Со нови 16 авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром до пораст на бројот на туристи

Со нови 16 авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром до пораст на бројот на туристи

Новите 16 авиолинии од Македонија кои Владата ги договори во изминатава една година имаат значителен и неспорен потенцијал да ја зголемат важноста на земјата како туристичка дестинација и да ја поттикнат економијата преку развој на туризмот. Прво, ќе ја подобрат поврзаноста на Македонија со европските и светските дестинации, што ќе ја направи земјата попривлечна за туристи од различни региони. Лесната и брза достапност значи дека повеќе туристи ќе имаат можност да ја посетат Македонија, било да се работи за кратки одмори или за деловни патувања. Зголемената конкуренција треба да доведе и до потенцијално намалување на цените на авиобилетите. Поевтините летови ја прават Македонија попристапна за туристи кои можеби претходно не би ни размислувале да ја посетат поради високите транспортни трошоци. Освен тоа, Македонија ќе може да го промовира своето културно и природно богатство, како што се историските локалитети, традиционалната кујна и природните убавини. Очекувањата се, меѓу другото, да се зголемат инвестициите. Хотели, ресторани, туристички агенции и други услуги треба да одговорат на зголемениот број на посетители, што ќе доведе до отворање нови работни места и поттикнување на локалната економија. Новите авиолинии не само што ќе ја стимулираат непосредната потрошувачка во туристичкиот сектор, туку ќе имаат и долгорочен ефект врз економијата. Туризмот може да генерира значителни приходи во земјата, што ќе се рефлектира и врз растот на другите сектори, како што се транспортот, угостителството и малопродажбата.

Од крајот на октомври најавени 5 нови дестинации во Европа

Скопје и општо, Македонија, ќе станат поатрактивни за странските туристи. Од главниот град оваа есен ќе се лета до 5 нови дестинации во Европа. Од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и до Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и до Келн. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски потпиша договори за 5 нови авиолинии кои ќе ги оперира нискобуџетната „Визер“. Компанијата ќе добива субвенции од 9 евра по донесен патник. Летот до Келн повторно се воспоставува откако лани беше укикнат поради високите аеродромски такси. Се обновува и линијата до Стокхолм, и тоа од главниот аеродром „Арланда“, а не од подалечниот „Скавста“. Визер по првпат ќе лета и до Прага, исто како и до Бари и до Мадрид.

„Ова се 5 нови авиолинии кои за неколку месеци ќе почнат да оперираат од скопскиот аеродром. Со 11 нови линии, коишто веќе ги отворивме, и овие 5, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии отворени за само една година“ – вели Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

Николоски е задоволен од напредокот во авиосообраќајот бидејќи со веќе воспоставените 11 летови, за една и пол година се додадени вкупно 16 нови градови до кои ќе летаат авиокомпаниите. Сообраќајот од двата аеродроми во земјава е во постојан пораст.

„Само во првата половина од оваа година од скопскиот и од охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници, што е зголемување за 5% од скопскиот аеродром и 11% на охридскиот аеродром. Во следниот период ќе има уште добри вести, најавувам дека ќе има уште нови авиолинии. Нека се со среќа авиолиниите од Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага, коишто ќе значат многу повеќе туристи за Македонија, многу повеќе бизниси и повеќе можности за граѓаните на Македонија“ – рече Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.

Аеродромот во Келн. | Извор: General-Anzeiger Bonn

Аеродромот во Келн. | Извор: General-Anzeiger Bonn

Колку ќе чини повратен билет до новите дестинации?

„Визер“ веќе ги пушти билетите во продажба до Прага, Мадрид, Стокхолм и Бари, со исклучок на Келн како дестинација која ќе се воведе од декември. Цените започнуваат од 969 денари. Според објавените цени, до Мадрид и назад најевтино може да се лета за 70 евра. До Стокхолм повратна авионска карта чини 110 евра. Најевтино е до Бари, 55 евра повратна, додека до Прага и назад може да се лета за 95 евра.

До Стокхолм, Бари и Мадрид ќе се лета 3 пати неделно, а до Прага 2 пати неделно. И до обновениот лет до Ларнака во Кипар, кој функционираше само во претпандемиската 2019 година, ќе се лета два пати неделно. Николоски е задоволен бидејќи се работи или за нови летови или, пак, до дестинации до кои порано се летало, но не на главните, туку на аеродроми кои биле многу пооддалечени од градовите.

„Порано се викало Стокхолм, а тоа било 100 и нешто километри од Стокхолм, сега зборуваме за главниот аеродром во Стокхолм; Мадрид исто така е главниот аеродром; Бари, исто така; Клен се оперирало и сега се враќа и Прага е исто така главниот аеродром. Тоа е многу голема разлика отколку аеродроми кои се ословуваат со главниот град или градот кој е поголем центар, но за жал не се такви. Нашата цел е да одиме на аеродроми коишто се најблиску до дестинациите каде што се лета и ќе продолжиме во следниот период. Очекувам за брзо време да имаме објава на нови дестинации“ – изјави Николоски.

