Величествена промоција на дипломци и магистри од Универзитетот Скопје!

Величествена промоција на дипломци и магистри од Универзитетот Скопје!

„Работете, размислувајте постојано, читајте, играјте низ животот, смејте се, љубете, бидете среќни“, порача ректорот на Универзитет Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, на свечената промоција на новата генерација дипломци и магистри. 

Македонската опера и балет и оваа година беше место на величествена промоција на дипломци и магистри од Универзитетот Скопје, една од најзначајните високообразовни институции во Македонија, на која присуствуваа многубројни гости, родители, пријатели, дипломати. 

Исклучителен момент за сите присутни со гордост да го прослават успехот на младите таленти, кои пак со својата упорност и труд го завршија патот на високото образование.

Свечената промоција на 16-та генерација дипломци и 14-та генерација магистри од Универзитетот Скопје, започна со интонирање на националната химна создавајќи возвишен амбиент и посветеност на патриотските вредности. Секој чекор, од влегувањето во салата до самата промоција, беше обележен со гордост и радост за успехот што беше достигнат.

По презентацијата на спотот за Универзитетот Скопје, гостите уживаа во перформансот на балетот „Simply the best“ во кореографија на Олга Панго, чија изведба низ музика и игра ги доловија сите важни мигови во образованието на една личност, а атмосферата ја загреа групата „Меморија“ со песните „Едно име имаме“ и „Ние сме деца на Македонија“. 

Со почетокот на церемонијата, присутните беа поздравени од ректорот на Универзитетот Скопје, професор д-р Аце Миленковски, кој во својот говор го истакна значењето на високото образование и континуираната посветеност на младите во процесот на учење. Неговите зборови беа исполнети со инспирација и мудрост, кои ги поттикнаа дипломците да размислуваат за својата иднина, не само како професионалци, туку и како активни членови на општеството.

„Дипломирањето е важен камен-темелник во животот на секој студент, но не заборавајте дека вашето образование не завршува со денешниот ден. Тоа е само почеток на една нова фаза, фаза на примена на знаењето, на решавање на проблемите и на предизвиците со кои ќе се соочувате во светот. Но, знајте дека успехот нема да дојде само преку формално знаење“, рече Миленковски, нагласувајќи дека само со континуирана посветеност, напор и истрајност, студентите можат да ги постигнат највисоките цели.

Во духот на инспирацијата и поддршката, ректорот ги охрабри дипломците и магистрите на Универзитетот Скопје да најдат време за многу важни аспекти од животот – работа, размислување, играње, читање, љубов и радост.

Миленковски: „Играјте ја секоја улога што ќе ви ја доделат и носете се со играта. Играта е музиката на нашите души, а таа ни е потреба. Кога душата ќе ви биде наполнета, никој не ви може ништо.“

Миленковски: „Играјте ја секоја улога што ќе ви ја доделат и носете се со играта. Играта е музиката на нашите души, а таа ни е потреба. Кога душата ќе ви биде наполнета, никој не ви може ништо.“

„Ве молам, најдете време за работа! Знаете зошто? Работете затоа што работата е цената на вашиот успех, а кога ќе дојдете до вашиот успех, плаќајќи ја цената преку вашата работа, немојте ве молам никому да дозволите вашиот успех да го оспори и да го претвори во неуспех. А, постојат такви луѓе, секогаш постојат луѓе кои го оспоруваат и нашиот успех, на нашиот Универзитетот. Најдете време за размислување, секое утро, секоја вечер, секој ден, мислете длабоко, размислувајте високо, размислувајте во широчина, размислувајте најдолго. Зошто да размислувате? Затоа што размислувањето е клучот на моќта, научете да помислите пред да кажете каков било збор, научете да размислите пред да донесете каква било одлука, затоа што мислењето и размислувањето е клучот на моќта. Најдете време и за игра, играјте ја секоја улога што ќе ви ја дадат, играјте прекрасно како најдобрите актери од Драмски театар од Скопје, од овде од МОБ, играјте како овие прекрасни балетани што го изиграа орото на нашиот Универзитет. И јас ја играм играта на ваш ректор! И носете се со играта, играта е музиката на нашите души, а таа ви е потреба, кога душата ќе ви биде наполнета, никој ништо не ви може! Бидете сигурни, јас Ви го велам тоа од оваа говорница“, изјави ректорот Аце Миленковски на свечената промоција на 16-та генерација дипломци и 14-та генерација магистри од Универзитетот Скопје. 

Во своето обраќање, тој нагласи дека успехот е резултат на труд и посветеност и потсети дека секој успех треба да се брани со достоинство, истакнувајќи дека само најдобрите се подложни на критика и на искушенија.

