Јакимовиќ: Откако сум амбасадор, сите мои пријатели сакаат да ја посетат убавата Македонија

Јакимовиќ: Откако сум амбасадор, сите мои пријатели сакаат да ја посетат убавата Македонија

„Активно работевме на промоција на туристичките капацитети, како и на собирање податоци за профитабилноста од воведувањето ваква директна авиолинија. Конечно, од октомври годинава беше воспоставена директна линија на летови меѓу Сараево и Скопје, која сообраќа 3 пати неделно. Ценам дека следната година ова ќе придонесе за значителен пораст во двете земји.

Исто така, проектот на кој работам е воспоставување директна авиолинија (чартер) помеѓу Бања Лука и Охрид, која уште поблиску би ги поврзала двете земји. Се надевам дека ваква чартер-линија ќе заживее веќе идното лето“, рече амбасадорот на Босна и Херцеговина во Македонија, Н.Е. Драган Јакимовиќ.

Веќе четири години сте амбасадор на Босна и Херцеговина во Македонија. Што Ви остава најголем впечаток во нашата земја?

Во ноември ќе навршат четири години откако ја презедов функцијата амбасадор на Босна и Херцеговина во Македонија. Вршењето на оваа должност во вашата земја ми причинува големо задоволство и посебна чест за мене, бидејќи Македонија е пријателска земја што никого не остава рамнодушен. Најголем впечаток ми оставаат пред сѐ луѓето, а потоа, секако, убавината на вашата земја. Македонија е навистина земја богата со природни убавини и има сѐ што му треба на еден човек: прекрасни паркови, планини, прекрасни езера и, што е најважно, одлична клима. Исто така, културното богатство и одличната храна ми оставаат одличен впечаток.

Каков е вашиот став во однос на Европската Унија? Дали мислите дека балканските земји треба да станат дел од европското семејство?

Би рекол дека сѐ уште сме далеку од постигнување нов, позитивен и одржлив меѓународен напредок. Да, ги гледам балканските земји во ЕУ, и неспорно е дека во речиси сите држави имаме консензус за влез во Унијата, како кај државниот врв, така и кај политичките партии на власта и во опозицијата, но единствено прашање е кога раководството на Европската Унија ќе успее да донесе одлука, во екот на сите актуелни настани, за прием на нови членки. Сите земји од Западен Балкан се едногласни кога станува збор за членството во ЕУ, а доказ за тоа се 72-те иницијативи кои им даваат приоритет на евроинтегративните процеси. Би сакал да ги истакнам Берлинскиот процес, кој повторно заживеа, и иницијативата „Отворен Балкан“, која одигра значајна улога во зачувувањето на мирот, особено во регионот, во време кога имавме големи кризи како пандемијата со Ковид-19, енергетската и економската криза, но и последиците од војната во Украина. А сега, и новата војна во Израел, која не смее да се игнорираа. Резултатите од „Отворен Балкан“ практично покажуваат дека земјите од Западен Балкан знаат да се договорат меѓу себе и да придонесат за мирот, како и дека ѝ припаѓаат на Европа. Но, во самата ЕУ има неусогласеност на европските политичари во односот на приемот на земјите од Западен Балкан. Македонија е совршен пример за тоа, како земја која ги исполни сите барања и го потпиша Договорот од Преспа, со кој ѝ беше ветено место во европското јато. Кога нејзините граѓани мислеа дека реализацијата на евроатлантските цели и перспективи се на дофат, тогаш ЕУ и постави нов услов – уште една промена на Уставот.

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет, им даде нов оптимизам на земјите од Западен Балкан, со официјализирањето на датумот на прием на сите земји од Западен Балкан во 2030 година. Да се надеваме дека ќе биде навистина така.

Н.Е. Драган Јакимовиќ, Амбасадор на БиХ во Македонија: „Остварувам постојано средби со сите чинители на политичката сцена.“ | Извор: pretsedatel.mk

Н.Е. Драган Јакимовиќ, Амбасадор на БиХ во Македонија: „Остварувам постојано средби со сите чинители на политичката сцена.“ | Извор: pretsedatel.mk

Колку често се состанувате со македонските политичари? Каква соработка остварувате во различни области?

Откако ја презедов функцијата амбасадор во Македонија, остварувам редовни средби со политичари во вашата земја, а со некои  политичари сум многу добар пријател. Слободно можам да кажам дека за овие четири години сум презадоволен од соработката на сите нивоа на власт во земјата. Исто така, да напоменам дека одржувам редовни средби со многу луѓе надвор од политиката, како што се претставници на различни компании, здруженија, невладини организации итн.

