Инфлацијата се намалува со бавно темпо, а џебовите на граѓаните забрзано се празнат. Цените на основните прехранбени производи ќе останат „замрзнати“ до Нова година. Дали ќе го подобри ова и онака опаднатиот животен стандард на просечниот граѓанин на државата? Бројките покажуваат дека Македонците од ден на ден сѐ повеќе осиромашуваат. Да се наполни фрижидерот и да остане така до крајот на месецот, се чини стана национален спорт. Оние со најниски примања, меѓу кои и пензионерите, со месеци се веќе на улиците барајќи повеќе пари. Не само што не ги добија, туку Владата дури и се пофали дека се грижи за економските потреби на граѓаните.
Откако во изминатово лето кулминираше незадоволството кај граѓаните од високите цени, Владата го определи 19 септември како датум кога ќе ги „замрзне“ цените на основните прехранбени производи. Ова не беше првпат Владата да се реши на ваков чекор. Во изминатава и во 2022 година во неколку наврати ги ограничуваше цените на производите за основна намена, ги замрзнуваше маржите, им даваше субвенционирана цена на струјата на производните компании, интервенираше кај горивата. И покрај тоа, инфлацијата лани достигна рекордни двоцифрени нивоа за првпат по пауза од 30 години.
Годинава, токму во најтоплиот период летово, разни категории од населението го кренаа својот глас поради сѐ повисоките цени, за кои тие сметаа дека се резултат на алчните апетити на трговците, а не на објективни фактори. Имаше и сѐ уште има многубројни протести, меѓу кои доминираат оние на пензионерите. Најстарата популација се жали дека живее на работ на сиромаштијата и дека по неколкудецениска работа е неприфатливо овие луѓе да немаат пари ниту за задоволување на најосновните потреби. Нивните примања се зголемија за едвај 6%, додека тие бараа 3.500 денари линеарно покачување за секој пензионер и минимална пензија од 18.000 денари. Револтот го подгреа и фактот што функционерите си ги покачија платите за 78%, додека за пензионерите, судските административци и останатите вработени во јавниот и во приватниот сектор остана само надежта дека примањата ќе им бидат зголемени.
„Како не им е срам? 8 часа работиме и ние и судиите. Не може да има толку голема разлика во платите“, рекоа на протестот на судската администрација.
„Очекуваат да ги гласаме, како? За тие да продолжат да се богатат, а за нас трошките?“, рекоа на протест на пензионерите.
„Ние не бараме 78% покачување како што имаат политичарите, само линеарно колку да се покрие инфлацијата“, рекоа пензионерите
Гарантирани цени до Нова година
Под притисок на јавноста, масовните протести и незадоволството на народот, Владата донесе одлука за намалување на цените на прехранбените производи за најмалку 10% и замрзнување на намалените цени. Одлуката се однесува на бел ориз, пченично брашно тип 400 и тип 500, бел и полубел леб, други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, јунешко месо без коски, свинско месо без коски, мелено месо, свинско и јунешко, свежо или замрзнато пиле (цело), свеж или замрзнат пилешки стек, чаен колбас (јунешки, свински и говедски), пилешка посебна салама, паштета од џигер и пилешка паштета, трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% во пакување од 1 литар, јогурт, кисело кравјо млеко, павлака од кравјо млеко, традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење, традиционален кравји и мешан кашкавал, како и свежо овошје, зеленчук и јајца од кокошка.
Притоа, највисоките цени во малопродажба се утврдија на нивоата од 1 август, односно се намалија за 10%. Маркетите јасно ги обележаа овие производи со ознаката „гарантирана цена“. Дополнително, листата со намалени цени во маркетите се прошири и со газираните и негазираните сокови, газираната и негазираната вода и со пивото. Владата донесе и одлука за намалување на трговските маржи кај овошјето и зеленчукот, што требаше дополнително да ги спушти цените на овие производи.
„Највисоката трговска маржа за овошјето и зеленчукот за сите трговски друштва и трговци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо се утврдуваат на вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во вкупен износ до 15 отсто. Очекуваме цената на овошјето и зеленчукот да се намали за 30 проценти“, рече тогаш премиерот Ковачевски.
Маркетите јасно ги обележаа производите кои имаат „загарантирана цена“.
