Сѐ поскапува – ценовниот удар ќе се засили на есен

АДКОМ бара помош за превисоките сметки за струја, во спротивно водата ќе поскапи

Повеќе пари за струја, парно, вода, дрва, пелети, храна, горива. На поскапувањата им нема крај. Граѓаните мака мачат како да го поминат месецот. И додека големите светски играчи си прават калкулации, на населението никако да му излезат точни пресметките како да најде пари за сѐ, а да не заглави во „дебел“ минус. Веќе се стеснува и просторот за позајмување пари. Тие се сѐ поскапи. Месечните рати на кредитите се сѐ поголеми, а извесно е дека повторно ќе има нагорна корекција. Како да ги „преживеат“ што е можно побезболно поскапувањата граѓаните и фирмите?

Додека јавноста очекуваше поскапување на одредени енергенси, како гром од ведро небо дојде веста дека јавните претпријатија планираат да ја поскапат водата за пиење и ѓубретарината. Како причина ги посочија превисоките сметки за струја. Велат дека не можат во никој случај да штедат струја бидејќи таа им е неопходна за работа на пумпите, па затоа побараа помош од Владата. Алармираат дека состојбата е до тој степен сериозна што скопски Водовод, на пример, наместо 100.000 евра месечно, сега треба да плати пет пати повеќе, само за струја. Ако не помогнела Владата, овој товар веќе на есен може да падне на грбот на граѓаните, кои ќе треба да добијат повисоки сметки.

„Цената на струјата е петкратно зголемена, на горивата двојно. Бараме Владата да ја покрие разликата за да се избегне банкрот или прекинување на услугите. Треба да се има предвид дека станува збор за суштествени прашања како што се вода за пиење и собирање ѓубре. Не сакаме да се доведеме во ситуација на уште еден ценовен удар, што ќе значи повисоки сметки за граѓаните, а на што ќе бидеме принудени ако нема слух Владата“, рече Пеце Милевски, претседател на Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ).

Директорот на скопски „Водовод и канализација“, Златко Перински, пак, вели дека од септември месечната сметка ќе биде пола милион евра, пет пати повисока, што ќе го оптовари нормалното функционирање на претпријатието.

„Најлошото што може да се случи е покачувањето на електричната енергија да падне на грбот на граѓаните. Нашите проекции се дека од септември ќе плаќаме месечно сметка за струја повеќе од половина милион евра, тоа зголемување е петкратно, во најдобар случај. А очекувањата се дека зголемувањата ќе бидат и поголеми“, вели Перински.

Милевски нагласи дека бараат Владата да им излезе пресрет и да обезбеди финансиска помош преку блок дотации за покривање на дел од загубите, односно да ја покрие разликата меѓу планираните и фактички настанатите трошоци за електрична енергија. Досега немале директна средба со Владата, но веќе имале поднесено барања до Владата и до ЗЕЛС, чекаат да остварат средби на кои ќе разговараат за проблемите со кои се соочуваат. Најави дека ќе се трудат колку што можат да не дојде до зголемување на цените за нивните услуги и посочи дека очекуваат поддршка од централната власт за да не дојде до тоа.

И од ЗЕЛС потврдија дека власта ги оставила самите да ја изменаџираат енергетската криза. Сметките за струја на општините биле шесткратно зголемени бидејќи уште на почетокот на енергетската криза добавувачите на струја еднострано им ги раскинале договорите поради енормниот раст на цената на светкиот пазар. Сега, велат дека се принудени наместо за други намени, парите од општинските буџети да ги трошат за да ја платат прескапата струја.

„Наспроти тоа, во континуитет следеа јавни обвинувања кон општините, па дури и Регулаторната комисија за енергетика се дрзна и ги обвини општините дека се директни виновници за покачувањето на електричната енергија за домаќинствата, што апсолутно беше целосна дезинформација“, реагираат од ЗЕЛС.

Од Владата, студен туш. Вицепремиерот Фатмир Битиќи им порача дека тоа е надлежност на локалната власт, па да си побараат помош од надлежните градоначалници. Општините, според него, требало навреме да мислат и да направат ребаланс на буџетот, но тоа го сториле само 10-тина.

„Не можеме да дозволиме во момент кога ќе биде тешко, тогаш да заборавиме на фискална децентрализација и на децентрализираните надлежности и тогаш да бараме од централната власт таа да реагира. А, при тоа локалната власт, чија примарна надлежност е обезбедувањето комунални услуги, да каже дека не е надлежна“, рече Битиќи.

