Во најмала мера сомнителен, во најголема криминален – скандалозниот договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ја отвори пандорината кутија. Откако беше посочено дека ќе се потрошат една милијарда и триста милиони евра за изградба на неколку автопатишта низ земјава по должина на коридорите 8 и 10, многумина почнаа да поставуваат прашања. На кој начин биле избрани токму договорените патишта да бидат реконструирани или изградени? Дали биле до толку приоритет или, пак, зад овој процес се кријат коруптивни бизнис-интереси? Граѓаните во голема мера се незадоволни од квалитетот на патиштата во земјава. Дополнително, тие бавно се обновуваат. Сепак, парите од патарините кои секоја година се собираат се сѐ поголеми, а давачките за граѓаните повисоки. Се вложуваат ли парите од патарините на вистинските места и каква е моменталната состојба на патиштата во Македонија?
Силна градежна офанзива, изградба на модерна, квалитетна и безбедна патна инфраструктура – ова се ветувањата на сите влади што досега донесуваа економски одлуки во земјава. Граѓаните се надеваа, бизнисмените алармираа изградбата да се одвива брзо за да се забрза и за да се олесни транспортот на стоки. И покрај напорите, ефектите беа минимални. Реализацијата на капиталните инвестиции во делот на патничкото и на железничко поврзување со соседните држави тапкаше во место. Надлежните се правдаа, а предвидените пари речиси секогаш и без исклучок беа пренаменувани за други проекти, како, на пример, повисоки плати за администрацијата или примања за пензионерите.
„Бехтел и Енка“
Во последниве пет години, единствените посериозни завршени инвестиции во патничката инфраструктура се автопатските делници Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип, како и експресниот пат Штип – Радовиш. Други поголеми и позначајни проекти нема. Токму затоа, кога беше соопштено дека со американско-турската групација се склучил договор за изградба на неколку делници, надежта проработе. Сепак, луѓето беа скептични. Наместо на тендер, фирмата беше одбрана одеднаш преку преговори. Владата објави дека се преговарало две години. Изборот на фирми и склучувањето договори во четири очи е редовна практика во Македонија, која најчесто упатува на бројни доцнења во изградбата, напуштање на проектите од страна на инвеститорите, сомнежи за високи провизии и корупција и дефинитивно неквалитетна градба.
Особено внимание привлече инсистирањето на Владата да се променат неколку законски решенија во корист исклучиво на „Бехтел и Енка“. Кон средината на месецов, Собранието сѐ уште ги нема донесено и усвоено овие измени, а претседателот на државата, Стево Пендаровски, истакна дека дури и да се случи тоа, тој нема да ги потпише указите за нивна правосилност. Откако претходно опозицијата го кочеше усвојувањето на овие законски решенија алармирајќи дека се работи за крајно штетни и финансиски неисплатливи договори со американската компанија, Владата, и покрај критиките, „ги протна“ со европско знаменце за да ја забрза процедурата и што побрзо да ја „израдува“ компанијата „Бехтел и Енка“ за да почне побрзо да гради.
Потпишување договор со „Бехтел и Енка“ | Извор: ЈПДП
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека непотребно се создава хистерија. Вкупната должина на делниците опфатени со овие коридори била речиси 110 километри, а ако се знаело дека во изминатите децении во земјата биле изградени 186 километри патишта, со овој договор за пет години ќе биле изградени 110 километри, што било голема разлика и прогрес во делот на нискоградбата.
Сомнителен договор
И додека законите за „Бехтел и Енка“ се туркаат насила, надвор од сите процедури, на синдикатите во очи им падна одредбата да се работи повеќе од 60 часа, исклучиво за работниците на овие делници и тоа во недела, кој во земјава важи за неработен ден. Синдикатите реагираа дека повторно во игра се враќа експлоатацијата на работниците. Власта, пак, коментираше дека ниту едно од овие обвинувања не е точно. Во законот никаде не фигурирало дека работниците ќе работат 60 или 72 часа неделно. Обвини дека опозицијата само ги заплашува луѓето. Законот предвидувал дека само со писмена согласност работниците ќе може да работат прекувремено. Сепак, опозицијата се пожали дека Договорот со „Бехтел и Енка“ не требал да биде таен туку достапен за јавноста и дека државата потпишала и се обврзала да плати над 50 милиони евра само за пенали ако не се овозможи навреме продолжување и прекувремена работа и до 60 часа неделно.
