Љупчо Арсовски, амбасадор
„Ние кои сме поминале четири децении како кариерни дипломати, дипломати без партиска поддршка, не можеме да препознаеме што се случува со македонската дипломатија, а особено во изминатава деценија, Искрено, секоја чест кон поединци професионални дипломати од некои времиња но и млади луѓе кои ете се определиле животниот предизвик да им биде дипломатијата, Нема да одам во спомнување на гафови, и еклатантни примери за паушално разбирање на дипломатијата па само да искоментирам дека не може инфлуенсерка да биде кандидирана за генерален конзул и тоа на предлог на министер за надворешни работи по професија медицинар“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент амбасадорот Љупчо Арсовски. Тој е искусен дипломат, но и прв амбасадор во Грција. Во моментов вели опасноста и притисокот демнат од источниот сосед, кој прави агресија во нашиот политички, културен и образовен систем.
Како амбасадор и познавач на состојбите во дипломатијата, може ли една генерална оценка за состојбите во македонската дипломатија?
Во првата година на независна Република Македонија на еден министер за надворешни работи како негов близок соработник и со функција-помошник министер, му реков дека треба да создадеме професионална дипломатија. Нагласив дека треба да направиме добар избор од дипломирани студенти од Правниот, Економскиот и Филозофскиот факултет и други високообразовни институции. Дипломци кои се истакнуваат со свои видувања, акумулирана желба за збогатување на знаењето, затоа што и младите личности имаат визија со квалитет во областа на користење на интернетскиот простор. Потоа би ги испратиле во повеќе земји кои имаат развиена дипломатија и дипломатски академии, а по 10-20 години ќе имаме дипломатија која ќе се фати во костец со презентација, пласирање и одбрана на сето она што ја очекува младата демократија притисната повторно со старите романтични апетити на некои земји од соседството или од поширокото соседство на овие балкански простори и пошироко Југоисточна Европа.
Како функционер и во новото МНР (инаку во Секретаријатот за меѓународни односи сум од 1977 година, подоцна од 1991 во Министерство за надворешни работи, така што бев помошник на 8 министри за надворешни работи), раководев со повеќе сектори. Работата во МНР беше особено сложена бидејќи отпочна сериозна постапка и напори за меѓународно признавање. Набргу се отвори процесот за одбрана на името кое соседната држава ни го оспори и правеше и наоѓаше разни начини сѐ со цел да ни го отежни патот кон наше етаблирање и вклопување на меѓународната сцена. Во тој тежок почеток на независна држава со градење на дипломатската мрежа, ме посетуваа многу странски дипломати, пред сѐ со седиште во Белград, кои и пред распаѓањето на поранешна Југославија беа акредитирани и во тогашна СР Македонија. Во разговорите, покрај објаснувањето на отворените прашања, тие се интересираа и прашуваа како можат да ни помогнат како на ново министерство. Во тој контекст ги замолував, доколку е можно, да примат одреден број млади дипломати на пригодни курсеви во нивните дипломатски академии. Молбите родија плод, па набргу заминаа релативно млади дипломати во Холандија, Австрија, Германија, Малта, Русија и други земји. Беше тоа една добра група на кадри кои подоцна, па и до денес, носат добар товар и одговорности во МНР. Но, наскоро се напушти релативно строгиот филтер за вработување на кадри во МНР со соодветни конкурси и испитни разговори. За жал се отпочна со партиски притисоци, при што започна „партизација“ во државните ресори, што не го одмина и Министерството за надворешни работи. Тука почнува приказната за Вашето убаво прашање „може ли една генерална оценка за состојбите во македонската дипломатија“.
Да, мојата субјективна оценка е дека македонската дипломатија е подолго време во една длабока криза. Ние, кои сме поминале 4 децении како кариерни дипломати, дипломати без партиска поддршка, не можеме да препознаеме што се случува со македонската дипломатија, а особено во изминатава деценија. Искрено, секоја чест кон поединци, професионални дипломати од некои времиња, но и млади луѓе кои, ете, се определиле животниот предизвик да им биде дипломатијата. Нема да одам во спомнување на гафови и еклатантни примери за паушално разбирање на дипломатијата, па само да искоментирам дека не може инфлуенсерка да биде кандидирана за генерален конзул, и тоа на предлог на министер за надворешни работи по професија медицинар.