„Но, ве замолувам најдете време и за читање, читајте, знаете ли колку треба да читате, читајте книги, проза, поезија, драмски и филмски сценарија и љубовни пораки, затоа што читањето е основа на мудроста, а кога сте мудри, никој не може да ве надмудри, никој не може да ве надитри, и никој не може да ве надзбори. Затоа, ве замолувам, најдете време за читајте и по вашето дипломирање и магистрирање“, порача ректорот Миленковски. 

Ги повика дипломците и магистрите секојдневно да негуваат љубезност, бидејќи токму таа го отвора патот кон среќата. 

Дипломците и магистрите дадоа свечена заклетва пред ректорот.

Дипломците и магистрите дадоа свечена заклетва пред ректорот.

„Бидете љубезни, ве замолувам бидете љубезни, таа го отвара патот кон среќата, а да се биде среќен, нема поголемо и повозвишено задоволство од среќни ликови, од среќни погледи, од среќни усни, од среќни души, од среќни луѓе, како што сте вие дипломци и магистри. Најдете време за љубовта, љубете за да бидете љубени. Чија е привилегијата на љубовта? На боговите. И слободно кажете јас сум Бог, Божица, затоа што без љубовта ништо не може да се помрдне во светот. Уживајте во таа привилегија, но најдете време и за смеење, смејте се секогаш, затоа што смеата е музиката на нашата душа. Но најдете време и за себе, осврнете се на себе, затоа што немојте никогаш да заборавите што сте вечерва, а што бевте претходно. И кога ќе стигнете далеку во вашата кариера, секогаш сетете се на оваа вечер“, кажа Миленковски. 

Тој ја истакна важноста на љубовта – кон себе, кон Бога, кон татковината и кон семејството, како основа за остварување на личните и општествените цели.

„Љубовта кон Бога, таа е многу важна, таа е една од најважните оти преку тоа ќе научиме зошто всушност ние постоиме. Пред сѐ потребно е да се верува во Бог, бидејќи оној што му припаѓа на Бога, треба да верува дека тој постои. А како се сака Македонија или татковината. Кога зборуваме за патриотизам, поопасно од тоа човек да не е патриот е лажен патриот. Можеме да го вееме знамето, да носиме државни симболи, а во исто време да плукаме по улици и да фрламе ѓубре насекаде. Децата учат од нас, и се рефлексија на родителите, како што студентите се рефлексија на нас професорите и ако веќе сме расположени да распнуваме некого, ајде да почнеме од себеси, па нашироко, од поблиску кон подалеку. Што е семејството? Тоа е клетка на општеството, третата вредност на љубовта. Во семејството се вложуваат големи надежи, но тоа има големи задачи. Семејството на членовите треба да им овозможи добро живеење, стабилни односи, чисти емоции и остварување на визиите и намерите. Семејството е остров на разбрануваното море што се вика живот, држејќи се заедно, знаејќи дека се еден покрај друг, членовите имаат сила да ги издржат сите бури. Во семејството се негува најубавото човечко чувство, а тоа е повторно љубовта, семејството е татковина на љубовта. Човекот најмногу се труди во полза на семејството, семејната љубов предизвикува најмногу благородни чувства кај човекот. Токму такво големо семејство е нашиот Универзитетот Скопје, на кое им припаѓате вие и вашите родители, и јас ве поздравувам и ви се поклонувам до земја поради тоа“, порача ректорот Миленковски. 

Во продолжение на својот говор, ректорот Миленковски ја истакна важноста на интелектуалната одговорност, која лежи на секој дипломец. 

„Нашиот Универзитет е светилник на надежта, а надежта е вкоренета во решенијата кои секојдневно ги создаваме. На нашиот Универзитет има експертиза за поефикасно спроведување на знаењето во кое се втемелени вашите вештини и компетенции, а ние како академски кадар мора да обезбедиме дека нашето образование е релевантно и дека можеме да ги задоволиме потребите на ова наше македонско општество. Драги мои дипломци и магистри, заедно со вас ќе ја направиме нашата Татковина подобро место за живеење“, истакна Миленковски. 

на проф. д-р Јове Кекеновски му беше доделена почесна титула Professor Honoris Causa, а на г-н Феми Косовали почесна титула Doctor Honoris Causa.

на проф. д-р Јове Кекеновски му беше доделена почесна титула Professor Honoris Causa, а на г-н Феми Косовали почесна титула Doctor Honoris Causa.

На свечената промоција, дипломците и магистрите дадоа свечена заклетва пред ректорот, а беа прогласени и најдобрите дипломци и магистри. Универзитетот Скопје им додели и признанија на истакнати научници и интелектуалци за нивниот придонес за развојот на високото образование и економијата. 

На проф. д-р Слободан Ивановиќ, редовен професор во трајно звање, му беше доделено почесното звањето Professor Emeritus, на проф. д-р Јове Кекеновски му беше доделена почесната титула Professor Honoris Causa, а на г-н Феми Косовали почесната титула Doctor Honoris Causa.

Image
Newsletter