Нова година, но со стари проблеми. И во 2023 реалност за граѓаните и за стопанството ќе бидат недостигот од инвестиции, огромната инфлација, слабите економски активности. Паднаа во вода надежите дека преткризните нивоа ќе се достигнат во 2023 година. За што побрзо оправување на економијата, неопходно е да станеме отпорни на ризиците однадвор, но со оглед на тоа што сме земја зависна од увоз, очигледно и тоа ќе ни оди тешко. Додека меѓународните финансиски институции почнаа да излегуваат со поскромни проекции за перформансите на македонската економија, Владата и понатаму демонстрира позитивност и има надежи дека планираното овој пат би можело и да се оствари.
Намалени проекции
Веќе е јасно дека плановите за стабилен економски раст од 4% до 5% на среден рок се невозможни. Прво, пандемијата со Ковид-19, а сега и последиците од војната во Украина си го направија своето. И покрај бројните ризици, Владата скрои рекорден буџет „тежок“ 5,3 милијарди евра, базиран врз проекции за економски раст од 2,9%, преполовена инфлација од годинешната од 7,1% и дефицит од 4,6%. Надлежните не исклучија краткотрајна техничка рецесија, но велат дека тоа би можело да биде само привремено бидејќи во втората половина од годинава се очекува оправување на стопанството.
Експертите, пак, не се баш големи оптимисти. Велат дека никој не може да предвиди што ќе се случува на светските берзи, на кои индексите за нафтата, храната и за енергенсите цело време варираат поради геополитичките случувања. Велат, состојбата во Македонија главно ќе зависи од онаа во Европската Унија, особено во Германија како наш најголем трговски партнер.
Бизнисот е дециден: или помош или половина од фирмите ќе затворат. Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, алармираше дека 2022 година бизнисот некако ја преживеал, но во 2023 година или ќе се оди напред или ќе пропаднеме. Јасно е дека изминатата, 2022 година, беше слаба економска година, што ќе треба брзо да се надмине. Азески најавува дека во средината на јануари во 2023 година, Комората ќе организира традиционална конференција на која политичките партии се очекува да потпишат своевиден рамковен договор за економските реформи што треба да се спроведуваат во земјава најмалку во следните 10 години, и тоа да се направи во соработка со науката и со бизнисот.
ПРОЕКЦИИ НА ВЛАДА ЗА 2023 ГОДИНА
ЕКОНОМСКИ РАСТ | 2,9% |
ИНФЛАЦИЈА | 7,1% |
БУЏЕТСКИ ДЕФИЦИТ | 4,6% ОД БДП |
ЈАВЕН ДОЛГ | 64,4% ОД БДП (8,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА) |
„Наместо отворени граници, од 2023 година ќе очекуваме ,војна за таблици‘. Наместо војни во вселената, добивме уништување на ,зелената‘ (агенда ли е, платформа ли е, трева ли е…). Што зборува сето тоа? За граѓаните не знам. За компаниите, непредвидливост и катастрофа“, вели Азески.
И од другите стопански комори очекуваат Владата да се фокусира на намалување на сивата економија, на реализација на предвидените странски инвестиции, но и на структурни економски реформи со цел создавање подобри услови за развој на бизнисот.
„Имаме значителен раст на бројот на згаснати компании и ова е друг показател на ситуацијата во која се наоѓа бизнисот. Сметаме дека државата многу зема од приватниот сектор, но не дава во иста мера за возврат, особено сега кога е најпотребно. Токму кога очекувањата на бизнисот се позитивни за 2023 година, во која се очекува ублажување на инфлацијата, Владата презентира идеи за дополнителни даноци и даночни реформи што ја убиваат желбата за водење бизнис во нашата земја во време кога ни е најпотребно да се стимулираат бизнисите, но и младите да ги реализираат своите бизнис-идеи и да го зголемат бројот на деловните субјекти во земјата“, вели Дрилон Исени од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Енергетската криза премногу удри врз државниот буџет. Бизнисот очекувано бара поголеми инвестиции во обновливите извори на енергија за да се намалат значително трошоците за оваа намена.
