Нова ера во развојот на авиосообраќајот: Зголемениот број на авиолинии од Скопје и од Охрид ќе значат поттик за економијата и за туризмот

Зголемениот број на авиолинии од Скопје и од Охрид ќе значат поттик за економијата и за туризмот

Земјата повторно да се врати како лидер во регионот во воздушниот сообраќај. Ова е целта на промената на начинот на субвенционирање во авиосообраќајот, а кој го најави и имплементира министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. 

Новиот модел на финансиска поддршка значи субвенции за авиодестинации, со што се напушти досегашниот начин на финансиска поддршка која се доделуваше на авиокомпании. На овој начин се очекува зголемување на бројот на патници на аеродромите во државава, зголемување на летовите и бројот на дестинациите, а предвидувањата за оваа година се бројот на патници да се зголеми најмалку за 200 илјади.

Преку новиот начин на субвенционирање, се зголемува поддршката од 7 на 9 евра по превезен патник од Скопскиот аеродром, а на Охридскиот аеродром, наместо 4,5 евра како досега, ќе се доделуваат 12 евра по превезен патник.

Очекувањата се дека со новиот модел ќе се намали и зависноста од една или две компании како што беше случајот досега, кога најчесто „Визер“ ги држеше субвенционираните авиолинии. Уште една значајна промена е тоа што досега се субвенционираше по патник на заминување од Македонија, а сега ќе се субвенционира по патник на доаѓање во Македонија, зашто целта е во Македонија да доаѓаат туристи во поголем број на полесен, побрз и поевтин начин.

РЕЗУЛТАТИ НА ПОВИДОК – ЗАСЕГА ВОВЕДЕНИ ДЕВЕТ НОВИ АВИОЛИНИИ

Стратегијата за подобрување на авионската поврзаност и развој на воздушниот сообраќај во Македонија, годинава  носи  значајни новини. Со поддршка од државата преку субвенции и иницијативи за привлекување на авиокомпании, се воведуваат нови авиолинии кои ќе ги поврзат македонските градови со клучни европски и светски центри.

Предвидувањата за оваа година се бројот на патници да се зголеми најмалку за 200 илјади.

Предвидувањата за оваа година се бројот на патници да се зголеми најмалку за 200 илјади.

Нови дестинации од Скопскиот аеродром:

Скопје како главен центар, ќе добие нови директни авиолинии до неколку популарни и стратешки важни дестинации:

Барселона: Од 30 јуни 2025 година, два пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Барселона – Скопје. Препознатлива по својата култура и архитектура, Барселона ќе стане достапна за македонските граѓани со овие директни летови.

Дубаи: Од 30 март 2025 година два пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Дубаи – Скопје со „Флај Дубаи“. Како глобален деловен и туристички центар, Дубаи е клучна дестинација за отворање нови можности за соработка и патување.  

Лион: Од 30 јули 2025 година три пати неделно ќе се лета Скопје – Лион – Скопје со што се отвора јужна Франција прв пат како дестинација. Оваа линија ќе ги поврзе Скопје и еден од најзначајните француски економски и културни центри.

Штутгарт: Три пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Штутгард – Скопје, со што се отвора западниот дел на Германија. Директната врска со Штутгарт е од особена важност за македонската дијаспора во Германија, како и за деловните и туристичките релации.

Министерството за транспорт и врски соопшти дека на барање на македонската дијаспора се воведуваат дополнителни две нови авионски линии од Скопје до Женева и до Париз. Овие дестинации ќе ги оперира реномираната авиокомпанија „Изиџет“.

Париз (Аеродром Орли) – главниот град на Франција е еден од најпосетуваните и највлијателните градови во светот. Познат по својата уметност, култура и гастрономија, Париз го носи епитетот „Град на светлината“ благодарение на својата водечка улога во интелектуалниот и културниот развој низ вековите. Линијата Скопје – Париз ќе започне да се оперира од 2 април.

Женева – Вториот најнаселен град во Швајцарија е позната како глобален центар за дипломатија и за меѓународна соработка. Сместена на брегот на живописното Женевско Езеро, градот нуди уникатен спој на култура, историја и природни убавини. Линијата Скопје – Женева ќе почне да оперира од 3 ноември оваа година.

Николоски: „Имам потврда за деветта авиолинија. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна кога ќе ја слушне.“

Николоски: „Имам потврда за деветта авиолинија. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна кога ќе ја слушне.“

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека ова е резултат на добрите политики што се спроведуваат во делот на авиосообраќајот. 

„Ова е уште една одлична вест за граѓаните, за авиосообраќајот и за државата. Ова е резултат на добрите политики што ги спроведуваме во делот на авиосообраќајот. Париз и Женева се две атрактивни дестинации за граѓаните. Верувам дека ќе поттикнеме и други авиокомпании да се јават на повикот, со некои и веќе преговараме и очекувам воведување и на други дестинации од домашните аеродроми. Имаме потенцијал, имаме капацитет и верувам дека повторно ќе ја зголемиме конкурентноста на аеродромите во регионот. Дополнително, на граѓаните им овозможуваме нови дестинации, а на нашите од дијаспората олеснување во комуникацијата со своите блиски овде во Македонија. Развојот на авиосообраќајот е дел од владините приоритети, и еве, се потврдуваат нашите напори во развојот и на овој сегмент“, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Базел и Истанбул се двете нови авиолинии од Охридскиот аеродром.

