Интервју со проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

Интервју со проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Институт за македонски јазик „Крсте Мисрков“ – Скопје

Кога би имала моќ, би ја формирала Комисијата за стандардизација на географски и други имиња, да се помогне во решавањето на проблемите со двојазичните топоними и враќањето на старото име на државава

Љубовта и негувањето на позитивниот однос спрема македонскиот јазик треба да почне да се гради од најмала возраст кај најмалите Македонци. Уште дома, а потоа и во предучилишните установи на децата треба да им се всадува свеста дека нивниот мајчин јазик – македонскиот, го зборуваат мал број луѓе и дека ако самите не си го зборуваме и изучуваме, ќе нема кој друг да го прави тоа наместо нас на планетава; дека не постојат мали и големи јазици ниту богати и сиромашни. Според проф. д-р Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик „Крсте Мисрков“ – Скопје, погрешно е мислењето дека македонскиот јазик е сиромашен јазик. Сиромашни сме ние во неговото непознавање. Д-р Елка Јачева-Улчар освен за јазикот, акцентот го става и на многу нерешени проблеми во Македонија.

Поради зголемениот број на иселеници од земјава е намален и бројот на учениците, а со тоа се намалува и потребата од наставници по македонски јазик. 

Дали е точно дека младите го губат интересот да студираат македонски јазик и зошто? Дали е тоа поврзано со работата во образованието кое сѐ уште го бара вистинскиот пат?

Пред неколку години во едно телевизиско интервју одговорив на ова прашање. Вистина е дека се намалува интересот за студирање македонски јазик, а тоа се должи на неколку работи. Главната причина е тоа што голем дел од матурантите во нашата држава не остануваат на школување овде. Тие што остануваат да се школуваат во Македонија, поретко избираат да студираат македонски јазик, зашто сметаат дека таквиот избор трајно ги ограничува и ги „врзува“ за Македонија, која економски е во многу тешка ситуација. Понатаму, оние што, сепак, завршиле македонски јазик тешко наоѓаат работа по својата струка во земјава. Поради зголемениот број на иселеници од земјава е намален и бројот на учениците, а со тоа се намалува и потребата од наставници по македонски јазик. Да не зборуваме, пак, за тоа дека во пракса спорадично се почитува законската обврска секое министерство, државен орган, електронски и печатени медиуми, издавачки куќи и др. да имаат вработен лектор по македонски јазик. Затоа, сите политички фактори во земјава е потребно сите сили да ги насочат кон економско закрепнување и позасилен економски развиток и напредок на Македонија, со што ќе се спречи одливот на работоспособните Македонци од земјава.

Кога би имале можност, што би направиле најпрво за македонистиката, односно за својата струка, а преку неа и за државата, народот, јазикот?

