Новата македонска Влада треба да биде најразновидна досега. За првпат во Владата влегува здружената албанска опозиција „Вреди“ на која и успеа да ја сруши дведецениската доминација на ДУИ. Меѓу предложените кадри на „Вреди“ се наоѓа Арбен Таравари кој и претходно беше министер за здравство. Другите не и се толку познати на македонската јавност, а двајца од нив треба да раководат со два економски ресори. За предложените кандидати на ВМРО-ДПМНЕ не треба многу претставување. Поранешните министри и заменици министри Владо Мисајловски, Цветан Трипуновски, Стефан Андоновски, Гордана Кочоска-Димитриеска повторно ќе бидат меѓу најистурените играчи. Градоначалникот Тимчо Муцунски, актерот Зоран Љутков и долгогодишниот пратеник Александар Николоски, пак, за првпат ќе седнат во министерска фотелја. Новата македонска Влада е комбинација на веќе докажани, но и свежи кадри. Ќе има 20 министерства (4 повеќе од претходната Влада) и 24 министри (вклучувајќи ги и тие без ресор). Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има 15 министри, од кои тројца Вицепремиери. Коалицијата „Вреди“ ќе има 5 министерства и еден вицепремиер, додека „ЗНАМ“ на Максим Димитриевски ќе има двајца министри.
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
ПАНЧЕ ТОШКОВСКИ – треба да воспостави ред во МВР
Панче Тошковски ќе ја наследи функцијата министер за внатрешни работи која ја извршуваше во техничката Влада. Тој е дипломиран правник, адвокат со големо искуство, кој во својот технички мандат успеа да ја исполни главната цел поради која ВМРО-ДПМНЕ влезе во техничката Влада, спречување на изборна кражба. Преку социјалните мрежи Тошковски му се заблагодари на партискиот лидер за дадената можност да раководи со МВР и вети силна борба со цел побезбеден живот за граѓаните.
„Искрено благодарам на претседателот Христијан Мицкоски, како и на сите членови на Извршниот и Централниот комитет за довербата и поддршката која ми ја укажаа. Ветувам дека ќе работам неуморно за подобрување на условите за живот на сите граѓани и за обезбедување на безбедна, просперитетна и праведна Македонија“, напиша Тошковски.
Тој стана особено популарен откако за само неколку денови успеа да воспостави ред во хаосот со издавањето лични документи кој го наследи од претходното раководство.
„Затекнавме хаос, нефункционалност, затекнавме една состојба која беше недостоинствена за секој еден македонски граѓанин и се потрудивме да ги нормализираме односите во рамки на министерството, сѐ со цел да биде еден нормален начин на услужување на секој еден македонски граѓанин. Драстични промени ќе има во и во работата на Министерството, и во сето она што надлежност на МВР“, рече Панче Тошковски, предлог министер за внатрешни работи во изјава за ТВ Алфа.
Тошковски најавува коренити реформи во министерството. Функционална систематизација и решавањето на пренатрупаноста во одреди сектори и недостатокот на кадар во други. Тошковски смета дека адвокатската кариера која е зад него ќе му помогне, бидејќи како што вели, кога имате чесна намера пред даночните обврзници, тогаш ќе работи во согласност со законите кои мора да важат подеднакво за сите.
Александар Николоски, министер за транспорт.
АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ – треба да го реализира ветениот инфраструктурен бум
Контроверзниот автопат Кичево-Охрид кој се гради веќе 10 години, конечно ќе треба да го заврши новиот министер за транспорт и Вицепремиер Александар Николоски, кој патем, е родум токму од Охрид. Тој е долгогодишен пратеник, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ И ВАЖИ ЗА АКТИВЕН И ЛОЈАЛЕН ЧЛЕН НА ПАРТИЈАТА И НАЈВИСОКОТО РАКОВОДСТВО.
Луѓето кои го познаваат велат дека е неуморлив политичар кој целиот фокус му е насочен кон политички ангажмани и процеси.
Тој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ откако Христијан Мицкоски ја води партијата.