Граѓаните незадоволни – сѐ е по старо
По извесно време, и акциите и промоциите се вратија во маркетите. На терен, ситуацијата е стабилна. Откако првите неколку дена маркетите беа во хаос бидејќи немаа доволно време да ги променат етикетите на производите, потоа немаа проблем. Сепак, голем дел од граѓаните останаа незадоволни. Обвинија дека исто како и во претходните наврати, трговците ја искористиле ситуацијата да ги складираат залихите за да ги продаваат потоа поскапо. Сите само гледале, но ретко кој купувал поголеми количини.
Бектеши со предупредување до маркетите
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, ги предупреди синџирите на супермаркети да не кријат одредени давачки како што се трошоците за ракување, рекламирање и маркетинг. Тој истакна дека казните за такви практики ќе бидат значителни. Тој јасно стави до знаење дека Владата нема да се двоуми да преземе решителна акција, вклучително и привремено затворање на големите синџири на супермаркети ако е потребно.
Продавниците кои не ги намалија артиклите ќе бидат затворени 5 дена. Инспекторите најавија контроли и во маалските дуќани, а се казнуваат и дистрибутерите што намерно не вршат достава на овошје и на зеленчук.
Критики за мерките
Критики за мерките на Владата за сузбивање на инфлацијата дојдоа и од бизнис-заедницата и од експертите. Бизнис-заедницата бара реални, а не само популистички мерки на краток рок. Стопанството застана против мерката за гарантирани цени. Од компаниите велат дека граѓаните нема да живеат подобро, а ќе трпат фирмите.
„Мерките кои намалуваат еден, два или три денари, дури и го зголемуваат гневот кај потрошувачите. И ние навистина можеме со одредени мерки да го поттикнуваме нашето домашно производство, индиректно со одредени заштитни мерки за нашите производи, нашите граѓани да купуваат наши производи, така ќе се придонесе за сите“, рече Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи на Македонија.
И за економските аналитичари, замрзнувањето на цените не го решава проблемот, туку го одложува до наредното замрзнување.
„На краток рок можеби за да ги спречи очекувања инфлацијата да стане, како што викаме, да биде вградена во очекувањата на граѓаните. И сега е тешко да се реши. Ама намалување на инфлација со задржување на цени, практично не го решавате проблемот. Во меѓувреме, не само што ќе паднат профитите на приватните фирми, тоа е најмал проблем. Големиот проблем е што тие се снаодливи, па ќе има недостиг на пазарот, ќе се појави уште повеќе шверц, сива економија, и повторно најмногу ќе настрадаат најсиромашните граѓани“, рече професорот Ванчо Узунов.
Претходно во делот на акции и на промоции реагираше и Организацијата на потрошувачи, од каде што посочија дека не треба да се укинат „акциите и промоциите“ низ маркетите затоа што со тоа купувачите се доведуваат во заблуда.
„Знаеме дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и дека имаме пазарна економија, но во вакви ситуации не треба да се чека, треба да се излезе со точна процена и да се преземат мерки, зашто сѐ оди на товар и на штета на потрошувачот. За основните намирници мислам дека не треба ни да се зборува. Поради високите цени, многу граѓани купуваат производи со помал квалитет или со помала нутритивна вредност, а пристапот до основните прехранбени производи е елементарно човеково право. Потрошувачот мора да има пристап до основните потрошувачки добра, особено храната – млеко, сирење, путер“, рече Маријана Лончар-Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Голем број секојдневни производи во исхраната „станаа“
Зголемена повластена стапка на ДДВ од 5% на 10%
Она што ги збуни граѓаните е што Владата во исто време од една страна гарантира цени, а од друга ја зголемува повластената стапка на ДДВ за дел од производите од 5% на 10%. Едноставно, префрла пари „од шупливо во празно“, па се скептици дека мерката ќе има каков било ефект. Под изговор дека ќе се зголеми стапката за илјадници таканаречени луксузни производи, Владата се обиде покрај перките од ајкула, на листата да протне и некои производи од секојдневната исхрана на граѓаните како на пример, банани, мусли, компир, сладолед, цвекло, феферонки. Премиерот имаше и една несмасна изјава кога се обиде да го оправда потегот на првиот финансиер Бесими држејќи лекции за здрава храна (дека јадењето чипс и сладолед не биле здрави и слично). По притисокот и негодувањата на народот, листата претрпе промени, но остана скептицизмот дека населението беше излажано.
На листата на луксузни производи се најдоа и витамини за деца и за трудници.
Поскапеа и витамините и препаратите во аптеките
Во секојдневните препукувања околу цените на храната во октомври, се чини информацијата дека ќе поскапат и производите во аптеките им дојде како некој вид шок на граѓаните.
