Проф. д-р Васко Наумовски, Поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен амбасадор на Македонија во Вашингтон, САД
„Една од клучните задачи на дипломатијата треба да биде привлекувањето инвестиции, во соработка со другите институции надлежни за оваа тема. За жал, во изминатите години нема видливи резултати на ова поле, и голем број од инвестициите во регионот ја заобиколуваат Македонија. Пред неколку години бевме лидери по бројот на странски инвестиции, а сега сме далеку од врвот”, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, проф. д-р Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен амбасадор на Македонија во Вашингтон, САД. Наумовски зборува и за процесот за проширување и за меѓусоседските односи со Бугарија.
Како поранешен вицепремиер и амбасадор, како ја оценувате актуелната политичка состојба во Македонија?
Во континуитет сме сведоци на една латентна политичка криза, која во суштина е резултат на недоволната зрелост на политичките елити, како и недостиг на способност за детектирање на вистинските проблеми на општеството, како и усогласување на начините за нивно решавање на долг рок. За жал, во дневно-политичката комуникација доминираат омразата, навредите и негативната енергија, а отсуствува судир на програми, проекти, и алтернативи за актуелните општествени проблеми. Оваа ситуација придонесува и за намалениот одзив на гласачите при изборните циклуси, и намалениот интерес за политиката воопшто, при што се зголемуваат апатијата, безнадежноста, како и интересот за трајно напуштање на државата.
Земјава уште еднаш доби само ветување и пропуштен датум за влез во ЕУ. Дали причините на меѓународната заедница што одново нè стави во чекалната се реални и дали сметате дека оваа владејачка гарнитура има капацитет да нè однесе на европскиот пат?
Процесот на проширување одамна не е дел од врвните приоритети на Европската Унија, и за жал тој процес не ги доживува своите најдобри денови. Од политика што значеше придобивка за милиони Европејци од двете страни на берлинскиот ѕид, денес проширувањето е политика со која не сите држави-членки на ЕУ сакаат да се занимаваат, знаејќи дека кај многу од нив, домашното јавно мислење не е во полза на прием на нови држави во Унијата. Иако застојот е резултат на ветото на една држава-членка, јавна тајна е дека и дел од останатите членки се против проширувањето, и на некој начин „се затскриваат“ зад државите што го употребуваат ветото во даден момент.
Во однос на капацитетите на актуелната власт, доволно е да се анализираат состојбите во областите што се најзначајни за исполнување на критеримите за членство: владеењето на правото, борбата против корупцијата, ефикасноста на администрацијата, како и заштитата на животната средина, здравството, итн. Реформите во сите овие области се клучни за достигнување на европските стандарди, и треба да бидат приоритет за секоја власт, без разлика на статусот во европската интеграција. Сепак, отсуството на видливи резултати на овие полиња, како и недоволната посветеност кон суштински реформи во изминатите години не влеваат надеж дека во скоро е можен реален напредок на патот кон ЕУ. Формалниот чекор напред би бил почетокот на преговорите, но вистинската европеизација нема да се случи сè додека не се достигнат критериумите за членство - процес што бара темелна модернизација во сите области од општествено-политичкиот и економски живот.
Меѓусоседските односи со Бугарија навидум се решаваат, но дали тоа значи дека Македонија е единствената која ја подава раката или Бугарија навистина сака да најде решение?
Основата на актуелните проблеми со Бугарија е во недоволната подготовка на Договорот потпишан пред речиси пет години, кога за неговата содржина не беше доволно консултирана стручната јавност, а не беше постигнат ниту консензус со останатите политички фактори. Избрзаните потези тогаш резултираа со ќорсокак денес. Дополнително, Бугарија е членка на ЕУ, а Македонија е држава-кандидат, со што преговарачката моќ на двете страни е различна. Позитивен момент во последниот период е новата влада во Бугарија, која ја напушти реториката на претходните влади таму, со што се создава подобра атмосфера во билатераните односи. Проширувањето на дискусиите со теми од економијата, трговијата, образованието и слично, ги става историските прашања во втор план, и може да доведе до зголемување на довербата и пробив во решавањето на билатералниот проблем. Средината на оваа година веројатно ќе биде периодот кога ќе може да се направи евалуација на завршените активности и да се разгледа можноста за повлекување на ветото од страна на Бугарија.