Бари. | Извор: Frantoio D`Orazio

Бари. | Извор: Frantoio D`Orazio

Зголемени субвенциите за авиолетови

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека за евтините авиолетови, буџетот годинава е зголемен на 250 до 260 милиони денари, а благодарение на тоа бројот на странски туристи е зголемен за повеќе од 20%.

„Имаме 16 нови дестинации, буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари оваа година, истиот ќе биде и следната година. Резултатите се гледаат и во секторот туризам, имаме повеќе од 20% зголемен број на странски туристи во првите пет месеци од годината. Ова се субвенции на доаѓање, на тие летови, не на заминување, туку на доаѓање, и во таа насока ќе продолжиме во периодот што следува“ – вели Мицкоски.

Прага. | Извор: Agoda

Прага. | Извор: Agoda

Се преговара за нови авиолинии од охридскиот аеродром

Сегашните 16 нови авиолинии кои Владата ги договори за една година ќе се прошируваат со нови. Вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски вели дека го форсира охридскиот аеродром и сака да се зголеми авиосообраќајот од и до нашиот најголем туристички центар. Во моментов се преговара за нови летови од следната сезона. Тој е задоволен што земјава станува конкурентна во авиосообраќајот бидејќи, вели, во постпандемиските години регионот се развивал, а аеродромите во Скопје и во Охрид значително заостанувале.

„Кога бевме избрани лани, ја согледавме состојбата. Секоја година со ред имаше пад на авиосообраќајот помеѓу 20 и 25 проценти, зборувам за периодот по корона-кризата. Но, по корона-кризата, кога другите аеродроми во регионот почнаа да растат и имаше еден бум на тие аеродроми, скопскиот и охридскиот продолжија да тонат. Така што, решивме да направиме нешто. Првиот потег беше да се промени политиката на субвенционирање, вториот беше да даваат субвенции за патници коишто доаѓаат во Македонија, а не за патници коишто заминуваат од Македонија“ – изјави Николоски.

Задоволни од ТАВ Македонија

Од ТАВ Македонија велат дека нивната цел е скопскиот аеродром да прерасне во регионален центар со поддршка на Владата и да се привлечат авиопревозници, особено за воведување летови до популарни дестинации за одмор. Сметаат дека воведувањето нови летови ќе го зајакне туризмот во Македонија, но и ќе им овозможи на Македонците краток одмор во европските метрополи.

Од ТАВ Македонија посочуваат дека новите авиолинии од Меѓународниот аеродром „Скопје“ ги поврзуваат патниците со различни возбудливи дестинации: Стокхолм за скандинавската култура, Бари како порта кон Јужна Италија и јадранскиот брег, Мадрид како клучен европски центар за бизнис и рекреација, Прага со својот историски шарм на Централна Европа, Келн – енергичен град на Рајна, познат по својата богата историја и живописна култура, и Ларнака – популарна дестинација на медитеранските плажи во текот на целата година.

„Овие нови авиолинии ја демонстрираат посветеноста на ТАВ Македонија за проширување на поврзаноста и можностите за патување. Обезбедувањето дестинации како Стокхолм, Бари, Мадрид, Прага, Келн и претходно најавената Ларнака – особено новите пазари – бара долгорочни преговори и тесна соработка со авиокомпаниите и туристичкиот сектор. Како аеродромски оператор со визија и стратегија да го направи Меѓународниот аеродром „Скопје“ регионален центар, со огромната поддршка од Владата, и нашата програма за стимулации, нашата цел е привлекување авиопревозници, особено за воведување летови до популарни дестинации за одмор. Овие нови авиолинии отвораат нови можности за туризам, вклучувајќи летни одмори и краток одмор во европски метрополи, со што се зголемува одржливиот сообраќај и се зајакнува нашето присуство на европската туристичка мапа. Конечно, ваквите развојни активности го зголемуваат и бројот на странски туристи во земјава преку овие авиолинии, придонесувајќи за одржлив раст на сообраќајот, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Визер“ додава шести авион во базата во Скопје

Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ информира дека ќе додаде и шести авион во базата во Скопје, а целата флота ќе биде надградена со авиони „ербас-321 нео“ до крајот на оваа година, кои имаат повеќе седишта од авионите што досега се употребуваа. Визер најави и зголемување на бројот на неделни летови до Братислава, Љубљана, Карлсруе, Нирнберг и аеродромот „Буве“ во Париз.

