Интервју со амбасадорот на Француската Република, Н.Е. Сирил Бoмгартнер
Франција, земја во Западна Европа во која се наоѓа една од најпривлечните светски метрополи – Париз. Најголемо внимание привлекува железната кула, наречена Ајфелова кула според архитектот што ја изградил, висока 300 метри. На неа работеле триста работници, кои составиле 18.038 парчиња чисто железо. Оваа креација во Париз изградена во 1889 година е една од најпрепознатливите симболи во светот. Токму од оваа земја во Македонија доаѓа амбасадорот на Француската Република Сирил Бoмгартнер. Тој во своето долгогодишно искуство извршувал повеќе функции, а една од нив е заменик-генерален секретар за европски прашања во Кеј Д’Орсеј. Претходно бил и прв советник во амбасадата на Франција во Бугарија. Функцијата амбасадор во нашата земја ја извршува од 2020 година. За Македонија ќе раскаже многу. Им се восхитува на историјата и културата, но ќе ја опише и со само еден збор „привлечна”.
„Споменикот на Чемерски во Паркот на мирот во Кочани, Македониумот во Крушево, фреските на Лазески во Домот на културата во Прилеп. Можам да наведам уште многу примери. Македонците би можеле да бидат многу повеќе свесни и уште повеќе горди на исклучителното богатство на ова наследство, плод на работата и генијот на нивните непосредни современици, без да се враќаат во далечната историја, а чиј интерес може широко да ги надмине границите“, вели амбасадорот Бoмгартнер во своето интервју за Магазинот за туризам и менаџмент.
Светот се соочува со повеќе кризи. Војните на повеќе фронтови направија сериозна штета врз компаниите, изворите на енергенси се намалија, а со тоа стана помала и куповната моќ. Во некои од земјите гладот се зголемува. Кои се вашите проекции за светската економија до крајот на годината? Дали очекувате промени?
Најрелевантните проекции за глобалниот раст доаѓаат од големите финансиски и економски институции. За 2024 година, се очекува дека растот ќе биде генерално под нивоата пред кризата со Ковид-19, со големи разлики меѓу регионите и земјите во светот. Вистина е дека има, а тоа е уште поизразено отколку порано, големи неизвесности во поглед на веродостојноста на секоја проекција, во еден свет што во многу аспекти стана понестабилен и самиот понеизвесен. Во тој контекст, влогот е во градењето поотпорни економски модели, со приспособување кон предизвиците што ни се наметнуваат и со обид да ги предвидиме идните кризи, иако е многу полесно ова да се каже отколку да се направи! За да поедноставиме, можеме да идентификуваме два вида предизвици во тој поглед. Внатрешен предизвик, кој има за цел да го зајакне својот економски модел во однос на сопствената состојба, како на пример својата демографија, продуктивност и регионална и меѓународна конкурентност, своите макроекономски основи, и надворешен предизвик, кој се состои во приспособување кон глобалните или трансверзални предизвици: енергетски и дигитални транзиции, капацитетот за иновации во новите клучни области, но и за европските земји, особено враќањето на војната што ја потврдува итната потреба за спроведување на автентична агенда за суверенитетот на ЕУ.
Бoмгартнер: „Еден од главните предизвици за ЕУ ќе биде да се реформира за да биде уште поефикасна и да се подготви да ги прими своите нови членки, како што е Македонија.”
Ова ќе биде изборна година. Покрај Македонија, избори ќе има во регионот, но и во Европскиот парламент. Колку ќе бидат важни овие избори во Европа за надворешната политика кон другите земји?
