Новата Влада во нов обид до што е можно повеќе туристи во земјава. Го промени моделот на доделување субвенции на авиокомпаниите за нови авиолинии. Промената е направена бидејќи во минатото се доделуваа субвенции, но авиокомпаниите често не оперираа до сите дестинации преку цела година, туку летаа само сезонски. Освен тоа често ги менуваа деновите на полетување и слетување, а по пандемијата so Kovid-19 и енергетската криза, како и поскапувањето на горивата, цените во авиосообраќајот драстично се зголемија. Најавуван со месеци, новиот јавен повик за субвенционирање нови авиолинии беше објавен на стартот на септември.
Што содржи јавниот повик за субвенционирање на нови авиолинии?
Владата реши да продолжи да доделува субвенции за нови авиолинии, но овој пат со променет модел од кој бенефит ќе имаат повеќе патници. Финансиската поддршка вклучува проширување на критериумите кои се земаат предвид. Прво, ќе се рангираат новите дестинации. Второ, ќе се следи бројот на неделните летови (предност ќе имаат оние авиокомпании кои ќе понудат повеќе летови на неделно ниво до и од дестинацијата). Оној авиопревозник кој ќе добие субвенции е должен секоја нова дестинација воспоставена до и од аеродромите во Скопје и во Охрид, да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА-сезоните според однапред утврден ред на летање. Трето, ќе се оценува атрактивноста на аеродромот кон кој се лета (не само како дестинација, туку и како можност за прелет кон други атрактивни дестинации). Четврто, ќе се оценува и бројот на продадени билети (предност ќе имаат оние дестинации каде што има поголема можност за привлекување што е можно поголем број на патници).
Една од промените во новиот модел на субвенционирање е зголемувањето на финансиската поддршка. Државата ќе плаќа девет евра во денарска противвредност по патник, превезен од Меѓународниот аеродром во Скопје, а 12 евра во денарска противвредност по патник превезен од аеродромот во Охрид. Тоа значи дека е зголемена поддршката од седум евра по превезен патник од скопскиот аеродром на девет евра и од сегашните 4,5 евра на 12 евра на охридскиот аеродром по превезен патник.
Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА-сезони.
Исто така, авиопревозникот е должен да изработи план за промоција и за маркетинг на предложените дестинации, како и на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт.
Субвенциите за новите дестинации ќе може да бидат и на линии надвор од ЕУ, зашто досега беа субвенционирани само летови од аеродромите на Европската Унија.
За оваа намена Владата обезбеди средства во висина од 360 милиони денари. Крајниот рок до кога може да се доставуваат барања до Министерството за транспорт е 7 октомври.
Кои услови треба да ги исполнуваат авиокомпаниите?
Може да аплицираат авиокомпании кои поседуваат уверение за исполнување безбедносни услови за вршење јавен воздушен превоз, имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година и имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година.
Владата пред една недела ги усвои мерките за зголемување на бројот на патници на аеродромите и најави нова тригодишна програма за финансиска поддршка што ќе стартува од 1 јануари.
Казахстан - авиокомпаниите ќе можат да нудат дестинации и надвор од Европа. | Извор: Визер
Николоски: целта е да се намали зависноста од една авиокомпанија
Со промените во доделувањето субвенции, според ресорниот министер Александар Николоски, конечно ќе се реши проблемот со зависноста од една авиокомпанија.
Токму тоа, според него, е причината за намалувањето на патници од Скопскиот и Охридскиот аеродром од над 330 илјади патници годинава поради проблемот што го има „Визер“ со сопствените авиони, што на ниеден начин не е поврзан со состојбата во земјава.
Според Николоски, главните приоритети на Владата се да се обезбедат поповолни услови за користење попристапен авиопревоз за сите граѓани на Македонија, но и за туристите кои сакаат да ја посетат земјава или, пак, да транзитираат кон други дестинации.
Уште при формирањето, македонската влада вети дека ќе го подобри воздушното поврзување на земјата со плановите да започне нова шема за субвенционирање во следната година за воведување нови линии од аеродромите во Скопје и во Охрид.
