Храбрата Доротеа го освои небото и сега стреми кон вселенета

Доротеа Боцевска, пилотка на обука

Без страв и голема желба за летање. Целиот свет го исклучува и фокусот го насочува само кон авионот, летот е единственото нешто на кое размислува. Доротеа Боцевска е млада студентка по информатика на Универзитетот за туризам и менаџмент, која амбициозно посетува и обуки по авијација.

Но, како што расте нејзиното искуство, така се менува и желбата за понатамошна реализација во животот. Иднината, како што вели таа, ќе покаже дали ќе се определи за работа во авијацијата, можеби НАСА или, пак, во ракетната индустрија. На прашањето кое е најинтересното искуство за неа, таа во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека првиот лет ќе ѝ остане секогаш врежан во меморијата.

Какво е чувството да се биде меѓу облаците?

Чувството да се биде меѓу облаците... Искрено, не можам да дадам конкретен одговор на ова прашање бидејќи никогаш немам размислувано за тоа, моментот кога ќе се качам во авион е моментот кога јас целосно ги исклучувам своите чувства, се исклучувам од целиот свет и размислувам само на тој лет, фокусот го пренасочувам на авионот и се обидувам со мислите да летам пред него. Единственото нешто што постои за мене таму горе, за време на тие летови, е некоја слобода што не може да се спореди со ништо друго, ниту, пак, да се опише, тоа чувство треба да се доживее и според мене, мислам дека секој човек во животот треба да направи барем еден лет со вакви мали авиони какви што користиме ние за учење, бидејќи таа слобода не може да се долови целосно во оние големи комерцијални авиони, а токму тоа чувство на слобода е нешто непроценливо.

Kако се роди идејата да станеш пилот?

Па не би кажала дека е идеја, туку дека е вродена љубов кон авионите и кон летањето. Целиот свој живот се водам според едно малку чудно правило, а тоа е дека сè што e за другите „страшно“, за мене е возбудливо и привлечно, па така и желбата да станам пилот кај мене постои од кога знам за себе. Отсекогаш на пилотите гледав како на херои, бидејќи да управувате со нешто толку големо, а притоа да сте толку високо на небото е навистина нешто на што јас лично се восхитувам, но благодарение на мојата голема љубов, труд и посветеност, ете ме и мене како херој на своите детски соништа.

Какви дозволи поседуваш и кои се следните лиценци?

Исто како и кај возилата, така и кај воздухопловите има различни категории лиценци што може да ги добиете по завршените обуки, па од вас зависи до каде сакате да стигнете, дали сакате да бидете комерцијален пилот, дали пилот-инструктор, воен пилот, или, пак, можеби сакат да бидете спортски пилот и да летате од лично задоволство без да продолжите со професионална кариера во авијацијата. Јас сè уште се обучувам, но сакам во иднина да градам професионална кариера, па така планирам да го продолжам своето образование и да се стекнам со лиценца за комерцијален пилот.

Кои се големите планови на Доротеа? Која е целта што сакаш да ја постигнеш?

Од ден во ден мојата љубов кон авијацијата е сè поголема и поголема, па така и моите цели и планови по малку се менуваат. Пред да започнам со обуката за пилот, планирав да завршам Технички факултет, да земам лиценца за пилот и конечната цел ми беше да работам во некоја од вселенските агенции, како што е на пример Европската или пак НАСА. Пред три години имав доста соработки со нив, па дури и успеав да изработам модел на сателит што го презентирав токму таму. Тој проект можеби и ми беше најголем мотив за да се запишам во школата за летање, но како што кажав сега веќе откако почнав да летам главен приоритет ми е да го завршам Факултетот и да се стекнам со посакуваните лиценци, па понатаму ќе видиме каде ќе ме однесе животот, дали во сферата на авијацијата или во ракетната индустрија.

Доротеа Боцевска, студентка на Факултетот за информатика на УТМС

Доротеа Боцевска, студентка на Факултетот за информатика на УТМС

Jас би им испратила порака на сите млади да го следат својот сон и никогаш да не се откажуваат без разлика колку и да е тоа тешко, бидејќи како што кажав и претходно, соништата се остваруваат, но само за оние што цврсто веруваат и работат на нив. Исто така, да внимаваат на своите избори, пред сè на оние на професионален план и во однос на образованието, бидејќи за да постигнете нешто големо, потребно е големи луѓе да стојат покрај вас и целосно да ве поддржуваат во тоа. Секој поединец, секоја ситница и секој избор во вашиот живот претставува една коцкичка во сложувалката, која на крајот треба да се состави за да ја постигнете вашата цел односно за да го остварите својот сон.

На Универзитетот за туризам и менаџмент си пред крај со студиите по информатика, факултет што ти е неопходен за да го реализираш твојот сон. Дали беше тешко напоредно да се вложуваш на две места?

Да, тешко е, не би можела да го негирам тоа, но токму поради таа причина го избрав Факултетот по информатика на Универзитетот за туризам и менаџмент, бидејќи без разбирањето и флексибилноста што ги добивам од моите професорите, јас никогаш не би можела успешно да избалансирам помеѓу овие две професии.

Колку често леташ и каде?

