Злато, бронза, пофалници и медали за македонските средношколци на светските натпревари. Македонските ученици докажаа дека се меѓу најуспешните за дебатирање на престижни натпревари низ светот. Овие деца се предводници на своите генерации.
Гордо стојат на македонската химна и го веат знамето на Татковината додека им се доделуваат награди и признанија за постигнатите успеси. Тие достојно ја претставуваат Македонија во светот.
Крајно време е младите во оваа држава да станат приоритет. Алармот веќе одамна е вклучен. Надлежните најавија промена на законите и поголема поддршка за талентираните ученици во иднина. Анкетите покажуваат дека две третини од младите едвај чекаат можност да си заминат бидејќи се незадоволни од образованието и не гледаат перспективи за развој. Овие со години наталожени проблеми не може да се решат ниту лесно ниту брзо. Треба да се започне со реформи во образованието што ќе можат да дадат резултат на долг рок. Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на општеството. Но, какво е нашето? Дали е навистина реформирано онака како што се вели?
Според академската фела, првата работа што треба да се направи е да се донесе нов закон што ќе биде позитивен во смисла на изедначување на македонското високо образование со европското, закон што ќе воспостави еднакви критериуми и рамноправен третман на сите приватни и државни високообразовни институции!