Готвачи, келнери, возачи, медицински сестри, но и доктори специјалисти. Одливот на работна сила од нашата земја стана сериозен проблем во сите сектори, а најмногу се чувствува за време на летниот период. Ако анализираме, ќе забележиме дека готвачи и келнери се бараат најчесто од април до октомври. Оваа сезонска работа во поново време стана животна определба за многу македонски семејства, но и за лица кои сами одлучуваат да заминат на работа надвор од државата. Сѐ почесто се случува и групирање, односно едно лице, по искуство од претходната година, со себе поведува пријатели кои би работеле во истата држава и град. За овие работни позиции, најголема закана за Македонија се земјите од регионот како Хрватска и Словенија. Овие држави уште во март годинава објавија огласи за различни работни позиции. До огласите, покрај преку социјалните мрежи, можеше да се стигне и преку агенции специјализирани да нудат работа во странство. Па така, оваа сезона за 40 часа неделно, почетна плата за готвач кој првпат доаѓа на таа работна позиција во Словенија беше 800 евра, во Хрватска 750 евра, а за келнери, почетната плата беше 500 евра. Оние кои успеваат повторно да ја договорат истата позиција од претходната година, добиваат двојно повисока плата. Но, покрај месечните примања, овие земји нудат и дополнителни примамливи услови. Односно сезонски бонус од илјада евра, награда за лојалност од 530 евра, како и целосно покриени оброци во текот на денот.
Покрај во туризмот, се бара и стручен кадар во фабрики и автомеханичари со почетна плата 1.300 евра и со обезбедено сместување.
Но, најголема болка за нашата држава е медицинскиот кадар. Сѐ поголем е бројот на медицински сестри кои заминуваат од нашата држава во земјите од регионот, но и во европските земји, за двојно повисока плата и подобри услови за работа. Своите работни места ги напуштаат и докторите специјалисти кои во регионот заработуваат почетна месечна плата од 2.500 евра.
Еден таков пример, каде што може да се аплицира за работа во една од земјите во соседството е неодамна промоцијата која ја организираше словенечката амбасада во Скопје и во Битола. Сите отворени работни позиции во Словенија беа промовирани од страна на Заводот за вработување на оваа држава. Десетици словенечки работодавачи се обидоа да ги привлечат македонските граѓани преку своите понуди за вработување да аплицираат за работна позиција во Словенија. Покрај во угостителството и здравството, се бараа работници во ИТ-секторот, градежништвото, транспортот и во туризмот. Платите кои се нудат се од 1.200 до 2.500 евра.
Во земјава во моментов недостигаат близу педесет илјади работници, најмногу стручни кадри во производството и во угостителството. Најголемиот пад се чувствува од 2019 година, кога според Државниот завод за статистика, бројот на вработени бил 798 илјади, додека во 2022 година, тој изнесувал 692 илјади, или над сто илјади работници помалку за само три години. Најмногу работници изгубиле секторите земјоделство, индустрија и трговија.
Амбасадата на Словенија во Македонија организираше промоција за аплицирање за работа | Извор: sdk.com.mk
Иако Владата постојано се фали со зголемување на минималната, па и на просечната плата, која во изминатите пет години е зголемена за 44 отсто, сепак експертите за човечки ресурси сметаат дека се поважни условите кои ги нудат работодавачите. Според нив, особено важно е работното опкружување и работната средина: како се менаџираат работите во компанијата, можноста за напредување и соодветното работно време што ќе им овозможи приватен живот. Но, сѐ почест пример во нашата држава е и потценувањето на работникот и мобингот. Консултантот за претприемништво, Синиша Пекевски, вели дека е навистина голем предизвик македонските компании да најдат соодветен кадар кој би го вработиле и би го задржале на работа. Причините за тоа се многу, но една посебно се издвојува: тоа е функционирање на системот во една држава и квалитетот на живот.
