Велигденските празници, некогаш беа денови резервирани за семејни дружби, сега се причина за патување и за релаксација. Сончевите денови се вратија, денот е подолг, ноќта станува пократка. Ова е доволна причина за да се одбере посакуваната дестинација и да се искусат различни култури. Туристичките агенции од година во година нудат за посета се повеќе интересни градови и места. Најголем дел од Македонците за Велигден годинава решија да ги посетат европските центри, но некои од нив заминаа и во Јордан и во светата земја Израел, како и други арапски земји.
Овој Велигден, како и во изминатите неколку години, патувањето стана сѐ почесто за време на празниците со неколку неработни денови. Годинава, како што носи економската криза зголемени цени на сите производи, така има зголемување и кај туристичките аранжмани. За шест дена во Санторини, или пак во Јужна Италија, со автобуски превоз, цените почнуваат од 300 евра, додека аранжманите со авионски превоз за три дена во Тоскана, Италија, чинат од 500 евра. За 5 дена во Португалија, се движеа од 800 евра па нагоре. За патување во Египет ви се потребни 1.300 евра, а за во Јордан од 1.500 евра за деветдневен аранжман.
Понудата во Македонија за велигденските празници не беше многу примамлива. Граѓаните во анкетата која ја направи „Магазинот за туризам и менаџмент“, велат дека овие денови се можност за релаксација и за посета на места што досега не ги виделе.
„Велигденските денови се убава можност да прошетаме со семејството. Децата сакаат да видат како се слави Велигден во друг град, во друга земја. Ова веќе ни стана традиција за празникот“, вели Маја Стојчевска.
„Годинава решивме да останеме дома, иако ни недостига повеќе забава за овој празник во нашата држава“, вели Александра Ѓуровска.
„Овој Велигден го одбравме Лондон како дестинација. Заедно со пријатели одлучивме да поминеме неколку дена и да видиме како се слави најголемиот христијански празник во Англија“, вели Бобан Стојановски.
За разлика од европските центри, Охрид, туристичкиот центар во нашата држава, остана половично пополнет. Охриѓани најавија и повисоки цени на аранжманите, а гости пречекаа најголем дел од Србија и од Црна Гора.
„Пополнетоста на хотелските капацитети се движи од 50 до 60 проценти, со гости од нашата земја, како и гости од Србија и од Црна Гора, а секако се очекува интерес и од другите земји. Најавите зборуваат дека целосна исполнетост веќе ќе имаме со почетокот на првомајските празници, кога ќе започне и туристичката сезона во Охрид“, вели Наташа Цветаноска, менаџер на хотел, во изјава за македонските медиуми.
Македонскиот бисер, центарот на православието, на кој секој Велигден му се восхитуваа голем број туристи, не понуди нова приказна за да ги намами пред сѐ Македонците, а и нови странски туристи.
Но, за разлика од Македонија, во европските градови Велигден е вистинска атракција. Во различни градови се организираат различни манифестации и велигденски базари, кои се вистинско уживање за туристите.
Голем број европски веб-портали направија рангирање на најдобрите десет дестинации за патување овој Велигден. Еве кои се најатрактивни дестинации за овој празник:
Романија, Крајова
Еден од најзначајните градови во Романија, Крајова, се најде прв на листата како најдобра велигденска дестинација во Европа. Градот во кој можат да се видат најубавите пејзажи со неверојатни цвеќиња во своите градини и паркови, со традиција години наназад го организира најубавиот Велигденски саем во паркот Романеску, каде што може да се најдат традиционални сезонски производи, рачно изработени велигденски јајца, како и различни атракции за деца. Годинава беше во знакот на фантастичниот свет на Алиса во земјата на чудата, вистинска атракција за најмладите.
Виена, Австрија
Австрија, Виена
Секогаш една од најдобрите 10 дестинации за Велигден. Градот каде што се среќаваат историјата и културата, со големо добредојде ги пречекува гостите од целиот светот за секој Велигден. Во Виена, може да забележите велигденски базар речиси на секој агол. Покрај традиционалната храна и пијалак, на штандовите се продаваат уникатни нацртани велигденски јајца, во сите бои.
Рим, Италија
Италија, Рим
Местото каде што може да се види вистинска католичка традиција за славење на Велигден. Италија, домот на Ватикан, се смета за најголемата католичка земја. Несомнено, тука може да се види и најубавата верска традиција за славење на овој голем празник. Рим, кој секогаш е атрактивен за туристите, го следи духот на оваа традиција, па секоја година за велигденските празници негов најголем печат се црквите полни со луѓе од целиот свет.