Скандалозен беше и изборот на подизведувачите и на надзорот. Медиумите и опозицијата изразија сомнежи во врска со кредибилитетот на фирмите-консултанти. Од четири фирми, три се спорни според медиумите. Фирмата „Електра солушн“, која доби најголем дел од тендерот за надзор над градежните работи на „Бехтел и Енка“, иако до неодамна произведувала долна облека, само еден ден откако ја добила лиценцата за надзор, добила грант од Фондот за иновации од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“.
Владата уверува дека во договорот со „Бехтел и Енка“ нема ништо спорно. Надзорот на патиштата - трн во око на јавноста | Извор: ЈПДП
Спорна беше и „Ептиса“. Опозицијата обвини дека се работи за скандалозна фирма со кинески капитал и со ангажирано лице што е македонски државјанин гонет за криминал во Ерменија. Елементи на корупција се најдоа и во предвидените превисоки хонорари за луѓето кои ќе бидат ангажирани на проектот. Хонорарите и десеткратно ги надминуваат вкупните суми кои професионалци поединечно ги земаат работејќи во приватни компании во Македонија.
И покрај сѐ, извесно е дека на ваков или онаков начин, сите препреки ќе бидат прескокнати, а проектите ќе се реализираат. Завршувањето е предвидено за 5 години. Американско-турскиот конзорциум ќе наплаќа по 20 милиони евра за еден километар изграден автопат.
Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар (над 17 километри) и на делницата Прилеп – Битола (40 километри) од Коридорот 10-д.
Во каква состојба се патиштата кои ќе ги реконструира компанијата „Бехтел и Енка“?
Санација на патот Струга - Ќафасан | Извор: ЈПДП
Струга – Ќафасан
Магистралата Струга – Ќафасан се наоѓа во многу лоша состојба. Патот е небезбеден, полн со пукнатини, дупки и нерамнини. Додека соседна Албанија на големо инвестира во обнова на патиштата кон границата со Македонија, со нас тоа не е случај. Честите сообраќајни несреќи и оштетувања на автомобилите, како и отежнатиот транспорт на стоки преку овој премин ги револтира граѓаните.
Стружани неколку пати организираа и протести за реконструкција на делницата. Фреквенцијата на возила на овој патен правец е голема, особено во текот на летната сезона, но возењето е целосно небезбедно.
Моментално се врши санација на овој магистрален пат. Рехабилитацијата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, се реализира во должина од 19,3 километри, на потег од кружниот тек Подмолје до граничниот премин Ќафасан. Според информацијата, предвидена е целосна рехабилитација на патниот правец со поставување нов асфалт, инвестиција вредна осум милиони евра. До есен треба да заврши реконструкцијата на оваа делница. „Бехтел и Енка“ треба да го претворат овој правец во автопатски со најсовремени сообраќајни безбедносни решенија.
Поврзувањето на Прилеп и Битола ќе стане автопатско | Извор: маркукуле.мк
Прилеп – Битола
Автопат наречен желба. Со години се дебатираше дали треба оваа делница да биде автопатска или пак да се сведе само на експресен пат. Експресниот е далеку поевтин од автопатот, но сепак, патот Прилеп – Битола се наоѓа на кракот Д од паневропскиот Коридор 10, кој завршува во грчкото пристаниште Игуменица и заслужува автопатско решение.
Договорот со „Бехтел и Енка“ е трета среќа, по два пропаднати обида за негова реконструкција. Станува збор за делница долга 39,3 километри, која ќе се гради 57 месеци. Според Владата, просечната цена по изграден километар ќе чини 12 милиони евра, односно вкупната сума за автопатот Прилеп – Битола би била околу 472 милиони евра.
Закрпени дупки на патот Тетово - Гостивар | Извор: Слободен печат
Тетово – Гостивар – Кичево
Девет од десетте најфреквентни патишта во земјава се изградени како автопати, а најмногу возила се регистрирани на автопатот Тетово – Гостивар. Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, бројот на регистрирани возила на дневна основа на автопатот Тетово – Гостивар изнесувал 16.300 возила.
