Кризата најмногу удри по бизнисот
Хаосот со издавањето на личните документи и патни исправи во Македонија неодамна кулминираше до точка на вриење. Како гром од ведро небо беше најавата од страна на владините институции дека од 13 февруари 2024 година престануваат да важат патните исправи и возачките дозволи со името Република Македонија и дека во важност ќе бидат само патните исправи и возачки дозволи со името Република Северна Македонија.
„Согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија“, информираа од Министерството за внатрешни работи на 11 февруари годинава.
Но, и покрај тоа што ваквата информација месеци наназад „бледо“ се споменуваше, најголем дел од граѓаните не веруваа дека 13 февруари ќе биде крајниот рок. Отсуствуваше поголема информативна кампања од страна на државните институции, па се создаде некакво мислење дека овој рок ќе се пролонгира.
Новонастанатата ситуација создаде хаос, како меѓу граѓаните што живеат во земјата, така и меѓу нашите државјани што работат во странство.
Заглавени на еден или друг начин беа сите граѓани што ги немаа документите со новото име, оние што се наоѓаа во странство на привремена работа и кои имаа пасоши со старото име, транспортерите, како и оние што планираа наскоро да патуваат надвор од државата.
Сите со „дрва и камења“ обвинуваа за неспособноста и нефункционалноста на системот во државата и нарушување на слободата на движење на граѓаните, па се закануваа и со тужби кон државата.
Проблемот со личните документи за македонските граѓани настана како последица од обврската преземена со Договорот од Преспа, а во него стои дека сите документи на кои стои старото име, ќе бидат променети за пет години од стапувањето во сила на Договорот. Проблемот за кои многу граѓани негодуваа е зошто во меѓувреме, откако се потпиша Договорот од Преспа, се издавале документи со старото име, а сега повторно да треба да се менуваат.
Медиумите беа сведоци за хаосот, турканиците во пунктовите за сликање и издавање патни документи што беа под секакво човечко достоинство, се чекаше од утро до вечер, а имаше и случаи кога по долгото, чекање некои граѓани колабираа.
Во меѓувреме, атмосферата беше дополнително вжештена по информацијата дека нема доволен број обрасци за изработка на пасошите.
Да биде иронијата поголема, ниту една земја, без разлика дали е во ЕУ или не, немаше одлука дека од посочениот датум нема да прима македонски граѓани со стариот пасош, туку нашето министерство за надворешни работи самото испраќаше дописи дека патните исправи со „Република Македонија“ се неважечки иако се со важечки датум.
Но, тоа барање не е задолжително за голем број држави, па затоа и денеска имаме голем број држави од ЕУ и од регионот што ги прифаќаат старите пасоши, со што се создаде една целосна конфузија меѓу граѓаните.
Покрај пасошите, неважечки станаа и сообраќајните и возачките исправи со старото име, но по силните реакции на јавноста, Собранието направи измени само за возачките дозволи. По брза постапка се изгласаа измените во Законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо до 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година за внатрешна употреба.
Личните карти засега се користат и како патен документ во земјите од регионот – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Она за што пратениците се договорија без проблем и за што направија измени на Изборниот законик се изборите. За овие избори ќе важат и старите и новите документи, па дури и тие што се истечени, но не повеќе од девет месеци до датумот на одржување на изборите.
Зоран Кочоски, сопственик на „Коузон“. | Извор: Телма
БИЗНИСОТ ТРПИ ШТЕТА, РЕАКЦИИ ОД СИТЕ СТРАНИ – ПРЕВОЗНИЦИ, ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ, РАБОТНИЦИ НА БРОД
Вжештени беа телефонските линии од страна на нашите граѓани што работат во странски држави. Со прекин на договорите за работа се соочуваа многумина од нив, оние што работат на брод, семејства што живеат далеку од Македонија и не биле информирани за оваа одлука, граѓани заминати на далечни дестинации од разно-разни причини.
Голем број од нив се пожалија дека поради пасошот што стана одеднаш неважечки, им се прекинувале договорите за работа и визите, па беа принудени да се вратат дома. Но, и тоа беше тешко бидејќи патниот лист со кој единствено можеа да се вратат во својата земја, требаше да го подигнат во амбасадата или конзулатот на Македонија во најблиската држава, а тоа за некои беше оддалечено и илјадници километри. Ова особено го почувствуваа превозниците, кои не можеа да си ја вршат работата или едноставно остануваа заглавени низ Европа.
За тоа со какви проблеми се соочуваа граѓаните што работат надвор од Македонија или тие што планирале да заминат да работат надвор од државата, зборуваше Зоран Кочоски од агенцијата „Коузон“, која посредува за работа во странство на повеќе програми како „Работи и патувај“, работа на брод или работа во некои западноевропски земји.
Тој за медиумите изјави дека кај граѓаните што се на привремена работа во странство и кои немаат пасош со новото име, постои огромна тензија.
