Во регионот има, но зошто остана Македонија без национален авиопревозник?

Во регионот има, но зошто остана Македонија без национален авиопревозник?

Дали треба една држава да има национален авиопревозник или не, е постојана дилема за која секогаш има поделени мислења. Додека едни експерти од областа на воздухопловството сметаат дека на земјава ѝ треба национален авиопревозник и дека државата за тоа има капацитет, други сметат дека таа идеја не е исплатлива. Вања Битољану, поранешен извршен директор на „Палер Македонија“ и експерт во оваа област дава неколку причини зошто треба Македонија да има национален авиопревозник. Националниот авиопревозник, според Битољану, има сосема друга улога, а тоа е да поврзува бизнис и политички патувања, односно патувања на делегации. 

„Ако вели државата дека не се исплати национален авиопревозник, а субвенционира нискобуџетни компании, нека субвенционира и национална авиокомпанија. Националната компанија нема да биде само субвенција, тоа ќе биде вработување луѓе, висококфалификувани и платени луѓе, ќе биде придонес кон БДП и апсолутен придонес кон сите други работи. Така што, апсолутно сум за тоа да имаме национален авиопревозник. На тој начин и државата повеќе ќе се промовира, ќе може повеќе да организира и летови кон Охрид и летови кон Скопје. Нискобуџетните компании сега не се за туризам, или се многу малку за туризам. Нискобуџетните компании се добри за народот да прошета, да не биде затворен и толку“, вели тој.

Од друга страна, пак, останати познавачи на состојбите во авиобизнисот велат дека идејата за национален авиопревозник е надмината затоа што пазарот е мал, а авиобизнисот е скап, а формула слична на таа за национален авиопревозник е партнерско поврзување со некоја од големите компании што летаат во земјава.

Но, факт е дека во земјите во регионот има авиокомпании кои летаат под национално знаме, кои секако во одреден период во нивното функционирање се соочуваат со падови, но и подеми. Во оваа компарација ќе наведеме кои земји од регионот имаат национални авиокомпании и кои земји ја оживуваат идејата за нивно воведување.

Во кои од земјите од регионот има национален авиопревозник?

„Ер Србија“ е национална авиокомпанија на Србија со седиште во Белград.  Центар на компанијата е аеродромот „Никола Тесла“ во Белград. Сопственик на авиокомпанијата е Владата на Република Србија со 100% удел во компанијата. Првично, националната авиокомпанија на Обединетите Арапски Емирати, „Етихад ервејс“, имаше 49% удел во „Ер Србија“, но Република Србија ги купи 31% од акциите на крајот од 2021 година. Во ноември лани, српскиот министер за финансии Синиша Мали објави дека Србија официјално стана апсолутен сопственик на авиокомпанијата.

На прес-конференцијата одржана на 1 август 2013 година, беше објавено дека флотата на „Ер Србија“ ќе се состои од 10 нови авиони Ербас А319 и дека внатрешноста на авионот ќе биде направена по примерот на авионите на „Етихад ервејс“. На истата конференција беше соопштено дека се водат преговори со „Боинг“ и „Ербас“ за набавка на нови авиони. Не долго потоа, беа нарачани 10 нови авиони „Ербас А320нео“, но нарачката од 2019 година беше откажана. Како поддршка на туристичката сезона во 2016 година, флотата беше проширена со изнајмен авион „Бомбардиер ЦРЈ900“. Истата 2016 година, беше купен „Ербас А330-200“, кој се користи за летови до Њујорк од 23 јуни.

Авион на „Ер Србија.“ | Извор: Betaphoto

Авион на „Ер Србија.“ | Извор: Betaphoto

За првите четири месеци од 2024 година „Ер Србија“ превезе еден милион патници.

Националната авиокомпанија „Ер Србија“ на почетокот на месец мај објави дека превезла еден милион патници годинава. Овој резултат, како што се наведува, „Ер Србија“ го забележа две недели порано од 2023 година, кога на 8 мај беа забележани еден милион патници.

