Економската криза и зголемените трошоци за живот не ги предомисли македонските граѓани да патуваат за време на новогодишните празници. По две години отежнато патување, оваа сезона шареноликоста на понудите на македонските туристички агенции го зголеми авантуристичкиот дух кај граѓаните. Интересот беше голем. Европски метрополи за истражување, божиќен базар, одмор во ски-центрите или егзотични патувања. Сите места беа доволно атрактивни за Македонците, но најпосетени беа Истанбул, Белград и Париз, со спектакуларен дочек на Новата година или забава за младите.
„Новогодишниот период е еден од најпопуларните периоди за патување. Се организираат патувања од различен тип според барањата на патниците. Како најпопуларни дестинации за новогодишните и за божиќните празници би можела да ги издвојам Истанбул, Белград, Париз, Венеција, Рим, како и поголемите европски метрополи што се лесно достапни со директни летови од Скопје. Исто така, доста се популарни и патувањата за подалечни дестинации како Израел и Јордан, кои се едно поинакво доживување. Доста голем интерес има и за Египет, каде што во понудата имаме прекрасни ресорти и хотели во кои нашите патници може да ја прослават Новата година на плажа“, велат од туристичката агенција Аурора. Оттаму појаснуваат дека интересот за патување оваа сезона се вратил на ниво пред почетокот на пандемијата, односно како во 2019 година.
Од Аурора велат дека голем бил интересот од страна на македонските граѓани и за посета на егзотичните дестинации.
„Најпопуларни се Малдиви, Сејшели, Занзибар, Маурициус, Куба, Пунта Кана и останати. Секоја од овие дестинации има своја приказна која чека да биде раскажана. Идејата да бидете на плажа и на топло време додека кај нас е зима, секако е многу примамлива, па голем дел од патниците се одлучуваат да посетат некоја од овие дестинации“, велат од Аурора.
Не се исклучени ниту ски-центрите што се едни од најпопуларните дестинации речиси секоја зимска сезона. Понудата на туристичките агенции и на хотелите во земјите во регионот е многу богата и примамлива. Боровец, Копаоник, Златибор се најчесто посетуваните дестинации. Покрај разновидни зимски активности, во својата понуда имаат одлична услуга со добра храна, сместување и забава. Според претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, сите дестинации се атрактивни за граѓаните бидејќи секоја земја знае како да ги продаде. Вложуваат во кампања, постојано, во текот на целата година. Тој за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека Србија оваа зимска сезона успеала да се искачи на прво место во зимски туризам, бидејќи земјата инвестирала во реклама за своите ски-центри. Македонија, според Керим, треба да учи како да ги рекламира и да ги продаде своите зимски центри.
„Цената е главен фактор. Соседството нуди одлични услови за рекреирање. Златибор е хит-дестинација оваа сезона. Убави цени и природа, тоа е доволно за македонските граѓаните. Имаат одлична кампања што привлекува туристи. Златибор има повеќе ноќевања од цела Македонија. Еден ски-центар прави повеќе пари од цела Македонија во сместувачките капацитети во текот на целата година. Но, проблемот кај нас е што за македонската влада туризмот не е приоритет за да се вложува во него. Затоа е потребно посебно министерство за туризам“, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителска комора.
Според него, властите мора да го ценат нашето богатство бидејќи тоа, покрај што спасува бизниси, носи и пари во буџетот.
„Кога имало жичара од Тетово до Шара, Банско не постоело на карта. Сега Банско е препознатлив ски-центар, а Попова Шапка и Тетово никаде ги нема. Има иницијатива за поставување на жичарата, и се надевам дека ќе биде што поскоро. Има интерес од странски инвеститор што сака да го одржува центарот, и тоа е добро бидејќи Шар Планина е богатство на нашата земја, но за жал не знаеме да ја продаваме. Само со една жичара можеме да донесеме повеќе од милион туристи, кои ќе влијаат врз многу бизниси, меѓу кои и хотелите и кафеаните. Власта наместо да вложува, игра пинг-понг со државните објекти. Еднаш решава да ги продава, потоа се предомислува“, вели Аркан Керим.
Светот, за разлика од нас, ем ги зголемува цените на аранжманите и трошоците за живот, ем има наплив на туристи. Овие новогодишни празници, патувањата траеле од три до десет ноќевања, во зависност од одбраната дестинација. Во однос на превозот, најзастапен бил авионскиот, освен за оние места што се поблиску до нашата земја, до каде што граѓаните патувале со сопствен превоз.
Од „Кроација ерлајнс“, за Магазинот за туризам и менаџмент велат дека најатрактивна дестинација за време на овие новогодишни празници била хрватската престолнина Загреб, каде што секоја година се организира традиционален предбожикен настан, кој се одржува на повеќе места во центарот на градот. Туристите може да видат богата културно-забавна програма.
Од компанијата за македонските граѓани најавија нови дестинации за зимската сезона и за празниците. Авионите на „Кроација ерлајнс“ директно ја поврзаа со 13 меѓународни дестинации, меѓу кои Амстердам, Виена, Брисел, Даблин, Лондон, Париз и Рим. Оние граѓани што сакаат да ја видат хрватската метропола, можат секое утро да се качат на лет и да го видат Загреб. Авиокомпанијата лета од Скопје секое утро.
Најбезбедни земји за патување се европските
Кои се најбезбедни, а кои најризични земји за патување во 2023 година?
Македонија е безбедна за патување, оценува компанијата за здравствени и за безбедносни услуги „International SOS“. Нашата земја се најде на листата како земја со низок ризик за евентуални проблеми. Оваа компанија ги предупредува патниците низ светот за сите земји каде што треба да патуваат за евентуални ризици.
Украина во 2023 година ѝ се приклучи на листата високоризични земји за патување поради војната со Русија.
На мапата што е објавена, земјите се означени со бои што прикажуваат пет категории на ризик. Жолтата, со која е означена нашата земја, значи низок ризик.
Компанијата под ризик подразбира процена за закана од политичко и од етничко насилство, како и од насилен или ситен криминал.
Колку е една земја ризична за патување, се проценува и според ефикасноста на безбедносните и на итните служби, транспортната инфраструктура, како и според подложноста на земјата на природни катастрофи.
Најбезбедни земји во светот се европските, и тоа Норвешка, Данска, Словенија, Швајцарија и Исланд. Сите овие земји се во категоријата безначаен безбедносен ризик.
Австралија и Мароко, кои се едни од атрактивните дестинации за патување, се означени со низок ризик.
Екстремно опасни дестинации за патување се Јемен и Авганистан.
Македонски пасош
Годинава со македонски пасош може да се патува без виза во 125 земји низ светот
Македонскиот пасош се најде на 44. место според индексот на реномираниот веб-портал „Henley Passport“ со седиште во Лондон. Во 2023 година, со него без виза ќе може да се патува во 125 земји во светот. Нашата земја бележи напредок од една позиција во однос на изминатата година, кога се најде на 45. место.
Пасош | Позиција | Пристап без виза |
Грција | 8 | 185 |
Словенија | 11 | 182 |
Бугарија | 18 | 174 |
Хрватска | 18 | 174 |
Србија | 38 | 136 |
Црна Гора | 45 | 124 |
Босна и Херцеговина | 49 | 118 |
Албанија | 51 | 115 |
Косово | 101 | 41 |
На врвот на листата се јапонскиот, сингапурскиот, јужнокорејскиот, шпанскиот, германскиот, италијанскиот, но и пасошите на скандинавските земји. Најдолу на листата се патните исправи на Сирија, Ирак и Авганистан, со кои без виза може да се патува во само во дваесеттина земји во светот.