Многупати сум посочувала што ѝ недостига на нашата македонистика, но ќе повторам и во оваа пригода. Државата ќе треба да посвети поголемо внимание и да обезбеди повеќе средства за поттикнување научни проекти од национално значење, со што би се пополниле празнините кои постојат во македонската наука за јазикот. Tие проекти веќе беа наведени како дел од Стратегијата за развој во културата 2013 – 2017 година; меѓу нив беше и подновувањето на Правописот на македонскиот јазик, кој е единствен реализиран проект од зацртаните, но кој, по 10 години од неговото објавување во 2015 година, веќе е стасан за повторно подновување. Истиве тогаш предложени проекти од страна на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија во периодот 2012 – 2016, минатата година на парламентарните избори се најдоа во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам и искрено се надевам новата Влада да пристапи кон нивно буџетирање со забелешка: за реализација на овие проекти што ги ставиле во својата програма да пристапат кон избор на луѓе со соодветни и врвни компетенции во одделните области, за кои доколку немаме кадар во земјава, би требало да побараме помош од сродни институции во регионот. Треба да се научиме да им одолеваме на лукративните и славољубни желби на еден мал, но високопозициониран дел од своето (но и не само од своето) партиско членство. Во спротивно, не само што постои опасност македонистиката да служи за потсмев во меѓународниот славистички свет, туку и да паднат во вода сите ветувања за владеење на мериторен систем и меритократија. Во моментов ова им е најмалку потребно на Македонија и на македонскиот јазик! Потребно е, исто така, отворање повеќе катедри и лекторати за македонски јазик во странство, во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, расадникот на македонисти низ светот. Во однос на образованието, во нашиот образовен систем би го вовела предметот Македонска култура, во која нашите млади од најмали нозе ќе се запознаваат со културните вредности на Македонија и историските личности поникнати на наша почва. Сето тоа со цел создавање еден афирмативен однос спрема своето, што ќе поттикне чувство на гордост кај младиот човек поради уникатноста и убавината на својата татковина. По предметите Македонски јазик и литература и Историја во основното и во средното образование би вовела учење по еден единствен учебник кој ќе се користи на целата територија на македонската држава, така како што беше во време на социјализмот. Изготовката на учебниците би им го доверила на најискусните учители од практиката по односниот предмет кои, впрочем, многу подобро од научниците ја познаваат детската психологија и која содржина соодветствува на интелектуалниот развој на младиот човек. Професорите и научниците специјалисти по одделни прашања што се содржат во учебникот, при изготовката на учебниците би се вклучиле во втората фаза, а имено – да извршат проверка дали се предадените содржини во согласност со последните сознанија во науката. Би го вратила екстерното тестирање во функција на единствената цел со кое, впрочем, тоа и беше воведено: анонимно тестирање заради унапредување на наставните програми (во смисла на детектирање кои содржини учениците од определена возраст ги усвојуваат со поголема тешкотија што би проднесло за нивно евентуално префрлување во некое погорно одделение, односно – спушатање на прелесните и поедноставните содржини во пониско одделение. Екстерното тестирање никако не смее да биде систем за оценување на наставникот и добивање отказ од работа или, пак, да биде оценувано со оценка во свидетелствата, што во минатото им создаде големи главоболки на високообразовните институции при запишувањето студенти во прва година.

Улчар: „Поради зголемениот број на иселеници од земјава е намален и бројот на учениците, а со тоа се намалува и потребата од наставници по македонски јазик.“

Улчар: „Поради зголемениот број на иселеници од земјава е намален и бројот на учениците, а со тоа се намалува и потребата од наставници по македонски јазик.“

Во однос на високото образование, имам повеќе сугестии, но со оглед на тоа што во моментов се изготвува нов Закон за високото образование, ќе почекам да ја видам содржината, па ако има потреба, ќе ги искажам на Јавната расправа по овој закон, којашто деновиве ја најави министерката, д-р Весна Јаневска. 

Кога би имала моќ, по двата неуспешни обида од 2009 и 2023 година пред Македонското министерството за култура, конечно би ја формирала Комисијата за стандардизација на географски и други имиња, со чија работа ќе се помогне во решавањето на проблемите што ги имаме со двојазичните топоними, имињата на улиците и институциите, личните имиња во личните документи итн., но и во враќањето на старото име на државава. И конечно, би побрзала 2025 година да биде прогласена за Година на македонскиот јазик во чест на два значајни настана од историјата на македонскиот јазик: 100 години или еден век меѓународна признатост на македонскиот јазик (во политичка смисла), иако неговата научна меѓународна признатост се случила 35 години порано, односно во 1890 година, кога балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес, Тарту) во Естонија; и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Во време кога од сите страни се негира нашиот јазик, сметам дека со прогласувањето на Година на македонскиот јазик и издвојување финансиски средства за неа, ќе може да се зголеми степенот на афирмација на македонскиот јазик во странство, но и да се пополнат оние празнини во македонистиката за кои стана збор погоре.

Улчар: „Би побрзала 2025 година да биде прогласена за Година на македонскиот јазик во чест на два значајни настана од историјата на македонскиот јазик.“

Улчар: „Би побрзала 2025 година да биде прогласена за Година на македонскиот јазик во чест на два значајни настана од историјата на македонскиот јазик.“

Нешто приватно. Љубовта со вашиот сопруг е доказ дека различното поднебје во кое сте растеле, културата, традицијата, не се никаква пречка за долг и среќен брак. Што презедовте вие од неговиот начин на живот, а во кои сегменти кај него најмногу се забележува стекнатото, македонското?