„Енергетската криза нашата земја ја чини и до 700 милиони евра, што е преголема сума. Затоа е потребно да се искористи големиот потенцијал за инвестирање во обновливите извори на енергија. Интерес за инвестиции во овој сектор има како кај домашни, така и кај странски инвеститори. Бенефитот од зелената енергија е во тоа што цената за мегават час електрична енергија произведен од обновливи извори на енергија, во текот на 20 години колку што е нивниот употреблив век чини 40 евра, наспроти 220 или 260 евра, колку што се плаќа сега струјата што ја купуваат компаниите. Исто така е важно е да им се овозможи на компаниите што се на регулираниот пазар да произведуваат електрична енергија од обновливи извори и да може да ги продадат евентуалните вишоци“, вели Трајан Ангелоски од Сојузот на стопанските комори.
Светската банка веќе трет пат ја намалува проекцијата за раст на Македонија
Од стартот на војната во Украина во минатата пролет, Светска банка веќе трет пат ја намалува проекцијата за економски раст на земјава во 2023 година. Од 3,1% во јуни лани ја намали на 2,7 во октомври, а сега и на 2,4%. Во најновиот извештај за глобалните перспективи што излезе кон средината на јануари, се проценува дека економијата на Македонија пораснала за 2,1 отсто во 2022 година и дека ќе забрза до 2,7% во 2024. Намалени се проекциите и за целиот регион на Западен Балкан.
„Во Западен Балкан се предвидува растот да забави до скромни 2,5% во 2023 година, иако пристапните реформи за влез во ЕУ и инвестициите ги ублажуваат негативните ефекти од високите цени на енергијата и на храната, нарушувањата на трговските и на инвестициските текови и прелевањата од забавувањето во еврозоната. Постои значителна политичка неизвесност, со ризик парламентарните ќорсокаци да предизвикаат доцнење во спроведувањето на реформите, и на тој начин да се спречи ефикасна апсорпција на поврзаните средства во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Северна Македонија“, пишува Светска банка.
Отприлика на иста линија со Светска банка е и Народната банка, која во ноември излезе со две сценарија за раст годинава од 2,6%, односно 1,8% во зависност од тоа како ќе закрепнува економијата. Владата, пак, го креираше буџетот за годинава врз основа на прогнози за економски раст од 2,9%.
Инаку Светска банка ги ревидираше надолу проекциите за перформансите на економијата не само за Македонија, туку и за сите држави во регионот. Притоа, најлошо од првичните очекувања ќе поминат Хрватска, која ќе има најнизок раст од само 0,8% и Бугарија со раст од 1,7%. Економијата на Албанија треба да порасне за 2,2%, на Србија за 2,3%, на Босна и Херцеговина за 2,5% и на Црна Гора за 3,4%. Најголем раст во регионот се очекува за Косово од 3,7%.
ПРОЕКЦИИ НА СВЕТСКА БАНКА ЗА РАСТ ВО 2023
ХРВАТСКА | 0,8% |
БУГАРИЈА | 1,7% |
АЛБАНИЈА | 2,2% |
СРБИЈА | 2,3% |
МАКЕДОНИЈА | 2,4% |
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА | 2,5% |
ЦРНА ГОРА | 3,4% |
КОСОВО | 3,7% |
Светска банка во последниот извештај нотира дека на развиените економии им се заканува рецесија. Банката ги намали проекциите за раст на глобалната економија од 3 на 1,7%. Притоа долгорочното забавување на стопанствата остро ќе удри врз државите во развој. Главните ризици се поврзани со продолжување на војната во Украина, огромната инфлација, високите каматни стапки и намалените инвестиции.
Песимистички прогнози и на Меѓународниот монетарен фонд – третина од светот ќе биде во рецесија
Најлошото допрва доаѓа, барем според Меѓународниот монетарен фонд. 2023 година ќе биде тешка, а третина од светската економија ќе биде во рецесија – предупреди директорката на ММФ, Кристалина Георгиева. Според неа, годинава ќе биде уште потешка од претходната бидејќи забавување на економските активности се забележуваат во САД, ЕУ и во Кина. Дури и во државите каде што ќе нема рецесија, стопанството и граѓаните ќе ја почувствуваат кризата што ќе се прелее и во нивните економии. Георгиева рече дека ММФ очекува втората најсилна светска економија, Кина, да порасне под или да биде на нивото на глобалниот економски раст за првпат во последните 40 години. Стопанството на земјата е под влијание на порастот на заболени од Ковид откако беа укинати строгите мерки и напуштањето на политиката „нулта ковид“.
