Иселениците останаа во небрано – дел од нив заробени во трети земји без пасош со новото име

Иселениците останаа во небрано – дел од нив заробени во трети земји без пасош со новото име

Патните исправи станаа вистинска голгота за дијаспората. Без нов пасош, македонските граѓани во странство можат само да излезат од државата каде што живеат и работат, но не и да се вратат назад. Не им е дозволено ниту да патуваат во друга држава. Некои од земјите не прифаќаат ниту стара патна исправа, туку дозволуваат излез од нивната земја со „патен лист“, кој македонските граѓани треба да го пополнат откако ќе го подигнат од амбасадите на Македонија во странските земји или од конзуларните претставништва. Но, тука настанува најголемиот проблем, особено за оние земји во кои нема дипломатски претставништва. За да можат да се фотографираат за нов пасош, тие граѓани треба да одат во трета земја. Но не можат да стигнат дотаму бидејќи добиваат само еден излез, но не и влез во странска земја. 

Една од земјите каде што има голем број Македонци, а нема конзуларни претставништва е Ирска. Билјана Дураковска-Величковска е една од многуте што со семејството живеат токму во оваа земја. Таму е нејзиниот дом.  Но, главоболки ѝ создава вадењето на пасошот на матичната земја. Дураковска-Величковска секоја година личната карта и работната дозвола ги добива врз основа на македонскиот пасош, а сега тоа е можно само откако ќе го добие пасошот со новото уставно име на земјава. Но, за да може да излезе од Ирска и да отиде во Лондон од нејзиниот град Летеркени во Ирска, ќе ѝ треба англиска виза. За да дојде во Македонија и да извади нови патни исправи, не се знае колку би останала во земјава разделена од семејството, кое е со неа во Ирска и има ирски документи. 

За фотографирање македонските граѓани треба да одат во трета земја. | Извор: Википедија

За фотографирање македонските граѓани треба да одат во трета земја. | Извор: Википедија

Со слична приказна се соочуваат и иселениците што живеат во Малта. За да можат да извадат нов пасош, тие треба да одат во Рим, Италија. Покрај тоа што имаат дополнителни трошоци за нова патна исправа, транспорт до трета земја, треба да земат и два слободни дена од работа, кои се неплатени, за да можат да ги завршат сите обврски наметнати од Преспанскиот договор. 

Уште еден пример е со амбасадата во Братислава. Од МНР велат дека нашите државјани од Словачка најчесто се враќаат во земјава со патен лист бидејќи во амбасадата во Братислава нема мобилна единица, а во осумдесетина километри блиската Виена не можат да отпатуваат со пасоши со старото име. Со вакви проблеми се соочуваат многумина наши сограѓани во странските земји. 

Пред да се активира делот од „Преспанскиот договор“ за личните документи за надворешна употреба, македонската дијаспора неколкупати апелираше до македонските власти и побара пролонгирање на рокот за важноста на пасошите. Тие велеа дека нема време да се променат личните документи до февруари и предупредија дека ќе се случат сериозни проблеми со промена на пасошите. Во отвореното писмо до поранешниот министер Спасовски, нагласија дека ако не им важат документите, нема ни да можат да дојдат да гласаат на изборите. Бараа да се воведат онлајн услуги за обновување документи со верификација на ликот и отпечаток од прст и вработување стручен персонал во сите македонски амбасади и конзулати. Но, нивниот повик не беше земен предвид. Дури кога настана метеж во конзуларните претставништва, шефот на дипломатијата Бујар Османи направи обиколка низ неколку амбасади во кои беа донесени дополнителни апарати за фотографирање. Партнерските земји беа замолени да пропуштаат нашинци и со старите пасоши, но, сепак, Османи порача граѓаните да не се потпираат на оваа варијанта. Им порача дека најсигурно границата ќе ја поминат со нов пасош или со патен лист. Иако дипломатско-конзуларните претставништва работеа под полна пареа, сепак не успеаја да стигнат до крајниот рок. Секаде имаше редици баратели на патни исправи, а не беа помалубројни и оние што бараа патни листови за да отпатуваат во татковината и да си обезбедат документи. Во амбасадата во Берлин и во конзуларните претставништва во Бон и во Минхен, дневно се прават до 200 фотографирања, се издаваат до 150 патни исправи и по 40 патни листа.

Македонско здружение во Германија најави тужба против македонската држава: „Се прекршуваат основните човекови права на македонските граѓани“. | Извор: Слободен печат

Македонско здружение во Германија најави тужба против македонската држава: „Се прекршуваат основните човекови права на македонските граѓани“. | Извор: Слободен печат

Македонското здружение во Германија најави тужба против македонската држава. „Централен совет на Македонците во Германија“ со седиште во Берлин, е на став дека прогласувањето важечки пасоши за неважечки без притоа да се има доволен капацитет за издавање нови пасоши, создало огромни проблеми со кои се прекршуваат основните човекови права на македонските граѓани. Освен до македонските власти, здружението на Македонците во Германија писмото го адресирало до германскиот канцелар, Олаф Шолц, како и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

„На овие луѓе со еден удар им беше одземена слободата на патување и движење, што зафати голем број судбини не само во Македонија, туку и во Германија и во светот. Многу од нив веќе не можат да работат задгранично, да патуваат во други земји деловно или да се вратат во Германија од Македонија“, се наведува во соопштението на Централниот совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин.

Еден олеснувачки фактор претставува одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи. 

Барања за издавање на патни исправи се поднесува во вкупно 25 дипломатски претставништва и тоа: Љубљана, Лондон, Берн, Берлин, Бон, Минхен, Виена, Њујорк, Чикаго, Венеција, Рим, Малта, Стокхолм, Копенхаген, Пекинг, Малме, Абу Даби, Осло, Брисел, Хаг, Париз, Торонто, Детроит, Мелбурн и Канбера.

Барања за издавање патни исправи се поднесува во вкупно 25 дипломатски претставништва. | Извор: плус инфо

Барања за издавање патни исправи се поднесува во вкупно 25 дипломатски претставништва. | Извор: плус инфо

Image
Newsletter