Македонските наспроти европските плати

Македонските наспроти европските плати

Со минимална плата од 18.000 денари, Македонија е на дното во Европа, пред Албанија и Косово

Македонија близу дното во Европа по висината на платите за работниците. Со измените и со дополнувањата на Законот за минимална плата, кој стапи на сила на 1 април, 18.000 денари (291 евро) минимална плата добиваат околу 80.000 работници во приватниот и во јавниот сектор. Покачувањето од близу 17 отсто, работниците го добија во период на длабока економска криза кога инфлацијата наближува кон критичните 20 проценти.

Од земјите во регионот највисок минималец има Словенија од 1075 евра бруто, по која следува Црна Гора, каде што годинава работниците добиле највисоко покачување на минималната плата. Ако во 2021 година, граѓаните во Црна Гора земале едвај 330 евра минималец, годинава овој износ е зголемен на 532 евра бруто или 450 евра нето износ, што е покачување од 62 отсто.

Минималната бруто плата во Србија изнесува 402 евра, во Бугарија 363 евра, а на дното се Албанија и Косово, каде што минималната бруто-плата по работник изнесува 267 односно 250 евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули 2022 година во Македонија изнесувала 31.812 денари, додека просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен за истиот месец изнесува 47.590 денари, соопшти Државниот завод за статистика.

„Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (17,8 %), стручни, научни и технички дејности (17,5 %) и уметност, забава и рекреација (16,3 %). Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (4,3 %), рударство и вадење на камен (3,9 %) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3,9 %)“ информираат од Државниот завод за статистика.

Просечната плата во Србија, пак, во јуни изнесувала 632 евра (39.058 денари). За да се покрие просечната потрошувачка кошничка, која според тамошните синдикални организации изнесува 720 евра (44.500 денари), на граѓаните во Србија им недостигаат околу 90 евра (5.560 денари). Ништо подобро кај северниот сосед не е ниту со минималецот. Со минимална плата од 303 евра (18.725 денари), едно семејство во Србија треба да ја обезбеди минималната потрошувачка кошничка во земјата, која во јуни изнесувала 377 евра, а има тенденција да расте.

Состојбата е уште полоша во Босна и Херцеговина. Таму, според пресметките на синдикалните организации, за нормален живот на домаќинствата им се потребни 1.366 евра месечно (84.400 денари). Просечната плата, пак, е околу 570 евра (35.220 денари), а минималната едвај надминува една петтина од пресметаните трошоци и изнесува 277 евра (17.118 денари).

Во Црна Гора, просечната плата од 881 евро (54.445 денари) е повеќе од доволна за потребите на едно домаќинство, бидејќи потрошувачката кошница, иако од почетокот на годинава поскапе за цели 104 евра (6.427 денари), сега изнесува 750 евра (46.350 денари).

Извор: Еуростат

Извор: Еуростат

Слично е и во Хрватска, каде што според последните податоци просечната плата била 1.025 евра (63.345 денари), а кошницата 860 евра (53.148 денари).

Сепак, синдикатите во соседството, како и оние во Македонија, се незадоволни.

Владата во Хрватска, како земја од регионот, но и членка на ЕУ, предлага за следната година минималната плата во земјата да порасне на 4.000 куни или нешто над 533 евра (33.000 денари) од сегашните 500 евра (30.900 денари), додека Синдикатите во Хрватска бараат минималецот од 1 јануари да достигне до 670 евра (41.400 денари).

Унгарија и Романија исто така го надминуваат минималецот од 500 евра (30.900 денари), додека во Бугарија минималната нето плата изнесува 330 евра (20.400 денари).

Во делот на приходите, синдикатите во Бугарија бараат зголемување на приходите до крајот на 2022 година за да се компензира кумулативниот пораст на инфлацијата, кој во септември 2022 година во однос на септември 2021 година достигна 18,7%, како и зголемување на минималната плата од 330 на 400 евра (24.720 денари) од 1 јануари 2023 година.

Во Грција, со последното покачување од 1 јануари годинава, минималецот се зголеми од 650 (40.170 денари) на 663 евра (40.980 денари) што е зголемување од едвај два отсто. Сепак, бидејќи работниците во Грција земаат и бонус надоместоци за божиќните и велигденските празници, тоа одговара на 758 евра месечно (46.844 денари).

Ако ја разгледаме ситуацијата на европскиот континент, највисока минимална плата, според податоците објавени на „Еуростат“, земаат работниците во Луксембург – 2.313 евра (142.943 денари), по што следуваат Белгија со 1.842 евра (113.835 денари), Ирска со 1.774 евра (109.633 денари) и Холандија со 1.756 евра (108.520 денари). Последна на листата е Албанија со 267 евра (16.500 денари).

Извор: Трајдинг економикс

Извор: Трајдинг економикс

Високата инфлација ги „обезвредни“ парите

Растот на горивата и на енергенсите повлече и раст на цените на производите на големо и на мало. Скапотијата го стопи семејниот буџет на македонските граѓани. Инфлацијата, која се заканува да го надмине критичниот праг од 20 отсто, дополнително ја влоши ситуацијата. Но, не само во земјава, каде што во моментов инфлацијата се искачи на 18,7 проценти. Според податоците за месец септември објавени на страницата на „Трејдинг Економис“, највисока инфлација во Европа има Турција со неверојатни 83,45 отсто, по што следува Молдавија со 33,9 проценти. Ништо подобро не е ниту во Украина, каде што инфлацијата надмина 24 отсто, Литванија исто така 24 проценти, во Естонија 23,7 отсто и Унгарија со инфлација од 20,1 проценти.

Од земјите во регионот, инфлацијата во Бугарија е идентична како и во Македонија – 18,7 проценти. Но, затоа, пак, сите останати земји од окружувањето можат да се пофалат дека добро се справиле со економската криза, па затоа имаат и пониско ниво на раст на цените. Во БиХ инфлацијата достигна 16,8 проценти, во Црна Гора 16 отсто, Србија 14 проценти, Хрватска 12,8, Косово 12,7, Грција 12, Словенија 10, а најниска е инфлацијата во Албанија со само 8 проценти.

Како за споредба, на социјалните мрежи неодамна се појави информација дека македонското битолско полномасно млеко во маркетите низ Косово се продава за 66 денари, додека во Македонија цената му е околу 80 денари, во зависност од малопродажното место.

Image
Newsletter