Во делот на луксузни производи влегоа витамини неопходни за раст и развој на доенчиња и деца, како и витамини за трудници и за возрасни за подигнување на имунитетот. 10% наместо 5% ќе се плаќа ДДВ и за мултивитамини, витамин Ц од 1.000 милиграми, разни пакувања со витамините Б, Д и Е и магнезиумот и железото. Поскапуваат и препаратите што се користат за поддршка на работата на црниот дроб, простатата, очите, ќесички со електролити. Секој кој редовно ги купува овие производи, знае дека набавките од аптека ќе чинат сега од 200 до 1000 денари повеќе месечно зависно колку вакви производи се купуваат и од кој бренд.
Има ли резултати?
Она што најмногу ги интересира граѓаните е дали даваат ваквите мерки и политики резултати, односно дали се намалува инфлацијата и за колку.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска се пофали дека меѓу другите, и монетарните мерки имале ефект и придонес во падот на цените. Таа смета дека неколкукратното подигање на основната каматна стапка придонело кон намалување на домашната инфлација, но и дека треба да се продолжи со претпазливи политики.
„Инфлацијата во домашната економија и понатаму забавува кај сите нејзини компоненти, и тоа посилно во однос на забавувањето на просечната инфлација во ЕУ. Сепак, новото глобално окружување и понатаму е придружено од многу предизвици за нашата економија, што наметнува потреба од внимателност на макроекономските политики и спремност за натамошно соодветно приспособување заради ценовната стабилност, што е и предуслов за одржлив раст“, посочи гувернерката.
Според последните податоци, во октомври трошоците за живот се зголемиле за 3,5% во однос на ланскиот октомври. Особено е важен фактот дека се смирува растот на трошоците за храна, кои за една година, оваа во однос на ланскиот октомври, се зголемиле за 1%, но на месечно ниво (октомври во однос на септември) трошоците се намалиле за 3,8%. Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2023 година во споредба со претходниот месец е забележано кај млекото за 10,1%, јајцата за 9 %, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 8,6%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчукот за 6,4%, свежото и разладеното овошје за 5,2%, пивото за 4,3%, сирењето и урдата за 4,1%, месото за 3,4%, лебот и житата за 3,3% и маслото и маснотиите за 0,9%.
Трошоците на живот, пак, во првите 10 месеци биле повисоки за 10,7% споредено со првите 10 месеци во изминатата година. Притоа, храната била поскапа за 14%, мебелот за 14,8%, облеката и обувките за 4,4%, а трошоците за комуналии за речиси 12%.
„Мерките на Владата даваат резултат. Стапката на инфлација во октомври изнесува 3,5% и е преполовена во споредба со претходниот месец, кога растот на трошоците за живот изнесуваше 6,6 %. Трошоците за живот во делот на храна и на безалкохолни пијалаци во октомври бележат раст од 1%, што е драстично намалување во споредба со 7,8% пресметани во претходниот месец“, објави на својот профил на Фејсбук министерот за економија, Крешник Бектеши, откако Државниот завод за статистика ги објави индексите за трошоци за живот и цени на мало за октомври 2023 година.
Трошоци за живот и цени на мало за храна и безалкохолни пијалоци.
Индекс на трошоците на живот, октомври 2023 година Извор:
Индекс на трошоците на живот, октомври 2023 година
Цените во ЕУ растат
Цените на храната во Европската Унија продолжија да растат и годинава. Убедлив рекордер е маслиновото масло кое во септември поскапело за 75% во период од две години и 9 месеци.
Податоците за вториот и третиот квартал на европската статистичка служба Евростат покажуваат дека цените на јајцата, путерот и на компирот во ЕУ растеле нешто побавно од порано, додека цената на маслиновото масло постојано расте. Од јануари 2021 до септември годинава, компирот поскапел за 53%. Јајцата биле поскапи за 37% во септември отколку во јануари 2021 година. Нивната цена се стабилизирала во првите два квартали од 2023 година, а одредено намалување било забележано во август и во септември.
И цените на путерот рушат рекорди. Врвот на растот бил забележан во декември 2022 година, кога цените на храната биле за 44% повисоки од јануари 2021 година, по што тие постепено забавуваат. Во септември путерот бил поскап за 27% од почетокот на 2021 година.
Инфлацијата во Еврозоната се спушти на 2,9% во октомври споредено со 4,3% во септември. Притоа најголеми стапки на инфлација бележат Словачка, Хрватска и Словенија од 7,8%, односно 6,7% и 6,6% соодветно.