Забележително е дека е и меѓународно активен а и е дел од Советот на Европа каде беше известувач за повеќе изборни процеси, во делот на исполнување на обврските што државите ги имаат преземено кон Советот на Европа, пред сè во делот на почитувањето на основните човекови права, владеењето на правото, борбата со криминалот и корупцијата, изборните реформи, како и воспоставувањето функционална правна држава. Советот на Европа го реизбраа Александар Николоски и за генерален известувач за укинување на смртната казна.
Тој пред 2 години беше избран и за потпретседател на групата на Европската Народна Партија во Парламентарното Собрание на Совет на Европа, додека Бриселската групација „Пријатели на Европа“ („Friends of Europe“) го избра Александар Николоски како еден од 40 највлијателни личности под 40 години во Европа.
Николоски ги наследува автопатот Кичево – Охрид кој 7 години е заглавен а требаше да биде завршен пред 4 години, неизградена и заглавена железничка пруга кон Бугарија, како и делници од автопати за Прилеп, Косово чија градба споро се одвива со десетици тешки проблеми и застои.
Воедно она што може да се насети од програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198 е силна посветеност кон создавање на инфраструктурен бум. Завршување на автопатот Кичево – Охрид, делницата за автопатско поврзување со Прилеп, како и Прилеп – Битола. Преговори со Бехтел и Енка и извлекување на максимумот во градба на коридорите за кои претходната влада веќе презема обврски. Како и реализација на супер брза железница, придобивки од најавената милијарда каде ќе има инвестиции во инфраструктурата и редица капитални проекти кои ќе бидат во врвот на приоритетите на Николоски.
Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии
ГОРДАНА КОЧОСКА ДИМИТРИЕСКА – прва жена чувар на државната каса
Гордана Димитриеска-Кочоска станува прва жена чувар на државната каса, задолжена за реализирање на буџетот на државата. Таа е експерт во областа на финансиите. Во нејзината богата биографија пишува дека таа има искуство во финансискиот консалтинг, била дел од банкарскиот сектор , а во приватниот сектор работела во секторот даноци. Таа беше и во претходната техничка Влада како заменик министер кога на чело на финансии беше Нина Ангеловска, а одреден период била и директор за финансии во ЕЛЕМ.
Гордана Димитриеска-Кочоска во улога на чувар на државната каса пред себе има огромен предизвик – вели дека во првите сто дена ќе се посветат на анализи каде се трошеле парите, какви се состојбите и како дошло до ваква ситуација. До крај на јули е планиран ребаланс на буџетот, затоа што парите во касата моментално се лошо испланирани.
„Во тој период имавме јавен долг од една милијарда и 800 милиони евра, за споредба ако ги видите податоците во првиот квартал од 2024 година ќе видите дека имаме долг од 8 милијарди и 770 милиони евра, што е вознемирувачко. Состојбата е многу лоша, гледаме од аспект на она што е за нас како економисти многу значајно, тоа е стапката на раст на БДП. Во тој период ако до 2006-та сепак сме имале позитивни и повисоки стапки на раст, назадуваме или воопшто немаме раст“, вели за Алфа ТВ Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во првата година од мандатот ќе треба да се направи фискалната стратегија и стратегијата за управување со јавниот долг и ќе се работи да се поврзуваат тековно податоците од УЈП и Царина за да нема понатамошни злоупотреби со наплата на даноци. Ребалансот на буџетот ќе мора да се направи во брзо време зошто моментално, според неофицијални податоци недостигаат околу 120 -150 милиони евра кои не се испланирани, а се однесуваат за тековни трошоци.
Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
ЦВЕТАН ТРИПУНОВСКИ – МИНИСТЕР ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО
Цветан Трипуновски по струка е дипломиран земјоделски инженер. Тој во 2020 година беше и заменик министер за земјоделие во техничката влада. А веќе има работено во истото Министерството како државен советник. Цветан Трипуновски речиси целата своја кариера ја посвети на земјоделството, унапредување на земјоделските политики и секторот на кој му е посветен.
Негова цел е како што вели тој, оваа урнисана гранка да прерасне во еден од главните двигатели на македонската економија.
