Земја што не се почитува самата себе, не може да биде почитувана од страна на други држави. Во изминативе години оваа владејачка гарнитура, преку промената на името, договорот со Бугарија, како и непостоењето на конзистентна внатрешна политика кон националните малцинства, јасно покажа дека не е на нивото на државите од цивилизираниот 21. век, вели Јован Донев, поранешен амбасадор на Македонија во Велика Британија и универзитетски професор, во интервју за ,,Магазин за туризам и менаџмент“. Во Македонија, политиката ги изостави здравството, образованието, а сега почнува да ја изоставува и економијата. Да зборуваат за туризмот, за археологијата и сл. и да работат на соодветни стратегии во овие области, можат само политичари што ја познаваат и ја сакаат Македонија.
Неодамна пристигна нов извештај од Стејт департментот за Македонија, во кој се нотира сериозна владина корупција, неефикасни судови и долготрајна правда. Колку е отсликана реалната состојба на македонскиот правосуден систем во нашата држава?
Слободно може да се каже дека извештајот во голем обем ја отсликува реалната состојба. Тоа што недостига во него, а е еден од поголемите генератори на корупцијата е прашањето на политичкиот патронизам, а кој е присутен во секој сегмент на македонското општество. Во таа смисла Македонија прилега на феудална држава, со таа разлика што во феудалните држави социјалната позиција на секој еден зависи од неговото потекло, а во Македонија, од блискоста до одредена политичка партија. Кажано поедноставно, во Македонија не постои мерит-систем!
Промената на уставот, на што е принудена Македонија со условот од Францускиот предлог за внесување на Бугарите во Уставот, отвори многу дилеми, но и видливо незадоволство кај граѓаните. Со надворешниот притисок од меѓународната заедница, но и од страна на Софија, изгледа дека Македонија нема право да искаже свој став. Колку сме, всушност, во позиција да реагираме поинаку и дали постои можност во оваа фаза власта да направи поинакви чекори, кои ќе бидат од полза на Македонија?
Тезата дека Македонија нема право да искаже свој став е погрешна. Македонија, попрецизно Владата на премиерот Заев самостојно и доброволно прифати да потпише договор кој е целосно нерамноправен и на штета на Македонија. Народот не случајно вели „брза кучка слепи кучиња раѓа“.
Од моментот на потпишувањето на овој договор, ратификуван во македонското Собрание, од нас се очекува тој да се имплементира. Доколку тоа не се стори, сосема нормално, по барање на Бугарија, големите сили, поточно Франција и Германија излегоа со свои предлози. Во крајна линија, и тоа не треба да се разбере како лоша опција. Лоша опција е доброволното прифаќање од македонската страна Бугарите да влезат во Уставот. Всушност, тоа што треба македонската јавност да го знае е фактот дека оваа македонска власт, се откажува од сите македонски национални интереси само и само за да успее да ги започне преговорите со Европската Унија, сметајќи дека на тој начин ќе успее да остане на власт.
Колку би помогнал Хрватскиот модел за промена на уставот за Македонија? И зошто зборот „малцинство“ наеднаш стана навреда?
Хрватскиот модел е неприфатлив за владејачката коалиција. Албанските политички партии, не само тие од коалицијата со СДСМ, се залагаат Македонија да стане двонационална држава. Од тие причини, министерот за надворешни работи и ги прифати барањата за внесување на Бугарите во уставот, а збор не кажа за правата на македонското малцинство во Бугарија. Во овој момент, албанските политички партии, одработувајќи за пан-албанската идеја се најголемите кочничари за изградба на „една држава, една нација“, во која граѓаните, без оглед на својата етничка или религиска припадност ќе станат вистински носители на суверенитетот, а колективните права на малцинствата ќе бидат уставно загарантирани.
Колку уставните измени и останатите политички одлуки во изминатиот период го поделија општество уште повеќе од претходно?
Македонија е целосно поделена по македонско-албанската етничка линија. Заслуга за тоа имаат сите тие кои владееја со Македонија изминативе дваесетина години. Нефункционирањето на парламентарната демократија во нејзината изворна варијанта придонесе клучните одлуки, наместо граѓаните преку нивните претставници во Собранието, да ги носат врвовите на владејачките политички партии кои се на власт и во коалиција, а за нив власта е многу послатка отколку иднината и благосостојбата на Македонија.
Јован Донев, поранешен амбасадор на Македонија во Белика Британија и универзитетски професор
Коридорот 8 со свечени говори и церемонија, стартуваше со изградба. Владата се пофали дека ова е еден од стратешките проекти, како дел од Коридорот „Западен Балкан - Источен Медитеран“ за нашата земја. Но, има големи сомнежи, бидејќи се најавува изградба на автопат, за кој не се открива проектот. Власта тврди дека ова е геостратешки проект и е од големо значење за нашата земја. Дали е ова една прашина фрлена во очите на јавноста? И колку ќе доведе навистина до посилен Балкан?
