„Влијанието на вештачката интелигенција во глобалниот туризам“ – главна тема на Генералното собрание на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UN Tourism)

Ректорот Миленковски и деканот на Факултетот за туризам, Граматниковски на Генералното собрание на Светската туристичка организација.

Во периодот од 7.11.2025 до 11.11.2025 година, делегација на Универзитетот „Скопје“ учествуваше на собранието на Светската туристичка организација (UN Tourism), што се одржа во Ријад, Саудиска Арабија. Локацијата на настанот беше избрана на седницата на претходното собрание одржано во Астана, Узбекистан, пред сè како признание на инвестициите кои Саудиска Арабија ги прави во областа на туризмот и нејзината стратегија за динамичен развој на ова важна стопанска гранка.

Овој престижен меѓународен настан претставуваше значајна платформа за размена на идеи, искуства и најнови трендови во туристичкиот сектор, особено во време на брзи промени и нови предизвици во глобалната туристичка индустрија.

Делегацијата на Универзитетот „Скопје“ беше предводена од страна на ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски, кој со своите искуство и авторитет ја искажа заложбата за промовирање на академскиот потенцијал на Македонија во областите на туризмот и меѓународната соработка. Покрај него, на собранието учествуваше и проректорот за наука и развој, проф. д-р Зоран Ивановски, кој се фокусираше на иновативните истражувачки проекти и идеи за одржлив развој на туризмот. Деканот на Факултетот за туризам, проф. д-р Сашко Граматниковски, ја претставуваше академската рамка за образовните и истражувачки активности во областа на туризмот, додека колегата м-р Љупчо Накев, како менаџер на односи со јавноста на универзитетот, беше одговорен за подобрување на јавната кампања и на меѓународните односи на нашиот универзитет.

Во текот на настанот, на 7.11.2025 и на 8.11.2025 година беа одржани пленарните сесии на придружните членки на Светската туристичка организација, со фокус на примената на современите технологии во туристичкиот сектор.

На пленарната седница на придружните членки се обратија Министерот за туризам на Саудиска Арабија, Ахмет Ал Катеб, сегашниот претседател на UN Tourism, Зураб Пололикашвили, новата претседателка Шаика Ал Новаис, која стапува на должност во јануари идната година, како и директорот на придружните членки, Ион Вилцу. Станува збор за над 500 придружни членки од 165 држави, меѓу кои е и Универзитетот „Скопје“ од Република Македонија. Главни теми беа – програмата за работа на придружните членки на UN Tourism и новиот модел за партнерство со државите членки.

За делегацијата на Универзитетот „Скопје“, овој светски собир беше можност за повеќе средби со потенцијални партнери и колеги од универзитети и образовни институции од други држави. Разговарано е главно за можностите за меѓусебна соработка и договори за посета на Универзитетот „Скопје“ и Македонија како атрактивна туристичка дестинација.

Во оваа пригода, ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, се запозна со новата претседателка на UN Tourism, Шаика Ал Новаис, при што ѝ го честита изборот на таа функција.

Особено импресивен беше вториот ден, кога се одржа финалната етапа на проектот UN Tourism Tech Adventure, во рамките на кој се избираа најдобрите иновативни решенија за користење на вештачката интелигенција во туристичкиот сектор – The Grand Final of the UN Tourism Artificial Intelligence Challenge.

Од повеќе од 150 пристигнати проекти, селектирани се пет финалисти од Шпанија, Бразил, Индија, Колумбија и Саудиска Арабија, кои имаа можност лично да ги претстават своите идеи. Станува збор за првокласни софтверски решенија, а особено интересно беше да се видат апликации кои директно придонесуваат за олеснување на туристичкиот престој, поголема ефикасност и одржливост во работењето на хотелските и туристичките капацитети. Претставените софтвери беа дизајнирани со цел да ја унапредат работата на хотелите и туристичките агенции, вклучувајќи системи за управување со имот, услуги за чистење и одржување на објектите, како и виртуелни консиерж-услуги.

Најпрепознатлив беше софтверот на компанијата Hotel Ops AI од Индија, кој нуди интегрирано решение за управување со хотели, а особено внимание привлече софтверот со вештачка интелигенција за менаџмент на масовниот туризам во Малага, Шпанија, наречен Cicerone. Исто така, се истакна и решението за комплексни предизвици од Бразил, Zenodo, кое нуди напредни функционалности за анализи и оптимизација во туристичкиот сектор.

Овој дел од пленарните сесии на придружните членки имаше фокус на тоа како иновативните технологии и вештачката интелигенција можат да го трансформираат туристичкиот сектор, создавајќи поефикасни, одржливи и кориснички пријателски услуги. За учесниците и публиката, ова беше вистинска инспирација за потенцијалот на технологијата да ја подобри туристичката индустрија на глобално ниво. Во текот на истиот ден се одржа и 124. седница на Извршниот комитет на Светската туристичка организација.

