Италија – земја партнер на Македонија

Италија – земја партнер на Македонија

Поддршка за евроинтеграциите, економијата, образованието, културата, за одбраната и најважно, за членството во меѓународните организации. Италијанскиот претседател и Италија се подготвени во натамошниот пат да помогнат околу давање гаранции за нашата европска политичка иднина и со тоа да застанат зад нас. Ова доаѓа по средбата на претседателката  на Македонија Гордана Силјановска-Давкова со претседателот на Италија, Серџо Матарела. Претседателката средбата ја оцени како плодна и конструктивна. На неа разговарале за сестраната соработка во период од 30 години, не само со нас, туку и со целиот регион на Западен Балкан.

„Претседателот рече дека Италија ќе продолжи да го поддржува регионот, да нѐ поддржува нас, во секој поглед, не само во евроинтеграциите, туку и во економијата, образованието, културата, во одбраната, па и во нашето членство во меѓународни организации“, рече Силјановска-Давкова. 

Претседателката на Македонија на средбата ја импресионирало тоа што италијанскиот претседател Матарела покажал длабоко разбирање за направените жртви на земјава во процесот на евроинтеграциите.

„Претседателот напомена дека во моментов не може да зборуваме дека има големи и мали држави во ЕУ, дека сите се мали и дека сите имаат потреба едни од други. Постигнавме согласност дека европските стандарди треба да се почитуваат од сите, и од оние што се надвор, како и од оние што се внатре“, рече Силјановска-Давкова. 

На средбата, како што информира кабинетот на претседателот на Италија, присуствувала и државната потсекретарка за надворешни работи и меѓународна соработка, Марија Триподи. 

„Со цел одржување на кредибилноста на процесот на проширување и почитување на меѓународното право и универзалните демократски вредности, претседателката Силјановска-Давкова изрази надеж дека Италијанската Република и во иднина ќе го поддржува мериторниот процес на исполнување на Копенхагенските критериуми во однос на евроинтеграциите. Воедно, таа изрази подготвеност за соработка со цел доследна реализација на сите неопходни реформи во клучните области кои беа нотирани од страна на Европската Комисија. Како НАТО-сојузници, на средбата беа потврдени подготвеноста за продолжување на одбранбената соработка и меѓусебната поддршка во однос на надминувањето на актуелните безбедносни предизвици на европскиот континент. Во таа насока, беа разменети мислења околу политичките состојби и отворените прашања на Западниот Балкан, кои се од интерес за безбедноста и за стабилноста на поширокиот регион“, се вели во соопштението од Кабинетот.

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на аудиенција кај папата Франциск. | Извор: vesti.mk

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова на аудиенција кај папата Франциск. | Извор: vesti.mk

Инаку, претседателката Силјановска-Давкова ја заврши посетата на Рим и Ватикан во рамки на чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј. Таа беше на аудиенција кај папата Франциск, а присуствуваше и на молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“, каде што имаше кратка богослужба за оддавање благодарност, која ја водеа митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Потоа положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“. 

Токму тука, каде што почива Свети Кирил, е победен тријазичниот ерес. | Извор: Кабинет на претседател

Токму тука, каде што почива Свети Кирил, е победен тријазичниот ерес. | Извор: Кабинет на претседател

„Кирил бил со векови пред времето, го вградил не само својот живот, туку и нашиот живот, на некој начин, во Европа пред многу, многу векови, и тоа мора да го почитуваме. Кирил порачал дека јазикот е код за разбирање, дека треба да се разбираме, да се обидеме да се слушаме, да се помагаме. Кога вака доаѓаме едни по други, има ли поголем доказ дека тој на ум имал обединување на сесловенскиот свет. Тој им припаѓа на сите и мислам дека неговата порака е хумана порака“, порача Силјановска-Давкова.

Митрополитот европски, владиката Пимен, кој одржа богослужба заедно со владиката Тимотеј, кажа дека овој настан, кој се организира по 56. пат, е од особено значење во теолошка смисла, но и за македонскиот народ воопшто.

