Граѓаните со празни џебови одамна бараа намалување на цените барем на основните производи и покачување на платите. Не го добија ниту првото ниту второто. Рекордно високата инфлација на крајот на 2022 година дополнително ги осиромаши семејствата. Се купуваше сѐ помалку, затоа што секој производ беше сѐ поскап. По многубројните апели на населението и на експертите, Владата конечно оваа пролет реши да ги замрзне цените на лебот, млекото, јајцата, тестенините и на хигиенските производи за да им олесни на граѓаните. Тоа, очекувано не помина без огромна помпа и владина пропаганда. Премиерот со министрите речиси секој ден „демек“ ги проверуваа супермаркетите и другите трговци. Но, дали ќе дадат резултат овие мерки и дали ќе се намали инфлацијата, останува да се види во следните месеци.
Субвенционирањето на струјата не роди плод
„Ако сѐ поскапува, барем основната храна да можеме колку толку да си дозволиме да ја платиме“, ова точно цела година го бараа граѓаните за да можат колку толку да го поминат месецот. Сепак, Владата немаше слух за нивните барања. Се „крстеше“ во пазарната економија и велеше дека цените на глобално ниво растат, дека мора да издржиме и дека постојано работат на нови мерки за помош на најзагрозените. Сепак, за мерките се изначекавме, а кога беа презентирани, помош имаше само за социјалците и за пензионерите, и тоа само ограничено, во времетраење од неколку месеци. Па, се отиде со решение да им се помогне на прехранбените компании, да се субвенционира трошокот за електрична енергија. Фирмите добија пониска цена на струјата, но цените останаа исти до крајот на 2022 година. По малото стагнирање, овој март цените на најосновните производи го достигнаа плафонот. Леб од едно евро, млеко од евро и пол, кромид со рекордно висока цена. Џебовите почнаа да се „тенчат“. Министерството за економија, кое забележа дека трговците „играат мајтап“ со населението и дека производната цена не е ниту приближна до онаа што граѓаните ја плаќаат на каса, со недели правеше анализи. Конечно одлука падна. На стартот на март се замрзна цената на белиот леб на 33 денари и се укина повластената цена на електричната енергија за производителите. Претходно тој чинеше од 45 до 50 денари, и тоа само за 450 грама. „Не смее да се дозволи едни да плаќаат, а други да се богатат“, велеа надлежните.
Ваквата мерка дојде откако пекарниците се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден откако ќе биде објавена во „Службен весник“ одлуката за замрзнување на цената на лебот. Пекарско-мелничарската индустрија сметаше дека замрзнувањето на цената на 33 денари води кон затворање на компаниите кои веќе имаат загуби. Сепак, Владата успеа да ги „опамети“.
И јајцата со замрзнати цени | Извор: Министерство за економија
По лебот, се ограничи и цената на млекото и на млечните производи. Претходно вистински луксуз беше да се купи млеко во продавница. Никаде не можеше да се најде литар под 70 денари, а некои млекарници одеа со цени и до 100 денари. Па така, падна одлука од 16 март да се замрзнат цените на млекото за 10% и на тестенините за 15%, и оваа одлука да важи до крајот на мај годинава.
Министерот за економија Бектеши тогаш упати и порака за производителите на млечни производи да не прават притисок до кооперантите за да ги намалат цените на земјоделците, затоа што, како што нагласи, анализите биле направени многу прецизно.
„Млечните производи биле утврдени со маржа од 10 отсто во големопродажба и 10 отсто во малопродажба, што значи производителите имале простор од 20 отсто за утврдување на цените, да конкурираат меѓу себе и како домашни производители и како увозници, а ние одлучивме половина од тој простор да го намалиме на 10 отсто, што значи да се намалат нивните профити, а не да направат загуби“, рече Бектеши.
Следеа и други тури. Се ограничи и највисоката, максимална цена на јајцата, хигиенските производи (тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелени за деца и возрасни, хигиенски влошки), овошјето и зеленчукот. Од април, максималните цени на лимоните и портокалите се ограничи на 55 денари, кромидот и мандарините до 60 денари, доматот, карфиолот и бананите се продаваат до 70 денари за килограм, краставиците и гравот до 75 денари, зелените пиперки до 90 денари и на леќата, чија максимална цена до 30 април е ограничена до 110 денари за килограм.
Сепак, власта се пишмани многу брзо. Овие замрзнати цени не издржаа ниту една седмица затоа што поскапел увозот. По консултациите со увозниците на овошје и на зеленчук, беше одлучено да се направи мала корекција на цените на овие производи. Цените на овошјето и на зеленчукот, кои беа наведени во одлуката, сега нема да се продаваат за повеќе од 100 денари.
