уште минатиот викенд, поточно, да бидам попрецизен, на 8 октомври, или 9 октомври, пардон, тој договор требаше да биде испратен до АД ЕСМ, што било направено (од фирмата предложена од Мицкоски). А од АД ЕСМ требало потпишан, тој рамковен договор, да го вратат на 9 октомври, што не го направиле. Односно на 10 октомври, следниот ден, се извинувам, што беше понеделник.

Ајде, имаме разбирање бидејќи 11 октомври беше неработен ден. Дванаесетти помина, а потоа на 13 октомври им била пратена писмена комуникација од страна на АД ЕСМ до компанијата, до позицијата, дека е потребно тие да го потпишат тој рамковен договор и да го пратат до АД ЕСМ, за да можел Надзорниот одбор на АД ЕСМ да даде зелено светло, да може директорот на компанијата да го потпише. Компанијата тоа го направила, според моите информации, денеска истиот тој договор е доставен до АД ЕСМ и го повикувам АД ЕСМ и тој што погрешно брифирал, истиот тој договор, ако навистина има чесни намери, да го потпише, да го врати назад и на граѓаните на Македонија да им заштеди неколку стотици милиони евра“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Препукувањата продолжуваат и за набавката на мазут. ЕСМ треба да објави оглас за мазут за периодот од декември до крајот на грејната сезона. Владата за оваа исконтактирана фирма од Мицкоски тврди дека не доставила ниту договор за соработка. Мицкоски тврди дека понуда од компанијата ќе има. Претставниците веќе имале средба во Министерството за економија и планирале да понудат конкурентни цени со кои би се заштедиле над 12 милиони евра за набавка на мазут.

„Претставник на компанијата што во овој момент ја снабдува Македонија со мазут ги контактирал луѓето што се позиција и од нив побарал понуда за 150 илјади тони мазут. Цената што ја добиле, можам – бидејќи добив авторизација – да ја кажам, е на кое било пристаниште во околината, дали е тоа Волос, дали е тоа Солун, Драч или Варна, е берзанска цена минус 40 евра по тон. Што би значело, во моментов, заштеда од најмалку од 80 до 90 евра по тон од таа што државата ја плаќа, или на 150 илјади тони, тоа е нешто повеќе од 12 милиони евра. Официјалната понуда, колку што јас знам, ќе биде добиена утре. Од тој момент па натаму, останува на бриферот, на оние лажни вести, да одлучи како понатаму. Дали ќе продолжат да крадат или пак ќе заштедат десетици, па би рекол и стотици милиони евра на граѓаните на Македонија“, вели Мицкоски.

Нема гас за ноември

Гас за производство на топлинска енергија беше купен само за две недели (втората половина од октомври). На само неколку дена до ноември, нема договор со која било фирма за набавка на гас. АД ЕСМ најави дека дури по 23 октомври ќе ги отвори пристигнатите понуди. Која цена за гас ќе ја добијат скопјани и дали ќе значи поскапување на парното греење во главниот град, никој не знае. Ниту пак се знае дали ќе се набават количини само за еден месец или за 6 месеци, до крајот на грејната сезона.

Стара и дотраена опрема

Стара и дотраена опрема | извор: АД ЕСМ

Почна грејната сезона

Грејната сезона започна нормално на 15 октомври. Теоретски таа можеше да стартува и некој ден порано, но временските услови беа поволни, па за такво нешто немаше потреба. Сепак, граѓаните останаа револтирани. Парно имаа само во утринските часови, од 6 до по 10 часот. Од ЕСМ се правдаа дека такви биле правилата.

„Овој период, до 15 ноември, кога надворешните температури, а особено атмосферските услови, ветер, облаци, сонце или дожд, многу се менуваат во текот на денот, дневен прекин се прави во период кога надворешната температура при сончево и ведро време ќе достигне 11 степени. Тогаш започнува прекинот на производство на топлинска енергија. Потрошувачите сѐ уште добиваат топлинска енергија, онаа што е веќе испорачана од топланите во мрежа, а која им ја овозможуваме со уште најмалку 1 час циркулација на пумпите. Ако е времето врнежливо или има облаци, таа граница е 14 степени“, истакна Александра Маројевиќ, помошник директор за топлинска енергија во АД ЕСМ.

Проблем настана и поради промената на закупецот на скопските топлани, односно откако државната АД ЕСМ ја замени БЕГ. Граѓаните сега треба да склучат нови договори со новиот снабдувач. Метеж се направи пред пунктовите, сѐ додека од компанијата не решија дека можат и по електронски пат и по пошта да им ги достават новите договори и граѓаните да им ги вратат потпишани.

Во меѓувреме, 500 приклучени на топланата „Скопје север“ останаа без греење. Компанијата во стечај се снајде да ги стопли цевките само за неколку дена, но пари за поголема набавка на енергенс за парно греење едноставно нема. Од АД ЕСМ се понудија да помогнат, но само ако ги исплатела фирмата старите долгови во износ од над 425 илјади евра. До такво нешто сѐ уште не дојде, па 500 приклучени на централно парно греење во Бутел, Чаир и во Топаана имаат студени домови.

На крај, може да се заклучи дека во „5 до 12“ властите се само делумно подготвени за претстојната зима. Енергетските гиганти што се одамна дотраени, не се знае дали ќе издржат да работат со вкупниот производствен капацитет уште најмалку 6 месеци, а парното греење во Скопје останува под знак прашалник. Додека властите упорно смируваат дека ќе нема проблеми, во европските држави разни категории работници на големо штрајкуваат поради скапите енергенси и високата инфлација, а тамошните власти ги преполнуваат капацитетите на максимум, односно се подготвуваат за најцрното сценарио.

Image
Newsletter