Оваа 2024 година навистина ќе биде обележана со многубројни изборни процеси, овде во Македонија, во Европскиот парламент и во САД, па и во многу други земји! Верувам дека на глобално ниво, околу половина од планетата треба да биде опфатена со избори во годината што следува! Изборите за Европскиот парламент претставуваат голем демократски момент. 427 милиони избирачи ќе бидат повикани да гласаат за системот што е меѓу првите, ако не и најдемократскиот во светот. Предизвиците се од суштинско значење. Од една страна, затоа што откако се применува принципот на директен избор на европратениците од 1979 година, и во согласност со последователните промени на европските договори, Европскиот парламент не престана да го зголемува своето влијание во европскиот институционален триаголник, до таа мера што денес тој е сосема рамноправен козаконодавец. А од друга страна, затоа што во денешниот свет, кој е понестабилен и под закана, Европската Унија мора да продолжи да се афирмира во целосна самостојност, вклучително и на меѓународната сцена, затоа што со својата големина, своите демократски вредности и со своето здружено влијание, таа игра единствена улога во стабилизацијата, мирот и во глобалниот просперитет. Во наредниот мандат, еден од главните предизвици за ЕУ ќе биде да се реформира за да биде уште поефикасна и да се подготви да ги прими своите нови членки, како што е Македонија, кои веќе имаат место што ги чека. Имаме голема среќа што живееме во демократски општества каде што секој глас се брои и дава можност за избор; затоа е толку важно да го оствариме своето право и да излеземе на гласање. Македонија и Франција имаат заедничка историја. Околу цел век нашите народи се бореле рамо до рамо на македонскиот фронт. Франција често била присутна во големите моменти од современата македонска историја: за време на светските конфликти за што денес сведочат француските гробишта во Битола и во Скопје, во моментот на стекнувањето на независноста со работата на Бадентеровата комисија помеѓу 1991 и 1993 година, при потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со специјалните претставници на ЕУ Леотар и Ле Роа, а потоа и личниот придонес на Р. Бадентер за ревизија на Уставот. Пред две години, мојата земја повторно одигра водечка улога, како претседавач со Советот на ЕУ, за да ги отвори европските перспективи на вашата земја. Овој договор беше критикуван и ние самите признаваме дека не е совршен бидејќи, по дефиниција, се работи за компромис. Но, дрвото не треба да ја скрие шумата. Овој договор го почитува и го чува македонскиот идентитет, особено во поглед на признавањето на македонскиот јазик, кој треба да стане нов официјален јазик на ЕУ. Овој договор овозможи да започнат преговорите за членство и да се отпочне и успешно да се спроведе процес на скрининг, чиј квалитет беше едногласно признаен. Ова е резултат што се очекуваше повеќе од петнаесет години. И сега преостанува уште еден чекор, а тоа е ревизија на Уставот во согласност со македонско-бугарскиот протокол. Македонскиот Парламент, со целосен суверенитет, треба да одлучи кога ќе биде тоа направено. Целата ЕУ, нејзините институции и државите-членки ве поддржуваат во овој процес бидејќи тоа е она што конечно ќе нè обедини, и сите ние се надеваме дека тоа ќе се случи што е можно побрзо.
Март е месец на франкофонија. Зошто се слави токму во овој месец?
Агенцијата за културна и техничка соработка, претходник на Меѓународната организација на франкофонијата, е создадена на вториот Самит на франкофонијата, одржан во Нијамеј на 20 март 1970 година. Оттогаш, овој 20 март во светот се слави како Меѓународен ден на франкофонијата. Имајќи многу богата програма, одлучивме да ја одбележиме франкофонијата во текот на целиот месец март, месецот на пролетта. Тоа е една заедница на вредности. Интересно е што не се работи само за францускиот јазик. Тука се почитуваат и другите јазици.
Бoмгартнер: „Овој договор беше критикуван и ние самите признаваме дека не е совршен бидејќи по дефиниција, се работи за компромис.“
Колку години постои славењето на оваа традиција и каде сѐ во светот се одбележува?
Франкофонијата е, пред сè, заедница со над 320 милиони луѓе што го споделуваат францускиот јазик на петте континенти. Францускиот јазик е јазик на културата и на уметноста, но и јазик на правото и на бизнисот. Зборувањето француски јазик е клуч за пристап до франкофонските пазари. Во рамките на Европската Унија, сите јазици на државите-членки се признаени. Ова е случај и со македонскиот јазик, кој треба да стане еден од новите официјални јазици, што е можно побрзо, кога ќе стане земјата дел од ЕУ. Но, францускиот има посебен статус како работен јазик во Унијата. За вашата земја, ова ќе создаде многу можности за вработување, во смисла на толкување, преведување, правно и техничко советување. Франкофонијата е, исто така, меѓународна организација во која членуваат близу 90 земји и организации. Ќе потсетам дека Македонија е дел од неа од 2006 година. Македонија е активен член во овој простор и тоа е нормално, бидејќи и денес една третина од учениците учат француски јазик во јавниот образовен систем. Амбасадата и Францускиот институт силно ги поддржуваат училиштата и во голем број од нив се изучува францускиот јазик насекаде во земјата, во тесна соработка со Министерството за образование и наука и со општините. Франкофонијата се одбележува во различни облици во земјите-членки на Меѓународната организација на Франкофонијата веќе со децении.
Во Македонија, франкофонијата се прославува од 1998 година. Како се одбележува во Франција?
Покрај прославата, би сакал да најавам дека Франција ќе биде домаќин на следниот Самит на франкофонијата. Овој самит ќе се одржи во Меѓународниот град на францускиот јазик во Вилер-Котре, на 4 и 5 октомври 2024 година. Тоа ќе биде првиот самит во Франција по 33 години. Тоа ќе биде нашиот придонес. Целта на овој самит ќе биде да му се даде нов импулс на образованието, што го правиме секојдневно овде во Македонија, и да се промовира отворена повеќејазична франкофонија со почитување на нејзините основни вредности. Нашите две земји заедно се дел од ова големо семејство на франкофонијата, па Македонија секако ќе биде поканета на следниот самит. На маргините на овој Самит, од 20 март 2024 година, Франција организира голем фестивал на франкофонијата насловен „Повторно да го изградиме светот“. Овој фестивал ќе има за цел да промовира отворена и плурална франкофонија меѓу нашите француски сограѓани и ќе ги покани да ги откријат франкофонските општества и култури. За секоја земја од особено значење се културните наследства. Тие се непроценливо богатство.