„Токму тука, каде што почива Свети Кирил, е победен тријазичниот ерес. Тоа покажало дека на секој јазик може да се слави Господ Бог и со тоа се дава можност секој човек на свој јазик да слушне за Господа. Да не биде само пасивен набљудувач, туку активно да може да ѝ се посвети на службата. Делото на Свети Кирил е од значење за македонскиот народ во контекст на користењето на кирилицата и затоа што македонскиот народ останал посебен од сите словенски народи со својот македонски литературен јазик, кој не е копија на ниту еден друг“, изјави митрополитот европски Пимен. 

Италија е партнер на Македонија во многу области. Од неодамна, министерствата за одбрана на двете земји потпишаа договор за обезбедување на македонскиот воздушен простор со италијански воени воздухоплови.

„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Македонија за довербата“, рече италијанскиот министер за одбрана. 

Поддршката за Македонија од страна на Италија, досега неколкупати ја потенцирал и амбасадорот на Република Италија во Македонија, Андреа Силвестри. 

Силвестри: „На политичко, но и на економско ниво, еден сме од најважните партнери на Македонија.“ | Извор: Амбасада на Италија

Силвестри: „На политичко, но и на економско ниво, еден сме од најважните партнери на Македонија.“ | Извор: Амбасада на Италија

„На политичко, но и на економско ниво, еден сме од најважните партнери на Македонија, како во поглед на трговската размена, така и во однос на  инвестициите. Сигурно би можело да се направи и повеќе. Мислам дека зајакнувањето на инфраструктурните врски ќе помогне во таа смисла. Но, како амбасада ќе вложиме напори за да се создадат повеќе можности за средба на италијанските со македонските фирми. Правиме многу и на културен план. Минатата година ја потпишавме и новата Програма за соработка во областа на културата, образованието и на науката. Организираме многубројни иницијативи. Би сакал да споменам две кои се однесуваат на јазикот. Го промовираме изучувањето на италијанскиот јазик во основните училишта на Македонија, но, ќе има и пилот-проекти во Италија за изучување на македонскиот јазик. Во Италија има голема македонска заедница која брои околу сто илјади лица. Впрочем, станува збор за иницијативи кои ќе бидат организирани и во рамките на прославата на триесеттата годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи.

Европската земја Италија, можеби е силна на политички и дипломатски план и е ветер во грб за нас кога се соочуваме со историски одлуки. Но, сепак, и Македонија има место каде што ја покажува својата сила, а тоа е на спортските терени. Иако Италија најчесто излегува како победник во меѓусебните соочувања на европското одбојкарско првенство, сепак нашата земја долго ќе се гордее на сензационалниот триумф над „аѕурите“ во баражот за светското фудбалско првенство во 2022, кога македонските играчи со својата умешност ја оставија фаворизираната Италија без пласман на мундијалот во Катар. 

Светите Кирил и Методиј го менувале светот

Константин (познат под монашкото име Кирил) и Методиј се браќа родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија.

Кирил бил монах, а Методиј епископ и архиепископ.

Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта, го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим, каде што се наоѓа до денешни дни.

Методиј, со добиениот архиепископски чин од папата, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, сѐ до смртта во 885 година.

Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската, но и во европската историја. 

Најзначајната мисија за браќата е Моравската мисија, за која специјално ја создале глаголицата, посебна азбука според јазикот што го зборувале Македонските Словени од околината на Солун, составена од 38 букви. Превеле дел од Библијата и неколку богослужбени книги на старословенски јазик и заминале во Велика Моравија. Старословенскиот јазик е третиот јазик на кој е преведена Библијата, по старогрчкиот и по латинскиот јазик. 

Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
За животот и дејноста на словенските просветители, најмногу податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие од Теофилакт“, „Климентовото житие од Хоматијан“ и „О`писменех“ од Црноризец Храбар.

Во современиот свет, тие се единствените личности што можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа.
Нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, а одлуката на папата Иван Павле Втори да ги прогласи за созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.
Секоја година на 24 мај продолжува да се слави нивното дело.

Image
Newsletter