Г-ѓа Шаика Ал Новаис, нов генерален секретар на Светската туристичка организација.

Г-ѓа Шаика Ал Новаис, нов генерален секретар на Светската туристичка организација.

На 9.11.2025 година, во рамките на собранието на Светската туристичка организација, беше одржано 26. Собрание на претставниците од државите членки, на кое учествуваа високи функционери и министри за туризам од целиот свет. Ова важно собрание претставува платформа за размена на идеи, договори за иднината на туристичката индустрија, како и потврда на клучните кадровски и организациски одлуки.

Главната точка на дневниот ред беше изборот на нов генерален секретар на организацијата. По првпат во историјата, на оваа функција беше избрана жена, г-ѓа Шаика Ал Новаис од Обединетите Арапски Емирати. Нејзиниот избор беше во чест и со симболика за напредокот и посветеноста на Емиратите во областа на туризмот и меѓународната соработка. Овој значаен настан ја потврдува посветеноста на организацијата кон инклузијата и одржливиот развој, а изборот на г-ѓа Ал Новаис како одговорна за водечката улога во светски рамки, носи порака на силна поддршка за младите лидери и жените во оваа индустрија.

Пораката од оваа одлука е доказ за напредокот во светски рамки, што ја нагласува важноста од иновации, соработка и посветеност на целите за одржлив туризам.

На маргините на Генералното собрание на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UN Tourism), што се одржуваше во Ријад, Саудиска Арабија, директорот за иновации, едукација и инвестиции, Антонио Лопез де Авила му го додели сертификатот за квалитет за Факултетот за туризам при Универзитетот „Скопје“, на ректорот Аце Миленковски. Ова беше момент од огромно значење за Универзитетот „Скопје“, кој е лидер на домашната високообразовна сцена, а со овој сертификат за квалитет добива потврда за континуиран квалитет и од страна на меѓународната компетентна јавност. Имено, со овој TedQaul-сертификат, се потврдува квалитетот на наставата на прв и на втор циклус на Факултетот за туризам од страна на UN Tourism.

Ова големо признание доаѓа откако во февруари годинава, претставник на UN Tourism и меѓународен ревизор за квалитет во високото образование, проф. д-р Антонио Карлес од Валенсија, неколку дена беше во Скопје за да изврши евалуација на квалитетот на Факултетот за туризам при Универзитетот „Скопје“. По извршената евалуација, професорот Карлес изјави дека Универзитетот „Скопје“ е меѓу 100-те најдобри факултети за туризам во светот.

Всушност, Факултетот за туризам при Универзитетот „Скопје“ и досега имаше два пати добиено сертификат TedQaul, кој сега е обновен и за наредните три години, со забележителен резултат од 91% остварени критериуми на ова престижна ревизорска институција.

Учесниците од Универзитетот „Скопје“ активно зедоа дел во дебатите, презентациите и во работните сесии, а со особена гордост ја претставија можноста за воспоставување нови партнерства и размена на знаења со колеги од целиот свет. Оваа посета не само што ја зајакна меѓународната позиција на универзитетот, туку и отвори нови перспективи за заеднички истражувачки проекти, студентски разменски програми и академска соработка. Тука би ја истакнале иницијативата за соработка помеѓу Универзитетот „Скопје“ и Tripadvisor, една од водечките светски платформи за туризам. Двете страни го препознаа високиот квалитет како гаранција за заеднички идни потфати и проекти.

Општо гледано, учеството на Собранието на Светската туристичка организација во Ријад беше важен настан за развојот на туризмот како стратегиски сектор за Македонија и за зголемување на квалитетот на образовниот и на научниот потенцијал на Универзитетот „Скопје“. Овој настан ја потврди важноста од активен ангажман во регионални и глобални иницијативи, како и искуствата и можностите што ги нуди меѓународната соработка.

Без сомнение, ваквите меѓународни контакти и учества се клучни за напредокот на академските институции и за ползата што тие можат да ја носат за општеството во целина. Универзитетот „Скопје“ остава свој знак на глобалната туристичка сцена, со надеж дека оваа иницијатива ќе биде траен импулс за идни успешно реализирани проектни дела и размена на знаења.

Врз база на стекнатите искуства, Универзитетот „Скопје“ силно се насочува кон примената на вештачката интелигенција во образованието на студентите на прв и на втор циклус во наредниот период. Ова ќе биде уште една потврда на лидерската позиција на универзитетот во високото образование во Македонија и сигурен исчекор кон поголем број нови студенти во следната академска година.

Image
Newsletter