Амбасадата на Босна и Херцеговина во Скопје има одлична комуникација со сите претставници на Владата, со различни деловни здруженија, културни институции, спортски и туристички организации, и со голема радост одговараме на секоја покана за присуство на настан.

Неодамна во северот на Косово се случи вооружен напад. Колку Ве загрижуваат ваквите настани и дали мислите дека се закана за стабилноста на регионот?

Тоа е исто толку загрижувачки колку она што во моментов се случува во Украина и во Израел. Без разлика дали е физички подалеку или поблиску, мирот е универзална сила на животот, и неопходно е да се заштити и да се усоврши, бидејќи тоа им го должиме на оние што остануваат по нас. Неопходно е да се охрабрат сите страни во сите конфликти да дојдат до фер решение преку отворен и искрен дијалог, од кој корист ќе имаат сите. 

Мислам дека токму тоа недостига од интеграцијата на Бриселскиот договор со Охридскиот анекс – таканаречен патоказ, каде што сите земји признати од Обединетите нации треба доследно да ја почитуваат Повелбата на ОН, што е исто така добра основа за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Да имаме на ум дека со Резолуцијата 1244 на Обединетите Нации, КФОР има мандат да го зачува мирот.

Сметам дека е неопходно да се подобрат односите и да се градат  поуспешно преку учество во регионални иницијативи. Таков е примерот со иницијативата „Отворен Балкан“, која успеа да ги задржи столбовите на мирот во регионот, заснована на добрососедски односи и на регионална економска соработка меѓу Македонија, Србија и Албанија. Зајакнувањето на економските врски придонесе за просперитетот на земјите и на нивните граѓани.

Од друга страна, во моментот кога непринципиелната политика ќе излезе на политичката сцена и на регионално и на глобално ниво, тогаш наместо економски дијалог, имаме дијалог со оружје, кое никогаш никому не му донесло ништо добро.

Трговската размена меѓу Македонија и Босна и Херцеговина бележи пораст. Дали имате информации за компании што се заинтересирани да вложат во нашата земја?

Според последните податоци на Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, нашата земја најмногу извезува во Македонија производи од дрво и јаглен, потоа млеко и млечни производи, железо и челик, хартија, месо, риба, школки и производи од мекотели. Босна и Херцеговина најмногу увезува од Македонија производи од железо и челик, пијалаци, алкохол и оцет, електрични машини и уреди, опрема и нивни делови, производи на база на житарки, брашно и скроб, пластика и производи направени од пластика.

Покриеноста на увозот и извозот е приближно еднаква, и трговската размена е приближно иста како и во претходните години. Посебно обрнувам внимание на фактот дека периодот на пандемијата со корона-вирусот, актуелната криза во Украина и Израел и растечката економска криза во светот, директно влијаат врз економската соработка. Секако дека има многу простор за унапредување на соработката, и треба да продолжиме да работиме на тоа во иднина.

Кога станува збор за компаниите од Босна и Херцеговина на македонскиот пазар, „Босналијек“ е најголема. Амбасадата активно работи на промовирање на пазарните капацитети за инвестирање, а во следниот период ќе се обидеме да ги приближиме компаниите што е можно повеќе, да ги поттикнеме да инвестираат во следниот период.

Пред пандемијата со корона-вирусот започна формирањето на бизнис-клуб, чија цел е да поврзува компании од Босна и Херцеговина и Македонија, како и други заинтересирани субјекти од деловната сфера. За жал, пандемијата и неможноста за одржување чести состаноци и поблиски контакти ја спречи таа идеја, но Амбасадата на Босна и Херцеговина повторно ја покрена иницијативата, па се надевам дека ќе успееме да ја спроведеме во догледна иднина.

Пораст е забележан и во туризмот меѓу двете земји. Граѓани на Босна и Херцеговина, споредбено со минатата година, за повеќе од 30 проценти ја посетиле Македонија. Која е вашата препорака за македонските власти за зголемување на бројот на странски туристи во нашата земја?

