Македонија остана без пасош за ЕУ. Не успеа да го извади навреме пред да ја затекне рокот за промена на пасошите. Петте години од Преспанскиот договор брзо поминаа и реалноста ги изненади властите. Институцијата задолжена да го спроведе новото име во личните документи на граѓаните покажа дека не е кадарна за тоа. Но, покажа и нешто уште полошо, а тоа е дека свесно ги измамила граѓаните издавајќи им пасоши со старото име на државата иако се знаеше дека тие нема да важат по 12 февруари 2024 година.
Државата не спроведе ниту една кампања во јавноста за да ги потсети граѓаните на обврската за имплементирање на новото име.
Кој ја криеше вистината? Власта која не се подготви навреме? Граѓаните кои не почнаа порано да ги менуваат ВАЖЕЧКИТЕ документи? Може ли трошокот за вадење нови пасоши и лични карти да им се рефундира од буџетот?
Поранешниот министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски предолго ја лажеше јавноста дека е сѐ во ред, кога со месеци немаше ниту термини ниту обрасци за завршување на процесот. Површност и погрешни проценки кои доаѓаа од власта, денес скапо ја чинат државата. Нејзиниот углед е драматично нарушен, како дома, така и во меѓународни рамки. Правото на слобода на движење што им е загарантирано на граѓаните со Устав, сега им е загрозено. Многумина очекуваа дека МВР самата ќе се организира навреме и ќе им подготви нови документи со познатите податоци и фотографии, со достава до домашната адреса. Сметаат дека со ваква организација ниту ќе имало гужви, ниту дека граѓаните на крајно понижувачки начин ќе чекаа со часови и денови пред пунктовите на МВР. Ќе одговара ли некој за целата ситуација?