Ребаланс на буџетот: Ќе има повеќе пари за општините и бизнисот

Гордана Димитриеска-Кочоска, министер за финансии

„Затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет што е список на желби наместо креиран развој. Предимензионирани плаќања. Економијата е во клиничка смрт“ – вака министерката за финансии ја опиша состојбата на државната каса која ја остави СДСМ. Обвинувања за злоупотреби на пари кон претходната власт, но и презентирање нов буџет во кој има повеќе пари за плати, пензии, за општините и за бизнисот. Новата министерка за финансии имаше тешка задача да ја прекрои државната каса, а во неа, и покрај недомаќинското работење на претходниците, да изнајде пари за предизборните ветувања и да не ги разочара граѓаните и стопанството. Ребалансот на буџетот допрва ќе биде предмет на расправа во Собранието. Се очекува жестока дебата од пратениците.

Сериозни обвинувања кон претходната власт

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска обелодени сериозни и загрижувачки податоци за јавните финансии. Таа дефинитивно ја имаше својата прва и навистина тешка прес-конференција. Набројувањето на злоупотребите на државниот буџет, како што кажа таа, од страна на претходната власт, траеше повеќе од половина час. Според неа, ваквата практика ја оштетила државната каса за енормни 520 милиони евра.

Средства кои требало законски да се испланираат не биле испланирани, не биле исплатени ни доспеаните обврски кон граѓаните и фирмите, а минатата власт не обезбедила ни пари за исплата од мерката „Мој ДДВ“.

Десет милиони евра треба да се платат годинава само за загубени спорови во Стразбур, пари кои не биле предвидени во првичниот буџет. Дополнително, власта на СДСМ и ДУИ не предвидела доволно пари за МТВ, за исплата на мерката за студентски оброк, за одредени локални проекти, немало пари дури ни за плаќање наем на амбасади и дипломатско-конзуларни претставништва. 

Она што е најстрашно е маневарот со исплатата за надоместоци за пензии. Дел од парите за надоместоци за пензии наместо во декември се исплаќале во јануари за да прикаже државата вештачки помал буџетски дефицит за 2023 година.

„Лошата состојба на буџетот ги надмина и нашите очекувања. Затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет што е список на желби наместо планиран развој, економијата е во клиничка смрт. Повеќе од 32 милијарди денари фалеа во буџетот, имаме многу доспеани обврски што не се пријавувани. Понатаму надлежноста е на другите институции“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Во „Национални шуми“, каде што вработените немале земено плата четири месеци, недостигаат од 250 до 300 милиони денари, за „Водовод“ од 60 до 100 милиони денари, а недостигаат и три милијарди и 700 илјади денари за земјоделците. Милијарда и 200 илјади денари треба да се платат и по основ на казни поради тоа што некои од министрите ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот.

Според изнесените податоци од финансии, јавните претпријатија се задолжени во рок од 30 дена да достават извештај од внатрешна ревизија до Владата, а се очекува да постапи и јавното обвинителство.

Џафери како технички премиер незаконски одобрил 250 милиони евра за „Бехтел и Енка“

Недомаќински се планирале исплати и за капиталните инвестиции кои на терен се уште не се ни гледаат.

„Бехтел и Енка“ годинава нема да добијат дополнителни 250 милиони евра за Коридорот 8. Владата го укина заклучокот на кој параф ставил Талат Џафери како технички премиер на 13 јуни, на само десет дена пред крајот на неговиот мандат. Со него турско-американскиот конзорциум пред време требаше добие четврт милијарда евра. Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска истакна дека парите не биле планирани и не биле обезбедени во Буџетот.

Според програмата која е усвоена за изградба на коридорите, овие пари требаше да се трошат за капитални индиректни трошоци, меѓу другото за специјалисти за надгледување на проектот, како и за градежни активности за изградба на траса за делницата Гостивар–Букојчани.

Експертите бараат итна реакција од обвинителството

Обвинителите треба сериозно да ги земат предвид индициите за криминал со државните пари и итно да се отворат постапки за злоупотребите во буџетот – смета аналитичарот Сотир Костов. Тие во наредниот период треба да имаат полни раце работа. Ваквите барања доаѓаат по шокантните тврдења на министерката за финансии за буџетски злоупотреби тешки над 500 милиони евра. Според Костов, неопходна е итна реакција, бидејќи, и претходно се укажувало на одредени неправилности, но според него, обвинителството било неажурно. За техничкиот премиер Талат Џафери, кој потпишал заклучок на Влада за 252 милиони евра за автопатската делница Гостивар–Букојчани, дефинитивно смета дека немал ингеренции да донесе таква одлука за време на неговиот мандат. 