Милано, Италија
Италија, Милано
Милион патници е бројката која се вели дека го посетуваат градот на модата. Модерен, традиционален и со неверојатна архитектура, која ги привлекува сите туристи во овој град. Милано е честа избрана дестинација за велигденските празници, каде што покрај прошетките, може да се искуси и одлична италијанска кујна. Овој град е секогаш подготвен да ги пречека туристите за време на овој голем христијански празник.
Загреб, Хрватска
Хрватска, Загреб
Градот со прекрасни украсени дворови и балкони за време на велигденските празници. Загреб, според одредени европски портали се најде на третото место за патување за велигденски празници. На велигденските базари, можат да се видат големи велигденски јајца декорирани во различни бои и нацртани зајчиња.
Париз, Франција
Франција, Париз
Париз е секогаш добра опција за патување. Главните збиднувања се во Нотер Дам и Свети Кер. Прекрасни литургии кои привлекуваат странски туристи од целиот свет. Цел Париз внимава и на велигденските ѕвона и на чоколадните велигденски јајца, кои можат да се најдат во речиси секоја продавница за чоколади. Ловот на јајца во ова метропола е нешто што не треба да се пропушти за Велигден.
Колмар, Франција
Франција, Колмар
Романтичниот град во Франција е совршена дестинација за патување за време на велигденските празници. Постојат два главни велигденски базари во срцето на градот, каде што може да се видат повеќе од 70 изложувачи што нудат оригинални и занаетчиски производи. Исто така, овој град е познат по дегустација на вина и прошетки по лозјата во регионот.
Прага, Чешка
Чешка, Прага
Таканаречениот романтичен град во Европа, е еден од совршените места да се поминат неколку дена за време на велигденските празници. Мештаните се познати по големата желба за славење на Велигден, и токму затоа тука се наоѓа и најпознатиот велигденски базар во стариот дел од градот.
Валета, Малта
Малта, Валета
Велигден на островот Малта е задолжителен настан. За сите што сакаат да го доживеат на традиционален начин, Валета е совршена дестинација. На Велигден, мештаните им нудат чоколадни јајца на децата. Исто така, во овој период од годината, може да се видат и делфини на островот Гозо, кој се наоѓа на само неколку километри, што е вистинска атракција за туристите за време на велигденските празници.
Лисабон, Португалија
Португалија, Лисабон
Главниот град на Португалија е еден од најубавите европски метрополи, кој секоја година го зголемува бројот на туристи. Порто, познат по прекрасните мостови, производството на вино, тесните улички и по автентичната архитектура, ги привлекува патниците од целиот свет. Црквата Сао Франциско е една од најпосетените за време на велигденските празници. Лисабон се нарекува жив град, кој нуди пејзажи од разгледница со слики.
Нови дестинации за македонските граѓани
Нови дестинации за македонските граѓани- стартува нов ред на летање
Нови дестинации ќе бидат достапни за македонските граѓани со новиот летен ред на летање. Во април стартува новата авиолинија на релација Франкфурт- Скопје- Франкфурт, кој ќе оперира 10 пати во една недела. Наскоро ќе почне и Сплит, која е воведена од страна на Кроација Ерлајнс и ќе лета од Скопксиот аеродром.
,,Авиокомпанијата ќе лета меѓу Скопје и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12 мај до 14 октомври 2023 година, два пати неделно. Уште еден новитет доаѓа од Охридскиот аеродром и од авиокомпанијата Air Serbia, која ќе ја обнови линијата Белград-Охрид од јуни 2023 година. Македонскиот туристички и културен центар Охрид ќе се поврзува авионски со Белград четири пати неделно”, велат од ТАВ Македонија.
И годинава остануваат сезонските летови како и лани. Од Скопскиот Аердором ќе се лета до Анталија, Измир, Бодрум, Хургада и Тунис. Овие летови почнуваат од мај и ќе траат до октомври.
Од Охридскиот аеродром ќе се лета во Холандија, односно до Амстердам и Мастрихт, како и Полска или до Варшава и Катовице.
Според актуелниот ред на летање за Скопскиот аеродром, 20 авиокомпании сообраќаат до вкупно 44 дестинации, додека од Охридскиот аеродром сообраќаат шест авиокомпании до девет дестинации. Но, редот на летови секогаш може да претрпи промени, односно како што ги добиваат информациите од авиокомпаниите. Ова е причината поради која ТАВ Македонија секогаш ги советува патниците да ги следат веб-страниците на Скопскиот и Охридскиот аеродром за ажурирање во реално време и секако, да проверат кај авиокомпанијата со која патуваат.
На двата македонски аеродроми во јануари и февруари имало вкупно 310 127 патници, што е зголемување за околу 35, односно 56 отсто. Во споредба со минатата година, јануари годинава има зголемување на бројот на патници за три проценти, додека февруари е на речиси исто ниво со февруари 2019 година, односно пред пандемијата.