Компанијата потсетува дека „Ер Србија“ ќе лета до повеќе од 90 дестинации низ Европа, Азија, Африка и Северна Америка во редовен и чартер сообраќај во текот на летната сезона. Во 2023 година, „Ер Србија“ превезе вкупно 4,19 милиони патници во редовен и чартер сообраќај. Националната авиокомпанија „Ер Србија“ објави дека продолжува да ја шири својата мрежа на дестинации, а од 19 септември повторно ќе воспостави директна авиолинија меѓу Белград и Ница.

КРОАЦИЈА ЕРЛАЈНС

„Кроација ерлајнс“ е национален авиопревозник и важен бренд на Хрватска. Оперира на домашни и меѓународни одредишта. Главната база е аеродромот во Загреб, а за помали бази ги има аеродромите во Сплит и во Дубровник. Во 2007 година, авиокомпанијата оствари профит од 25 милиони куни, рекорд во нејзиното постоење. „Кроација ерлајнс“ засега останува европска авиокомпанија и не планира интерконтинентални летови. Реализира летови во над 20 држави и над 30 града. 

Авиокомпанијата започна со работа на 20 јули 1989 година. По првите слободни избори во независна Хрватска, компанијата го промени името во „Кроација ерлајнс“. Годината 1992 беше тешка за компанијата и таа престана да лета. Веднаш по завршетокот на кризата, „Кроација ерлајнс“ откупи три „Боинг 737“ авиони од Луфтханза и стана член на Меѓународната асоцијација за цивилен сообраќај (ИАТА). Канцеларии беа отворени во неколку градови низ Европа во 1993-та, а до наредната година „Кроација ерлајнс“ го дочека и првиот милионити патник. Таа година го организираше и превозот на папата Јован Павле II.

Во 1995 година, беше направен и рекорд во бројот на патници – 2 милиона на годишно ниво. Во 1996 година, стана првата авиокомпанија која воспостави летови кон Сараево. Во 2004 година, „Кроација ерлајнс“ влезе во „Стар алајанс“ како регионален член, спонзорирана од страна на Луфтханза. 

Во октомври 2022 година, „Кроација ерлајнс“ ги објави плановите да ја намали својата флота и да ги замени сите сегашни авиони со шест нови „Ербас А220-300“ до 2026 година. Во јануари 2023 година беше договорен закуп за првите шест авиони од четири авиони „А220-300“ и два авиони „А220-100“.

Авион на „Кроација Ерлајнс“. | Извор: aero.telegraf.rs

Авион на „Кроација Ерлајнс“. | Извор: aero.telegraf.rs

Идејата за изнаоѓање стратешки партнер за хрватскиот национален авиопревозник веќе извесно време е во застој, но властите сметаат дека „порано или подоцна, ова прашање ќе мора повторно да се отвори“. Хрватската влада неколку пати се обиде да ја приватизира „Кроација ерлајнс“, но безуспешно, по што најави дека ќе го продолжи процесот на приватизација на авиокомпанијата кога „повторно ќе закрепне“. Хрватската авиокомпанија забележа загуба од 9,5 милиони евра во првиот дел од годината, по добивката од два милиони евра во 2023 година, што е остварена со продажба на имот во форма на пет авиони.

ЕР МОНТЕНЕГРО

„Ту Монтенегро “ е авиопревозник на Црна Гора, кој е брендиран и работи под името „Ер Монтенегро“, нова компанија отворена на почетокот на 2021 година од Владата на Црна Гора. „Ер Монтенегро“ официјално беше лансирана со операции во јуни 2021 година.