Како искусен дипломат, но и прв амбасадор во Грција, како гледате на релациите меѓу двете земји? Честопати потенциравте дека сами како држава си ја усложнуваме состојбата.
Кога се размислува за односите и соработката, особено кога се работи за соседна земја, секогаш треба добро да се познаваа нејзината историја, култура, меѓусебните односи итн., и да се има предвид минатото и сегашноста за да се предвиди иднината. Мудроста е способност да се предвидат последиците. Дали бевме мудри во периодот 1991, од моментот кога со референдум одлучивме да бидеме независна држава и кога го донесовме првиот Устав на Република Македонија? За референдумската одлука ДА, но, негативен знак беше отсуството на гласови од некои национални малцинства. Набргу, Уставот објективно гледано беше донесен несомнено со еуфорична брзина и многу умни уставотворци не беа консултирани. Слично се случуваше и со донесувањето на одлуката за новото знаме. Влеговме во фаза во која сите се разбираа во дипломатија и во меѓународни односи. Така, Грција беше прва земја од соседството која имаше јасни забелешки кон некои членови од Уставот, знамето и др. Следеше едностраното грчко ембарго. Дали да ги спомнам масовните еуфорични собири во Солун?! Почнаа првите проблеми, па дојдовме под притисок до првите промени во Уставот, кога по неколку години сфативме дека во меѓународните односи и политиката емоциите и романтизмот не можат едноставно да ги спроведуваат мали и слаби земји, дека правдата ја спроведуваат посилните и подобро позиционираните држави. Тоа е неправда, но, за жал, до денес се практикува. Првите зборови кои ги упатив преку медиумите по моето доаѓање во Грција е дека дојдов да направам мостови за соработка, за комуникација, за луѓето да се запознаат повеќе пред сѐ како соседи. Настојував од првиот момент како дипломат кој има некое искуство и со новинарската фела да воспоставам добра комуникација. Секогаш им излегував пресрет на медиумите и со позитивна идеја, мисла, порака кон грчките граѓани да ја преставам Република Македонија како пријателска земја, а историјата да ја оставиме како тема за разговор пред сѐ меѓу историчарите. Еден голем европски политичар вели дека Балканот произведува толку многу историја што не може да ја консумира. Имав и десетина интервјуа во живо на разни грчки телевизии. Сакав да влезам во секој дом, да им кажам дека сме соседи и дека мораме да живееме заедно на овој простор. Впрочем, Македонија беше единствената нова држава од поранешна СФРЈ која имаше свои меѓународно потврдени граници. Како непосреден прв преговарач со Грција околу спроведувањето на практичните мерки врзани за Времената согласност донесена од ООН во Њујорк на 13 септември 1995, само две недели подоцна, на 3 октомври 1995 година, бев одреден да водам интензивни преговори меѓу двете земји. На првиот ден се случи атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, што нѐ поттикна со уште поголем елан да ја завршиме поставената задача со битна цел. Така, за 21 ден потпишавме низа билатерални договори кои ја определија првата или основната рамка за билатерална соработка, и горд сум на тој голем чекор напред. Беа предвидени низа усогласени и рамноправни форми за отворање на гранците, начини на нивно минување, транспортот, финансиите и слично и, секако, отворање на првите дипломатски мисии во Скопје и во Атина, а подоцна во Битола и во Солун (Thessaloniki). Покажавме дека соработка е можна, полезна, може да се проширува за доброто за граѓаните од двете страни на границата. Тоа беше добра основа за натамошно пронаоѓње на формулата која требаше да ја најдеме, а тоа беше името Република Македонија, кое за меѓународна употреба Советот за безбедност со резолуцијата 817/93 ни го определи како Поранешна Југословенска Република Македонија. Беа определени преговарачи конкретно за името со медијатор од страна на ООН. Моите задачи беа натамошно интензивно работење во создавањето позитивна клима. Но, заради плурализмот со кој за прва пат се сретнавме, со многу политички партии, во еден нов амбиент, често пати се сретнував со проблеми кога требаше тоа да се објаснува во разговори на различни нивоа со личности од грчката политичка сцена и се разбира со одредени институции. Слични процеси се случуваа и во Грција со партии и поедини невладини организации кои не можеа да прифатат нова држава на нивната северна граница. Беше потребно време, трпеливост, внимателно следење на состојбите затоа што слични „потреси“ се случуваа и на сесиите на кои се расправаше како да се изнајде вистинската формула околу името. Години подоцна се случи склучувањето на Договорот од Преспа од 2019 година. Се разбира, имам забелешки за начинот на кој се изведе во финале долгиот процес, со прашање дали беа употребени сите наши аргументи за кои имавме континуирано поддршка и од многу западни земји. Ја имавме и одлуката на Хашкиот суд. Вистина е дека овој договор беше неопходен за позитивен приод на сите земји на НАТО, за да им се придружи и Република Македонија. Финалето кое донесе и многу расправии и чудни референдуми во нашата земја е познато. Сепак, да истакнам дека се случи да не бидам воопшто дел од подготвителниот процес во „преговорите за името“. Истовремено, и повеќемина навистина сериозни личности и стручни во секој поглед врзано за оваа проблематика беа држени на дистанца.