„Има граѓани со регулиран престој, ама со пасош со старото име. Тоа е сега ставено под знак прашалник, проблемот е многу сложен и грешка е што државните институции навреме не реагираа за да се избегне овој хаос. Требаше најмалку една година претходно државните институции да бараат граѓаните да ги променат документите“, изјави Кочоски, сопственик на „Коузон“.
Според него, до ваков хаос дошло поради непрофесионалноста на институциите, кои и во 2020 година издавале пасоши со старо име.
„Непрофесионализмот на државните институции доведе до овој хаос. Како може некој да издаде пасош во 2021 година со важност од 10 години кога знае дека тој пасош ќе биде валиден до 12 февруари 2024 година? Ако немало нови обрасци и требало усогласување, требало да ја стават важноста на тие пасоши само до 12 февруари 2024 година. Така ќе се надминеше дел од тензијата. Кога давате валидност на пасош во време кога знаете дека не може да биде валиден по 12 февруари, грешката е 100 проценти ваша. Со право граѓаните и сите ние реагираме затоа што сме доведени до позиција да не знаеме како понатаму. Има заглавено луѓе со пасоши, но и со возачки дозволи. Што ќе прават тие што излегле со возило, а имаат возачка со име Република Македонија, како ќе се вратат со сообраќајните дозволи во државата, дали ќе важат патните листови и за возилото, како ќе се вратат назад во Македонија тие камиони што ги има повеќе од 1700 со македонски документи? Тоа е сето грешка на државните институции и некој мора да сноси одговорност“, изјави Кочоски.
Ваквата состојба вели тој, придонесе за многу негативен имиџ за Македонија и за многу негативен набој кај македонските граѓани, а некои дури сакаат и да се откажат од македонското и да го земат кое било државјанство само да не го трпат ова од македонските институции.
Тој даде и еден пример за Македонец што работи на брод, но компанијата му го прекинала договорот за работа затоа што имал невалиден пасош, а вели дека поради невалидни пасоши имало заглавени луѓе низ цел свет.
Туристичките агенции повторно на удар.
По Ковидот, туристичките агенции повторно на удар, но сега поради проблемот со пасошите
Зад нас останаа проблемите во сите сектори предизвикани пандемијата со Ковид-19, во која едни од најпогодените беа и туристичките агенции. Ова како да не беше доволно, па сега тие повторно трпат огромни штети поради проблемот со пасошите. Од една страна има откажување на аранжманите, а од друга страна нема закажување нови.
Од туристичките агенции се пожалија дека 20 проценти од пролетните аранжмани се веќе откажани, а намалени се и уплатите за претстојната летна сезона бидејќи граѓаните не знаат дали дотогаш ќе имаат валидни пасоши.
Дел од нив се жалат дека работата им трпи, а засега прават пресметки колку пари ќе загубат, поради што сѐ уште е неизвесна рефундацијата на веќе резервираните и уплатените авиобилети и аранжмани.
Овен што нема уплати за летната сезона, аранжмани се откажаа за 8 Март, Велигден, 1 Мај.
Агенциите ја обвинуваат државата дека била неажурна и дека поради тоа трпат огромни загуби – непополнувањето на бројката на групите значи и плаќање пенали. Агенциите имаат проблем и со бродските компании и со реномираните хотели, кои не враќаат пари за веќе договорени патувања.
Оттаму објаснуваат дека дури и дел од оние што имаат нов пасош би можеле да извисат бидејќи агенциите ќе мора да откажуваат цели аранжмани ако не успеат да го пополнат минималниот број патници.
Превозниците издејствуваа брза лента. | Извор: МИА
По алармот со превозниците, најдено решение
По алармот што го вклучија превозниците дека како резултат на проблемот со пасошите, над 200 професионални возачи во државата се принудно паркирани, односно не можат да излезат и да возат во земјите низ Европската Унија, на седница на Владата се донесе одлука за воспоставување брза лента за издавање патни документи за сите професионални возачи. Со одлуката се опфатени сите транспортери и превозници што поседуваат валидни сертификати за професионални возачи, на кои им се овозможи по приоритет да ги заменат патните документи со цел континуирано извршување на работните обврски.
Постапката за пријавување се извршува преку здруженијата и асоцијациите на транспортерите, со што листите со професионални возачи ќе се достават до Министерството за транспорт и врски, кое ќе ја проверува валидноста на сертификатите, а понатаму ќе ги проследува до Министерството за внатрешни работи.
„Изнаоѓаме решение како Влада за издавање патни исправи на брза лента со цел да ѝ излеземе пресрет на оваа многу значајна дејност за државата, имајќи предвид дека околу 90 проценти од товарниот транспортот во државата се врши по патниот сообраќај. Од транспортниот сектор многу зависи домашната економија, и затоа сакаме да овозможиме транспортот да не трпи поради состојбата што ја имаме во моментов со патните исправи. По барањето на здруженијата на транспортери, разговаравме, по што Владата ја усвои таа информација и МВР се задолжи да ги забрза процедурите за професионалните возачи“, изјави министерот Бочварски.
Во меѓувреме, надлежните информираа дека се набавени нови обрасци и дека се отворени нови пунктови, сѐ со цел да се забрза издавањето на патните документи.