Надлежните информираа дека нашиот увоз се прави од Турција, Грција, Србија и од Албанија, и според најновите цени во Царинската управа, се ревидираат замрзнатите цени нагоре. Се утврди дека согласно новите пресметки од Царината, дел од увозниците прикажале двојни лажни фактури за да имаат огромен ќар, а министерот ги потсети дека затајување на данок над 10.000 евра е кривично дело и секој што се огрешил ќе одговара. Дополнително, надлежните најавија дека ќе ги објават имињата на оние кои решиле да заработат на грбот на граѓаните и да затајуваат данок.
Преглед на цени за одредени земјоделски производи (овошје и зеленчук)
Увоз по земја-испраќач по денови | Период: од 15 март 2023 до 28 март 2023
Населението смета дека помошта изостанала
Во супермаркетите, продавниците и на зелените пазари, сликата е поразителна. Граѓаните забележуваат одредени намалувања во цените, но велат дека тоа довело до недостиг од токму на оние најевтините производи. Па така, на рафтовите има неколку векни бел и дури десетици векни леб со семиња. Неколку млека по 60 денари и цел ред полици со млеко со витамини или со ниска масленост и без лактоза, кое достигнува и над 90 денари по литар. Слични примери има и со другите производи.
Во гајбите домати, краставици, пиперки и кромид речиси и да нема, а онаму каде што останале, цените ниту се замрзнати ниту намалени туку значително зголемени. Во еден од поголемите ланци на супермаркети, можеше да се најдат и домати за 180 денари. Граѓаните реагираат дека власта си игра со нивните пресметки. Прашуваат како е можно да е толку скапо, додека функционерите за нив си ги зголемуваат платите без никаков проблем. Велат мерката е задоцнета и ќе има ограничени ефекти, бидејќи цените сега само минимално се намалиле откако претходно галопирачки оделе само нагоре повеќе од 12 месеци.
Овошјето и зеленчукот по втор пат замрзнати со повисоки цени
„Ова требаше многу порано да се случи, а не да ги кренат цените и сега да се фалат дека ги замрзнале“.
„Ништо не е намалено, сѐ си е исто. Во маркетите не сме биле, ама на пазарите си е исто. Ако не ги намалат цените, треба да ни ги качат пензиите и платите, а тие ги покачија на едни по 800 денари, а на други по 6000 денари“.
„Колку и да ги замрзнат – џабе е. Што ќе замрзнат, за пет денари поевтино?!“
„Ги зголемуваат за 60%, а ги намалуваат за 7%“, реагираа граѓаните.
Овошјето и зеленчукот пак можеби поевтинија во маркетите, но не и на пазарите. Некаде се продаваше поскапо, а го немаше на многу тезги. Кусокот од производи е сѐ уште евидентен.
Трговците се пожалија дека продаваат залиха останата од претходните денови, но нова набавка нема, зашто магацинските цени се во висина на замрзнатите од Владата, па тие наместо со ќар, работат со загуба.
„Не смееме да товараме на таа цена, нема да можеме да ја работиме робата и затоа немаме роба, таа роба што ни остана, и со неа тераме. Магацините си ја држат цената, а на нас намалена, не може да се работи. На гравот му бараат 130 денари, а овде е 75 денари, ние не можеме да продаваме и грав ќе нема“, рекоа пазарџиите.
Трговците со максимални маржи
Анализите покажаа дека трговците и тоа како заработиле од продажба на овошје и на зеленчук. Најмногу ќар имале увозниците и трговците на големо. Маржите во март се движеле од 100 до дури 250 проценти. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски рече дека јасно се дефинирани производствените трошоци на земјоделците, но и откупните цени што се плаќаат кон нив.
„Од тие анализи произлегува дека најголем дел од цените што граѓаните ги плаќаат, одат за маржа, не за земјоделците. А во овој момент, го немаме тоа домашно производство. Затоа, целото наше мислење беше дека во овој момент нема проблем во делот на домашното производство на тие производи, односно замрзнувањето и ограничувањето на овие цени нема да влијаат врз трошоците и врз приходот на земјоделците, туку врз сите оние што сакаат да профитираат на грбот на граѓаните. Во целокупната цена, најголема застапеност има маржата“, рече тој.
Ковачевски јаде сендвич со мортадела | Извор: алфа тв
Земјоделците и купувачите обвинуваат за популизам
Актуелното замрзнување на цените на раноградинарските производи е чист популизам, бидејќи како мерка е и задоцнета, и промашена, и како таква ни приближно не го решава длабокиот проблем. Ова се само дел од обвинувањата на земјоделците кон Владата. Според нив, Владата требала да им помогне со намалување на превисоките цени на репроматеријалите, кои долго време неконтролирано дивеат. Замрзнувањето на цените на овошјето и на зеленчукот, не само што било бескорисно, туку и погубно за домашните производители на храна.