Претходната авиокомпанија „Монтенегро ерлајнс“ беше основана на 24 октомври 1994 година, од владата на Сојузна Република Југославија. Првиот авион, беше купен речиси две години подоцна во 1996 година. Првиот комерцијален лет се одржа на 7 мај 1997 година, помеѓу Подгорица и Бари, Италија. Во април 2000 година, таа стана членка на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Во јуни 2000 година, првиот од петте авиони „Фокер 100“ беше испорачан на аеродромот во Подгорица. 

Во август 2016 година, беше објавено дека сметките на „Монтенегро ерлајнс“ биле замрзнати откако авиокомпанијата не ја исполнила судската одлука во врска со плаќањето на долговите кон операторот на аеродромите во земјата. 

Во декември 2020 година, Владата на Црна Гора објави затворање и ликвидација на компанијата „Монтенегро ерлајнс“, наведувајќи го лошото управување и акумулирање загуби за неколку години. Набргу потоа, беше објавено дека авиокомпанијата ќе ги прекине сите летови од 26 декември 2020 година, што ќе го означи крајот на своите операции.

Новата компанија беше официјално претставена на 2 март 2021 година од Владата. Во април 2021 година, беше објавено дека црногорската влада го направила „Ер Монтенегро“ официјално име за проектот „Ту Монтенегро“ и дека авиокомпанијата ќе започне да користи два авиони „Ембраер 195“, префрлени од поранешната „Монтенегро ерлајнс“. 

Од основањето до сега, националната авиокомпанија на Црна Гора успева да се наметне на авиопазарот. Во март оваа година, авиокомпанијата го дочека милионитиот патник, а во јуни одбележа три години од првиот комерцијален лет, кој беше реализиран на релација Подгорица – Белград, на 10.06.2021 година.

Авион на „Ер Монтенегро“. | Извор: aero.telegraf.rs

Авион на „Ер Монтенегро“. | Извор: aero.telegraf.rs

Првиот комерцијален лет беше реализиран само три и пол месеци по основањето на компанијата и со тоа го означи почетокот на работата на националниот авиопревозник „Ер Монтенегро“. Во текот на првата година од работењето најголемиот дел од сообраќајот се одвиваше само со еден авион во возниот парк, тип „Ембраер 195“.

Во следната 2022 година, сообраќајот се одвиваше со два авиони „Е195“ во текот на целата година, со дополнителен закуп на авион „А320“ со поголем капацитет во период од шест месеци во текот на летната сезона, додека сообраќајот беше насочен кон 11 дестинации.

Две години по првиот комерцијален лет, „Ер Монтенегро“ поседуваше два авиони „Ембраер 195“ со регистарски ознаки АОА и АОБ и изнајмени„ Ембраер 190“ и „Ербас 320“. Во минатата година сообраќајот се одвиваше на 15 дестинации.

Годинава е задржан истиот број авиони во флотата, со проширување и намалување на мрежата на дестинации. Летово националната компанија лета на 16 дестинации, вклучувајќи три сосема нови дестинации.

Од компанијата нагласија дека третата година од работењето беше одбележана со позитивен финансиски резултат во износ од речиси 3,5 милиони евра во 2023 година, како и членство во најпрестижното воздухопловно здружение ИАТА.

Авион на „Адриа ервејс“ на аеродромот во Франкфурт. | Извор: Википедија

Авион на „Адриа ервејс“ на аеродромот во Франкфурт. | Извор: Википедија

Пет години по банкротот на „Адриа ервејс“, Словенија не се откажува: Се бара нов национален авиопревозник

Пред пет години, словенечката национална авиокомпанија „Адрија ервејс“ отиде во стечај, со што ги прекина услугите по 58 години од своето формирање. Стечајот беше прогласен поради финансиски проблеми, а компанијата ги откажа сите летови. Менаџментот ја покрена постапката за банкрот поради несолвентноста на компанијата, а последниот лет на компанијата било враќањето на словенечката одбојкарска репрезентација од Париз. 