Многумина, исто како Вас, сметаат дека Игор е чистокрвен роден Словенец, па затоа е убаво е што ми го поставивте ова прашање за да објаснам. Всушност, маж ми е само ¼ Словенец, по дедо му Јоже Улчар од Блед, кој во 30-тите години на минатиот век, по казна како либерал, е испратен на служба во Македонија. Тој бил професор по математика, а подоцна и еден од основачите на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во струмичката гимназија тој ја запознава баба му на Игор, прилепчанката Андријана Бомбол, се жени за неа и останува да живее во Македонија до крајот на животот. Јоже и Андријана ги добиваат децата Франце и Татјана, а мојот сопруг Игор е единствениот син на Франце и Лиле, ќерка на прилепчанецот Ристо и битолчанката Василија-Цица Михајлоски. Од целава приказна излегува дека Игор по своето потекло е повеќе Македонец отколку Словенец. Тука завршил основно и средно образование, а високо во Загреб. Ако го прашате него лично, тој ќе ви одговори дека до заминувањето на Ветеринарниот факултет во Загреб, растел и бил воспитуван, како и сите ние во тоа време во југословенски дух и дека дури во Загреб национално се освестил и израснал во македонски патриот, гледајќи и учејќи од патриотизмот на своите хрватски колеги. Јас, пак, за разлика од него, поради поинаквата семејна историја, израснав со приказната за поделената Македонија и егејскиот егзодус, со сите страдања и преживелици на баба ми Теоница и дедо ми Ѓорги и тогаш нејасната реченица од дедо ми што ми ја предодреди идната професија: „Утидек на партизани оти ни ричеја дека слубодно ќи мојшме да си лајфме пу-макидонцки.“ Во тие детски години не ми беше јасно какво е тоа неслободно зборување македонски. Години подоцна дознав, а последниве години ја спознав суровоста и на грчката и на бугарската политика кои го засегнаа основното човеково право на себеидентификација на Македонците во Егејска, односно Пиринска Македонија.

Во врска со Словенија и Словенците, често нашега велам дека тие ми биле судбина, зашто и првата симпатија, и првата сериозна љубов, и најдобриот другар, ми биле Словенци. Мојот сопруг го запознав во Скопје, благодарение на мојата ѓаволесто насмеана другарка Антонетка. Доаѓа таа еден ден во септември 1994 кај мене дома на кафе, ми раскажува како си поминала преттходната вечер во „Викторче“ (едно кафуле во близина на црквата Свети Димитрија, во кое во она време, главно, излегуваа студентите на Музичката академија) и ми вели: „Се запознав вчера со едни асистенти на Ветерина... што има таму еден Игор... ко створен за тебе, Елче... еден начитан, еден умен – ќе си праите муабет до сто и една... и што е најважно, Словенец е! Јас на тоа мртва ладна, на зафрканиција: – Готово, ма, важи, – ќе го женам... И така. Насмеа, нашега... 10 месеци по нашето запознавање, јас и Игор пред матичар си кажавме „ДА“! 

Е, сега, да се вратам на прашањето од погоре. Јас лично сметам дека различното етничко и социјално потекло, различните религии и идеолошки убедувања никогаш не можат да бидат пречка во еден брак ако се партнерите на приближно исто интелектуално ниво, делат исти ставови за животот, заемно се почитуваат (секој секому интегритетот и слободата), си се приврзани и, се разбира, се сакаат... Не знам како е во другите бракови, ама во нашиот сите недоразбирања завршуваат кога ќе се постави некое од овие прашања: кај ќе шетнеме вечер?, или – кој пат да го фатиме за викендов, за празников, за одморов...

Улчар: „10 месеци по нашето запознавање, јас и Игор пред матичар си кажавме ,ДА’!“

Улчар: „10 месеци по нашето запознавање, јас и Игор пред матичар си кажавме ,ДА’!“

Родители сте на еден син. Кои вредности му ги пренесовте? Ги исполни ли вашите очекувања?