„Најконкретно, во моментов имаме случај кога буквално се бара главица кромид повеќе, а на пазарот ја нема, додека до пред некоја година бучинскиот кромид се фрлаше во центарот. Значи, сѐ додека не се намалат цените на препаратите и не се задржат колку-толку пристојни цени на производите, ние ќе имаме намалување на производството. И ако сега зборуваме за недостигот од храна, верувајте дека за година-две, ние ќе зборуваме буквално за немање на храна“, вели Васко Јосифовски, земјоделец од с. Трновци, Битолско.
Премиерот Ковачевски, заедно со министерот за економија Бектеши и директорот на Пазарната инспекција, редовно вршеше т.н. контроли низ скопските супермаркети. Демек ќе гледале и сакале лично да се уверат дека цените паѓале во обид да ги убедат граѓаните дека владините политики даваат резултати. На терен, се редеа секојдневни посети низ продавниците. Прво да се уверат дека лебот поевтинил, па дека се намалила цената на млекото, па дека бананите се продавале за неколку денари помалку. Граѓаните не наседнаа на ПР-техниките на извршната власт. Разговорите дека премиерот купува еден леб дневно или дека се шегува со министрите дека со 400 денари ќе „врти“ палачинки по дома некако не им „држеа вода“. Особено ако се знае дека експресно си ги покачија платите, дека секој втор функционер си ги вработил ќерката или синот во „државно“ или, пак, дека бизнисот со соларни електрани е „златна кокошка“ за политичарите на власт.
Никој не поверува во сликата дека премиерот јаде сендвич со мортадела и месен нарезок или пак дека пие евтино сокче од боровница. Едноставно, сликите не само што не ги прикажаа функционерите како „луѓе од народот“, туку само ги зголемија револтот и гневот кај населението.
Бизнисот против замрзнувањето на цените
Чист популизам – ова е оценката на бизнис-секторот по замрзнувањето на цените. Тие бараат алтернативни решенија и активирање на стоковите резерви, потег кој Владата веќе долг период го одбива. Стопанствениците се гневни зошто Владата секоја недела „си игра“ весела математика со замрзнување на цените. Според извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, власта требала да го заштити населението како што тоа го прават другите држави, со финансиска инјекција на секое домаќинство. Таков пример, според него е Австрија, земја која во ниеден момент не ги оставила на цедило граѓаните, туку постојано им помагала со реални, а не со популистички мерки.
„Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите им се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените“, истакна неодамна Пешев.
Горан Трајковски, директор на Државен пазарен инспекторат | Извор: Влада
Над 2,5 милиони денари казни за непочитување на „замрзнатите“ цени
Државниот пазарен инспекторат секојдневно ги контролираше цените на замрзнатите производи на територијата на цела држава. Од почетокот на донесувањето на владините одлуки за „замрзнување“ на цените на одредени производи до првата недела од април, спроведени биле над 1.800 инспекциски надзори. Одлуките генерално се почитувале, така барем тврдеше в.д. директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
„Во неколку наврати се изречени и казни кои вкупно надминаа 2.5 милиони денари. Во зависност од големината на правниот субјект, варираат и висините на казните, кои се движат од 800 до 10.000 евра. Граѓаните постојано праќаат поплаки до нас за високите цени на рафтовите, но Државниот пазарен инспекторат нема ингеренции во формирањето на крајната цена на производите. Ние сме тука да вршиме проверки само на одлуките кои ги носи Владата и да спречиме нивна злоупотреба. Се очекува денеска да бидат замрзнати цените на зеленчукот и на овошјето, а сигурен сум дека во наредниот период ќе бидат замрзнати цените и на други производи за кои веќе се прават анализи“, нагласи Трајковски.
Ваквите мерки можат да ја „подгреат“ инфлацијата
Мерката за замрзнати цени не е мерка што е одлика на пазарна економија и може да предизвика спротивен ефект, предупредува Таки Фити, академик и долгогодишен професор на Економскиот факултет. Смета дека Владата мора многу внимателно да управува со оваа мерка бидејќи замрзнувањето на цените може да предизвика инфлаторен шок и енормно поскапување на производите откако ќе бидат одмрзнати.
„Зошто е лоша мерка? Затоа што обично се враќа како бумеранг. Ако ги ограничите цените на производите, ги лимитирате на определен временски период, кога ќе ги одмрзнете, условно да кажам, едноставно ќе дојде до силен пораст на цените што биле замрзнати или плафонирани, зависи каква мерка се употребува, што може да придонесе дури и за понатамошно разгорување на инфлацијата. Ако опфати голем број производи, гледате во кошничката на производи преку кои ја мериме инфлацијата, токму овие производи и цените што се замрзнуваат, играат значајна улога“, вели академикот Фити.
Според него, многу подобро решение би биле мерките на другите држави кои им помагаат на оние луѓе кои се најзасегнати, кои се најзагрозени, кои се социјални категории, кои финансиски ги помагаат, за да можат да ги пребродат овие тешки моменти.