Солидарен данок – ќе се плаќа или не?

Солидарен данок – ќе се плаќа или не?

Дали ќе успее Владата да наплати близу 80 милиони евра од компаниите од нивните екстра добивки? Бизнис-заедницата во недоумица откако Законот за таканаречениот солидарен данок, како што го нарече власта, заглави во Собранието. Веќе еден месец нема никакво помрднување од мртва точка во законодавниот дом. Опозицијата бараше широка дебата со сите засегнати страни во Собранието и критикуваше дека ад хок решението е донесено во „5 до 12“. За власта, пак, ова е најправично распределување на добивката и покажување солидарност во време на криза. И додека роковите за поднесување на финансиските извештаи течат, законот сѐ уште не е донесен. Фамозната 103. Седница никако да се закаже одново за да дадат пратениците зелено светло.

Што сака бизнисот?

Бизнис-заедницата во земјава преку неколкуте стопански комори што ја претставуваат уште од стартот на кризата непрестајно ги повторува истите барања за предвидливост на деловниот амбиент. Стопанството јасно ѝ даде до знаење на Владата дека му е доста од ненадејни законски и други решенија кои удираат врз буџетот на фирмите и врз џебот на работниците. Имено, тие бараат предвидливост, но не успеваат да ја добијат со години наназад. Се залагаа за таканаречен даночен календар, за да знаат точно во текот на претходната година или барем шест месеци однапред кои нови давачки ќе се воведат или кои постојни ќе се зголемат веќе од наредната година. Тоа им е потребно за да знаат да планираат, да можат до крајот на претходната година да ги изработат плановите за наредните 12 месеци, кои вклучуваат нови инвестиции, број на кадарот, зголемување плати, надоместоци, додатоци на плата, зголемени трошоци за енергија, услуги, царини, давачки и слично.

Кога го кроеше Владата буџетот за оваа, 2023 година, за волја на вистината, ги почна консултациите навреме. На иста маса министерот за финансии седна и со бизнисмените, но и со синдикатите, универзитетските професори, директорите на надлежните институции за да се договорат сите најдобро околу новата најавена даночна реформа. Се одржаа бројни состаноци, се презентираше и буџетот за следната година, но без ефектите од најавената даночна реформа. Бизнисот чекаше повеќе од еден месец за да ја презентира Владата помпезно најавената промена. Но, се чини, крупни реформи немаше, ниту враќање на прогресијата кај персоналниот данок, ниту оданочување на каматите на депозитите, ниту задолжително плаќање придонеси за хонорарците. Она што требаше да биде огромен буџетски прилив, се сведе на трошки кои Владата очекува да ги собере дополнително во државната каса. Граѓаните и експертската јавност се кренаа на нозе, незадоволни од предложените решенија. Сметаа дека бизнисот ја стави Владата под своја команда. Тие очекуваа власта поагресивно да удри врз стотиците приватни здравствени клиники, лаборатории, трговци на големо и мало, пекарници, месарници, производители на храна, супермаркети, увозници, дистрибутери, кои ја искористија економската и пандемиската криза за да ги зголемат екстремно маржите, цените и добивките на сметка на осиромашувањето на народот.

Единствено, при презентирањето на даночната реформа, првиот финансиер Фатмир Бесими некако срамежливо најави дека сепак стопанството нема да добие амнестија за ваквите потези и дека се размислува за „данок на екстрапрофитите“. Колкав процент планира да им земе на овие компании, кога и како, не беше соопштено.

Владата планира да им собере на фирмите околу 80 милиони евра

Владата планира да им собере на фирмите околу 80 милиони евра

„Горчлива“ даночна новогодишна честитка

Непосредно пред крајот на 2022 година, Бесими пресече – оние што заработиле врз грбот на населението или т.н. воени профитери во време на криза, ќе треба да одвојат поголем дел од профитот по основ на данок за солидарност.

Бизнисот очекувано реагираше негативно. Сите веќе ги скроиле плановите за 2023 година, па овој потег, сметаа дека и тоа како ќе им ја наруши материјалната и финансиската стабилност во тековнава година.

Компаниите од Стопанската комора веднаш алармираа бидејќи ќе се даночат сите фирми без да се согледа дали оствариле добивка поради поскапени енергенси или пак поради нови инвестиции, подобрена продуктивност или освојување нови пазари. Едноставно, тие сметаа дека во понеповолна положба се ставени оние што вложувале и чесно работеле.