„Ќе разговараме со неколку меѓународни авиопревозници кои нудат брзи и евтини летови, и убеден сум дека следната година ќе имаме многу повеќе дестинации. Досега се субвенционираше по патник на заминување од Македонија, а отсега ќе субвенционираме по патник на доаѓање во Македонија. Целта е да носиме луѓе, туристи, на поевтин начин. Второ, ако претходно беше 7 евра по патник на заминување, сега субвенцијата ќе биде 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром. Ако претходно беше по 4 евра од Охридскиот аеродром, сега со стимулирање на туризмот, ќе биде 12 евра по заминат патник од овој аеродром“, вели Николоски.
Салцбург - атрактивна дестинација за Македонците. | Извор: Визер
Субвенции во авиосообраќајот се доделуваат веќе 12 години
Финансиска поддршка во авиосообраќајот во државава се доделува од 2012 година од кога беа склучени три последователни тригодишни договори со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“. По основ на финансиска поддршка на „Визер“ во 2012 година му се исплатени 25,6 милиони денари, во 2013 година 75,4 милиони, а 135 милиони денари во 2014 година.
Во 2015 година се исплатени 40 милиони, во 2016 и 2017 по околу 104 милиони денари, во 2018 година износот е 43,8 милиони, во 2019 година 66,5 милиони.
Во 2020 износот на исплатени средства за субвенционирани летови е 21 милион денари, во 2021 година 10,4 милиони.
Во 2022 година не се исплатени средства. Договорот беше суспендиран во периодот додека траеше короната, поради што во 2020 и во 2021 се исплаќаа средства за остварени приходи од 2019 година.
Последниот од трите договори со „Визер“ заврши на 1 март 2022 година, по што претходната Влада го промени моделот за финансиската поддршка отворајќи можност да се склучи договор со повеќе авиокомпании. По првиот неуспешен повик, беше објавен нов повик, и на 13 април минатата година, Владата склучи договори со „Луфтханза“ за нова авиолинија од Скопје до Франкфурт и со „Визер“ за летови од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцбург и до Љубљана.
Според условите од програмата за субвенционирање, авиокомпаниите се обврзани да продолжат со новоотворените линии по завршувањето на субвенциите, во спротивно ќе треба да ги вратат средствата.
„Визер“ приземји голем дел од авионите. | Извор: Andris Jermuts
„Визер“ го намалува капацитетот за превоз на патници
Порталот „Екс-ју авиејшн њуз“ неодамна објави дека „Визер“ во четвртот квартал годинава од Скопскиот аеродром ќе го намали капацитетот за превоз на патници за 22,6 проценти, односно за 125.726 седишта помалку од минатата година.
Од Охридскиот аеродром, пак, бројот на слободни места ќе се намали за 32,6 проценти или 17.858. „Визер“ продолжува да го намалува расположливиот капацитет на седишта на речиси сите пазари во поранешна Југославија.
Зошто укинува „Визер“ летови во регионот?
„Визер“ веќе некое време има проблеми со моторите „прат“ и „витни“ на авионите од новата генерација, што го принуди авиопревозникот привремено да откаже десетици линии за време на летната сезона 2024 година или пак да ја намали фреквенцијата на летови.
Микроскопската контаминација пронајдена во одредени типови мотори бара компанијата да го повлече авионот и да го расклопи моторот за да го реши проблемот. Процесот обично трае и до четириесет дена по мотор, а превозникот проценува дека процесот ќе трае во следните осумнаесет месеци, пишува „Biznisinfo.ba“.
Иако „Визер“ почна да добива компензација од производителите на мотори, околу 45 авиони во моментов се приземјени и новите испораки нема да можат да го ублажат ударот. Како резултат на тоа, базата Визер“ во Скопје летово лета со пет наместо со шест авиони, додека белградската база одржува три наместо четири авиони.
„Визер“ привремено ги откажа летовите од Скопје до Луксембург, воведени на крајот на минатата година, сезонската линија од Белград до Закинтос воведена минатото лето, летовите од Љубљана до Лондон Лутон, од Ниш до Виена и Дортмунд, како и од Дубровник до Виена и Краков.
Фреквенциите според првичниот план ќе се намалат во целост, што ќе влијае на операциите од речиси сите градови до кои лета во поранешна Југославија, вклучително и Тузла и Бања Лука.
Сепак, намалувањата на фреквенцијата не се толку големи во споредба со летото 2023 година и првенствено одразуваат отстапување од планираното зголемување на летовите што превозникот требаше да го спроведе оваа година.