„Македонскиот земјоделец ќе биде достојна категорија за живеење, а не како досега социјална категорија. Тоа ќе значи враќање на достоинството, враќање на македонското производство, квалитетен земјоделски производ и по квантитет и по квалитет. Тоа ќе значи сигурен пласман, девизен прилив во нашата економија. Овој наш квалитетен производ ќе го пласираме и надвор од државата за да ја зајакнеме и домашната економија“, вели Цветан Трипуновски – предлог министер за земјоделство.
Трипуновски е свесен дека пред него престои тешка и макотрпна работа, и ветува дека ќе биде целосно посветен на потребите на сите земјоделци. Најави и строги контроли за тоа каква храна јадат граѓаните, но и максимална заштита на трудот на секој земјоделец. Трипуновски седнува на чело на Министерството за земјоделство, во време кога земјоделците се на колена – без субвенции, се соочуваат со ниски откупни цени, а и водостопанството е колабирано.
Идниот министер за земјоделство најави и ревизија што работеле неговите претходници. Тој вели дека наследил лоша ситуација во овој ресор, но со чесна работа тврди дека сѐ ќе биде на свое место.
Владо Мисајловски, министер за одбрана.
ВЛАДО МИСАЈЛОВСКИ – ТРАНСФЕР ОД ТРАНСПОРТ ВО ОДБРАНА
Заедно со Љупчо Димовски, Владо Мисајловски е еден од ретките министри кој ја вршел оваа функција и во претходниот владин состав на ВМРО-ДПМНЕ до 2017-та година. Само ќе направи трансфер од министерството за транспорт во министерството за одбрана.
Тој е магистер на факултетот за општествени науки на одделот дипломатија и меѓународна политика. Тој е поранешен директор на Јавното претпријатие за државни патишта и министер за транспорт и врски. Во моментов е еден најблиските соработници на идниот премиер Христијан Мицкоски и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Модерна и армија со која ќе се гордеат сите македонски граѓани, тоа е главната амбиција на идниот министер за одбрана Владо Мисајловски. Вели свесен е дека пред него е тешка работа, но ветува дека ќе го даде и последниот атом од своите сили, за македонската армија да заличи на вистинска НАТО армија. Смета дека финансиите во неговиот ресор треба да бидат зголемени.
„Многу е важно буџетот да биде сериозно зголемен за да има услови за подобрување на армијата во секој сегмент за сите припадници, се разбира, и на Министерството и во армијата, но тоа е важно преку сите оние алатки што ќе ги има Министерството, преку развој на одбраната, не само на одбранбен план, туку и за сите оние работи кои следуваат во наредниот период, а тоа е сето она што доликува како една НАТО армија да го имаат во делот на јавните набавки“, изјави Мисајловски.
Мисајловски вели ќе се врати почитта која ја заслужуваат вооружените сили.
Мисајловски влегува во Министерство за кое во јавноста постојат сомнеж за спорни тендери вредни речиси 300 милиони евра. Во ек на економска криза беше договорено да се платат 66 милиони евра за систем за противвоздушна одбрана, иако и самата поранешна министерка Славјанка Петровска кажа дека не постои никаква опасност за Македонија од воздух.
Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
ТИМЧО МУЦУНСКИ – Министер за надворешни работи и надворешна трговија
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, станува нов министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Тој е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и профил на личност која важи за високо почитувана во Европа и светот. На социјалните мрежи напиша дека на функцијата стапува со цврста решеност и посветеност да работи исклучиво за интересите на Македонија и сите граѓани.
„Каква надворешна политика ќе има Македонија? Ќе има надворешна политика што е фокусирана на остварување опипливи резултати за својата држава, надворешна политика фокусирана на економската дипломатија, односно привлекување странски директни инвестиции, но и негување на тие инвестиции што веќе ги имаме во државата“, изјави Муцунски на 9-ти март годинава.
Инаку Муцунски своето средно образование го завршил во Отава, Канада, по што додипломските, магистерските и докторските студии ги комплетира на Правниот факултет во Скопје. Тој е доцент по Римско право. Во периодот од 2015-2017 година тој ја извршуваше функцијата заменик министер за информатичко општество и администрација.