Базел и Истанбул се двете нови авиолинии од Охридскиот аеродром.

Нови дестинации од Охридскиот аеродром:

Од Охридскиот аеродром, кој е значаен за регионот и за туристичкиот сектор, ќе се воведат две нови линии:

Базел: Два пати неделно ќе се лета на релација Охрид – Базел Милхауз – Охрид. Оваа линија ќе обезбеди директна поврзаност со Швајцарија, што е важно за македонската дијаспора и за туристите.

Истанбул: Можеби најзначајната новина за нашиот туристички бисер е летот на „Туркиш ерлајнс“, кој ќе почне редовно да оперира веќе од 30 март 2025 година, на дестинацијата Охрид – Истанбул – Охрид. Директните летови за Истанбул ќе ги зајакнат економските, културните и туристичките врски со Турција. 

Иницијативи за дополнителни линии:

„Катар Ерлајнс“ најави воведување на најмалку една линија од Скопје што ќе ја зајакне поврзаноста со Блискиот Исток.

Договорена е и линијата Скопје – Амстердам, но оваа авиолинија не се субвенционира. Летовите ќе започнат од март оваа година преку нискобуџетната компанија „Трансавија“. На релацијата Скопје – Амстердам, „Трансавија“ ќе сообраќа двапати неделно почнувајќи од 2 март. Тоа ќе биде прво поврзување на аеродромот „Схипхол“ и македонскиот главен град со редовен авиопревоз од септември 2008 година.

Интензивно се работи на воспоставување на прекуокеански летови од Скопје, што би претставувало значаен чекор напред за авиосообраќајот.

Интензивно се работи на воспоставување на прекуокеански летови од Скопје, што би претставувало значаен чекор напред за авиосообраќајот.

Прекуокеански летови

Во меѓувреме интензивно се работи и на воспоставување прекуокеански летови од Скопје, што би претставувало значаен чекор напред за авиосообраќајот.

„Многу интензивно работиме Скопје да стане третиот главен град на Балканот, од каде што ќе има прекуокеански летови. Во моментов, прекуокеански летови има од аеродромот од Истанбул и аеродромот во Белград, а нашата цел е Скопје да биде третиот град од каде што ќе се лета прекуокеански“, најави министерот Николоски и истакна дека проектот е „амбициозен“, но оти придобивките за земјата ќе бидат значителни.

Субвенции за периодот 2025 – 2027

За поддршка на новите линии, обезбедени се 360 милиони денари за субвенционирање на авионскиот сообраќај. Овие средства се користат за привлекување авиокомпании и овозможување редовни летови до нови дестинации. Дел од средствата се искористија во првиот јавен повик, а во декември лани беше распишан и втор јавен повик за субвенции, кој ќе биде отворен до целосно искористување на преостанатите средства. 

Јавниот повик е отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат следниве критериуми:  

  • Да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година.
  • Да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година.
  • Да поседуваат уверение за исполнување на безбедносни услови за вршење јавен воздушен превоз.

Барањата за финансиска поддршка ќе се разгледуваат и ќе се одобруваат по принципот на првенство при поднесување на барањето сѐ до исцрпување на средствата утврдени со Програмата на Владата. Во рамките на тригодишната програма 2025 – 2027, година за овој (втор) јавен повик се предвидени средства во висина од 207 милиони денари. Во однос на износот на финансиската поддршка, таа ќе изнесува исто како и во првиот јавен повик и тоа:

  • 9 евра во денарска противвредност по патник во доаѓање превезен до Меѓународен аеродром во Скопје, и
  • 12 евра во денарска противвредност по патник во доаѓање превезен до аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Заинтересираните авиокомпании ќе можат да поднесуваат барања за субвенционирање во текот на целиот период за кој се доделува финансиската поддршка.

Јавниот повик е објавен во Службен весник, на веб-страната на Министерството за транспорт и врски, како и во домашни печатени медиуми и во еден странски медиум.

Со првиот јавен повик, Министерството за транспорт обезбеди 6 нови авиолинии и тоа од Скопскиот аеродромот кон Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт, а од Охридскиот аеродром кон Истанбул и Милхаус. 

Нови дестинации од Скопскиот аеродром како резултат на новиот начин на субвенционирање.

Нови дестинации од Скопскиот аеродром како резултат на новиот начин на субвенционирање.

Реконструкција на Охридскиот аеродром

Во 2025 година ќе започне и реконструкцијата на терминалната зграда на Охридскиот аеродром. Оваа инвестиција ќе обезбеди модерни услови за патниците, зголемен капацитет и подобрено искуство за туристите кои го посетуваат регионот.

Со новите авиолинии и вложувањата во инфраструктура, 2025 година ќе донесе значителен напредок во воздушниот сообраќај во Македонија. Овие иницијативи не само што ќе ја подобрат меѓународната поврзаност, туку и ќе поттикнат економски раст, туризам и мобилност на граѓаните. Воспоставувањето на овие линии претставува конкретен чекор кон зацврстување на позицијата на Македонија како важен центар за патнички и деловен сообраќај.

Меѓународниот аеродром во Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, 2023 година ја завршиле со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај, со што достигнале приближно 3,15 милиони патници.

Image
Newsletter