„Трите најголеми економии, САД, Европската Унија и Кина забавуваат истовремено. Очекуваме една третина од светската економија да биде во рецесија. Дури и во земјите што нема да бидат во минус, тоа ќе изгледа како рецесија за стотици милиони луѓе. Економијата на САД е најотпорна, таа може и да избегне рецесија. Гледаме дека пазарот на труд останува силен. ФЕД можеби ќе треба да води остра монетарна политика подолго за да ја намали инфлацијата. ЕУ е силно погодена од војната во Украина. Половината од Европската Унија ќе биде во рецесија годинава. Економијата на Кина дополнително ќе забави. 2023 година ќе биде тешка за Кина“, вели Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд.
Пред неколку месеци, ММФ ја намали својата проекција за глобалниот економски раст годинава на 2,7% поради последиците од војната во Украина, високата инфлација и поради високите каматни стапки. Ова е најлоша прогноза во последниве 22 години, со исклучок на годините на пандемијата и на светската финансиска криза. Фондот, пак, смета дека глобалната инфлација ќе се намали од 8,8% лани на 6,5% во 2023 година. Светските случувања секако нема да ја одминат Македонија.
Владата очекува преполовување на инфлацијата
Владата оптимистички очекува годинава инфлацијата да се преполови од 14,2 на 7,1%. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека нема голем простор за радост и за маневар за регулирање на цените. Цените благо ќе почнат да се намалуваат, но инфлацијата ќе остане висока и ќе продолжи да се мери во двоцифрени бројки. Некои основни прехранбени производи ќе ги задржат двојно поголемите цени во 2023 година. Според аналитичарот Бранимир Јовановиќ, инфлацијата ќе падне на 10% годинава, што, вели, не е малку за веќе осиромашениот народ. Поради пролонгирањето на војната во Украина, додава сека никој не може точно да предвиди како ќе се движат цените на храната, нафтата и на енергенсите во наредниот период.
„Речиси сите институции и експерти алармираат дека европската економија ќе западне во криза. Многумина сметаат дека БДП на ЕУ ќе има дури и пад. Тоа значи дека некои големи промени кога е инфлацијата во прашање не треба да се очекуваат. Инфлацијата почна веќе да забавува, за нијанса е пониска во ноември и во декември. Во наредните месеци веројатно ќе се намалува, но сепак ќе остане двоцифрена во најголем дел од следната година“, вели Јовановиќ.
Според него, ништо посебно не би требало да се очекува со моменталните владини мерки за сузбивање на инфлацијата. И покрај поевтинувањето на струјата за прехранбените компании, алчноста на трговците била преголема, па ако инспекторите не излезат на терен за да казнуваат, цените ќе останеле вештачки напумпани. Според него, неопходно е Владата да креира мерки за помош на најзагрозените категории на граѓани, бидејќи во спротивно сиромаштијата во земјава нагло ќе се зголеми.
„Ако не се преземат соодветни мерки, бројот на сиромашни во Македонија ќе порасне за 70 илјади. Моментално имаме над 400 илјади сиромашни. Тоа значи дека веројатно ќе се зголеми бројот на сиромашни луѓе за 20%. Тоа е големо покачување во период од една година поради превисоките цени.
ДРЖАВА | ГОДИШНА ИНФЛАЦИЈА |
ЦРНА ГОРА | 17,5% (НОЕМВРИ) |
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА | 16,3% (НОЕМВРИ) |
МАКЕДОНИЈА | 14,2% |
ХРВАТСКА | 13,5% |
СРБИЈА | 11,9% |
КОСОВО | 11,6% |
СЛОВЕНИЈА | 10,8% |
ГРЦИЈА | 7,6% |
АЛБАНИЈА | 6,7% |