Европскиот пат и декларативната поддршка за Македонија

Европскиот пат и декларативната поддршка за Македонија

Кратко траеше ентузијазмот на македонскиот народ дека токму овој јуни, после 16 години, конечно ќе се отвори патот за старт на пристапните преговори на земјава со Европската унија. Разочараноста е дотолку поголема и поради фактот што голем број европски челници, но и светски лидери испратија јасни сигнали дека Македонија повеќе нема време за чекање и оти мора итно да добие зелено светло за влез во големото европско семејство. Европскиот Самит за Западен Балкан заврши исто толку брзо како што почна, без заклучок за земјите аспиранти.

„Целиот свет е обединет за евроатланската интеграција на Западен Балкан“, порача заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар од „Преспа форумот“ во Охрид, што се одржа само една седмица пред Самитот на ЕУ за Западен Балкан.

Ескобар смета дека во овој историски период Западниот Балкан се соочува со многу предизвици, но дека има само една можност, а тоа е ЕУ да биде наша заедница во историјата.

„Самиот кандидатски статус создава големи придобивки за народот. Но исто така мора да ги потсетам моите европски пријатели, не тие во структурите туку тие во јавноста, дека Западен Балкан е дел од тој проект, дека Западен Балкан е географски, економски, културно, историски европски. Дека ги делите тие вредности, дека имате солидни партнери во НАТО и дека сте одлични билатерални партнери на НАТО. Пораката што сакам да ја пренесам е дека иако луѓето се фокусираат на конкретна политичка рамка, има многу прогрес што се случува на други места, преку трговски канали, билатерални канали, преку други мултилатерални канали и во сите нив Западен Балкан успева“, додаде Ескобар.

Габриел Ескобар - Заменик-помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Габриел Ескобар - Заменик-помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Американскиот професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Едвард Џозеф, во текст објавен во елитниот политички магазин „Форин полиси“ ги повика САД и Велика Британија да го гарантираат македонскиот идентитет.

„Екстремниот бугарски национализам има една сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет. Решението е САД (и сојузниците како Обединетото Кралство, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Македонија што го потврдува македонскиот идентитет. Договорот би можел да биде склучен брзо според неодамна отворениот Стратешки дијалог меѓу САД и Македонија“, предлага американскиот професор Едвард Џозеф, во текстот насловен „Како може Бајден да ги спречи лојалистите на Путин во Бугарија“.

Според Џозеф, клучниот текст би се темелел на членот 7 од Договорот од Преспа, според кој „Владата на САД едноставно 'ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик' – токму таков идентитет каков што бугарските националисти сакаат да го избришат“. Со ова, смета тој, ќе се ослабат пропутиновите сили во Бугарија, како што е претседателот Румен Радев.

„Со обезбедување силна политичка одбрана на идентитетот на Македонија – слична на робусна воена помош за одбрана на територијата на една нација – Бугарија би се соочила со реалноста: бесмислената залудност на нејзината мисија. Како што Путин не може да ги убеди Украинците дека се навистина Руси, Радев и компанија не можат да бараат Македонците да го започнат процесот на предавање на својот идентитет на Бугарија“, вели Џозеф.

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

Жосеп Борел - Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност

Џозеф, кој предава управување со конфликти на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, е близок со владејачката Демократска партија на претседателот Џо Бајден, а има големо искуство со Македонија и со Балканот како шеф на Меѓународната кризна група во 2001 и како заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ на Косово.

Ветото на Бугарија, кое ја држи „во заробеништво“ европската перспектива на Македонија, изнуди реакции и во највисокиот врв на ЕУ. Така, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изрази незадоволство поради недостигот од напредок во Бугарија во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, додавајќи дека тоа покажува оти принципот на консензусот не е добро решение за носење одлуки во ЕУ. Тој истакна дека ЕУ мора да стори сѐ за да го вклучи Западниот Балкан во „својот свет“, нагласувајќи дека тоа ќе може да се направи со покана на земјите од регионот да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ и на други собири.

„Овој случај уште еднаш покажа дека консензусот е проблем при одлучувањето. Не можеме да продолжиме, затоа што една земја блокира. Мораме да продолжиме и да го спречиме гаснењето на европскиот пламен на Западниот Балкан“, потенцира Борел.

На иста линија е и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој посочува оти Македонија е пример за направени жртви на патот кон ЕУ.

Олаф Шолц - Канцелар на Сојузна Република Германија

Олаф Шолц - Канцелар на Сојузна Република Германија

„Кога ќе разбудите очекувања, кога ќе им кажете дека патот кон ЕУ се исплаќа, кога ќе се преземат напори, и ќе се ризикуваат политички конфликти во сопствената земја, една земја – дури го смени и името за да го реши спорот со Грција, и сето тоа ништо не помага и ништо не се придвижува, тогаш е сосема разбирливa вознемиреноста што ја чувствуваат политичките раководства и граѓаните и граѓанките на овие земји“, рече Шолц и порача дека Германија е на „ваша страна“.

„Повторно е тоа она што ни прави тешкотии во Европа, работи од далечното минато се користат за да се уништи шансата за мирна иднина. Затоа се надевам дека Бугарија ќе избере пат кој ќе овозможи да им се приближи на своите најблиски соседи на Западниот Балкан”, рече Шолц.
Резигнираноста кај Македонија и Албанија од децениското седење во чекалната на ЕУ, предизвика реакција, но и поддршка од долгогодишниот пријател и партнер, претседателот на Србија,

Александар Вучиќ. Во обраќање директно од Брисел, Вучиќ порача дека „поминаа времињата кога можеше да се уценуваат независни и слободни држави“.

„Ние тука дојдовме кај пријатели. Заедно со нашите пријатели од регионот ќе се бориме за европска иднина, но почитувајќи се себеси и верувајќи дека заеднички можеме многу да направиме“, изјави Вучиќ и додаде дека Македонија за Србија е братска и пријателска земја.
„Сѐ што чувствувате вие во Скопје, чувстуваме и ние во Белград. Ние ништо не очекуваме од вас. Очекуваме да ги развиваме пријателските и братски односи и верувам дека секогаш и на европскиот и на сите други патиша ќе бидеме заедно“, додаде Вучиќ.

Прашан дали за него е прифатлива билатертилација на процесот на пристапување во ЕУ како што бара Бугарија, Вучиќ одговори дека истото му е направено и на Белград со Приштина со поглавјето 35.

И додека македонскиот народ, сонувајќи го европскиот сон, негува надежи за подобра европска иднина, Европа уште еднаш покажа дека не е подготвена за лидерство, онакво какво што се очекува од една Унија чија примарна вредност се темели врз почитување на идентитетските вредности на еден народ, една земја, една нација.

Image
Newsletter