Како го оценувате заедничкото чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, од премиерите на двете земји, Ковачевски и Петков?
Прашањата од областа на историјата се оние за кои е најтешко да се најде заеднички јазик. Историчарите треба да работат согласно нивната методологија, врз основа на историските факти, без политички влијанија. Сепак, дури и да не се постигне согласност за сите прашања, не би требало да го сфатиме тоа како некоја трагична состојба. Улогата и значењето на многу личности и настани од историјата се оценуваат различно и во многу други европски држави, и тоа не е пречка за добри билатерални односи меѓу нив. Дополнително, прашања од областа на историјата не би требало да бидат клучни во процесот на европска интеграција. Оттаму, сите заеднички чествувања, за кои е постигната согласност од научните кругови, можат да имаат позитивно влијание ако се прават со добра волја, и не се придружени со омраза, понижувања, или пак злоупотребувани во дневнополитички цели.
Проф. д-р Васко Наумовски, Поранешен амбасадор во Вашингтон
Дали сметате дека е праведно Македонија да го прифати бугарското малцинство, додека Бугарија го негира македонското?
Сите прашања поврзани со човековите права во Македонија би требало да се разгледуваат во текот на самите преговори, каде што постојат конкретни преговарачки поглавја за таа област. Но, за да дојдеме до тие прашања, прво треба да ги отвориме преговорите, и во самиот тој процес да се истакнат сите забелешки што постојат, а се поврзани со исполнување на Критериумите од Копенхаген. Истовремено, добрите практики на државите-членки во ЕУ претпоставуваат доследно почитување на сите меѓународни конвенции за човековите и малцинските права, со што оние држави што се веќе дел од ЕУ даваат пример за државите што се кандидати. Постоењето на Македонците во Бугарија не зависи од политичка волја или одлука, туку е реалност што не може да се негира, и тоа е потврдено и со историските документи на самата бугарска држава, но и на меѓународно поле. Иако уставните концепти на двете држави се различни, постојат начини на кои и Македонија и Бугарија може да ги заштитат правата на сите нивни граѓани.
Дали предвремени парламентарни избори ќе бидат решение за Македонија да излезе од економската криза?
Решенијата за економската криза треба да се бараат со ангажирање на целиот кадровски потенцијал со кој располага државата, и со консензус на политичките партии, знаејќи дека економскиот напредок и благосостојбата на граѓаните би требало да е цел на сите нив. Во овој момент е тешко да се претпостави дали евентуални предвремени избори би резултирале со стабилизација на состојбата, или пак би значеле почеток на нова епизода на политичка криза. Намалената поддршка од гласачите за традиционалните политички партии, појавата на нови движења и независни кандидатури, како и промена на изборниот модел, можат да предизвикаат состојба во која повторно ќе доминира краткорочниот политички интерес, а не долгорочниот државен интерес. Во состојби на криза, државите вообичаено размислуваат за ставање на политичките разлики во втор план, а партиите се насочуваат на поблиска соработка со цел излез од кризните ситуации.
Економијата стагнира, инвестиции имаме сè помалку, сметате ли дека дипломатите треба повеќе да лобираат за привлекување странски капитал?
Една од клучните задачи на дипломатијата треба да биде привлекувањето инвестиции, во соработка со другите институции надлежни за оваа тема. За жал, во изминатите години нема видливи резултати на ова поле, и голем број од инвестициите во регионот ја заобиколуваат Македонија. Пред неколку години бевме лидери по бројот на странски инвестиции, а сега сме далеку од врвот. Дипломатијата, и нејзиниот економски дел, не треба да бидат дел од дневната политика, туку дел од областите за кои има широк политички и општествен консензус. Во привлекувањето на инвестициите, исто како и општо во меѓународните односи, е потребен континуитет, и имунитет на политички влијанија, посебно оние предизвикани од промена на власта. Како и во многу други области, и овде сме далеку од остварување на таа цел.
Како Македонија повторно да се најде на мапата кај странските компании?
Инвеститорите се заинтересирани и за општата политичка и економска стабилност во државата, безбедноста на нивните инвестиции, владеењето на правото, како и функционирањето на администрацијата. Без високи стандарди во овие област не може да се очекуваат нови инвестиции.