Стефан Андоновски, министер за информатичко општество и дигитална трансформација.
СТЕФАН АНДОНОВСКИ – министер за информатичко општество и дигитална трансформација
Стефан Андоновски е предлог – министер за информатичко општество и дигитална трансформација во Владата на Мицкоски. Тој е секретар за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, а во последната техничка Влада беше и заменик министер за информатичко општество и администрација.
Тој дипломирал правни науки на Правниот факултет во Скопје, по што како стипендист на МОН, станува магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џон Хопкинс. Пред политичкиот ангажман, пет години работи во бизнис секторот во Македонија и е консултант на меѓународни донаторски проекти во областа на дигиталниот маркетинг, комуникации и медиуми.
Неговото мото како министер за информатичко општество е „Со дигитализирање на услугите до борба против корупцијата“. Тој ветува дека чекањето пред шалтери со системски измени ќе го замени со брзо вадење изводи и документи од државните институции. Стратегиите кои ќе ги работи министерството ќе бидат транспарентни, ќе се консултираат фелата и партнерите.
„Прво нешто со што ќе се зафатиме е ова зад мене, една точка за услуги, односно дигитализација на регистри, и не издавањето на потврди на матичната евиденција, тоа е нешто со кое прво ќе се зафатиме и се надевам ќе можеме да покажеме успешност во оваа насока. Потоа позиционирањето на министерството стратешки, во смисла на сајбер-стратегијата и ИТ стратегијата на ниво на држава, која ќе ја работиме со еден широк круг на луѓе нема да ја криеме по ходници, нема да ја правиме зад затворени врати туку заедно со фелата, заедно со партнерите ќе изработиме стратегија што ќе значи подобро позиционирање. Она што можам да го најавам е бескомпромисна борба со корупцијата. Дигитализацијата ќе значи објективизација на процесите ќе значи дека не може да се кријат предмети по фиоки, не може да се чекаат постапките“, вели Андоновски.
Процесот на дигитална трансформација ќе биде комплексен и ќе биде системски. Ќе се однесува на сите институции, на целата држава, на целиот државен апарат. И затоа ќе биде потребен системски пристап од целата Влада не од едно министерство. Сепак ова министерство треба да биде предводник на овие процеси. Во план е да се дигитализираат сите услуги, да се надминат шалтерите и чекањето во редици на граѓаните.
Борко Ристовски, министер за спорт.
БОРКО РИСТОВСКИ – МИНИСТЕР ЗА СПОРТ
Една од поголемите реформи е тоа што досегашната Агенција за млади и спорт се трансформира во министерство. Прв министер ќе биде ракометниот голман со исклучителна кариера Борко Ристовски.
Тој со своите одбрани во дресот на Македонија, своевремено од навивачите ја имаше титулата „министер за одбрана“. Тој во својата кариера бранеше за Вардар, Металург, имаше неколку интернационални ангажмани, меѓу кои и во најтрофејниот европски клуб, големата Барселона. Тој беше и директор во РК Вардар. Борко Ристовски е роден 1982 година има 42 години.
Ветува дека ќе работи напорно за враќање на спортската гордост на Македонија и успешните резултати кои ги имавме пред само неколку години.
„Генерално во Македонија и во спортот владее корупција, владее непотизам огромен, така што мислам дека Министерство за спорт ќе биде едно решение кое ќе донесе помал маневарски простор за оние кои се влезени во спортот за да имаат некој личен бенефит, а од друга страна ќе им ги отвори портите на професионализмот, на резултатите“, изјави Ристовски.
Златко Перински, министер за локална самоуправа.
ЗЛАТКО ПЕРИНСКИ – МИНИСТЕР ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА
Златко Перински и е познат на јавноста како поранешен директор на скопски Водовод. На оваа функција беше назначен во 2021 година. Претходно, беше шеф на кабинет на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Беше и директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во периодот од 2014 до 2017 година. Магистер по човечки ресурси и долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ. Перински во 2015 година станува член на општинскиот комитет Аеродром и е назначен за потсекретар на ВМРО-ДПМНЕ функција која ја извршува до неговото назначување за член во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година.
