Македонските туристи навалија на плажите во Турција и во Египет
Да ги почувствувате мистиката на Ориентот и прекрасната турска ривиера или да ја посетите земјата со многу митолошки приказни и прекрасното Црвено Море – Турција и Египет се дестинациите од соништата на многу патниците од целиот свет.
Во ек на туристичката сезона, Турција и Египет и за македонските туристи се најатрактивни дестинации за одмор. „Кога мислам на одмор, мислам на Турција или на Египет“, се најчестите коментари на граѓаните што сакаат да се релаксираат, да заминат на заслужен одмор, по ограничувањата што претходно беа им наметнати од пандемијата со Ковид-19.
Причината зошто се овие дестинации најбарани места за одмор, лежи во понудата на ол-инклузив (анг.: all inclusive). Тоа значи дека во цената што ја плаќаат нашите граѓани имаат сѐ во едно – директен лет од аеродром, организирано патување до крајната дестинација, хотел, јадење, пијалаци, секојдневна забава и за возрасни и за мали деца. Токму затоа граѓаните велат дека ова е одмор во вистинска смисла на зборот, кој им одговара на различни категории семејства – и на оние со деца и на млади парови и на пензионери. Ако ги погледнеме интензивните понуди на туристичките агенции, ќе видиме богата листа на понуди за патувања во Турција и во Египет.
За тоа каков е навистина интересот на македонските туристи за патување во овие дестинации, што најмногу бараат, што им пречи, каков е изборот на хотели, што најмногу сакаат да видат, разговаравме со Благица Бутикоска, од туристичката агенција „Аурора турс“.
Бутикоска ни откри дека своите студии ги завршила токму на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а сега својата кариера успешно ја реализира во една од најстарите, најпознати и најуспешни агенции во Македонија, „Аурора турс“.
„Дестинациите како што се Турција и Египет се посебно популарни изминатите години поради услугата што ја нудат. Прекрасни ол-инклузив ресорти што излегуваат директно на преубави песочни плажи, богата понуда на ресторани, храна, пијалаци, забава. Секако, најголем фактор што придонесува за популарноста на овие дестинации се директните чартер-линии од Скопје до самата дестинација“, ни одговара Бутикоска.
Ако се јавите во моментот во некоја од туристичките агенции, најверојатно ќе ви одговорат дека понудите за Турција и за Египет се пополнуваат многу брзо. Причината, според Бутикоска, е тоа што ова е прво лето по короната кога граѓаните почувствуваа дека сѐ е вратено во нормала. Многу од граѓаните своите планови за одмор ги одложија поради стравот од вирусот во изминатите две години. Причина плус за зголемениот интерес е и укинувањето на ПЦР-тестовите за влез во овие земји, кои претходно беа задолжителни, како и во голем дел европски земји и туристички места.
„Ова е прво лето што по короната може да се каже дека речиси сѐ е вратено во нормала. Голем дел од државите ги укинаа сите рестрикции за влез. Таму каде што претходно се бараше вакцина или тест, сега слободно може да се патува. Ова лето има и многу голем број патници што сакаат да ги реализираат своите летни одмори, а кои не можеле да го направат тоа во изминатите две години. Има голема понуда на чартер-летови за Турција, Египет, кои многу брзо се пополнуваат. Така е и со нашата нова дестинација по подолго време со директен чартер-лет од Скопје, која е посебно интересна и популарна. Станува збор за Тунис, каде што патниците можат да уживаат на раскошните бели песочни плажи и да ја истражуваат Сахара“, изјави Бутикоска.
Но, покрај желбата за патување, граѓаните годинава треба повеќе да го одврзат ќесето поради повисоките цени на туристичките аранжмани. Главно причините се драстичното поскапување на горивото, а голем удел има и огромниот пад на приходите од туризмот во претходните две години предизвикани од пандемијата. Сепак, граѓаните имаат повеќе опции за заштеда, а една од нив е раното резервирање, односно плаќање на дел од аранжманот во јануари или во февруари. Ако донесете порано одлука каде точно сакате да патувате и во кој дел од годината, тогаш ќе платите помалку.
„Секоја сезона е приказна за себе, цените варираат, имаме понуди со попусти за рана резервација за кои продажбата започнува веќе од јануари или февруари. Голем дел од патниците си ги уплаќаат своите одмори порано поради поголемите попусти, но секако по короната многу работи се променија, не само во туризмот туку во сите сектори. Поскапувања има, голем удел во тоа имаат и глобалните цени, но сепак се трудиме колку што е можно да овозможиме тоа да не влијае толку на нашите аранжмани“, објаснува Бутикоска.