Тоа зависи од временските услови, некогаш може да се погоди да летам секој ден во неделата, но некогаш ниту еднаш или, пак, само еднаш. Исто така важна улога игра и мојата психофизичка состојба, се случувало да сум преморена и да мора да одморам неколку дена за да може да се вратам, како што би рекле старите, со бистра глава, освежена и со целосна концентрација и кондиција во авионот. Што се однесува до тоа каде летаме, тоа со текот на обуката се менува. На почетокот летавме само зонски над Скопје, каде што ги изучував основните принципи, техники и вештини на летањето. Но, тој зонски обрач веќе се прошири и летаме насекаде низ Македонија. Притоа слетуваме на сите спортски аеродроми низ земјава, но и на интернационалните во Скопје и во Охрид. Тоа го гледам како многу голема предност, бидејќи во другите поголеми држави каде што воздушниот сообраќај е поголем, шансите на пилотите што се обучуваат таму се помали да добијат такво искуство, односно да слетуваат на истите тие писти каде што слетуваат и големите комерцијални авиони.

Кажи ни некоја интересна случка што се случила за време на летање?

Секој мој лет има некоја своја посебна приказна, па навистина е тешко да изберам само една, па затоа би одвоила неколку. Како и на секој пилот, така и мене, дефинитивно најинтересен дел од обуката ми се слетувањата на интернационалните аеродроми. Возбудата да се биде „рамо до рамо“ со комерцијални авиони е за нас, пилотите што се обучуваме, навистина остварување на соништата. Потоа, кога сме кај возбудата, не можам да не ги споменам часовите каде што се изучуваат остри заврти со авионот и каде што некои пилоти во обука за прв пат се сретнуваат со некоја поголема позитивна и негативна Г-сила од нормалното. Имав и јас таков случај, тоа е чувство што или можете да го поднесете или не, јас на пример уживам во тоа. Но, на моменти може да претставува и проблем ако трае летот долго време и веќе сте психички заморени, па таа Г-сила само дополнително ви ги отежнува работите што морате да ги изведете перфектно. И за крај, би раскажала една кратка случка, која првиот пат и не ми беше највкусна, но потоа ми стана нормална и очекувана. При еден сосема обичен лет, зонска вежба над Скопје, мојот инструктор неочекувано го исклучи моторот на авионот. Јас, нормално, не очекував и само ми пролета низ ум мислата дали е намерно или дека навистина останавме без мотор. Го погледнав инструкторот со милион прашалници на лицето, а тој само се насмевна и ми ја кажа добро познатата реченица на инструкторите: „Немаме мотор, најди начин и слетај го безбедно авионот“. И тука настана мал хаос и некоја трема во мене, како прво да дојдам до аеродром без мотор, а потоа и како да следам, дали ќе биде сѐ во ред, дали ќе имаме брзина, височина и стотици други прашања ми поминуваа низ глава. Но, благодарение на таа некоја смиреност што ја имам за време на летовите, успеав да стигнам до аеродром и безбедно да го слетам авионот. Потоа, сето тоа стана некако вообичаена процедура, да се гаси моторот и да се вежбаат принудни слетување на речиси секој наш лет. Но, ете, првиот пат е секогаш највозбудлив, и јас дефинитивно ќе го паметам тој лет до крајот на мојот живот.

Дали постои страв кога леташ?

Па категорично би одговорила, не. Мислам дека никогаш не би се запишала да учам за пилот ако ме плашело тоа. Напротив, со летањето си ги победив сите стравови што и не беа поврзани со авијација и сфатив дека во животот ништо не е невозможно и дека да, соништата стануваат реалност, но само за оние што искрено веруваат и работат на тоа.

Која е најголемата поддршка што ја имаш во животот?

Апсолутно секогаш, било да се слави или да се тагува, јас најголемата поддршка ја добивам од мојата мајка, и – се разбира – од сите во мојата фамилија. Но, тука се и неколку посебни луѓе во мојот живот, меѓу кои има и една личност што е некогаш оддалечена и стотици километри од мене, но сепак ми е од огромна важност и ми дава „ветер во грбот“ да бидам најдобра во тоа што го правам.

Секој лет е посебен за Доротеа

Секој лет е посебен за Доротеа

Која е пораката до идните девојки и дами што го сонуваат истиот сон?

Не само до девојките, јас би испратила порака до сите млади да го следат својот сон и никогаш да не се откажуваат без разлика колку и да е тешко, бидејќи – како што кажав и претходно – соништата се остваруваат, но само за оние што цврсто веруваат и работат на нив. Исто така да внимаваат на своите избори, пред сè на оние што се однесуваат на професијата и на образованието. За да постигнете нешто големо, потребно е големи луѓе да стојат покрај вас и тие целосно да ве поддржуваат во тоа, затоа што секој поединец, секоја ситница и секој избор во вашиот живот претставува една коцка во сложувалката што на крајот треба да се спои за да ја постигнете вашата цел односно за да го остварите својот сон.

Бројот на жени во авијацијата секоја година се зголемува, но сепак е сѐ уште многу мал. Во 2021 година, од вкупно 720.605 пилоти, жени биле 64.979 или 9%. Од нив, во авиосообраќајот жени-пилоти се само 7.698. Инаку, жените се дел од авијацијата уште од 1906 година, кога Ема Лилијан Тод дизајнирала и направила авион. Потоа, Хелен Ричи, која е првата жена-пилот за американски комерцијални летови во 1934 година. Во 20-тиот век дојде и првата жена астронаут Ајлин Колинс. Иако со текот на годините жените сѐ повеќе се заинтересирани да се дел од овој сектор, сепак бројот е сѐ уште многу мал. Интересно е што во просек жените-пилоти добиваат желба да станат пилоти на помлади години за разлика од мажите.

Image
Newsletter