Една милијарда евра буџетски средства – фер распределени пари за сите општини во еден мандат. Идниот министер за локална самоуправа ветува дека уште во првите сто дена ќе трансферира 100 милиони евра за општините, ќе им пружи рака на сите градоначалници без оглед на тоа од која партија доаѓаат и ќе ја зголеми соработката со ЗЕЛС. Златко Перински е дециден – преку помош за општините ќе им се помогне и на граѓаните. Тоа, може да се направи само преку взаемна соработка и инвестирање во локалниот економски развој.
„Министерство за локална самоуправа на некој начин беше девастирано, не доаѓаше до израз иако имаше можности и капацитет. Едно од поважните ветувања е трансфер на буџетски средства од 250 милиони евра за една година, до крај на годинава 100 милиони евра, 1 милијарда во цел мандат. Соработката на локалните самоуправи не беше на многу високо ниво, она што ќе го направам е, да им подадам рака на сите, без разлика кој од која партија доаѓа, да помогнам, да најдам средства, може да користиме и странски фондови, да помогнеме да се реализираат проектите. Оние ветени 250 милиони евра ќе бидат рамномерно распоредени, ќе се внимава да нема фаворизирање на општините, многу е важно да се продлабочи соработката со ЗЕЛС. Сакаме да придонесеме до зголемена децентрализација, согласно законските регулативи да се префрлаат поголем дел од надлежностите на локалните самоуправи“, вели Перински.
Сања Божиновска, министер заенергетика, рударство и минерални суровини.
САЊА БОЖИНОВСКА – МИНИСТЕР ЗА ЕНЕРГЕТИКА, РУДАРСТВО И МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ
Ова се претпоставува дека ќе биде едно од најважните министерства, особено ако се знае амбициозната агенда на ова поле на мандатарот Мицкоски. Секторите енергетика, рударство и минерални суровини досега беа дел од Министерството за економија, а сега, за првпат ќе бидат дел од посебно министерство бидејќи оваа област е широка и го заслужува тоа.
Прво нешто што таа вети е дека нема да дозволи поскапување на струјата од први јули.
„Зошто владата донела одлука зад затворени врати за зголемување на цената за 5% што ЕСМ ќе му ја продава на „ЕВН хоум“, врз која основа и со кои аргументи го правда скокот од сегашните 57 на 60 евра за мегават час?“, вели Божиновска.
Сања Божиновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и идна министерка за енергетика најави неколку енергетски проекти на новата власт и рече дека одлуките што се носат сега ќе ја обликуваат нашата економска стабилност, здравјето на животната средина и социјалната благосостојба во годините што доаѓаат.
Таа рече дека во програмата на Владата и новото министерство е изградбата на две когенеративни централи за гас со кои во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија, а енергијата добиена од овие централи ќе ни даде можност да вршиме балансирање на системот кога ќе е потребно. Исто така во план за изградба на ветерни паркови Богданци, Миравци и уште еден проект од 200 МВ. Со овие сопствени капацитети земјата ќе има квалитетен енергетски систем. Посебно место секако ќе заземе зелената транзиција па во тие рамки особено внимание ќе се посвети на енергетската ефикасност и зголемување на обемот на производни капацитети од обновливи извори на енергија.
Божиновска е успешна жена, менаџер, експерт за енергетика која веќе две децении живее и работи како консултант во Прага, Чешка.
Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
ЗОРАН ЉУТКОВ – МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРА И ТУРИЗАМ
Ова министерство кое во последниве неколку недели го тресат скандали поради проневерени пари на Агенцијата за филм и Друштвото на филмски работници ќе доживее своевидна трансформација. Во него ќе спадне и секторот туризам кој досега беше дел од Министерството за економија. Со министерството за култура ќе раководи Зоран Љутков.
Тој е македонски театарски и филмски и телевизиски глумец. Дипломирал на Факултетот за драмски Уметности во Скопје во 2001 година во класата на проф. Владимир Милчин, а во 2002 година запишал постдипломски студии за сценографија на Универзитетот за уметности во Белград. Во 2006 година се вработил како глумец во Драмскиот театар (ДТС) во Скопје. Учествувал на неколку меѓународни театарски фестивали, работилници и филмски и ТВ-проекти. Добитник е на две награди.