„Со предложениот концепт на оданочување, кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните години и добивката во 2022 година, во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените“, велат од Стопанската комора на Македонија.

Солидарниот данок „заглави“ во Собранието.

Солидарниот данок „заглави“ во Собранието.

Колку треба да се плати?

Од данокот на солидарност, Владата очекува да собере 4,7 милијарди денари или околу 76,4 милиони евра. Овие дополнителни приходи кои ќе се слеат во буџетот, треба да бидат наменети за справување со последиците од енергетската и од кризата предизвикана од Ковид-19. Притоа, данокот на солидарност ќе треба да се плати најдоцна до 31 мај годинава. Ќе се оданочат со дополнителни 30% фирмите кои оствариле профит над 10 милиони евра, а кој бил за 20% поголем од просекот остварен во последните три години. За оној дел од добивката што нема да потпаѓа под одредбите на данокот на солидарност, компаниите ќе плаќаат данок на добивка со стапка од вообичаените 10% како и досега. Овој данок ќе се плаќа еднократно, само во 2023 година за добивката остварена во 2022 година. Пресметките покажале дека со ова законско решение се опфатени околу 200 компании кои ги исполнуваат условите да се оданочат повеќе.

„Наведените обврзници, на претходно спомената основа, ќе имаат обврска да платат данок за солидарност во 2023 година по стапка од 30 отсто. Имено, истите ќе бидат должни да ја утврдат даночната основа на образецот ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност, кој се доставува до Управата за јавни приходи во рок од 45 дена од истекот на рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за трговските друштва и прописите за сметководство и да го платат данокот за солидарност најдоцна до 31 мај 2023 година“, стои во Предлог-законот.

Токму оваа одредба е и проблемот за компаниите. Законот сѐ уште не е изгласан во Собранието, крајните рокови до кога треба да се плати бројат „ситно“, а фирмите веќе ги комплетираа финансиските извештаи и не го пресметаа овој данок во калкулациите, бидејќи тој и официјално сѐ уште го нема поминато филтерот во законодавниот дом.

„Компаниите веќе ги донесоа завршните сметки, акционерските друштва уште во јануари, а другите до крај на февруари. Овој издаток на компаниите не е влезен во овие сметки, што значи законски тие нема да можат да го платат овој данок. Акционерските друштва донесоа и одлуки за распределба на добивката и за дивидендата, што исто така е право кое е загарантирано со Уставот. Како ќе биде тоа решено со законот кој уште е во Собрание, не знам, но мислам дека вакви неподготвени, без јавна расправа и мислење на засегнатите законски решенија, одамна веќе сме кажале дека се лоши за бизнисите“, вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Трговците со нафтени деривати куртулија од новиот данок.

Трговците со нафтени деривати куртулија од новиот данок.

Зошто е изоставена пандемиската 2020 година?

Во членот 6 на Предлог-законот, во кој е пропишана даночната основа за пресметување на данокот за солидарност, се вели дека основа за пресметување на данокот претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година, и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20%. Претходни периоди се периодите од 2018, 2019 и 2021 година, се вели во Предлог-законот.

За дел од експертите и ова е спорно. Зошто во пресметката се зема просек од три години (2018, 2019 и 2021), а не и од пандемиската 2020 година?

„Од пресметката на редовната добивка на фирмите арбитрарно се исклучува 2020 година, поради што се намалува екстрадобивката на фирмите во 2022, со што се намалува и данокот кој ќе треба да се плати. Во Европската Унија не е вака, во ЕУ и 2020 е вклучена во пресметката на редовната добивка“, рече економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, кој со години е дел од тимот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Јовановиќ смета дека воведувањето на овој данок е добар потег, но се вовел многу доцна. Според него, не е доволно овие фирми само да се оданочат повеќе, туку требало да се спроведат механизми за да се спречат нивните астрономски добивки. Тој не верува ниту дека пресметките на Владата се точни, односно дека во државната каса по основ на овој данок ќе се слеат меѓу 70 и 80 милиони евра.