Мене лично ми е драго што гледам дека има пораст на туризмот. Туризмот е една од најважните гранки на економијата и единствената гранка што овозможува промоција на една земја на најдобар можен начин. Преку развојот на туризмот луѓето се подобро поврзани, што придонесува за зачувување на културното наследство и на традициите. Амбасадата на Босна и Херцеговина во Скопје и јас, како амбасадор лично, се заложивме за воспоставување на директна авиолинија помеѓу Босна и Херцеговина и Република Македонија, бидејќи беше голема штета што таква линија не постоеше. Активно работевме на промоција на туристичките капацитети, како и на собирање податоци за профитабилноста од воведувањето на ваква директна авиолинија. Конечно, од октомври годинава година беа воспоставени директни летови меѓу Сараево и Скопје, кои сообраќаат 3 пати неделно. Ценам дека во следната година, ова ќе придонесе за значителен пораст на туристичката размена меѓу двете земји.

Исто така, проектот на кој работам е воспоставување директна авиолинија (чартер) помеѓу Бања Лука и Охрид, која уште поблиску би ги поврзала двете земји. Се надевам дека ваква чартер-линија ќе заживее веќе во летото 2024 година.

Што се однесува до препораките за зголемување на бројот на туристи, секако треба да работат на подобра туристичка промоција и двете земји, преку разни видови едукации, промотивен материјал, саеми и слично.

ССК му додели награда на амбасадорот на БиХ за успешна соработка. | Извор: ambasadabih.org.mk

ССК му додели награда на амбасадорот на БиХ за успешна соработка. | Извор: ambasadabih.org.mk

Во која област е најголема соработката меѓу Босна и Херцеговина и Македонија?

Добра соработка постои на различни полиња, од економска, трговска размена, културна, спортска, политичка итн. Но, она што е неопходно е да се подобри соработката меѓу двете земји во секој аспект. Ние сме пријателски земји и немаме отворени прашања, но имаме многу простор за подобрување на соработката, особено во економска смисла.

Во мај оваа година беа потпишани два многу важни договора меѓу двете земји, Договорот за соработка во областа на туризмот и Договорот за економска соработка. Во нивни рамки, двете страни ќе разменуваат статистички податоци, информации, материјали и публикации од промотивен карактер, ќе соработуваат за усогласување на соодветните планови и на други активности. Потпишан е и Меморандум за разбирање помеѓу Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина и Управата за јавни приходи на Министерството за финансии на Македонија. Она што ми е многу важно и на што се гордеам е признанието што ми го додели Сојузот на стопански комори на Македонија за успешна соработка. Такво признание им беше доделено на Амбасадата на Јапонија, Амбасадата на Народна Република Кина и Амбасадата на Босна и Херцеговина, со кои во изминатиот период успешно беа реализирани заеднички активности и проекти. Наградата е доделена за сеопфатна поддршка во сферата на интернационализација на бизнисот на двете земји, на лица кои преку своите напори и контакти активно учествувале во голем број значајни проекти. Конкретно, го реализиравме присуството на македонски компании на најважната земјоделска манифестација во Босна и Херцеговина, Меѓународниот саем „ИНТЕРАГРО 2022“. За прв пат, Македонија беше партнер во организацијата на споменатиот Саем, каде што беа претставени стратешки интереси за соработка меѓу Босна и Херцеговина и Македонија во туристичкиот сектор, како и во сферата на металот, дрвото, храната и текстилот индустрии.

Во што најмногу уживате во Македонија? Каде ги носите вашите гости кога ќе дојдат во нашата земја?

Најмногу уживам во природната убавина, богатата храна и култура. Во текот на четирите години колку што сум овде, се обидов да ги посетам речиси сите знаменитости на Македонија. Посетив многу градови и остварив многубројни средби со градоначалници. Сакам да се шегувам кога се во прашање гостите, па велам дека откако ја презедов функцијата, одеднаш Македонија е случајна дестинација за сите. Имам многу гости и приватно и официјално. Амбасадата оствари многу посети на највисоко ниво. Се трудам да ги угостам сите како вистински домаќин, бидејќи навистина така се чувствувам овде, како да сум дома. Се трудам да им ги покажам сите убавини што ги нуди оваа земја, секако, тука е неизбежна обиколката на најдобрите ресторани со прекрасна македонска музика.

Исто така, сакам да напоменам дека сум поранешен спортист и дека уживам во многу спортски настани. Редовно учествувам на дипломатски тениски турнири, а со пријатели и познаници редовно организирам кошаркарски игри со различни луѓе од спортот и од бизнисот.

Која е вашата омилена храна во Македонија?

По природа сум голем гурман и многу ми е тешко да издвојам што ми е омилено кога е македонската кујна во прашање. Навистина имате многу богата кујна, а не смеам да ги заборавам и одличните вина.

Image
Newsletter