Тој беше советник и претседавач на Советот на општина Велес.
Весна Јаневска, министер за образование и наука.
ВЕСНА ЈАНЕВСКА – МИНИСТЕР ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА
Весна Јаневска е професор на Медицинскиот факултет во Скопје и вработена во Институтот за патологија. Исто така е поранешен пратеник во македонското собрание. Таа има тешка задача да го исправи образованието на здрави нозе, сектор кој оправдано беше ставен на столбот на срамот поради немањето учебници, лошиот студентски стандард и општо катастрофално лошите резултати на знаењето на учениците и студентите.
Јаневска веќе најави ревизија на универзитетите, високите школи, како и студиските програми за медицина. Според неа, во Македонија несоодветно и без база и анализа се отвораат премногу универзитети и високи школи кои не покажуваат никаков ефект.
„Приватните универзитети беа предвидени да бидат конкуренција на државните, меѓутоа во практиката се покажа дека тоа не е така, напротив на сите квалитетот на образование опадна. Во тој правец ВМРО-ДПМНЕ и Комисијата за образование и наука и во својата програма има предвидено сериозна анализа на бројот на факултети, универзитети, студиски програми кои ќе мора да се ревидираат и дел од нив и треба да престанат со работа затоа што навистина ние не го гледаме бенефитот од тоа што моментално се случува. Ние имаме 3 медицински факултети, повеќе од 3 високи школи, средни школи за медицински сестри, високи школи за медицински сестри“, вели Јаневска за ТВ21.
Според неа, ефектот од тоа на крај се сведува на брзо знаење, односно неефикасно знаење.
Љупчо Димовски, вицепремиер и министер за политички систем.
ЉУПЧО ДИМОВСКИ – МИНИСТЕР ЗА ПОЛИТИЧКИ СИСТЕМ
Лидерот на коалицискиот партнер Социјалистичка партија, Љупчо Димовски е новиот Вицепремиер и министер за политички систем. Тој не е ново кадровско решение во Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е традиционален партнер на ВМРО-ДПМНЕ, беше и министер за земјоделство во претходните влади на Никола Груевски. Беше и пратеник во македонското собрание.
Иван Стоилковиќ, вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците.
ИВАН СТОИЛКОВИЌ - МИНИСТЕР ЗАДОЛЖЕН ЗА ОДНОСИ МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕ
Новиот министер задолжен за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, се чини е најконтроверзна фигура во Владата. Предлогот за Стоилковиќ ја „вознемири“ ДУИ. Потпретседателот на партијата, Арбр Адеми искоментира дека првпат по дваесет години, спроведувањето на Охридскиот договор ќе биде во рацете на Србин, кој е добро познат по своите проруски и путинистички убедувања.
Стоилковиќ важи за политичар близок до српскиот претседател Александар Вучиќ и до претседателот на Република Српска, Милорад Додик, а негува и добри односи со Русија. Тој беше еден од тројцата пратеници, заедно со Реџеп Исмаил Хактан и Борислав Крмов од Левица, кои во минатата недела се појавија како гости на државниот прием по повод националниот празник Денот на Русија што во Скопје го организираше руската амбасада. Во мај лани, Стоилковиќ учествуваше на меѓународниот безбедносен форум во Москва.
Шабан Салиу, министер за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
ШАБАН САЛИУ – МИНИСТЕР ЗАДОЛЖЕН ЗА ИНТЕГРАЦИЈА И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ДЕКАДАТА НА РОМИТЕ
Шабан Салиу е роден во Скопје на 6 јануари 1961 година. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Правниот факултет и положува правосуден испит. Од 1990 до 1995 бил генерален секретар на ПЦЕР, а од 1995 и Претседател на огранокот на ПЦЕР во Гостивар. Салиу е Потпретседател на Сојузот на Ромите на Македонија. Од 2006 до 2008 година е член на македонското собрание како пратеник на Демократските сили на Ромите. Со години беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој ќе се залага за подобрување на економската и на политичката состојба на Ромите во Македонија.