Нашиот син Исток е веќе возрасен човек. Од неодамна почна да ја ситни третата година од неговиот престој во Марибор каде што го привршува својот магистерски труд, по завршувањето на постдипломските студии по интеркултурална германистика. Мислам дека со Игор изгледавме искрен, чесен, љубопитен, толерантен и креативен човек со отворен ум кого го научивме дека најпрво и најчесто треба да се потпира врз самиот себеси: врз своите две раце и својот ум. Ние како негови родители бевме неговата – крајна инстанција, откога ќе ги исцрпеше сите можности некоја работа да ја заврши сам. Ми се чини дека очекувањата на родителите од своите деца секогаш или најчесто се поголеми од оние на самите деца. Затоа мислам дека нема да ја кажам вистината ни доколку речам – да, ги исполни, ама и ако одговорам – не, не ги исполни! Да го прашате него, со изразит сарказам ќе ви рече: - Кој? Мајка ми задоволна од мене? Не, нема шанси! А, всушност, не е така. Многу го почитувам оној негов креативен нерв за пишување што на двајцата ни е наследство од татко ми, Ристо Јачев, како и оној негов страстен порив кон уметноста, особено кон филмот и музиката, преку која се изразува при создавањето музички бриколажи или при изборот на музика што во четвртоците од 22 до 24 ч. ја пушта на Канал 103 при Македонското радио... Се разбира, има и работи за кои не се согласуваме, ама тие си ги чуваме „за по дома“. Па сепак, во врска со неговите избори, на оваа моја зрела возраст можам да кажам само едно: моите очекувања од него завршуваат во моментот кога гледам дека тој е исполнет и среќен! 

Што подготвувате ново? Кој нов научен труд ќе го оставите во наследство на новите генерации?

Конкретно за оваа година имам во план неколку работи коишто поради ангажмани на крупни колективни проекти значајни за македонистиката (Старословенско-македонски речник со грчки паралели, Konikovo Gospel/Кониковско евангелие, Поимник на македонски зборови од информатичката технологија, Толковен речник на македонскиот јазик, т. 6, Правопис на македонскиот јазик, Прилози кон Кониковското евангелие и др.), менторства и учество во разни стручни тела, домашни и меѓународни комисии (Сојуз на друштвата за македонски јазик и литература, Национална комисија за учебници, член на тимот за изработка на ИКТ-лексикон, делегат-експерт во „East Central and South-East Europe Division of the (ECSEED) United Nations Group of Experts on Geographical Names“ (УНГЕГН), член на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија, член, претседател на Советот и в.д. директор на Институтот за македонски јазик, член на Советот на Семинарот за македонски јазик, литература и култура и др.) – ми останаа непубликувани. Тука, пред сѐ, мислам на мојата докторска дисертација, одбранета пред 20 години на Филолошкиот факулет „Блаже Конески“ во Скопје, под наслов „Топонимијата на Тиквешкиот Регион“ во која од лексичко-семантички, морфолошко-структурен и генеалошки аспект анализирам над 100 ојконими и вкупно 7000 топоними. Покрај ова, продолжувам да го истражувам егејскиот топономастикон, овој пат западно од Воден (неодамна заедно со колешките Мери Момировска и Весна Миовска во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ излезе од печат „Речникот на топонимите од Воденско“), ја довршувам студијата посветена на македонските презимиња со која ќе земам учество на XVII Меѓународен славистички конгрес, кој ќе се одржи на крајот од август во Париз. Во исто време, подготвувам една пообемна статија посветена на „Абецедарот“ во чест на 100-годишнината од неговото објавување во Атина, во 1925 година, а собирам материјал и полека го градам костурот на книгата за македонскиот јазик што следната години се планира за објавување во Хрватска, на хрватски јазик. Во меѓувреме подготвувам за печат едно предавање, посветено на скопскиот топономастикон, кое го одржав во рамките на Летната школа при Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид; и неколку статии од конференции што се одржаа лани во организација на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје и Институтот за национална историја.

Улчар: „Продолжувам да го истражувам егејскиот топономастикон.“

Улчар: „Продолжувам да го истражувам егејскиот топономастикон.“

Во нашата земја има голем број нерешени прашања и проблеми. Што е она што условно речено – најмногу ве поразува? И што е тоа што ве прави среќна во Македонија, а го немате кога престојувате подолго време надвор со оглед на вашите чести патувања? 