„Проценките на Министерството за финансии за дополнителни 70 милиони евра од овој данок, не се реални. Вкупните приходи од данок на добивка лани биле околу 250 милиони евра, нема шанси сега поради овој данок да се собере една третина од тие приходи. Приходите веројатно ќе бидат околу 20 милиони евра, што секако не е за фрлање, но е сепак помалку од најавените 70 милиони“, вели Јовановиќ.

За многумина експерти, токму доцнењето на Владата е клучно. Едноставно, извршната власт задоцнила или намерно не сакала да удри по џебот на т.н. кризни профитери во време на пандемијата, па вакво законско решение не предвидела за 2020 година, кога здравствените установи и приватни лаборатории „го одраа“ народот со прескапите тестови за Kовид-испитувања. Само за споредба, ПЦР-тест и разни лабораториски анализи, според податоците на Фондот за здравство чинеле од 3.000 до 5.500 денари на стартот на пандемијата во март 2020. Во моментов, приватните здравствени установи и лаборатории нудат ПЦР и антигенски тестови чија цена варира од 500 до 1.500 денари.

Ќе падне ли солидарниот данок на Уставен суд?

Ќе падне ли солидарниот данок на Уставен суд?

Дали е противуставен солидарниот данок?

Според дел од експертската јавност Предлог-законот е спротивен на Уставот, прво бидејќи не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот, кој утврдува дека законите не може да имаат ретроактивно дејство. Бидејќи солидарниот данок треба да се плаќа во 2023 година, согласно Закон кој би требало допрва да се донесе, а важи за добивка стекната во претходната година, се работи за ретроактивно оданочување. Исклучок постои само во случај кога тоа е поповолно за граѓаните. Тоа е и аргументот на Владата, кој не поминува кај дел од бизнисмените, кои ќе се обидат да го урнат ова законско решение на Уставен суд.

Предлог-законот е спротивен и на член 59 став 2 од Уставот, каде што правата стекнати врз основа на вложен капитал не може да се намалуваат со закон или со друг пропис, односно не може да се загрозува остварувањето на правото на добивка. Некои бизнисмени сметаат дека со ова доаѓа до двојно оданочување на добивката која даночниот обврзник ја остварил во 2022 година. Законот за данок на добивка утврдува дека стапката на данок на добивка е 10%. Со предложениот Закон ќе произлезе дека добивката ќе се оданочи дополнително и ретроактивно со нова стапка од 30%.

За многумина, ова законско решение предвидува и дискриминација на компаниите. Во него е предвиден исклучок од плаќање на данокот на солидарност на компании кои имаат обврска за обезбедување јавна или универзална услуга по цени и тарифи донесени и одобрени од страна на независно регулаторно тело. Тоа значи дека ако оствариле екстремни профити, солидарен данок нема да плаќаат трговците со нафта, струја, гас, како и сите новоформирани фирми во 2022 година само затоа што Регулаторната комисија ги одредува нивите крајни цени. Сепак, сите знаат дека токму кај нафтените деривати имаше најголеми скокови во цените, некои трговци креираа вештачки недостиг на горивата на бензинските пумпи, енормно профитираа, па и тоа како влегуваат во категоријата на оние кои заработиле во време на енергетска криза и сега според мотото на Владата, треба солидарно да го поделат кризниот колач.

 

Глоби до 20 илјади евра

Во Предлог-законот се предвидени казни за сите кои нема да пријават солидарен данок до Управата за јавни приходи. Глоба од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност е предвидена за правно лице – среден трговец, како и од 3.000 до 10.000 евра за големите трговски друштва, а глоби се предвидени и за одговорните во компаниите.

Глоби се предвидени и за случаите кога нема да се плати утврдениот данок за солидарност во предвидениот рок, а најстроги глоби (до 20 илјади евра за големите трговски друштва) се предвидени доколку се наведат неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помал износ на данок за солидарност.

Додека бизнисот упорно алармира дека солидарниот данок и тоа како ќе им ги наруши плановите и ќе ги одвлече странските инвеститори од вложување во земјава, Владата уверува дека данокот на солидарност има за цел да ја покаже и истакне општествената одговорност и несебичност токму кај бизнис-секторот. На овој начин, од финансии сметаат дека ќе се намалат колку-толку буџетскиот дефицит и јавниот долг, а парите одговорно ќе се потрошеле за справување со негативните последици од енергетската и економска криза.

Image
Newsletter