„Не станува веќе збор за тоа колкава ќе биде висината на платата, туку станува збор за целокупното опкружување во општеството кое е во катастрофална состојба. Дополнително, висината на платата е предизвик и македонските компании сѐ уште не сакаат навистина да ја платат цената на квалитетен кадар, освен во ИТ-индустријата. Поради тоа има одлив на кадар надвор од Македонија. Сѐ додека не се среди политичката ситуација во државата, не може да сметаме дека ќе се надмине тој предизвик. Луѓето, а посебно младите, сакаат квалитетен живот, а тоа подразбира добри услови на работа, владеење на правото, чист воздух, нормален сообраќај, незагаден воздух“, смета Пекевски.
Според него македонската Влада со итни мерки треба да го спречи одливот на стручен кадар надвор од нашата држава.
Пекевски: „Македонската влада треба да земе позитивен пример од друга земја за да најде решение за одлив на работната сила.“
„Македонската Влада само треба да следи што направиле државите кои се соочиле со ваков предизвик и го надминале. Случајот со Ирска, на пример, со основањето на фондот за млади, успеале да ги вратат младите нудејќи им исти или слични плати како во развиените држави, што придонело да се надмине тој проблем. Но, тоа што нас нѐ става во негативна ситуација е тоа што во Ирска имало систем кој функционирал и право кое владеело, за разлика од кај нас, каде што не постои ниту систем ниту владеење на правото. Додека не се направи и воспостави систем, илузорно е да зборуваме за напредок и надминување на предизвикот со емиграција на младите“, вели тој.
Македонските компании постојано се жалат дека нема доволно кадар за работа. Ниту во угостителските објекти, ниту во фабриките, ниту во здравството. Голем дел од нив сметаат дека ги нудат сите неопходни услови за работа, а платата според соодветната заработувачка.
Вицепремиерот Битиќи, пак, смета дека решенијата треба да се бараат кај граѓаните. Тој неодамна токму на оваа тема рече дека македонските граѓани треба да вложуваат повеќе во себе за да одговорат на работните позиции кои ги бара приватниот сектор.
„Мора да сфатиме дека доживотното учење не е само на хартија и на зборови, туку треба да се докфалификуваме и да се преквалификуваме, да сме во тек со работните места кои се отвораат. Работни места што постоеле пред 30 години, веќе ги нема, се бараат нови вештини и знаења. Владата никогаш не била тука да носи некого на грб, туку креира можности. Додека ние зборуваме, приватниот сектор ги наоѓа решенијата сами“, вели Битиќи.
Работата во странство станува сѐ полесно достапна | Извор: samru.ca
И додека во Македонија компаниите се оставени сами да се справуваат со економската криза, која од една страна им ги ограничува ресурсите за работа и од друга страна кадарот, граѓаните сѐ по храбро се одлучуваат да побараат работа надвор од границите. Многу едноставно, работа во странство е достапна и преку европскиот веб-портал ec.europa.eu/eures. Во моментов, преку овој линк, има достапност до повеќе од 5 милиони отворени работни позиции во 31 земја. Потрагата по работа може да се види по сектор или по позиција.
Така на пример, за продажба во продавници има отворени сто единаесет илјади работни позиции во речиси сите европски земји. Се бараат повеќе од седумдесет и четири илјади медицински сестри и повеќе од педесет илјади градежници.
Бизнисот досега неколкупати побара либерализација на пазарот на трудот, што би значело увоз на работна сила. Бизнисмените чии фирми се од трудоинтензивните дејности, единственото решение за дефицитот на кадар го гледаат во увоз на работна сила.
„Потребно е постепено либерализирање на пазарот на трудот со увоз на странски работници, затоа што многу компании од градежната индустрија имаа проблеми, особено лани, кога квотата за вработување странци беше исполнета многу пред истекот на годината“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Од Владата информираа дека од почетокот на годинава, преку три илјади странски граѓани добиле дозвола да работат во земјава, а годишната квота, како што посочи, е пет илјади. Земјава планира „увоз“ на работна сила, а најмногу кадар недостига во туризмот и во градежништвото. Но, сепак, останува отворено прашањето дали македонските компаниите ќе можат да ги понудат соодветните услови за работа во време на најголемата економска криза?