Зошто во Македонија нема странски студенти?

Зошто во Македонија нема странски студенти? | Извор: Фото илустрација - Ристе Камчев

Зошто нема странски студенти во Македонија е прашање на кое државата во иднина треба да посветува огромно внимание со цел да се смени ваквата очајна состојба. Ако посетите некои од високообразовните установи, покрај домашните студенти, нема воопшто да забележите дека меѓу нив има студенти од странство.

За тоа кои се причините за малиот број, зошто треба странски студенти да дојдат во Македонија, што нудат нашите високообразовни институции, кои проблеми треба да ги решава државата, разговаравме со дел од академскиот кадар на Универзитетот Скопје. 

Тие, најголемата кочница ја гледаат во државните институции како Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука, во процесот на издавање виза за престој која треба да ја добијат странските студенти. Па така, „патот“ до неа е трнлив, макотрпен и обременет со бирократски процедури меѓу МНР, МВР и МОН. На крај, и оние студенти што размислувале да дојдат и да студираат во Македонија се откажуваат уште на старт затоа што освен што е сложена, процедурата за добивање дозвола за престој станува и скапа.  

„Во дискусијата за отсуството на странски студенти во Македонија и потенцијалната спрега меѓу министерствата за внатрешни работи, надворешни работи и образование, од суштинско значење е да се навлезе подлабоко во прашањето. Прво, повеќе од очигледно е дека има долгогодишни ограничувања за странските студенти што сакаат да се запишат на македонските универзитети. Ова е загрижувачки феномен, особено во сè поглобализираниот свет каде што меѓукултурната размена и меѓународната соработка се поважни од кога било. Причините зад овие ограничувања навистина заслужуваат критичко испитување. Едно можно објаснување е поимот заштита на домашните интереси. Сепак, овој аргумент брзо го губи својот кредибилитет кога ќе се противстави на практиките на многубројни европски земји што активно ги прифаќаат странските студенти. Многу држави од ЕУ, на пример, активно регрутираат студенти од целиот свет препознавајќи го непроценливиот придонес што го носат во нивните академски институции и локални економии. Земјите како Германија, Франција и Холандија имаат спроведено политики и иницијативи за привлекување странски студенти од целиот свет. Добро е познат отворениот став на Франција кон странските студенти. За пример се иницијативите како кампањата „Добредојдовте во Франција“, која ја олеснува нивната интеграција и обезбедува услуги за поддршка. Ваквите проактивни мерки не само што поттикнуваат енергична мултикултурна средина во универзитетите, туку и значително придонесуваат за локалната економија преку зголемена потрошувачка, отворање работни места и иновации.

Испитувањето на врската меѓу министерствата за внатрешни работи, за надворешни работи и за образование ги открива сите потенцијални бирократски пречки што може да го усложнат овој процес. Навистина, сложеноста и скапата процедура за упис на странски студенти во Македонија се значајни бариери. На пример, фактот што постои само една македонска амбасада на континентот Африка, лоцирана во Египет, ги навестува логистичките предизвици со кои се соочуваат идните студенти од другите земји на овој континент. Ова географско тесно грло не само што ги засилува бирократските пречки, туку и го зголемува финансискиот товар на апликантите. Ваквата сложеност и поврзаните трошоци дополнително ги одвраќаат потенцијалните странски студенти намалувајќи го и онака нискиот број на уписи. Оваа ситуација не само што се одразува лошо врз посветеноста на Македонија за интернационализација, туку и ја попречува нејзината способност да ги искористи различните придобивки што ги носат странските студенти“, изјави генералниот секретар на Универзитетот Скопје, проф. д-р Јана Илиева.

Проректорот за наука, проф. д-р Зоран Ивановски вели дека за привлекување странски студенти е потребен зголемен ангажман на универзитетите и сериозни инвестиции во маркетинг поради силната конкуренција од други земји. Иако се подготвени домашните универзитети да се зафатат со овој предизвик, се соочуваат со проблеми на секој чекор кај домашните државни институции. 

„Постапката за упис на странските студенти е комплицирана, недоволно координирана меѓу релевантните чинители и без реална желба состојбите да се менуваат и да им се олесни на универзитетите да запишуваат странски студенти. Главната пречка на тој пат е добивањето виза (дозвола за престој) за студентот, каде што МВР бара голем број документи, меѓу кои и нотарски договор за обезбеден стан. Имајќи предвид дека најголем број апликанти доаѓаат од азиските земји на кои им е потребна виза за доаѓање во Македонија, обезбедувањето договор за закуп станува речиси „невозможна мисија“ (како да обезбеди нотарски договор кога не може да влезе во државата?). На ова се надоврзуваат некоординараноста меѓу МНР (која ги прима апликациите за виза во странство) и МВР (која ги прима од МНР и носи конечна одлука за одобрување на престојот), како и недоволно конзистентна процедура на МОН за нострификација на претходното образование. На пример, се бараат свидетелства за 4 години средно образование иако во некои земји има друг систем (9+3)“, објаснува професорот Зоран Ивановски од Универзитетот Скопје. 

