Македонија заслужува подобра иднина

Прослава по повод прогласувањето независност на Република Македонија.

Македонија преживеа многу предизвици кризи, приватизација, економски ембарга, терористички напади и војна, политички афери, меѓународни притисоци и многу домашни несогласувања. Во изминатите 32 години, македонскиот народ покажа дека знае да им се радува на заедничките државнички, културни, спортски и човечки успеси, подвизи и врвни резултати на претставниците на Македонија. Независноста на младата Република ѝ донесе многу разочарувања, можеби поради дел од заедничките очекувања кои биле нереални во дадениот простор и време. 32 години државност на Македонците и на Македонија им донесоа многу неправди, навреди и понижувања, како на домашен, така и на меѓународен план.

Името МАКЕДОНИЈА е најстарото име на држава на денешниот европски континент. Македонците се едни од првите народи во Европа кои успеале да создадат организирано државно управување, со свој административен, воен и монетарен систем. Македонскиот народ е еден од ретките кои имаат континуитет далеку пред антиката, а од антиката до средниот век немале градови–држави, ниту пак републики, туку кнежевства, кралства, царство и империја. Во новата ера, Македонците се првите во Европа кои создале република во 20. век, по урнек на француската од неколку векови претходно. Македонското име кое векови е забранувано, менувано и прогонувано, ниту загинало, ниту пак ќе загине. Македонците кревале буни, востанија и војни уште од времињата на римската окупација. Историчарите забележале значајни востанија на македонскиот народ и во средниот век – востанијата на комитопулите, на Георги Војтех, Петар Делјан и други. Карпошовото востание од 17. век било последица на неколкувековни бунтувања на македонскиот народ. Свеста за историскиот момент за создавање на своја држава значително се манифестирала во втората половина на 19. век, кога преку многуте буни, но и востанија како Разловечкото, Македонското (Кресненско), Илинденското, Тиквешкото и Охридското се стигнало до повторно разочарување за време на Балканските и на Првата светска војна, по што пред крајот на Втората светска војна, на вториот Илинден со својот АСНОМ, Македонците по многу векови повторно создадоа сопствена држава Македонија во рамките на југословенската федерација.

Референдум 1991

Пред 32 години, на 8 Септември 1991 година, Македонија стана независна и суверена држава со републиканско уредување. Во ноември во 1990 година, бил избран новиот парламентарен состав на Социјалистичка Република Македонија, кој на 25 јануари 1991 година во Собранието ја изгласал Декларацијата за сувереност. На 20 март била формирана првата влада. Со одлука на Собранието на СРМ од 7 јуни 1991, одредницата „Социјалистичка“ е изоставена, и оттогаш републиката се именува како Република Македонија. На 1 август било конституирано првото повеќепартиско Собрание на Македонија, кое на 6 август распишало одлука за спроведување на референдум. Врз основа на резултатите од референдумот одржан на 8 септември 1991, на 18 септември во Собранието била потврдена волјата на народот со Декларација за прифаќање на референдумските резултати, а на 17 ноември истата година пратениците го изгласале и Уставот на Република Македонија. Огромната излезност – околу 75% и гласањето за сувереност и самостојност – 95%, пред 32 години е најголемата демократска потврда за државното име Македонија. Во февруари во 1992 година, Собранието го изгласало законот за одбрана на Република Македонија, со што започнал процесот на воено осамостојување. Во април истата година, Македонија се осамостоила и монетарно со новото име на валутата – денар. Во август во 1992 бил донесен законот за новото знаме, кое веќе се веело насекаде низ Македонија, но и меѓу иселеништвото, кое со својата поддршка од неколку континенти значително придонело кон процесот на осамостојување на Македонија. Во истата година, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка се согласиле да ја примат Македонија под уставното име, но до разрешување на веќе постојниот спор со соседна Грција, да се користи привремената референца „the Former Yugoslav Republic of Macedonia“. Истиот пристап кон именувањето на државата Македонија бил применет и при приемот во Обединетите нации на 8 април 1993 година, кога Република Македонија станала 181-ва членка на најголемата светска организација. По економските ембарга од јужниот сосед и по меѓународниот притисок, во 1995 година на контроверзен начин било сменето и знамето на Македонија.

Гласачко ливче

На гласањето на Референдумот со прашање „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас).

Од државните обележја од претходната држава, во употреба останал само државниот грб од 1946 на кој биле претставени житото, афионот, тутунот, планината Пирин и реката Вардар, од кој во 2009 била отстранета петокраката.

На крајот од втората деценија на 21. век, во Македонија се одржа уште еден значаен референдум, со прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Резултатите од овој референдум се – излезност од 666.743 гласачи – 36,9%, од кои „за“ гласале 609.893. Повеќе од 400.000 гласови „за“ помалку од референдумот во 1991, со помала излезност од 828.883 гласачи.

Старото и новото знаме на Република Македонија подеднакво се веат.

Старото и новото знаме на Република Македонија подеднакво се веат.

Иако бојкотиран од мнозинството регистрирани гласачи во Република Македонија, врз основа на овој референдум на контроверзен начин насилно беше додадена придавката „северна“ кон името на државата Република Македонија. Под „новото име“ на државата, Македонија во март 2020 година беше примена во НАТО.

Од почетокот на 90-те години на минатиот век, па до денес, Македонија преживеа многу предизвици – приватизација, економски ембарга и кризи, терористички напади и војна, политички афери, меѓународни притисоци и многу домашни несогласувања. Во изминатите 32 години македонскиот народ и многупати покажа дека знае да им се радува на заедничките државнички, културни, спортски и човечки успеси, подвизи и врвни резултати на претставниците на Македонија. Независноста на младата Република ѝ донесе многу разочарувања, можеби поради дел од заедничките очекувања кои биле нереални во дадените простор и време. 32 години државност на Македонците и на Македонија им донесоа многу неправди, навреди и понижувања, како на домашен, така и на меѓународен план. Условувањата за промени на децениските основи на државноста кои не престанале од осамостојувањето до денес, се единствен случај кон некоја држава во светот.

Прослава на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

Прослава на 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.

 И покрај релативно слабото политичко водство низ сите 32 години на независност, македонскиот народ со својата вековна истрајност, упорност, пожртвуваност, волја, верба и труд покажува и докажува дека не се откажува од родната грутка – древната македонска земја и државата Македонија. Дојдени се времиња во кои и во пракса треба да се покаже дека државата е секој од нас, не само преку гласање на референдуми и избори, туку со повеќе труд од досега, по патот кон новото сонце на слободата. Географската поставеност, климатските услови, природните ресурси и економскиот потенцијал ја прави Република Македонија идно економско чудо, нормално – доколку е предводена од организиран тим кој би го вреднувал трудот на домашните човечки ресурси пред сè друго, на многу повисоки нивоа од досегашните, и би ги употребувал природните ресурси со многу поголема доза на внимателност, за разлика од покажаното во пракса во изминатите децении. Потенцијалот на државата Македонија, македонскиот народ и на сите етнички заедници кои живеат во Македонија е неограничен, и со повеќе почит кон домашното и истрајност во работите, конечно треба да почне да се остварува во секојдневието, што би донело и до подобар стандард на населението и до подобра геополитичка позиција на државата.

Орден 8 Септември.

Орден 8 Септември.

Никогаш да не заборавиме на сите оние јунаци кои во минатото ги жртвувале своите и животите на сопствените семејства во борбата за Македонија.

Да си ја чуваме и да си ја почитуваме татковината затоа што претставува чест и привилегија да се живее на древната македонска земја.

Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија!

Image
Newsletter