Моќна дебата на Универзитетот Скопје: Како да ја направиме Европа повторно голема?

Моќна дебата на Универзитетот Скопје: Како да ја направиме Европа повторно голема?

Моќна и инспиративна дебата на тема „Како да ја направиме Европа повторно голема?“ се одржа во просториите на Универзитетот Скопје.

Настанот привлече големо внимание поради учеството на еминентни личности од академската и политичката сфера, а главниот фокус беше ставен на идентитетот, образованието и европските интеграции.

Универзитетот Скопје беше домаќин, а ексклузивен гостин беше министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока, кој одржа академско предавање пред студентите и останатите гости. Заедно со ректорот проф. д-р Аце Миленковски, тој направи и обиколка на Универзитетот, каде што одблизу се запозна со академскиот кадар и со студентите.

Покрај Бока, на дебатата се обратија и Васко Наумовски, поранешен амбасадор и вицепремиер за европски прашања, Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор, како и актуелната заменик-министерка за европски прашања, Викторија Трајков.

Присутните имаа можност да ги чујат инспиративните излагања од ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, како и од министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока.

Дебатата започна со мотивацискиот говор на ректорот, проф. д-р Аце Миленковски. Тој пред присутните гости и студенти порача дека не постои невозможно за тие што постојано се обидуваат и никогаш не се откажуваат.

Еминентни личности од академската и политичката сфера учествуваа на дебатата на УТМС.

Еминентни личности од академската и политичката сфера учествуваа на дебатата на УТМС.

„Не постои невозможно за оние што постојано се обидуваат. Никогаш не откажувајте се“, рече Миленковски, нагласувајќи дека успехот на личен и на професионален план не доаѓа случајно. 

Тој додаде дека успехот е секогаш резултат на упорност и посветеност. Ако, како што рече, се откажел на првата пречка, денес ниту тој, ниту неговите студенти, ниту неговите колеги, немаше да бидат тука. Во продолжение на својот говор, ректорот зборуваше и за значењето на идентитетот.

Миленковски: „Не постои невозможно за оние што постојано се обидуваат. Никогаш не се откажувајте.“

Миленковски: „Не постои невозможно за оние што постојано се обидуваат. Никогаш не се откажувајте.“

Идентитетот – темелот на нашето постоење

Еден од клучните моменти на дебатата беше прашањето за националниот идентитет, кој Миленковски го истакна како основа за градење модерна и европска заедница. Во своето излагање, тој ја подвлече важноста на македонскиот идентитет, кој се темели на почитување на историските и на духовните корени. Како што нагласи, идентитетот на една нација не може да биде целосен ако не се почитуваат нејзините предци, јазик и културни вредности.

„За да го зачуваме идентитетот, мора да го почитуваме и негуваме македонскиот јазик – јазикот е нашиот идентитет. Ако го немаме, тогаш губиме дел од себе“, рече тој, нагласувајќи дека македонскиот јазик е основен столб на нашата култура и историја.

Миленковски ги спомена и Свети Климент и Свети Наум како двајца светители што ја поставиле основата за македонската писменост и култура.

Миленковски: „Има работи во животот за кои вреди човек да се бори. Борејќи се за ЕУ, ние се бориме за својата татковина и сопствениот идентитет.“

Миленковски: „Има работи во животот за кои вреди човек да се бори. Борејќи се за ЕУ, ние се бориме за својата татковина и сопствениот идентитет.“

„Климентовиот универзитет е нашиот идентитет. Тој е првиот универзитет во Европа. Свети Климент е творецот на нашата култура, исто така и Свети Наум. Тие се темелот околу кој се гради нашата прекрасна Македонија. Токму дејноста на Климент и Наум Охридски се втемелени во основата и континуитетот на македонската културна, историска насока и идентитет. Има работи во животот за кои вреди да се бори човек – ова е тоа време. Ова е нашата борба: борејќи се за Европа, за интеграциите на нашата држава, се бориме за неа, за татковината – нашата Македонија, за нашиот идентитет“, изјави ректорот Миленковски.

Ректорот посочи дека сигурен и успешен народ се создава само преку образование и здрава, силна и едуцирана заедница.

„Образованието и здравството се двата столба на нашата држава. Без нив нема иднина. Исто така, како што покажува нашата историја, силната нација има силна економија“, додаде проф. Миленковски.

Јанош Бока: Европската Унија се наоѓа на крстопат

Дебатата продолжи со говорот на унгарскиот министер за европски прашања, Јанош Бока. На академското предавање на Универзитетот Скопје, тој пренесе силна и недвосмислена порака дека „Европската Унија мора да се менува“.

Насловот на дебатата „Можеме ли да ја направиме Европа повторно голема?“ не беше случаен. Тоа беше и мото на унгарското претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2024 година.

Овој период Бока го оцени како време на невидени предизвици.

Бока: „Европската Унија се наоѓа на крстопат и таа мора да се промени.“

Бока: „Европската Унија се наоѓа на крстопат и таа мора да се промени.“

„Европската Унија се наоѓа на крстопат“, посочи Бока и истакна дека Европската Унија се соочува со неколку паралелни кризи.

Војната во Украина, која отвора прашања за европската безбедност и одбрана. Мигрантската криза, која покрена дебата дали е квантитативна или политички мотивирана. Протестите на фармерите, кои ја доведуваат во прашање иднината на земјоделството во ЕУ.