„Овие не само индиции, туку има и основани сомненија дека се сторени кривични дела, само треба некој да си ја врши работата, а тој некој е во обвинителството. Сега треба само да се види дали е Скопското ЈО или Обвинителството за организиран криминал. Техничката влада има ингеренции само да спроведе избори, а не и да прави финансиски трансфери, всушност тоа е и во закон ограничено“, вели аналитичарот Сотир Костов.

Од Јавното обвинителство велат дека согласно член 273 од Законот за кривична постапка, сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, а за кои се известени или за нив дознале на друг начин.

„До овој момент до обвинителството не е доставена таква пријава. Ако биде доставена, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите законски надлежности и ќе преземе дејствија“, велат од Јавното обвинителство.

Расходи - 5,8 милијарди евра, приходи - 5,2 милијарди евра.

Расходи - 5,8 милијарди евра, приходи - 5,2 милијарди евра.

Буџет: расходи 5,85 милијарди евра, приходи 5,15 милиони евра

И покрај лошата стартна основа, новата Влада успеа да ги пополни финансиските дупки, да ги скрати непродуктивните трошоци и да ги пренамени средствата онаму каде што за тоа има потреба. Принудена беше да ги зголеми расходите за 350 милиони евра, на 5,85 милијарди евра, приходите ќе изнесуваат 5,15 милијарди евра, а буџетскиот дефицит се продлабочува од 545 милиони евра на 730 милиони евра или 4,9% од БДП. Јавниот долг ќе мора да скокне од сегашните 62 на 68,2% од БДП. Нереалните проекции на претходната влада, која проектирала буџет за половина, а не за цела година, не ѝ оставија простор за маневар на новата околу прекројувањето на државната каса. Министерката за финансии вели дека обезбедиле пари, кредитот од Унгарија ќе легне на сметка во септември, но дека треба многу да се внимава со трошењето за да не се наруши кредитниот рејтинг на државата. Сѐ уште се прават калкулации дали за догодина ќе се земе заем од Унгарија или ќе се издава еврообврзница, но засега првата варијанта е поисплатлива.

„Ова година нема да имаме проблем, но на 25 јануари доспева за наплата еврообврзница од 500 милиони евра. Ќе ги разгледаме сите опции за задолжување. Нема да бидеме среќни ако мора да издадеме еврообврзница затоа што каматите се високи. Ќе видиме дали може да обезбедиме уште пари по поволни услови од Унгарија, а да легнат во јануари 2025 година“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Поголеми приходи за 2,6%

Владата планира да собере за 2,6% повеќе пари во државната каса и покрај пониските приливи во првите 6 месеци, особено кај ДДВ-то и акциза-та. Планот е да се подобри собирањето на овие два данока и да се зголеми наплатата кај царините за 12%, кај данокот на добивка за 8,4% или за  27 милиони евра, кај данокот на личен доход за 1,4% или за 7 милиони евра. Повеќе пари треба да се соберат и од работниците по основ на пензиско и здравствено осигурување. 364 милиони евра треба да изнесува приливот од административни такси, концесии и неданочни приходи. Од продажба на земјоделско земјиште, општествени станови и дивиденда од Телеком би требало да се соберат 52 милиони евра.

Пензионерите ќе добијат плус 2.500 денари месечно.

Пензионерите ќе добијат плус 2.500 денари месечно.

Прераспределба на 325 милиони евра

Прераспределени се 325 милиони евра. Се кратело секаде каде што можело да се скрати и дел од овие пари се пренаменети за 2.500 денари покачување на примањата на секој пензионер и за речиси 100 милиони евра за капитални проекти за општините. Се обезбедиле дополнителни над 80 милиони евра за зголемувања на пензиите, како и плус 66 милиони евра за исплата на плати. 

Еднократна помош за ЕСМ, за другите долгови фирмата сама ќе се снаоѓа

83 милиони евра ќе се потрошат за отплата на кредитите кон странство што претходната влада со своите директори ги направиле преку државните и јавни претпријатија како ЈПДП, Железници, ЈСП Скопје, Електрани на Македонија кои не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции. 