„Рајанер“ презема дел од пазарот. | Извор: Ryanair
„Рајанер“ презема дел од пазарот на „Визер“
Најголемиот конкурент на „Визер“, „Рајанер“, веќе одговори со воведување на „спасувачка рута“ за погодените патници. Во соопштението на компанијата се вели: „Рајанер уште еднаш го спасува денот бидејќи ,Визер‘ ги намалува своите линии, со дополнителни 21 рута до/од Унгарија, Романија, Луксембург, Србија и Словенија, покрај деветнаесетте полски линии кои неодамна беа скратени. Како најсигурна и најевтина авиокомпанија во Европа, ние сме среќни да бидеме домаќини на патниците на ,Визер‘ на нашите редовни летови, вклучително и од Ниш до Виена, од само 19,99 евра“.
„Изи џет“ го откажа единствениот лет од Скопје до Женева. | Извор: Ade Threasher
Не е проблем само Визер, „Изи џет“ си заминува од Македонија
Ако „Визер“ го намалува број на летови, тогаш и британската нискобуџетна компанија „Изи џет“ ја откажа единствената авиолинија што ја опслужуваше во Македонија на релацијата Скопје – Женева, Швајцарија.
Компанијата планира да ги прекине операциите меѓу Женева и Скопје од почетокот на зимската сезона 2024/25, со што ќе заврши тригодишната континуирана услуга на македонскиот главен град, пишува „Екс ЈУ авиејшн“.
Авиокомпанијата, како што стои во објавата, го закажала својот последен лет меѓу двата града за 1 ноември, а продажбата на билетите е прекината.
„Изи џет“ влезе на македонскиот пазар во ноември 2021 година и е единствениот оператор меѓу Женева и Скопје. Релацијата Скопје-Женева во тековната летна сезона ја опслужува двапати неделно, а претходниот летен период имаше по четири лета.
Се намалува бројот на летови на Скопскиот аеродром веќе четврти месец по ред
Бројот на патници на Скопскиот аеродром се намали и во јули, веќе четврти месец по ред. Во јули, Скопскиот аеродром имаше 296.861 патник, што е намалување од 5,5 отсто во споредба со истиот месец лани.
Ова намалување најмногу се должи на намалувањата на капацитетот и на мрежата на „Визер“ поради проблемите со моторите на авионите од линијата 320 на „Ербас“. Во јули, „Визер“ го намали својот капацитет на Скопскиот аеродром за 12,4 отсто.
Во минатата година, унгарскиот нискобуџетен превозник во базата во Скопје во летната сезона имаше стационирано пет авиони од типот од типот „А321“, со капацитет од 230 седишта, а оваа година од Скопје се лета само со помалите „А320“ со 180 седишта. Поради проблемите со новата генерација од авионите на „Ербас 320-321 нео“, годинава во Скопје не беше донесен и уште еден авион, како што претходно беше планирано. Летово „Визер“ во скопската база има пет авиони, а беше планирано да има шест.
Во јули, од вкупно 296.861 патник, на „Визер“ отпаѓаат 164.182, што претставува удел од 55 отсто.
„Skyscanner“, најпребаруван сајт.
Како да најдете најлесно евтини авиобилети?
Билет во еден правец, повратен билет или, пак, со едно или две застанувања пред крајната дестинација? Што и да ви треба, неопходно е пред да платите, да ја најдете најевтината, односно најповолната опција за патување. Во продолжение, издвојуваме неколку интернет-страници за пребарување и купување авионски билети.
- Skyscanner.net – Убедливо најпребаруван сајт на интернет. Ги содржи речиси сите авиокомпании кои постојат, при пребарување може да изберете со која компанија сакате да летате, дали сакате директен лет или со менување на повеќе авиони до крајната дестинација, време на полетување итн.
- Expedia.com – Исто како и „Skyscanner“, ги содржи скоро сите авиокомпании кои постојат, а со опцијата за прикажување на флексибилноста на датумите, има преглед во кои денови се најевтини авионските карти.
- Kayak.com – На оваа страна има корисна опција „Наш совет“, која ве советува дали да купите авионска карта во моментот кога пребарувате или некој ден подоцна, можеби да почекате одреден период, во зависност од тоа дали цената на картите ќе биде пониска или повисока во следните 7 дена водејќи се според калкулации на софтверот.
- Kiwi.com – Ако планирате патување со посета на повеќе дестинации, тогаш со внесување на местата кои планирате да ги посетите и број на планирани ноќевања во секое место, со впишан буџет, овој сајт ќе ви понуди опции за она што го барате.