Не е тешко да се погоди кои се најатрактивните дестинации во Турција. Прв избор се Анталија и Бодрум, а расположение за патување секогаш има и за Истанбул. Желбите на туристите се различни, од ресорт што излегува директно на плажа, до хотел во центарот на градот.
Анталија, Турција | извор: beachsearcher.com
„Најатрактивните дестинации во Турција се Анталија и Бодрум кога зборуваме за летен одмор. Секако, доста е популарен и Истанбул, градот што никогаш не спие, за каде што правиме групни патувања. Нашите туристи најчесто бараат хотел што е на прва линија на плажа, со ол-инклузив услуга во хотели со 4 и со 5 ѕвездички. Има различни барања. На пример, некој од патниците сака хотел во центарот на градот, некој сака поголем ресорт што не е баш во центарот на градот. Во нашата богата понуда имаме хотели што ги исполнуваат сите барања од нашите патници“, вели Бутикоска.
Голем дел од туристите бараат и дополнителни активности. Секогаш има интерес без разлика дали станува збор за посета за пирамидите во Египет, посета на Каиро, јавање со камили, крстарење со брод, летање со балони и посета на познати туристички атракции, како на пример Памук Кале во Турција.
„Освен понудите за ол-инклузив, на самите дестинации има многу активности што им се нудат на туристите. Има различни факултативни излети што се многу популарни, на пример, пирамидите во Египет, посета на Каиро, сафари со јавање камили, прекрасни крстарења и набљудување на коралните гребени на Црвеното Море, посета на пустината Сахара во Тунис и така натаму“, изјави Бутикоска.
За изборот на Египет како место за одмор, дел од граѓаните може да се и малку сомничави со оглед на препораките во минатото да не се патува таму поради политичката состојба. Но, сега, годините на социјални и на политички немири се поминати.
„Египет е многу популарна дестинација, која патниците ја обожаваат. Многу години наназад имаме директна чартер-линија од Скопје до Хургада. Политичките кризи не влијаат многу врз одлуката за патување во Египет. Дури и во 2020 година, кога беше најголемиот ек на пандемијата, ние успеавме да реализираме голем број патувања во Египет“, изјави Бутикоска.
Хотел Кемпински Сома Беј, Египет | извор: momondo.com
Со Бутикоска разговаравме за патувањата сега и за време на пандемијата, за тоа дали очекуваат овој сектор да се врати во нормала откако ковидот ги „клекна на колена“ туристичките агенции, а на некои им се закануваше и со клуч на врата. Од „Аурора турс“, се оптимисти и велат дека се приспособуваат на промените, се фокусираат на иднината со богати понуди, со реализирани патувања и со задоволни патници.
„И покрај зголемените цени, има доста голем интерес за патувања, очекуваме сезона која веќе е добра. Секако дека е поразлично од пред пандемијата, но се обидуваме да се приспособиме на сите промени. Луѓето сакаат да патуваат, патуваа и во време на пандемијата колку што беше можно, бидејќи тоа претставува храна за духот. Нашиот сектор беше еден од најпогодените. Но да го оставиме тоа зад нас и да се фокусираме на иднината. Моментално се враќаме во нормала со богата понуда, многу реализирани патувања, многу задоволни патници. Се надеваме дека оваа и следните сезони ќе бидат и подобри од годините пред пандемијата“, вели Бутикоска.
Интересни податоци за туризмот во Турција
По рекордната 2019 година и колапсот за време на пандемијата, во минатата година започна масовно закрепнување на Турција, каде што улогата на туризмот останува многу важна. Туризмот е еден од главните столбови на турската економија и моќен стимулатор на економската динамика од 1980-тите. Во 2019 година, Турција собори рекорд на сите времиња со 51,86 милиони регистрирани туристи, што е зголемување од 12,2% во споредба со 2018 година. Во 2020 година, бројот на туристи се намали на 15,97 милиони.
Улогата на туризмот – 3% од БДП
Во 2021 година туризмот силно закрепна по падот поради пандемијата. Во текот на целата година, Турција ја посетиле 30,04 милиони туристи, што е зголемување за 85,5%. Повеќето туристи ја посетиле Турција за рекреативни, спортски и културни цели.