Во изминатава година Владата договори нови летови од Скопје до Барселона, Лион, Штутгарт, Женева, Париз, Амстердам и Ларнака, а засега одложени се летовите до Дубаи. Од Охрид, пак, се лета до Истанбул и до Базел.

Авиокомпаниите со нови летови од балканските метрополи

И покрај неспорниот раст на аеродромите во Скопје и во Охрид, регионалните аеродроми кои се конкуренција на нашите, се развиваат со иста динамика. Бројките од 7 милиони патници на аеродромите во Белград, Софија и Солун засега остануваат недостижни за нас.

Во последните месеци, многу регионални аеродроми на Балканот и во Југоисточна Европа имаат нови авиолинии, со што се зголемува поврзаноста и конкурентноста на овие аеродроми.

„Ер Србија“ ќе лета до Токио.

„Ер Србија“ ќе лета до Токио.

Аеродром „Никола Тесла“ – Белград

„Визер“ започна нови летови од Белград за Лисабон, Рим и Барселона, кои се дел од зголемената мрежа на нискобуџетните летови во регионот. „Ер Србија“ воведе нови директни летови од Белград кон Токио и кон Њујорк, што го зацврсти Белград како важен транзитен центар за меѓународни летови. Исто така, „Ер Србија“ и „Туркиш ерлајнс“ го проширија бројот на летови кон Истанбул, како резултат на растечката побарувачка за патувања меѓу Србија и Турција.

„Бугарија ер“ лета до Ирак. | Извор: The Sofi a Globe

„Бугарија ер“ лета до Ирак. | Извор: The Sofi a Globe

Аеродром „Васил Левски“ – Софија

Софискиот аеродром продолжи со експанзијата на својата мрежа со нови директни летови за Малага, Барселона и Тбилиси (Грузија), што ја зголеми поврзаноста на Бугарија со Јужна Европа и Кавказ. „Визер“ започна нови летови кон „Лондон Лутон“ и Рим, како дел од својата стратегија за зголемување на поврзаноста на Софија со Европа. „Бугарија ер“ исто така воведе нови летови за Дубаи и Ербил (Ирак), што ги зголеми регионалната и глобалната поврзаност на аеродромот.

Со „Олимпик ер“ најбрзо од Солун до грчките острови.

Со „Олимпик ер“ најбрзо од Солун до грчките острови.

Аеродром „Македонија“ – Солун

„Изиџет“ и „Рајанер“ значително ја зголемија својата фреквенција на летови од Солун, нудејќи нови директни врски со Гетеборг, Копенхаген и Дортмунд. „Олимпик ер“ започна нови сезонски летови за Атина, како и кон повеќе грчки острови, што е позитивен потег за туризмот во регионот. Голем број патници од регионот сè повеќе го користат солунскиот аеродром „Македонија“ за да стигнат до атрактивните дестинации на грчките острови, пред сè пооддалечените како Крит, Родос, Миконос и Закинтос.

Аеродромот во Тирана атрактивен за патувања во Италија

Аеродромот во Тирана, „Мајка Тереза“, расте со забрзано темпо. Сè повеќе Македонци преку Тирана авионски стигнуваат до атрактивните дестинации во Италија. Тирана има раширена мрежа на евтини летови до Јужна Италија, почнувајќи од 20 евра повратна карта. Големиот број италијански туристи, но и албански гастарбајтери кои работат во Италија овозможуваат голем промет и ниски конкурентни цени. „Ер Албанија“ започна нови летови за Истанбул, Милан и за Њујорк, кои ги поврзуваат Албанија со важни меѓународни дестинации. „Визер“ продолжува со експанзија, започнувајќи нови летови за Париз и Лондон, што ги прави билетите подостапни за патниците од Албанија.

Аеродром „Адем Јашари“ – Приштина

„Визер“ продолжи со нови летови и од Приштина кон Салцбург, Барселона и Грац, како дел од зголемената поврзаност за косовските патници. „Туркиш ерлајнс“ исто така го зголеми бројот на летови од Приштина за Истанбул, што е значајно за жителите на Косово и големата дијаспора.

Ниш – Аеродром „Константин Велики“

„Визер“ започна нови летови за Талин (Естонија) и за Меминген (Германија), што ја зголемува поврзаноста на Ниш со Европа. Овој аеродром продолжува да расте како нискобуџетна опција за патници од Јужна Србија, обезбедувајќи нови летови за популарни европски дестинации. За нас е важно да се каже дека постојат многу поволни летови од Ниш до популарната грчка дестинација за Македонците, островот Крф.

Аеродром „Плесо“ – Загреб

„Кроација ерлајнс“ започна нови летови за Мадрид и за Барселона, што ја зголеми поврзаноста на Хрватска со Јужна Европа. „Рајанер“ и „Изиџет“ започнаа нови летови за Лондон и за Даблин, што значително ги зголеми опциите за патниците.

Image
Newsletter