Се почести инциденти во авиосообраќајот заради некомпетентни кадри, ќе прекине ли праксата на вработување преку политичко влијание?

Се почести инциденти во авиосообраќајот заради некомпетентни кадри

Да се вработиш во Контрола на летање е исто како да си добил седмица на лото. Вакви се коментарите кај нас во однос на висината на примањата кои ги имаат луѓето кои работат во оваа институција.  

Долги години перцепцијата кај граѓаните е иста - за да се вработиш таму ти требаат ѓаволско дебели конекции или како што би рекле оние кои се обиделе, а не успеале – за да влезеш во Контрола на летање треба и Господ да го „фатиш“. 

Овие приказни кои сме ги слушале години наназад, не само за Контролата на летање, туку и за останатите институции во областа на авиосообраќајот, ја создаваат сликата во јавноста дека невозможна мисија е кој било да се вработи таму затоа што „влегуваат“ кадри на самопрогласените елити во општеството, политички, бизнис и останати. 

На огласите многу често има голем број на апликации, но размислувањата на апликантите е дека тоа е однапред изгубена битка.  

Па така и не ретко овие огласи за вработувања се проследени со скандали и обвинувања, што на крај речиси секогаш резултира во вработување и на некомпетентни кадри. Секоја чест на исклучоците. 

Јавноста беше запознаена со случај во 2022 година, кога за кандидатите кои веќе биле избрани и требало да започнат обука, Синдикатот во Контролата на летање, изрази сомневање дека менаџментот сака да го поништи огласот затоа што не поминале деца на политичари и менаџментот на компанијата. 

Втор случај од поновата историја, беше огласот од минатата година кога Синдикатот во Контролата на летање се закани со штрајк доколку не бидат повлечени огласите за работа. Од Синдикатот тогаш обвинија дека спротивно на ветувањата од менаџментот се објавуваат огласи за непотребен кадар кој веќе го имаат. 

Еден од најголемите скандали пак што се случи беше годинава на четврти јануари, кога буквално имаше упад во Контролата на летање.

Контролата на летање на Скопскиот аеродром.

Контролата на летање на Скопскиот аеродром.

Медиумите тогаш информираа за напад на вработени во Контролата на летање. Лице вработено во М-НАВ заедно со уште неколкумина други влегле во објектот на Скопскиот аеродром, прво се карале и ги навредувале вработените, а потоа и физички нападнале тројца бидејќи давале поддршка на протестот и на Синдикатот.

Упадот го водеше Беким Незири, поранешен министер за економија, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, кој со картичка пропуштил седум луѓе кои не биле вработени во контролата и каде за невработени е невозможно да се влезе без безбедносни проверки и посебни дозволи за влез.

Насилниците влегле без да бидат спречени од обезбедувањето. Инцидентот беше потврден и од МВР, а шокирана беше цела домашна јавност. 

МВР тогаш соопшти дека упадот во зградата на контролата на летање се случил во четвртокот на четврти јануари во 15:15 часот, а апликацијата „Флајтрадар“ покажува дека во тој период на македонското небо имало неколку авиони во прелет, еден кој бил во приод кон Скопскиот аеродром и еден кој требало да полета кон Турција.

Тогаш правните експерти изјавија дека делото може да се квалификува како загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Подоцна тие што извршија упад, добија само условни казни.

По скандалот, Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално објави дека во моментот на насилниот упад во М-НАВ, на македонското небо вршеле прелет околу 40 авиони, а два авиона, од кој еден бил на сериозна авиокомпанија, кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Во текот на денот имало и две слетувања на НАТО-воздухоплови на аеродромот во Скопје.

Критиките од стручната јавност по овој скандал беа дека со години наназад се деградира квалитетот на кадарот што се прима во оваа институција, поради вработување на нестручни лица. 

Последен од низата случаи беше на 7 септември кога медиумите објавија дека над Меѓународниот аеродром во Скопје два авиони се нашле на иста висина и за малку ќе се судриле. Едниот авион бил на летот ТК1358 на „Туркиш ерлајнс“, кој летал од Мадрид до Истанбул, додека другиот бил на летот за Лондон на „Санекспрес“. По оваа вест, воздухопловните власти, најавија дека го испитуваат случајот.

Николоски и Зеколи-Шаќири на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на здруженија на контролори на летање.

Николоски и Зеколи-Шаќири на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на здруженија на контролори на летање.

Нејасно е зошто двата авиона се нашле на иста висина во исто време и дали станува збор за инструкции на контролата за летање или е грешка на пилотот. Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) потврди дека постапува по наводите дека за малку ќе се судреле два авиона на небото над Скопје на 7 септември.

По оваа информација од Здружението на контролори на летање на Македонија (ЗКЛМ) застанаа во одбрана на угледот и професионализам на контролорите, кои, како што нагласија се мета на неосновани осуди. Според ЗКЛМ, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и е процесирана од релевантните одделенија, служби и институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, согласно постоечки правни процедури. 

„Македонските контролори на летање се соодветно обучени професионалци, кои со највисоко ниво на квалитет опслужуваат рекорден број на летови, честопати во тешки временски услови, кои оперираат под нивна надлежност за безбедно и редовно да стигнат до нивните дестинации. Здружението застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои се мета на неосновани осуди“, стоеше во соопштението до медиумите. 

Среќа во несреќа е тоа што со сите овие случувања немаше посериозни последици во авиосообраќајот. 

Инциденти со контролата на летање не се непознати и во останатите земји во светот, но тие биле сосем од друга природа. 

Скандалите во Македонија се последица од „жестоката борба“ по секоја цена да има политички и етнички вработувања и начинот на кој се реализираат тие вработувања со неправилности во огласите и процедурите. 

Дали и во иднина работните места во ќе бидат резервирани за „врскаџиите“ или за професионалните кадри ќе сведочи јавноста. На оваа тема изминативе денови говореа и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи-Шаќири. Тие на конференцијата во организација на Меѓународната федерација на здруженија на контролори на летање ја потенцираа важноста за професионализација на оваа дејност, суштинска за давање на услуги во делот на воздухопловната навигација. Николоски истакна дека Владата и министерството дава поддршка на овој сектор преку обезбедување на висока професионалност и унапредување на авиосообраќајот во земјава.

„Како потпретседател на Владата и како министер давам подршка за професионализација на оваа дејност. Овде мора да се употребат највисоките стандарди бидејќи нема простор за грешки и волунтаризам“, истакна Николоски.

Заменик-министерката Калтрина Зеколи-Шаќири во своето обраќање истакна дека Меѓународната федерација на асоцијации на контролори на летање има мисија да ја подобри безбедноста на воздушниот сообраќај, да ја промовира професијата и да ја обликува иднината во управувањето со воздушниот сообраќај.

„За нас во Македонија ова претставува предизвик. Да се чува политичкото влијание подалеку од воздухопловниот сектор и да се осигури дека одлуките се носат исклучиво врз основа на ефикасноста и безбедноста е задача на која нашето Министерство за транспорт е целосно посветено да ја реализира“, истакна таа.

Image
Newsletter