Секој автопат што ќе се изгради е придонес за благосостојбата на луѓето кои ги поврзува. Тука нема ништо спорно! Спорно е што не може држава кандидат за Европската Унија да потпишува договор за градење кој е спротивен на Уставот на Македонија, но и на европските стандарди. Не може да се гради автопат без претходно да се евалуира проектот, од сите можни аспекти. Не би ги споменувал прашањата за работната недела или за експропријацијата, тие се присутни веќе во јавноста, но што е со прашањата на екологијата, биодиверзитетот и слично. Тоа се, за мене, многу суштински прашања за кои мора експертската јавност да се изјасни. За жал таа тоа не може да го направи бидејќи нема проект. И што понатаму да се каже? За каков посилен Балкан зборуваме ако нанесеме непоправлива штета на природата и животинскиот свет?
Дали ќе ја доведат земјата до влез во ЕУ кој било од досегашните политички чекори, вклучувајќи ги последните? Или очекувате дека наскоро ќе има и нов услов?
Влезот на Македонија во ЕУ најмалку зависи од внесувањето на Бугарите во Уставот. Бугарија и понатаму ќе го блокира патот сѐ додека не се исполни нивниот главен услов. Историско оправдување на традиционалната големобугарска политика кон Македонија. Сепак, за волја на вистината, влезот во ЕУ ќе зависи од нашата подготвеност да преземеме драстични и болни реформи во речиси сите области на живеењето, а пред сѐ од деполитизацијата на јавната администрација, судството, полицијата, здравството, образованието и науката. Доколку ова не се случи, секогаш ќе имаме држави-членки на ЕУ кои ќе ставаат вето. Последно, но исклучително важно, е ставот на германската влада, која јасно кажа дека нема проширување на ЕУ доколку не се смени начинот на донесување на одлуките во Европскиот Совет. Прашање кое директно задира во суверенитетот на сите земји-членки на Унијата. Тоа нема да оди така лесно, посебно ако се семе предвид досегашниот тренд на наплив на крајно десничарските партии во земјите членки на Унијата.
Колку е Македонија почитувана од страна на странските земји? Кои според вас се најголемите пријатели на нашата земја?
Земја која не се почитува самата себе, не може да биде почитувана од страна на други држави. Во изминативе години, оваа владејачка гарнитура, преку промената на името, договорот со Бугарија, како и непостоењето на конзистентна внатрешна политика кон националните малцинства, јасно покажа дека не е на нивото на државите од цивилизираниот 21. век. Од самото тоа јасно произлегува дека останатите држави од оваа група нема да ве почитуваат, но тоа јавно нема да го кажат.
Идната година следат нови претседателски избори во Соединетите Американски избори. Актуелниот претседател Џозеф Бајден, веќе ја најави својата повторна кандидатура. Дали очекувате овие избори да бидат од големо значење за Македонија?
Изборите во САД можат да имаат одредено влијание врз Македонија, доколку таа е суверена држава. За жал таа тоа не е. Владејачката коалиција ја претвори во целосен вазал на САД, прифаќајќи да ги реализираме нивните краткорочни интереси на сметка на нашите долгорочни. За возврат, таквата политика на САД ја претворија Македонија во држава на мафијата. Владејачката гарнитура, прифаќајќи ги сугестиите на САД, истовремено ги наплаќаше своите услуги преку криминал и корупција, знаејќи дека Вашингтон нема да преземе санкции кон нив или да им ја откаже поддршката. Американската амбасадорка, со право, сега се обидува да ги врати работите во нормала, но се плашам, дека е предоцна. И да додадам уште нешто во врска со вашето прашање. Изборите во САД ќе бидат во ноември следната година. Дотогаш многу работи ќе се сменат во и околу Украина. Резултатот од таа војна ќе има сериозни геополитички импликации за целиот свет, а со тоа и за Македонија.
Дали и колку во меѓувреме со сите активности и одлуки во политиката, ги изоставивме убавината на Македонија, туризмот, археологијата, а и економијата, а со тоа го губиме и нашето богатство?
Во Македонија, политиката ги изостави здравството, образованието, а сега почнува да ја изоставува и економијата. Зар мислите дека оваа Влада води сметка за туризмот, а со тоа и за промоција на македонското природно богатство и културното наследство? Да зборуваат за туризмот, за археологијата и да работат на соодветни стратегии во овие области, можат само политичари што ја познаваат и ја сакаат Македонија. За неа можат да се грижат само патриоти! Такви во моментов не можам да видам. За жал!