По дводеценискиот спор со Грција во моментов опасноста и притисокот демне од друг сосед? Колку македонските власти повлекоа правилни потези или требаше пожесток настап?
Опасноста и притисокот кои демнат, како што велите, се блага форма на сомнеж за тоа што ни се случува со соседот од источната страна. Фактите потврдија дека се направени доста компромиси со призвук на асиметрија во Договорот со Бугарија за пријателство и добрососедство. Според мене, се работи за еден вид агресија во нашиот политички, културен и образовен систем. Недореченоста и асиметријата, одредени широки формулации, некои непрецизни кои се вградени во тој договор, го покажаа сериозниот пропуст, недостаток, недореченост кој го користи другата страна. Ова особено дојде до израз во процесот на нашето натамошно настојување да го реализираме она што е зацртано во собраниските документи на нашиот пат кон полноправна членка на ЕУ. За жал, кога очекувавме источниот сосед да ни даде голема поткрепа и помош, започнаа невидени постапки, интензивни и отворени особено по Декларацијата во нивниот парламент, по што следеше и Меморандумот на нивното МНР. За нашите реакции зборуваат пред сѐ датумите и нивната содржина, кои беа скромно објавувани, не ретко со задоцнување.
Македонија го почна скрининг-процесот со ЕУ. Но, се чини дека односите со Република Бугарија во последно време се затегнаа. Како, според Вас, на дипломатски начин и со посредство на европската дипломатија, најлесно би можеле да се надминат овие несогласувања?
Вистина е дека скрининг-процесот е во завршна фаза. Процесот добро се одвива и во ЕУ има позитивен прием за повеќе наши презентации, но, чинам дека „притисокот“ што го направија високи личности од земји на ЕУ со укажување дека е сепак неопходно промената на Уставот да се реализира во македонскиот парламент е сериозно предупредување. Факт е дека се наоѓаме во „веќе видени ситуации“. Но, така е тоа во меѓународните односи. Доколку на време не се постигнати одредени позиции, „противникот“ ќе ги искористи слабостите и празниот простор. Како дипломат кој долго ги следел процесите со источниот сосед, јасно е дека несоодветно и непотребно се избрза со многу големо верување дека правдата ќе биде на наша страна. За жал, очекувано, интересите и полноправното членство на источниот сосед дојдоа до израз во нивните поинакви ставови и размислувања при давањето поддршка, која ја условуваат на агресивен начин, нешто што и натаму ќе се заострува.
ЕУ во повеќе наврати ја критикуваше нашата земја околу владеењето на правото и корупцијата. Тоа се сегменти на кои ќе мора уште многу да се работи за да се приближат кон ЕУ-регулативите. Како ја оценувате Вие ситуацијата поврзана со овие две теми?
Корупцијата и криминалот се „блиски роднини“ и си остваруваат соработка дури и со одредени институции. ЕУ и не само ЕУ туку и нашиот стратешки партнер САД, укажуваат во континуитет на потребата од сузбивање на овие две појави кои се како карцином во секое општество. ЕУ овие денови најави доаѓање на сериозна контрола за да се види како се трошеле и европските пари во одделни проекти. Постои сериозен проблем и во функционирањето на дел од правосудните органи. Ова е регистрирано, и најавен е сериозен пристап за што посебно и со конкретни случаи ќе се соочиме при презентацијата во соодветниот кластер. Внимателно се следи функционирањето или работата и во одделни судски и истражни предмети токму од соодветни органи на ЕУ. Најавата за проширување на листата на САД за непожелни граѓани зборува токму за корупцијата и криминалот. Ова ќе биде предизвик во блиска иднина.