За жал, многу нешта. Нашето неединство. Подместувањето, кодошењето и клеветењето како средство за искачување на високи позиции во: општеството, политиката, јавниот живот. Негативната селекција. Етикетирањето и стигматизирањето на луѓето. Вербата во рекла-кажала муабети без волја и желба да се чујат спротиставените аргументи на другата страна. Маргинализирањето на вредни и умни поединци на сметка на партиски послушници и просечни кимоглавци, што доведе до тоа да си ја набркаме младежта надвор. Енормната загаденост на воздухот и нашето неискористување на туѓите искуства, како што е на. пр., кинеското, во надвладувањето на овој животозагрозувачки проблем. Распаднатиот здравствен систем и привилегијата соодветна здравствена заштита во државава да имаат само тие што можат да си дозволат лекување во приватни клиники. Измислувањето топла вода. Држењето до форма без суштина, наместо обратно – суштината да ја диктира формата. Лицемерието, озборувањето и непринципиелните коалиции... Но и покрај сè, и покрај сите критики упатени до креаторите на општествениот живот во Македонија, јас безмерно си ја сакам Македонија. Немам друга татковина освен неа, и знам дека сум само едно мало делче од мнозинството што го носи во себе ова чувство. Точно е дека многу често бегам на кратко од неа, оддалеку ја набљудувам и ја анализирам, ама со секое враќање назад, сè повеќе ја сакам и ја почитувам. Сега, откога син ми живее надвор од Македонија, речиси секое слободно време, празник или одмор го поминуваме со Игор во Словенија. Во таа прекрасна дедовина на Игор. Чиста. Уредена. Стокмена. Нема нешто што би го кажала за неа како мана. Но! Во целата таа раскошна и кристално чиста убавина, ми недостига: мојот народ, духовит и намуртен, повеќе незадоволен отколку среќен, простодушен, искрен, спонтан и весел, подготвен во миг да го смени планот ако се работи за дружба... Во Марибор го немам она што го имам во Скопје: да излезам од дома и додека се оддалечувам од куќната порта да го чујам гласот на соседот што ги лета гулабите во својот двор: – Елка, како, ќе нѐ биде ли?; да направам 50-ина чекори, па да налетам на сопственикот на кафеаната веднаш до нашата куќа, која повремено ја користиме како дополнителна гостинска соба или канцеларија во која се прават деловни муабети, и да ми рече: – Комшике, ако немате ручек денес, дојдете по работа со професорот, што имаме една сарма, прсти да излижете...; да продолжам накај работа па некаде кај МАНУ да се сретнам со едночудо колеги кои тргнале на промоција или настан за кој не сум разбрала, па да ме пом’кнат со себе; да отидам на концерт, на претстава, на изложба или во кино, да се сретнам и да се раскикотам со школски другари, со познаници од излегувања и журки по градов, со соседи од старото маало кај мајка ми, со роднини... Ништо од сево ова – не само таму, туку и во кое било друго странство и да одам – го нема. Го нема тоа чувство на припадност и тежењето на каменот токму на своето место или како што пее низ метафора познатиот босански поет Изет Сарајлиќ во песната за своето Сараево: „Ова, можеби, е градот во кој и не бев најсреќен/ но во кој и дождот кога паѓа/ - просто, не е дожд!“ Но, сепак, најмногу од сè во последно време ме прави среќна, кога навечер 2-3 часа пред легнување со озвучен телефон му се јавуваме на Исток и долго си разговараме сите тројца за изминатиот ден. Прво настапувам јас: рафално го испрашувам како го поминал денот, како се чувствува, што јадел, му студи ли, сè така некои вообичаени мајчински прашања со кои најчесто, како што вели тој – го „смарам“, а потоа започнува машкиот дијалог во кој се разменуваат голем број информации, пред сѐ, за музика и за филмови, додека јас слушам и учам, главно, од детето кое и не е веќе дете. Последната поука од Исток која си ја запамтив, иако жално што толку млад ја искусил, е одговор на прашањето што му го постави татко му неодамна: – И ти, сега, разочаран ли си?, – на што Исток сосема спокојно одговори: „Јас одамна од никого ништо ниту очекувам, ниту се надевам на нешто. Заклучив дека така се штитам себеси од чувството на разочараност. Затоа кога ќе добијам нешто добро, а е неочекувано, – пријатно сум изненаден и се чувствувам среќно!“

Улчар: „И покрај сите критики упатени до креаторите на општествениот живот во Македонија, јас безмерно си ја сакам.“

Улчар: „И покрај сите критики упатени до креаторите на општествениот живот во Македонија, јас безмерно си ја сакам.“

Image
Newsletter