Вистински предизвик ќе биде загревањето на домовите, сите алтернативи се прескапи

Граѓаните полека почнуваат да се подготвуваат за претстојната зима. Но тоа станува сѐ потешко. Се чини загревањето на домовите ќе биде вистински предизвик следната грејна сезона. Посовесните домаќинства што секоја година купуваа дрва во текот на летото, годинава не можат да го сторат тоа. Дрвата се прескапи, а и цените на пелетите се неколкукратно повисоки. Ако лани вреќа од 15 килограми чинеше 196 денари, сега за истата ќе треба да платат од 350 до 370 денари. Единствена поевтина солуција за снабдување се дрвата од „Национални шуми“, но процесот оди бавно, а и не се знае дали ќе има дрва за огрев за сите што побарале.

Огревното дрво кај приватните трговци веќе се продава по 4.000 денари за кубик, па за да се затопли едно семејство потребни ќе му бидат минимум 24.000 денари. Уште едно поскапување се очекува пред стартот на грејната сезона. Граѓаните се во недоумица, бараат начин како поевтино да се стоплат на минусните температури. Дрвата, и покрај астрономските цени, и понатаму им остануваат како најевтина варијанта.

Граѓаните гневни: „Цел живот штедиме, не остана од каде да се скрати“

Граѓаните гневни: „Цел живот штедиме, не остана од каде да се скрати“

„Веќе порачав. По 4.000 денари, така ми рекоа. Лани кубикот беше 3.200. Не можеме ние без дрва. Мора да се грееме. Ако пак се грееме на струја, ќе биде не 4.000, ќе испадне 100-150 евра да платиш“, коментираат граѓаните.

Освен што се цените кренати нагоре, голем број од трговците ги кријат во магацините и прават залихи велејќи дека нема за продажба или дека може да се купат само ограничени количини. Листите за чекање се огромни. Трговците се правдаат дека и нивните трошоци биле енормно зголемени. Граѓаните негодуваат, бидејќи сметаат дека не е во ред да се чека за да му се продаде поскапо на осиромашениот народ.

Вицепремиерот Битиќи вели дека трговците вештачки прават зголемување на цената на дрвата и пелетите, исто како што тоа го прават и трговците со основни прехранбени продукти. Во услови кога нема Закон за спречување на воено профитерство, вели единствен начин е да им се пуштат инспекции што ќе го казнуваат несовесното работење.

„Ќе дадеме задолжение на Инспекторатот да излезе на терен за да потврди дека ваквите укажувања се вистинити. Укажувањето е дека трговците не дека немаат количини на пелети и дрва, но вештачки како што беше и со прехранбените продукти, прават зголемување на цените. Да имавме закон за воено профитерство, денеска лесно ќе реагиравме. Во подготовка е Законот за фер односи во стопанството, каде што и ова прашање ќе се регулира. Но, додека тоа не се направи, ќе интервенираме соодветно, како што направивме со прехранбените производи“, рече Битиќи.

На 20 јули, Владата донесе и привремена мерка до крајот на годината да се забрани извозот на дрва и пелети за огрев, како би се регулирал пазарот и домашното производство. Вакви мерки имаат донесено и Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Цените на огревното дрво и пелетите достигнаа екстремни нивоа | извор: ЈП Национални шуми

Цените на огревното дрво и пелетите достигнаа екстремни нивоа | извор: ЈП Национални шуми

Ограничен извоз на одредени производи, но и олеснет увоз на сончогледово масло

По бројните поскапувања што доведоа до скок на инфлацијата на неверојатни 14,5%, Министерството за економија конечно реагираше и го ограничи извозот на одредени производи за да го стабилизира пазарот. Освен забраната за извоз на дрва и пелети, забрана ќе има и за извоз на пченицата и на брашното од пченица. Се укинува и царината за увоз на масло за јадење од сончоглед. Ваква мерка се носи за да се одржува снабдувањето на домашниот пазар, а да се спречи растот на цените на овој производ. И оваа мерка ќе важи до крајот на годината. Иста ваква мерка се применуваше до крајот на мај.

„Редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29%, така што со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или кои се предмет на мала бесцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија“, велат од Влада.

Струјата ќе ги „изгори“ големите семејства

Тоа што струјата поскапе во просек за 7,4% е голем проблем, но уште поголем е воведувањето на 4-тарифни блокови во високата тарифа. Во 4-тиот, кој опфаќа потрошувачка над 1050 киловатчасови месечно, цената е зголемена за над 130%. Тоа е огромен удар врз големите семејства. Тие сега се принудени да постават повеќе броила за да плаќаат пониски сметки. И покрај тоа што ЕВН вети дека навреме ќе реагира и дека има доволен број броила, во практиката ветувањата не се исполнуваат. Факт е дека новиот тарифник беше објавен премногу доцна, во последната недела од јуни, па компанијата не може експресно да одговори на сите барања. Граѓаните, очекувано, се револтирани бидејќи сметките веќе стигнаа за наплата во август.