Дали се почитува историјата доволно во Македонија?
Наследството е своевидна трага на историјата во светот. Да не заборавиме дека македонското наследство е особено драгоцено, и тоа не е само културно, туку и природно. Тоа е причината зошто во последните години постепено ја пренасочуваме нашата соработка за да дадеме конкретен придонес во зачувувањето на ова наследство во сите негови форми. Во областа на животната средина, од минатиот септември имаме француски експерт што работи во македонската администрација за да обезбеди експертиза, да советува и да помогне да се зајакнат постојните административни капацитети. На економски план, француските компании спроведуваат големи инвестициски проекти за развој на нови решенија за обновлива енергија, што ќе има значително позитивно влијание врз квалитетот на животната средина во земјата. Паралелно, ги зголемуваме активностите од областа на културното наследство: покренавме соработка со Министерството за култура на Македонија во областа на зачувувањето и реставрацијата на фреските во црквите од византискиот период, иконите изработени на дрво и старословенските ракописи, соработка што се развива со помош на европски фондови. Сметам дека може да одиме уште подалеку и дека постои цела димензија на македонското културно наследство што е непозната и заслужува многу подобро да биде промовирана, со незанемарлив потенцијал за туристичка атрактивност. Мислам на современата македонска уметност, која е од голема вредност и која, во многу градови во земјата, поседува споменици што се од уникатен интерес. Споменикот на Чемерски во Паркот на мирот во Кочани, Македониумот во Крушево, фреските на Лазески во Домот на културата во Прилеп. Можам да наведам уште многу примери. Македонците би можеле да бидат многу повеќе свесни и уште повеќе горди на исклучителното богатство на ова наследство, плод на работата и генијот на нивните непосредни современици, без да се враќаат во далечната историја, а чиј интерес може широко да ги надмине границите.
Бoмгартнер: „Носителите на медалите ќе имаат можност да си заминат со парче од Ајфеловата кула вградено во нив.”
Ова лето Париз ќе биде центар на светот, домаќин на Олимписките игри. Што ќе понуди Франција различно од другите метрополи?
Рокот се приближува. До отворањето остануваат помалку од пет месеци, ги почитуваме роковите, го почитуваме нашиот буџет. Подготвени сме да ги организираме овие игри во најдобри услови, комфор и безбедност. Меѓународниот олимписки комитет го потврдува овој одличен степен на подготовка, но всушност ние немаме избор. Овие игри ќе донесат 16 милиони посетители и не можеме да си дозволиме да оставиме простор за импровизација. Уверен сум дека Франција ќе понуди исклучителни и поинакви игри од претходните изданија поради предизвиците и оригиналните предлози за Париз 2024 година. Овие предлози се конципирани околу три столба. Првиот е прославата, кога за прв пат церемонијата на отворање ќе се одржи надвор од Олимпискиот стадион: на брегот на Сена за Олимпијадата и на Плоштадот Конкорд за Параолимпијадата. Париз секако ќе биде во центарот на светот, но за овие Олимписки игри и други француски области ќе бидат мобилизирани да ги организираат натпреварите: 5 други француски града и Тахити. Носителите на медалите ќе имаат можност да си заминат со парче од Ајфеловата кула вградено во нив. Вториот столб е наследството. Овие игри ќе остават траен печат, особено во главниот град, со Сена во која ќе можеме повторно да пливаме, со подобрената јавна транспортна мрежа и значително проширениот фонд на социјални станови, а да не зборуваме за позитивното влијание врз спортските објекти. На крајот, третиот столб е посветеноста. Сакам да нагласам дека и овде, на свој начин, учествуваме во подготовката на Олимписките и на Параолимписките игри, во соработка со Олимпискиот комитет на Северна Македонија: преку промовирање на жените-спортистки од Северна Македонија, преку изложба на фотографии што им ја посветивме. Целта е да се поттикнат младите девојки да спортуваат имајќи предвид дека игрите во Париз 2024 година ќе бидат првите во историјата целосно засновани на родовата рамноправност.
Дали Ве посетуваат често вашите пријатели во Скопје и како ја раскажувате Македонија?
Моите пријатели, а уште повеќе членовите на нашето семејство, сите доаѓаа да нѐ посетат во текот на овие четири години: родителите, браќата и сестрите, децата, нашите чичковци и тетки... За мене, во секој случај, иако не сум сигурен дека тоа е сосема објективно, најсоодветната придавка за да се опише оваа земја е „привлечна“. Кога ќе ја напуштите, еден дел од неа останува во вас.
Кое место во оваа мала земја ќе Ви остане секогаш во памтењето?
Сè уште е рано да знам, но има многу места што ме воодушевиле. Она што можам да ви кажам е дека моето последно омилено место е Љубанци, каде што во последните недели, неколку пати одевме со семејството за време на викендите. Селото е едноставно и автентично со голем број извонредни традиционални градби, прекрасни пејзажи и бои, исклучителен мир на самиот влез на престолнината, со добронамерни жители што оставаат впечаток дека се исполнети со спокој и среќа.