Годишниот приход од туризмот се зголемил за 103% во 2021 година и достигнал 24,48 милијарди американски долари. Ова претставува околу 3,04% од бруто домашниот производ на Турција (802,67 милијарди долари).
Во 2020 година, Турција беше рангирана на 5. место во однос на меѓународните туристички пристигнувања и на 11. место според приходите од туризмот.
Памук Кале, Турција | извор: myistambul.com
Здравствениот туризам – значаен пазар
Турција е атрактивна дестинација и за многу Европејци што бараат поевтини аранжмани. Во минатата година турскиот здравствен туризам беше многу успешен. Во 2021 година, 642.444 луѓе патувале во Турција за медицинска нега или лекување, нешто помалку отколку во 2019 година (662.087). Во 2020 година, бројот на здравствени туристи се намали на 388.150 поради пандемијата.
Во 2021 година, приходите од здравствениот туризам изнесувале речиси 1,05 милијарди американски долари. Ова претставува 4,29% од приходите од турскиот туризам.
Закрепнување и на Истанбул
Во февруари, бројот на туристи што дошле да ја истражуваат турската престолнина се зголемил за 173% во споредба со февруари 2021 година. Имало вкупно 956.482 посетители. Најголем број посетители во тој месец имало од Русија – 80.628 луѓе. По Русија следувале Германија со 74.056 лица, Иран со 68.940, Франција со 43.560, Кувајт со 39.000, Англија со 38.169, Израел со 30.614, Ирак со 26.985 и Украина со 26.000.
Истанбул, Турција | извор: archives.saltresearch.org
Топ туристички атракции во Турција
1. Анталија
2. Кападокија
3. Памуккале
4. Света Софија
5. Топкапи Сарај
6. Анкара
7. Ефес
9. Коња
10. Планината Немрут
11. Бодрум
12. Сината џамија
Топ туристи во 2021 година во Турција
Русија – 4,69 милиони посетители (15,61% од вкупниот број)
Германија – 3,09 милиони (10,29% од вкупниот број)
Украина – 2,06 милиони посетители (6,86% од вкупниот број)
Бугарија – 1,4 милиони посетители (4,66 од вкупниот број)
Иран – 1,15 милиони посетители (3,83% од вкупниот број)
Интересни податоци за туризмот во Египет
Туризмот е еден од водечките и клучни извор на приход во Египет. Во 2010 година во овој сектор биле вработени околу 12% од работната сила, кои опслужиле приближно 14,7 милиони посетители во Египет, при што реализираниот приход изнесувал речиси 12,5 милијарди американски долари.
За време на египетската револуција од 2011 година, бројот на посетители се намалил за над 37% таа година, паѓајќи од 14 милиони во 2010 година на 9 милиони до крајот на 2011 година.
Во првата половина од 2014 година, бројот на туристи дополнително се намалил за 25% во споредба со истиот период од 2013 година, додека приходите се намалиле за 25%.
Во 2013 година, Египет беше рангирана на 85. место како најдобра земја во светот за туризам и патување, паѓајќи за десет места од рангирањето на 75. место во 2011 година. На рангирањето за 2019 година, Египет се наоѓа на 65. место.
Во 2017 година, Блумберг го смести Египет на листата на топ 20 дестинации за патување во 2017 година. Светска туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO) наведува дека Египет е една од брзорастечките туристички дестинации во светот, каде што бројот на туристи во 2017 година се искачил на 8 милиони, додека во изминатата тој број што изнесувал околу 5,26 милиони.
Во 2020 година приходите од туризмот на Египет се намалиле за околу 70%. Кризата меѓу Русија и Украина фрли сенка на туристичкиот сектор во Египет, кој во голема мера се потпира на посетителите од двете нации. Во февруари е забележано и намалување за 30% на туристичките резервации од Русите и од Украинците.
Абу Симбел, Египет | извор: pinterest.com
Десет главни туристички атракции во Египет
1. Големите пирамиди во Гиза
2. Храмот Карнак во Луксор и Долината на кралевите
3. Реката Нил, срцето на Египет
4. Асуан
5. Абу Симбел, комплекс на антички храмови
6. Каиро
7. Јужен Синај, познати египетски туристички атракции
8. Сакара, прекрасно египетско село
9. Египетски музеј, најстар археолошки музеј
10. Национален парк – Бела пустина
Топ туристи во Египет во 2019 година (пред пандемијата со Ковид)
Германија – 2,5 милиони
Украина – 1,5 милиони
Саудиска Арабија – 1,4 милиони
Либија – 0,75 милиони