„Не ни ги менуваат струјомерите, ни требаат три затоа што сме три семејства со еден струјомер. Десетина пати поднесуваме. Ништо не ни кажуваат. Не доаѓаат. Секој треба да има своја сметка, секој за себе. Секој брат мора да има своја сметка, па со еден струјомер не можете да контролирате кој колку троши. Кога ќе добиеме 25 илјади денари, нема да знаеме како да ги поделиме“, рече еден револтиран граѓанин.

Трошоците за приклучување со нов струјомер се движат од 200-500 евра, на кои се додаваат трошоците за техничко одвојување на просторот за домување и нови кабли од електричните столбови.

Од ЕВН Македонија потврдуваат дека имаат преголем број барања за разделување на струјомерите, на кои треба да одговорат. Велат дека мора заинтересираните да поднесат барање за нов приклучок до компанијата.

Поделбата на струјомерите - долг и комплициран процес за големите семејства | извор: ЕВН Македонија

Поделбата на струјомерите - долг и комплициран процес за големите семејства | извор: ЕВН Македонија

„За да се има дополнителен струјомер, потребно е да се исполнат техничките и законските услови, како на пример, посебни инсталации во деловите од зградата што треба да се снабдат со посебни струјомери и соодветна документација за имотот. Покрај тоа, се бараат сите други документи како во друг случај за нов приклучок. Преку пополнување на документацијата може да аплицирате за нов приклучок“, велат од ЕВН Македонија.

Граѓаните, по воведувањето на тарифникот, не се подготвени оваа промена да ја завршат веднаш. Речиси сигурно е дека неколку месеци ќе плаќаат повисоки сметки додека да се постават новите броила. Освен барањата до ЕВН, треба да се изврши и физичка делба на имотите за да се одвојат посебни станбени единици. Ваквите постапки може да траат и со месеци ако има имотни спорови или, пак, ако наследниците на сопствениците на имотот немаат финиширано со оставинската постапка.

„Мора да се штеди“, ама од што?

Граѓаните се налутија кога пред неколку месеци вицепремиерот Битиќи им порача да штедат струја, без притоа да ги задолжи државните институции да го сторат тоа. И додека често по јавните институции може да се забележат случаи на вклучен климатизер што лади додека се отворени прозорците, населението е гневно бидејќи веќе не остана од што да се штеди. Луѓето велат дека со години живеат со рестрикции на струја. Вклучуваат бојлер, пегла и машина за перење исклучиво на евтина тарифа по 22 часот во работни денови, вклучуваат правосмукалка во недела, исто на евтина струја, а по укинувањето на евтината тарифа преку ден, единствено готвењето остана на скапа струја. Едноставно, штедењето на струја станало до тој степен начин на живот што нема повеќе од што да се скрати.

„Save gas for a safe winter“ - Европа го објави планот за штедење енергија

„Save gas for a safe winter“ - Европа го објави планот за штедење енергија | извор: europeanconservative.com

„По 10 часот ќе се вклучувам, бидејќи сум на кварцна печка и на термо. Размислувам да земам и клима. Не знам! Само така преку ден малку и навечер. Друго чаре нема! Премногу е скапо, ама ќе се трудиме да опстанеме. Немаш избор! Ќе скратиш на едно, ќе платиш друго! Колку е, толку е! Пензијата е таа. Ако претходно си топлел 5 часа, сега ќе топлиш два часа. Ќе се облечеш потопло и готово“, коментираат граѓаните.

Вицепремиерот Битиќи, пак, е лут што граѓаните и фирмите не го послушале кога побарал да се штеди. Вели дека јавните институции во наредниот период ќе добиеле насоки како да штедат струја, но ништо нема да биде задолжително, туку исклучиво на доброволна основа. И додека Владата тактизира, другите држави на големо преземаат мерки за полесно да ја пребродат зимата. Во Европската Унија ниту една зграда или деловен простор нема да смее да се загрева на повеќе од 19 степени, а климите ќе ладат до најмногу 25 степени. Фабриките и граѓаните имаат насоки да ја сведат потрошувачката на гас на минимум, додека државата ги полни складиштата на максимум. Се промовира работа од дома и поттикнување на користењето на јавниот транспорт. Кризниот план за најлошото сценарио што го усвои ЕК доаѓа по најавите за целосен прекин на рускиот гас кон ЕУ.

Image
Newsletter