Бенефитите за нашата држава ќе бидат секако огромни ако се зголеми бројот на странските студенти во Македонија. Тоа ќе значи многубројни придобивки за нашата држава преку изнајмување станови, трошоци за живот и други активности што ќе значат дополнителен прилив и придонес за целокупната економија. Затоа, експертите апелираат да се намалат административните оптоварувања за да не заостанува Македонија во глобалниот натпревар за таленти и иновации. 

Странските студенти во Македонија може да бидат Еразмус-студенти и да поминат дел од студиите во други земји.

Странските студенти во Македонија може да бидат Еразмус-студенти и да поминат дел од студиите во други земји.

„Во светлината на овие предизвици, императив е овие министерства да го ослободат и да го рационализираат процесот на упис. Со намалување на административните оптоварувања и подобрување на пристапноста, Македонија може да привлече странски потенцијал кој не само што ќе ја збогати академската слика, туку и ќе произведе многубројни економски придобивки што го придружуваат меѓународното студентско присуство. Ова дотолку повеќе што отсуството на странски студенти носи значителни економски импликации. Меѓународните студенти, како што веќе споменав, не само што придонесуваат за различноста и богатството на академскиот дискурс, туку и внесуваат витални средства во домашната економија. Од школарина до трошоци за живот, нивниот финансиски придонес може да ги зајакне локалните бизниси и да поддржат создавање работни места.

Во суштина, недостигот од странски студенти во Македонија повеќе претставува пропуштена можност отколку заштитна мерка. Строгите процедури на Македонија и ограничените напори за информирање се во целосна спротивност со инклузивните практики усвоени од нејзините европски колеги. Со неуспехот да ги искористи придобивките од меѓународната студентска мобилност, Македонија ризикува да заостане во глобалниот натпревар за таленти и иновации. Постои итна потреба за промена на парадигмата во пристапот на земјата кон привлекувањето и уписот на странски студенти и нејзино усогласување со прогресивните политики забележани низ Европската Унија“, вели Илиева. 

„Пазарот на високо образование во нашата земја е ,плиток‘, секоја година се намалува бројот на средношколци во Македонија, а од друга страна бројот на високообразовни институции расте. Таквата состојба ја наметнува потребата од привлекување странски студенти, со цел продуктивно искористување на домашните капацитети, но и за зголемување на девизниот прилив на националната економија. Впрочем, нашата држава, како мала и отворена економија, постојано прокламира потреба од зајакнување на извозот со цел обезбедување динамичен економски раст, а од друга страна, сосема малку ги користи можностите на своите високообразовни институции да обезбеди солидни финансиски средства од странските студенти. Статистиките укажуваат дека еден студент од странство во просек троши околу 10.000 евра годишно (школарина, закупнини, храна и др.), што укажува на сериозен износ на странска акумулација. Таа би значела многу за раст на домашната економија, особено во услови кога растот се финансира со задолжувања од странство“, дециден е Ивановски. 

За да се смени состојбата, потребна е само „политичка волја“ и координација помеѓу овие три релевантни институции, дециден е проректорот.

„Ако се нивни интерес растот на економијата и на животниот стандард на своите граѓани, порастот на профитабилноста на домашните компании и вклучувањето на универзитетите на меѓународниот пазар, тогаш ваквата состојба би требало бргу да се менува. Дали ќе има новата власт слух да ја смени состојбата, останува да видиме веќе во текот на летото, кога започнуваат уписите на домашните универзитети“, констатира професорот Ивановски. 

Александар Богојевски, пак, од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Еразмус плус, вели дека во студијата што ја има направено пред неколку години, има наведено неколку конкретни причини зошто би требало странските студенти да дојдат да студираат во Македонија 

„Имам наведено неколку причини како на пример географската положба, ниската котизација на нашите домашни универзитети, ниските трошоци за живот тука. Дополнителни, студентите додека студираат во Македонија, без разлика дали се странски или домашни, имаат можност и право да бидат Еразмус-студенти, што значи дека можат дел од своите студии да го поминат  во странство“, вели Богојевски. 

Колку странски студенти студираат во земјите низ Европа? 

Речиси секоја земја има странски студенти, но нивниот број се разликува од земја до земја. Во изминатава деценија, бројот на странски студенти во европските земји е во пораст. Процентот е најголем во земјите од Западна и од Централна Европа, каде што 10-15 отсто од студентите се од странство.

Податоци од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за 2020 година покажуваат дека од земјите во Европа, Луксембург има најголем процент странски студенти – 48,4 отсто. По него следуваат Обединетото Кралство со 20,1 отсто, Швајцарија со 18,1 отсто и Австрија со 18 отсто.

Од друга страна, Турција има најмал процент на странски студенти во Европа – 2,3 отсто. Грција има само 2,8 отсто, а Италија има 2,9 отсто.

Image
Newsletter