Во врска со ЕСМ, министерката соопшти дека државата ќе плати еден дел од гаранцијата по основ на долг што на компанијата му доспева во август. Повеќе од тоа, додаде, нема да има трансфер од Буџетот за ЕСМ.

„Еден дел од гаранцијата која им доспева во август ќе платиме ние, останатиот дел ги задолживме да го платат сами. Ќе можат, таму различни ни се ставовите, тие имаат еден став, ние друг. Во овој момент повеќе од тоа нема да има трансфер од буџетот за ЕСМ“, потенцира Димитриеска-Кочоска.

Дел од аналитичарите ја поздравуваат оваа одлука бидејќи сметаат дека овие државни претпријатија се неликвидни и се буре без дно во кое само се одлеваат буџетски пари, а не се нудат квалитетни производи и услуги за граѓаните. Тие сметаат дека конечно треба да се напушти практиката парите да се трошат само на социјални трансфери и помош за јавните претпријатија-загубари, а повеќе да се размислува за развоен буџет кој ќе донесе поголем економски раст.

„Не видов средства за да се поттикне и да се развие еко-системот за стартапи на Македонија, кој би требало да биде двигател на развојот, што значи дека повторно имаме неразвоен буџет, бидејќи најмногу од средствата се одлеваат на плати, придонеси, на покривање нефункционални претпријатија како Македонски пошти, Железници и слично“, вели аналитичарот Синиша Пекевски.

Најголемо е кратењето кај Владата.

Најголемо е кратењето кај Владата.

Најголемо е кратењето кај Владата и кај одбраната

Најголемо е кратењето кај Владата, од 84 милиони евра на 62 милиони евра. Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата се крати од 22 на 19,5 милиони евра. Помалку пари има за Министерството за односи со заедниците и за Министерството за европски прашања. Очекувано, повеќе пари ќе добијат Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Се зголемува буџетот на МВР. Се крати од буџетот на министерството за одбрана од 327 милиони на 293 милиони евра. Кај ОТА, буџетот се крати од над 5 на 3 милиони евра. Помалку пари ќе има и Агенцијата за национална безбедност. Дел од експертите велат дека не е лош потегот да се намалат нивните буџети.

Помалку пари има и за Министерството за економија, кај кое се додава труд, а скратените пари се префрлаат во новото Министерството за енергетика. Исто така, во ова министерство влегуваат и парите за гасификацијата.

Повеќе пари има за претседателот на државата, за Собранието, за МВР и за Државниот завод за ревизија.

Градежниците се оптимисти дека капиталните инвестиции ќе го покренат секторот.

Градежниците се оптимисти дека капиталните инвестиции ќе го покренат секторот.

Градежниците „тријат“ раце

Капиталните инвестиции остануваат на исто ниво од 720 милиони евра, при што имало кратење кај непродуктивните и префрлање на пари кај проектите кои се реализираат. 

Градежниците први се израдуваа што конечно со ребаланс на буџетот не се крати од овие пари, нешто што беше практика во изминатите години. Тие истакнуваат дека во првата половина од годинава ги имале најтешките услови за работа и алармираа за помош, па го поздравија потегот за задржување на слично ниво на капиталните инвестиции од 720 милиони евра. Се надеваат дека ова ќе го поттикне секторот, ќе го издави од криза, а со новите кредити ќе се овозможи развој на компаниите.

„Цениме дека новата Влада ги има согледано состојбите. Сведоци сме дека интензивно се работи во јавните претпријатија, во општините и во министерството и се надеваме и сме сигурни дека по согледување на состојбите, тој ребаланс не е случаен и тој ребаланс ќе биде одлика на сѐ што ќе се случува. Македонските компании ќе бидат двигатели на развојот“, вели Андреа Серафимовски од Здружението за градежништво при Стопанска комора.

Гарантираната минимална социјална помош се зголемува за 13 милиони евра. За здравствена заштита ќе има дополнителни 28 милиони евра, наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски. Индустриските зони ќе добијат плус 16 милиони евра. Земјоделците треба да добијат за 28 милиони евра повеќе пари за субвенции и за исплати. Повеќе пари ќе има и за студентскиот оброк и за стипендии. Предвидена е реализацијата на Проектот за реконструкција на студентските домови, изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта.

Исто така, целосно се укинуваат парите за антиковидните мерки.