Македонскиот дипломатски синдикат постојано алармира за неправедност и партизација на МНР. Имаат ли шанса за напредок во кариерата вистинските професионалци?
Постоењето на два синдиката во МНР дава јасна слика за партизацијата, посебно во овој сензитивен државен апарат. Во сите периоди имало случаи на „самоволно“ одлучување на првиот човек на МНР на кого му „помагале“ и одреден број функционери и службеници, секој и за своја сметка. Бидејќи првиот човек е партиски избор тој е, за жал, често пати „обврзан“ да ја слуша партијата односно партискиот лидер. Потребна е транспарентност. Неопходно е правилно спроведување соодветни постапки кои се регулирани со самоуправните акти, при што многу зависи токму од личностите кои се одговорни во тие постапки.
Која би била вашата препорака за подобрување на состојбите во дипломатија во периодот што следува? Кои се неопходните чекори?
На подобрување на состојбите во дипломатијата мора интензивно да се работи, едноставно „сега и овде“. Потребно е да дојде до консензус меѓу сите партии во највисоките државни тела во државата. Со определбата за градење на професионална дипломатија природно ќе си заминат или ќе се прераспоредат одредени кадри кои се далеку од оваа специфична област во секој државен систем. Професионалноста во оваа област е проверена во многу силни држави кои не случајно се определиле за професионална дипломатија (пример нека ни бидат турската и грчката дипломатија). Мора на вистинските професионалци да им се даде шанса, затоа што „формулата“ е едноставна – правиот човек да дојде на право место и во право време, што е впрочем тајната на успехот.
Живеете во Скопје и често пати алармирате дека на градот му недостига граѓанска култура? Промените треба да почнат од луѓето, но и од администрацијата. Има ли надеж за посветла иднина за младите генерации?
Македонија е мала земја по население, но и по простор, во кој за два часа се стигнува од еден до друг крај на земјата. За сите важи токму потребата за совладување и практикување на граѓанската култура. Треба многу да се работи на овој проблем кој го регистрираме насекаде во таканаречената животна околина, која треба и мора да ја зачуваме. И со ова прашање ќе се сретнеме на нашиот пат кон ЕУ. Пример е екологијата. Загадуваме свесно и несвесно, понекогаш и намерно, а обврзани сме веќе со неколку европски и светски конвенции, кои се дел од нашето домашно право. Пример е загадување на реките кои се влеваат пред сѐ во реката Вардар, која поминува низ северниот дел на Грција и се влева во Солунскиот Залив. Пречистителните станици се за да се филтрира водата, и со тоа да го заштитиме и нашиот простор при заливањето на земјоделските култури, па доколку се занемари, ќе се соочиме во соодветното поглавје за Заштита на животната средина. Нашата желба да бидеме полноправен член на ЕУ бара многу работа, откажување и доследно почитување на регулативите. Потребно е да се работи со најмладата популација, најпрво дома во домашното воспитување, па во текот на образованието, и конечно, во секојдневниот живот при работа во приватни или државни институции, невладин сектор и конечно, просторот во кој живеете. Тоа што го гледаме како начин на живеење додека сме на некое патување низ организирани државни системи, да го примениме дома. Изгледа едноставно, но, во реализацијата е компликувано. Повторно ќе нагласам, мора да се работи, да се укажува, да се дава пример како треба да се работи. Притоа, и да се критикува и да се санкционира тоа што е спротивно на законските прописи, и пред сѐ, штетно по нашето здравје, кое е најскапоцено. На овој мал простор се определив да зборувам посебно за културата на живеење од аспект на екологијата, но тоа важи и во секојдневниот однос меѓу луѓето и особено во институциите на системот, каде што луѓето ги остваруваат своите права. Да потсетам, своевремено низ државните институции, болници и на шалтерите беа поставени соодветни апарати на кои може да се притиснат едно од три копчиња во зависност од тоа колку сте задоволни од шалтерскиот службеник. Мислам дека нема да погрешам дека се бројат на прсти апаратите кои функционираат, а нивните претпоставени исто така не се заинтересирани спомнатите апарати да се стават повторно во функција. Дали имало непосакувани критики, незадоволство и слично, па апаратите се исклучени или расипани? Дали се плашат одговорните од ред?