Туризмот на колена – на фирмите им се заканува клуч, а државата без конкретни мерки за спас на секторот

Туризмот на колена – на фирмите им се заканува клуч, а државата без конкретни мерки за спас на секторот

Од 1 јануари туризмот беше во минус, но со работењето во јули и во август, во екот на сезоната, успеавме да дојдеме на позитивна нула. Прашањето останува што ќе правиме до крајот на годината? Заштедите на сите им се потрошени, кредитите се искористени за да се исплатат плати на вработени. Не остануваат воопшто пари за нови инвестиции, маркетинг или реновирање. Едвај остануваат пари за да се пречкаат нови гости, кои не се ниту најавени, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски. Тој во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент објаснува дека државата треба итно да се вклучи со идеи и со промена на законски решенија за спас на овој сектор, бидејќи според него, им се заканува клуч на врата на многу фирми. Оваа тешка зима може да значи колапс за секторот туризам, предупредува Блажевски.

Хотелиерскиот и угостителскиот бизнис ја затвори летната сезона со позитивна нула, но неизвесен е крајот на годината. Се заканува тешка зима, каде што покрај зголемените цени на храна, струјата ќе биде најголемиот товар за овој сектор. Најавуваат и затворање на компании ако власта не излезе со одредени мерки и измени на старите законски решенија. Имено, според постојниот закон за електрична енергија донесен уште во време на осамостојување на државата, не се дозволува изградба на фотоволтаични системи на хотели ако се оддалечени 50 метри од брегот на езерото. Ова според здружението ХОТАМ е сериозен проблем, бидејќи објектите трошат многу електрична енергија, а профитот е сѐ помал. Најавуваат нови цени на хотелските и на угостителските услуги поради зголемените цени на сите производи, но стравуваат дека тоа уште повеќе ќе го намали интересот на гостите. Хотелите ем бараат начин да инвестираат за да си ги намалат сопствените трошоци во најголемата криза ем власта не им помага ниту со законско решение.

„Ова лето со туристите работевме со стари цени, бидејќи аранжманите беа продадени пред да почне драстичното зголемување на цените. Од 1 јануари овој сектор е во минус, но со работењето во јули и во август, во екот на сезоната, успеавме да дојдеме на позитивна нула. Прашањето останува што ќе правиме до крајот на годината? Заштедите на сите им се потрошени, кредитите се искористени за да се исплатат плати на вработени. Не остануваат воопшто пари за нови инвестиции, маркетинг или за реновирање. Едвај остануваат пари за да се пречкаат нови гости, кои не се ниту најавени. Овој сектор во периодот до идното лето живее од семинари, но со новите цени, прашање е дали ќе има интерес за организација“, вели Крсте Блажевски, претседател на ХОТАМ.

Наместо станови за продажба. треба да се градат луксузни вили кои ќе донесат нови странски туристи

Наместо станови за продажба. треба да се градат луксузни вили кои ќе донесат нови странски туристи

Хотели оддалечени 50 метри од охридската ривиера не смеат да имаат фотоволтаични системи

„Единствената помош која е оставена од државата за нас е преку Агенцијата за туризам, а од неа не добиваме речиси ништо“, вели Блажевски. „Освен саемите за туризам што се организираат повремено во некои други држави, немаме никаков бенефит. Немаме ниту реклами од нивна страна, а кои би ни помогнале за добиеме нови странски туристи. Сите договори што се направени со туроператори се од пред неколку години и нема нови“, посочува претседателот на ХОТАМ. Дополнителен проблем е и тоа што нема нови чартер линии за нови дестинации што ќе донесат и дополнителни странски туристи, а нема ниту најава од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Тој додава дека помош нема ниту од македонските туристички агенции, кои немаат воопшто интерес да работат со домашни капацитети надвор од летната сезона. Блажевски вели има многу начини и идеи да реализираат неколкудневни тури за повозрасни граѓани, странски и домашни, а кои ќе донесат профит како за агенциите, така и за туристичкиот бизнис.

Сериозен проблем е и автопатот Кичево – Охрид , кој се гради веќе 8 години. Блажевски посочува дека овој застој ги брка странските туристи, но и домашните. Досега имале многу жалби од гостите дека патувале со саати до Охрид и поради тоа не појавиле повторно интерес за градот.

Неизградениот автопат би брка туристите | извор: nezavisen.mk

Неизградениот автопат би брка туристите | извор: nezavisen.mk

Блажевски смета дека постојат многу начини како може да помогне државата да се зголеми бројот на туристи во нашата земја. Тој посочува дека треба да се изградат спортски сали за тренинг според потребите на секој град, но најважно е да се реновира базенот во Охрид, каде што ќе можат младите да тренираат, а со тоа ќе се организираат и повеќе натпревари. Да се донесе инвеститор што ќе изгради трговски центар во Струга или, пак, во Охрид, со што ќе се привлечат дополнително туристи во текот на целата сезона.

„Постојат многу начини да се привлечат туристи. Да се организираат натпревари, може и трки со автомобили во Дебарца, кои ќе донесат посетители заедно со учесниците. Тоа се само идеи што треба државата да ги реализира. Не може да живееме само 2 месеца во годината. Ако има повеќе организации на настани, ќе живеат повеќе сектори и ќе има повеќе економски бенефит за сите“, вели Блажевски.

Потребно е да се понудат кредитни линии за големи инвестиции, со конкретни идеи и одржливи решенија за целиот туризам во Македонија.

„Конкретно за Охрид и за Струга, наместо да се градат згради за продажба на приватни станови и да имаат бенефит само одредени лица, треба да се изградат луксузни вили со базени на самиот брег по езерото, да се олеснат законските решенија за изградба на базени во хотелите“, посочува Блажевски. Тој смета дека е од особено значење да се уредат плажите на охридско-струшкото крајбрежје, кои се особено важни за туризмот во државата во летниот период.

„Државата и системот треба да се променат од корен за да може бизнисот да работи и да има економски бенефит во оваа држава“, смета претседателот на ХОТАМ. „Со секое доаѓање на нова влада, нема конкретни мерки за компаниите. Тие се едноставно препуштени да се снаоѓаат сами во целото сивило“, вели Блажевски. „Се носат закони за поголеми давачки, кои додаваат само товар врз и онака веќе истрошениот буџет на фирмите. Ако нема свест за подобрување на работата на економските субјекти, ќе потоне целата економија во државата, бидејќи македонското стопанство е двигателот на живејачката во оваа земја“, завршува Блажевски.

Инаку според последните податоци на државната статистика, лани, бројот на туристи во земјава надминал 700.000. Од нив 58,2% се домашни туристи, а 41,0% се странски туристи. Во споредба со претходната година, во 2020 е забележано зголемување на странските туристи за 148,7%. Бројот на ноќевања е 2.313.543, од кои 71% се домашни туристи, а околу 29% се странски туристи. Споредбено со претходната година, бројот на ноќевања на странските туристи е зголемен за 165,1%. Најбројни од странските туристи се гости од соседството, но и Холанѓани, Полјаци и Турци.

Блажевски посочува дека во Македонија во текот на летната сезона вкупниот процент на исполнетост не надминува 50%, за разлика од другите земји, кои во оваа година успеале да стигнат и до 80%.

Image
Newsletter