„Се наоѓаме на почеток од нова ера. Не можеме да продолжиме како досега“, категорично порача унгарскиот министер.

Бока упати критика кон институциите на Европската Унија.

„Во ЕУ не е вообичаено да се презентираат алтернативи. Критиката често се третира како непријателски чин“, коментира Бока.

Тој предупреди дека ова води до поткопување на демократскиот легитимитет и дека институциите реагираат со изолирање на оние што размислуваат поинаку, наместо со вклучување во дебата.

Бока „Институциите на ЕУ функционираат на начин што секоја критика се смета за непријателска. Тоа ги поткопува демократијата и развојот на општествата.“

Бока „Институциите на ЕУ функционираат на начин што секоја критика се смета за непријателска. Тоа ги поткопува демократијата и развојот на општествата.“

Време е за нова визија на Европската Унија

На крајот од предавањето, Бока апелираше за поголема отвореност кон алтернативи и конструктивна критика.

„Европската Унија мора да се приспособи кон новата реалност. Не е доволно да се продолжи по инерција. Потребни се визија, дијалог и храброст за промени“, истакна тој.

Според унгарскиот министер Бока, сега е време за одлучување – дали е Европската Унија подготвена за вистинска реформа или ќе остане заробена во бирократскиот комфор.

Дебатата за европската иднина, особено за тоа како да ја врати Европа својата позиција на глобалната сцена, се наметнува како една од најважните теми во актуелниот политички контекст. Ова го истакна поранешниот вицепремиер за европски прашања, проф. д-р Васко Наумовски, на дебатата „Како да ја направиме Европа повторно голема?“.

Наумовски: „Последната деценија покажа дека ЕУ се дистанцираше од нејзините сопствени традиционални вредности.“

Наумовски: „Последната деценија покажа дека ЕУ се дистанцираше од нејзините сопствени традиционални вредности.“

„Мислам, дали Европа сака да биде голема повторно или не, во услови на овие бранови на влијанија на глобалната сцена денес“, изјави Наумовски.

Според него, ова не е обична идеолошка дебата, туку станува збор за практични прашања што се однесуваат на глобалните промени и улогата на Европската Унија во нив.

Европската Унија, според Наумовски, во последните години се дистанцирала од своите традиционални вредности, кои беа основа за нејзиното обединување во минатите децении.

Како што нагласи Наумовски, основната цел на Европската Унија беше да ги обедини различните идентитети и култури на европскиот континент. Но, во последните неколку години, под влијание на различни идеологии и глобални трендови, Европската Унија изгледа како да ја изгубила својата јасна и силна улога на светската сцена. Тоа се одразува и во намалената популарност на ЕУ, особено кога во 2025 година Македонија сè уште не е дел од Унијата.

Ѓорчев: „Во Европа постојат гласови на разумот. Ако сме доволно мудри да ги слушнеме, тогаш Европа има перспектива да биде повторно силна.“

Ѓорчев: „Во Европа постојат гласови на разумот. Ако сме доволно мудри да ги слушнеме, тогаш Европа има перспектива да биде повторно силна.“

Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев исто така ја подвлече важноста на европските вредности и стабилност. Тој изрази уверување дека Европа може да биде повторно силна ако го слушне гласот на разумот.

„Цврсто верувам во вредностите на Европската Унија, да се прифатат идеи за тоа што е добро, посакувано и корисно за европските граѓани“, кажа Ѓорчев.

Во време кога се расправа за војна и милитаризација, тој верува дека Европа има можност да се врати на својот пат ако ги слушне разумните гласови.

Трајков: „Важно е да се запрашаме како да ја направиме Македонија повторно голема, и како да се постигне просперитет за сите граѓани на државата.“

Трајков: „Важно е да се запрашаме како да ја направиме Македонија повторно голема, и како да се постигне просперитет за сите граѓани на државата.“

Заменик-министерка за европски прашања, Викторија Трајков, истакна дека со вакви дебати придонесуваме за понатамошен развој на нашето општество.

„Одговорите не се лесни ако се земе предвид дека брзите чекори водат кон погрешни решенија. Важно е да се запрашаме како да ја направиме Македонија повторно голема и како да се постигне просперитет за сите граѓани на државата“, рече Трајков.

Таа ги истакна и напредокот на новата Влада и соработката со Унгарија.

„Работиме напорно да ги подобриме условите во сите области затоа што нашите граѓани го заслужуваат тоа. Тие заслужуваат подобар живот – европски живот“, додаде Трајков.

Трајков изрази благодарност за поддршката што Македонија ја добива од европските партнери за развој на домашната економија и за борбата против корупцијата.

„Со Унгарија негуваме долгогодишно пријателство што се темели на идејата за создавање силни и економски просперитетни општества. Токму со помошта на Унгарија успеавме да ги совладаме тековните предизвици и да помогнеме во заздравувањето на македонската економија“, изјави Трајков.

Во овој контекст, главната порака на дебатата беше дека зајакнувањето на демократијата, безбедноста и на економијата се неопходни за да се врати Европа на глобалната сцена како влијателен актер.

Дебатата „Како да ја направиме Европа повторно голема?“ на Универзитетот  Скопје, која се одржа со цел создавање нови перспективи за иднината на Европа, заврши со позитивна и мотивирачка порака.

Овој настан ја потврди важноста на академските размислувања и дебати за креирање поинаква европска иднина, насочена кон младите како носители на нови идеи и решенија.

Image
Newsletter