Патот Тетово – Гостивар тешко се санира, а неодржувањето резултирало со лоша состојба на коловозните ленти. Тој е експресен пат, кој треба да се реконструира и да се прошири како вистински автопат. Иако изграден пред 20-ина години, на него се наплаќаат две патарини, но е во лоша состојба. Патот има четири коловозни ленти и дупки по речиси целата должина. На места има длабоки траги на коловозот. Овој проблем особено доаѓа до израз кога има обилни дождови бидејќи возилата тешко возат по водата што се насобира во нив.
Власта тврди дека оваа делница треба да премине во автопатска бидејќи фреквенцијата на возила е преголема, особено во летните месеци, кога сите патуваат до и кон Охрид. Токму лете патот е претесен, метежот преголем и колоните возила предолги. Патот Тетово – Гостивар има значење и за создавањето на паневропските патни коридори за поврзување со оглед дека е дел од Коридорот 8, правец кој ги спојува Јадранското Море од Драч и Црното Море кај Варна.
58 милиони евра само за камати и за провизии
Се земале кредити, се зголемиле трошоците, а патиштата и пругите никаде ги нема. Ова лани го констатираше државната ревизија по анализата на 11 инфраструктурни проекти. Ревизорите утврдиле дека државата енормно се задолжила за да ги заврши, искористила дел од парите, а сликата на терен покажува или застој или бавна динамика на градење. За разни камати, провизии и казни за неповлечени средства се потрошиле дури 58 милиони евра.
Убедливо најпоразувачки се податоците за изградбата на автопатот Кичево – Охрид. И по 5 анекси на основниот договор, сумата само пораснала, роковите биле продолжени, а на изградбата не ѝ се гледа крајот. За негово завршување, беа позајмени 685 милиони долари, а притоа биле направени разни трошоци од дури 38,6 милиони долари.
Втора со најкатастрофална реализација е Програмата за национални патишта. За да се подобри патната инфраструктура, биле позајмени 180 милиони евра, од кои се повлечени 90 милиони, а направените трошоци се 7 милиони евра. Најголем дел од патиштата кои се реализираат преку ЈП за државни патишта, се почнати во периодот 2014 – 2016 година, но ревизорите утврдиле дека компанијата нема доволно средства, што доведува до неизвесност на изградбата.
Рекордна наплата на патарини
Бавно се градат и другите патишта, важно патарини се наплатуваат
Не се само четирите патни правци на „Бехтел и Енка“ кои „плачат“ за реновирање и за проширување. За автопатската делница Кичево – Охрид, која стана веќе историски најдолго градена, сѐ уште се зборува и се ветува кога ќе се заврши, а граѓаните стравуваат колку воопшто ќе биде квалитетен и безбеден сообраќајот по неа, по сите направени пропусти и одолговлекувања.
Она што е важно е дека патарините рушат рекорди, но парите од нив каде и како се вложуваат е многу дискутабилно прашање.
Низ патарините на Коридорите 8 и 10 лани транзитирале 52 милиони возила, при што е остварен вкупен приход од 53 милиони евра, што претставува зголемување за 15 проценти. Граѓаните сѐ уште го преферираат плаќањето во готово со нешто над 55 проценти, но во подем е и електронската наплата, која учествува со околу 30 проценти во вкупната наплата, додека безготовинското плаќање со платежни картички е околу 15 проценти.
„Споредбено по години, бројките се движеле во нагорна линија, па така во 2019 година, остварен е вкупен промет од 43.607.588 евра, во 2020 година, во услови на пандемија и намален сообраќај, забележавме промет од 34.029.562 евра, во 2021 година, од 46.401.122 евра. И оваа, 2023 година проекциите се движат во нагорна линија, па очекуваме приход од околу 56 милиони евра“, изјави неодамна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
На новите патарини, Преод и Кадрифаково на патниот правец Миладиновци – Свети Николе – Штип, кои беа пуштени во минатото лето, наплатата изнесува 85.599.333 денари, односно 72.861.770 денари.
Најмногу пари се собрале на патарината Романовце, каде што остварениот промет изнесува 400.174.788,00 денари. Од наплатата на патарината на Миладиновци се инкасирани 266.361.767 денари, Глумово 258.299.622, Градско 248.125.247 денари, Желино 244.476.653 денари, Гевгелија 236.866.875 денари, Петровец 205.967.358 денари, Тетово 201.158.821 денари, Сопот 195.984.192 денари, Отовица 188.054.352 денари, Демир Капија 172.813.622 денари и Гостивар 164.536.337 денари.