„Ромите од сегашната состојба во Република Македонија не се задоволни. Она што можам да го кажам е дека живеат на маргините на општеството без почитување на основниот принцип на еднаквост пред Уставот и законите. Токму затоа потребно е поголемо залагање од надлежните, па дури и од претседателот на државата. Досега она што можевме да го видиме е само формално правна еднаквост, еднаквост само на хартија“, вели Салиу.
МИНИСТРИ НА „ВРЕДИ“
Партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата „Вреди“, ќе има двајца министри: Фатмир Лимани – министер за социјална политика, демографија и млади и Бесар Дурмиши – министер за економија и труд.
Фатмир Лимани важи за интересен лик на политичката сцена и идеолог на БЕСА. Внук на Али Ахмети кој „се одроди“ од семејството и премина во БЕСА. Тој долго време беше заменик-директор на ЕЛЕМ како кадар на ДУИ, на претходните локални избори беше независен кандидат за градоначалник на Кичево, па премина во опозициската БЕСА. Често ги критикува ДУИ и семејството Ахмети и начинот на стекнување на нивното огромно богатство. Во неговата биографија, освен заменик директорското место во ЕЛЕМ, стои дека од 2007-2011 бил член на Надзорниот одбор во АД МЕПСО, а од 2005 до 2007 година бил управител на бензинската пумпа „Голден ОИЛ“. Тој е дипломиран професор по историја на ДУТ и течно зборува албански, македонски и германски јазик.
Новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши ќе има тешка задача, да раководи со споеното министерство во кое ќе влезат некои надлежности од економија и делот труд кој беше издвоен во посебно министерство. Во неговата биографија стои дека е дипломиран економист на ДУТ, специјалистички студии завршил на Американ Колеџ во Скопје, а моментално посетува магистерски студии во Приштина. Од 2017 – 2021 е советник во општина Тетово, а од 2021-вата е претседател на Советот на Општината.
Алтернатива, во Владата ќе ја претставува Орхан Муртезани кој ќе биде министер за европски прашања. Ова е своевиден трансфер од вообичаените економски позиции што тој ги имаше во минатото. Орхан Муртезани е долгогодишен портпарол и еден од основачите на Алтернатива. Роден е во Сарај, Скопје. По професија е економист, дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, додека постдипломските студии ги продолжил во Универзитетот ‘„Мармара’’ во Истанбул во отсекот Менаџмент и организација. Течно зборува англиски и турски јазик, а порано беше генерален директор на Македонски железници – Транспорт и директор на АД МЕПСО од 2021-2023 година. Има и приватна компанија, соосновач е на ОКИ ТРАНС ЛОГИСТИКС.
Арбен Таравари ќе стане повторно министер за здравство. Арбен Таравари е името кое граѓаните најмногу го познаваат како докторот од Клиниката за неврологија. Со политичката партија Алијанса на Албанците беше и министер за здравство и актуелен градоначалник на општина Гостивар. Во претседателската трка, како кандидат често беше заплашуван од конкуренцијата. Свежи се сеќавањата за оставениот куршум пред неговиот куќен праг и за „историската разделба“ со Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија. По долгогодишното членство во ДУИ и неколкуте мандати како градоначалник на Чаир, станува дел од незадоволните членови на партијата или популарните „Огнени“, по што раскрстува со ДУИ и ја формира Демократско движење. За првпат ќе седне на вицепремиерското и министерско столче.
МИНИСТРИ НА „ЗНАМ“
Игор Филков ќе ја претставува партијата ЗНАМ во Владата како министер за правда, а Горан Минчев ќе биде министер за јавна администрација.
Филков (1979) е дипломиран правник. Доаѓа од приватниот сектор. Неговото работно искуство вклучува работа во НВО, проекти, управител на бизнис, консултант.
Горан Минчев, роден 1973 година во Скопје е дипломиран економист, генерален секретар на движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Тој беше народен избраник, односно пратеник во периодот 2008–2014 година од страна на СДСМ. Бил директор на Службата за општи и заеднички работи во периодот 2003–2006 година и заменик-директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од 2002 до 2003 година.