„Адрија“ е последната во долгата низа мали европски авиокомпании кои влегоа во финансиски проблеми поради преголемата конкуренција во индустријата и високите цени на горивото. 

Но, во изминатиот период се погласни се барањата од страна на тамошните бизнисмени за формирање нова национална авиокомпанија. 

И словенечката влада сѐ уште размислува за основање нова национална авиокомпанија, речиси пет години откако „Адриа ервејс“ прогласи банкрот.

Новата компанија би требало да се лансира преку јавно-приватно партнерство, а според направените анализи, би можела да достигне „позитивна нула“ во седмата година од своето постоење.

Признавајќи дека процесот на формирање нова авиокомпанија може да потрае неколку години, владата претходно соопшти дека тоа ќе го направи само преку јавно-приватно партнерство.

Во нарачаните студии од Владата е заклучено дека основањето нова национална авиокомпанија може да биде економски оправдано.

Словенечката влада истакна дека, и покрај плановите за нова национална авиокомпанија, ќе продолжи со својата политика на субвенционирање странски авиокомпании во обид да ја подобри поврзаноста на земјата на краток рок.

Авион на „Ер Албанија“. | Извор: aero.telegraf.rs

Авион на „Ер Албанија“. | Извор: aero.telegraf.rs

ЕР АЛБАНИЈА

Во 2018 година Албанија ја доби својата прва национална авиокомпанија „Ер Албанија“, која е основана во партнерство со авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“, а почна со опслужување единаесет дестинации во Европа.

„Ер Албанија“ е основана на 16 мај 2018 година од конзорциум предводен од албанската и турската влада како јавно-приватно партнерство. „Туркиш ерлајнс“, основачки партнер, поседува 49,12% од „Ер Албанија“. Останатите 50,88% се јавно тргувани, моментално поделени помеѓу „Албконтрол“, корпорација во сопственост на албанската влада, со приближно 10%, и „МДН Инвестмент“, приватна компанија во Албанија, со приближно 41% од акциите.

Контроверзноста зад основањето на авиокомпанијата избувна кога беше откриено дека основачкиот партнер „МДН Инвестмент“ бил основан девет дена претходно. Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија ѝ додели на „Ер Албанија“ сертификат за оператор на трета земја на 8 мај 2020 година, што ѝ дозволува на „Ер Албанија“ да врши летови меѓу Албанија и Европската Унија. Во септември 2021 година, авиокомпанијата за прв пат додаде трет авион во својата флота.

На 9 септември 2022 година, албанските власти ја суспендираа деловната лиценца на авиокомпанијата бидејќи авиокомпанијата не ја обезбеди потребната документација. Сепак, на компанијата ѝ беше дозволено да ги продолжи сите операции на летот. На 14 септември 2022 година албанските власти повторно ја активираа лиценцата за деловно работење бидејќи авиокомпанијата ја обезбеди целата потребна документација и продолжува со своите операции.

Лани се појави информација дека наводно е запленет имотот на „Ер Албанија“ поради неплатени долгови, но авиокомпанијата ги негираше тврдењата на медиумите.

Дека авиобизнисот е скап и има огромна конкуренција покажува и фактот дека оваа компанија од почетокот на 2024 година, откажа голем дел од своите летови поради проблемите со кои се соочува.

Со просечни осум летови дневно, компанијата сега оперира само на дестинациите од Тирана до Истанбул и до Милано. „Ер Албанија“ заедно со приватната компанија за ниски цени „Албавингс“ е нова жртва на актуелната исклучително конкурентна ситуација во Тирана. Освен со Истанбул, оваа компанија „се тепаше“ со уште пет други авиокомпании кои секојдневно имаа летови до споменатите дестинации.

На своите линии, „Ер Албанија“, која има само три авиони во својата флота (два „Ербас А320“ и еден „А319“), има сериозна конкуренција – во просек по пет дневни летови од други компании до секоја дестинација освен Истанбул.

Image
Newsletter