„Комплетно се скратени 620 милиони денари од КОВИД-мерките предвидени во Владата и повеќе нема што да стои таква мерка. КОВИД-от е одамна зад нас и им кажав на моите вработени во Министерството, веќе таков опис да не постои. Нема што да зборуваме за КОВИД во 2024 година“, рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката вели дека претходната Влада целосно ги промашила процените за раст на економијата кога првично го креирала буџетот. Растот кој сега се очекува не е 3,4% туку 2,1%. Владата очекува тој да се заснова на поголемото трошење на домаќинствата и на инвестициите на фирмите, со негативен придонес на нето-извозот. Инфлацијата до крајот на годината ќе изнесува 3,5%. 

Мицкоски договори поволен кредит од Унгарија. | Извор: Влада

Мицкоски договори поволен кредит од Унгарија. | Извор: Влада

Јавен долг од 68% од БДП

Она што ги загрижи дел од експертите е зголемување на јавниот долг на над 68% од БДП. Од Владата рекоа дека ова покачување кое ги надминува Мастришките критериуми од 60% задолженост од БДП, според кое треба да се водат креаторите на фискални политики, е направено, пред сѐ, поради лошата ситуација во која ја затекнале државната каса.

Сепак, Владата успеа да најде евтини пари за реализација на предизборните ветувања, и тоа од Унгарија. Преку т.н. специјална економска соработка, обезбедена е отворена рамка за финансирање. Првично, беше договорено да се повлечат 500 милиони евра. Договорот падна во Вашингтон, на средба на премиерот Христијан Мицкоски со неговиот унгарски колега Виктор Орбан. Кредитот се зема под поволни услови, со три години грејс-период и рок на отплата од 12 години, со каматна стапка од 3,25%, најповолна по која можеме да се задолжиме во овој момент на пазарот.

Јавниот долг бил 58% од БДП на крајот од март.

Јавниот долг бил 58% од БДП на крајот од март.

Јавниот долг ќе надмине 9 милијарди евра.

Јавниот долг ќе надмине 9 милијарди евра.

Мицкоски порача дека финансискиот договор со Унгарија вреден половина милијарда евра ќе придонесе за раст на економијата и за зголемен стандард за граѓаните. Ќе помогне за капитални инфраструктурни проекти за локалната самоуправа, а ќе биде од голема помош и за бизнисот. Вели еден од условите ќе биде бизнисот да креира пет илјади нови работни места на годишно ниво, а со оваа финансиска инјекција треба се очекува раст на бизнисот околу пет проценти над инфлацијата. 

„На овој начин, како ни една влада претходно, обезбедуваме 250 милиони евра, бараме исто така од бизнисот да вложи уште толку сопствени средства, значи да имаме некаде инвестициска активност од половина милијарда евра.  250 милиони евра ќе бидат за капитални инвестиции во општините, што значи ќе имаме една активност од 750 милиони евра“, изјави Мицкоски.

Препораки до државните институции

Парите треба рационално да се трошат и да се скратат сите непродуктивни трошења – побара министерката за финансии. Таа издаде и задолженија и препораки за работа до државните институции. 

Меѓу нив се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и над утврдените максимални износи на расходи на среден рок.

Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори треба да побараат мислење од Министерството за финансии. При имплементација на Буџетот, буџетските корисници да не преземаат обврски над обезбедените средства со буџетот за соодветната фискална година.

Оние буџетски корисници кои остваруваат самофинансирачки активности и имаат неискористени средства во форма на салдо на сметки, тековното работење на институцијата наместо со буџетски средства да го финансираат со користење на средства од сопствените сметки.

Буџетските корисници исто така се задолжуваат континуирано да ги спроведуваат активностите за наплата на сопствените приходи и сите субјекти согласно ЕСПЕО да ги почитуваат обврските за навремено пријавување на доспеани, а неплатени обврски согласно законските рокови.

На општините, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост им се препорачува да ги консолидираат финансиите, односно да преземат активности за наплата на сопствените приходи, како и да ги намалат непродуктивните трошења.

Работодавачите од јавниот сектор да преземат итни активности за спроведување на функционална анализа и за тоа да ја информираат Владата.

Прекроениот буџет веќе е доставен до Собранието. Пратениците на матичната комисија за финансирање и буџет ќе ја почнат дебатата на 25 јули.

Image
Newsletter