Јапонија и Македонија градат пријателски релации

Јапонија и Македонија градат пријателски релации

„Горди сме на Кензо Танге и на македонските граѓани што се сеќаваат на неговиот придонес за обновата на Скопје по земјотресот“,

Хуманитарец, борец за подобар здравствен систем и за поквалитетно образование. Јапонскиот амбасадор во Македонија и голем пријател на земјата сега е во заминување. На позицијата дојде како докажан дипломат и е пример дека со голема волја и посветеност, за кусо време, може да се совлада еден јазик, дури и ако не ни е близок според припадноста на јазичната говорна група. Во минатиот месец, на јубилејното петто издание на Маж на годината, амбасадорот ја доби престижната награда „Маж странец на годината“.

Хиронори Савада, амбасадорот на Царството Јапонија во Македонија, оваа функција во земјава ја извршуваше од ноември 2020 година до крајот на 2022 година. Силен поддржувач на европските заложби на Македонија, голем пријател на македонскиот народ, поборник за ефикасен здравствен систем и квалитетно образование за младите. Дипломат, кој со помош на Кралството Јапонија, за само две години успеа да ги опреми најголемите здравствени домови во Македонија со висококвалитетна медицинска опрема неопходна за најделикатните испитувања и анализи.

На позицијата амбасадор на Јапонија во Македонија дојде како докажан дипломат, носител на титулата заменик-генерален конзул на Јапонија во Канада, функција што ја извршувал од септември 2010 до јули 2013.

Ректорот Миленковски меѓу гостите на прошталниот прием на амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Савада Хиронори, и неговата сопруга, по повод завршувањето на неговата дипломатска мисија во Република Македонија.

Ректорот Миленковски меѓу гостите на прошталниот прием на амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Савада Хиронори, и неговата сопруга, по повод завршувањето на неговата дипломатска мисија во Република Македонија.

Амбасадорот Савада, кој сега е во заминување, е пример дека со голема волја и посветеност, за кусо време, може да се совлада еден јазик, па дури и ако не ни е близок според припадноста на јазичната говорна група. Во минатиот месец, на јубилејното петто издание на Маж на годината, амбасадорот Хиронори Савада ја доби престижната награда „Маж странец на годината“ за неговиот придонес кон општеството, а тој пред присутните се заблагодари на чист македонски јазик.

„Голема чест ми е да го добијам ова признание. Оваа награда ја примам со големо уважување, во мое име, во името на јапонската влада, но пред сѐ во името на јапонскиот народ, кои несебично инвестираат и ѝ помагаат на Македонија. Ја делам оваа чест со целиот тим на амбасадата на Јапонија, кој неуморно работеше со локалните институции за да ги подготват проектите, а особено проектите финансирани преку јапонска програма за мали грантови, за основни проекти и за човекова безбедност. Најважно, ова признание го споделувам со мојата сопруга, која секогаш ме поддржува на сите мои мисии во кои ја промовираме јапонската култура. Во рамките на иницијативата на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Македонија во социјалниот и во економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во ЕУ. Оваа награда за мене, пред сѐ е знак за пријателството помеѓу нашите две земји, и сигурен сум дека во иднина ќе ја продолжиме и ќе ја надградуваме нашата соработка“, рече Амбасадорот Савада, кој наградата ѝ ја посвети на својата сопруга.

Амбасадорот Савада беше награден во категоријата „Маж странец на годината“ за неговиот придонес кон општеството

Амбасадорот Савада беше награден во категоријата „Маж странец на годината“ за неговиот придонес кон општеството

Во рамките на „Иницијативата за соработка на Западен Балкан“ поддржана од амбасадата на Јапонија во земјава, истакната беше соработката во областа на екологијата како еден од приоритетите на двете земји.

„Покрај постојните соработки како, Превенција од катастрофи преку стопанисување со шуми', ние сме заинтересирани за зачувување на екологијата во Охрид, признат како светско природно и културно наследство од УНЕСКО. Меѓу другото, подобрувањето на квалитетот на воздухот и управувањето со отпадот на водата е исто така нашата заложба за во иднина“, посочи амбасадорот Хиронори Савада.

Савада во Македонија ќе остане запаметен како голем хуманитарец, кој преку своите заложби и Амбасадата на Јапонија, реализираше многу проекти во повеќе области во нашето општество, секогаш трудејќи се да го пренесе своето знаење и да ги промовира јапонските традиционални вредности кај нашиот народ. Најголема заслуга има за модернизација на македонскиот здравствен систем преку проекти одобрени и реализирани од страна на јапонската влада.

Од непроценливо значење за нашата земја беше јапонската помош во време на ковид-кризата, преку осумстоте илјади евра за набавка на медицинска опрема за Инфективната клиника и КАРИЛ, како и реконструкцијата на одделот за радиотерапија на Клиниката за онкологија. Преку Јапонската агенција за меѓународна соработка се обезбеди и нов мобилен ангиограф за потребите на службата за интервентна кардиологија и радиологија за Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје во вредност од 100.886 евра.

Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, пак, од Јапонија доби машина за рециклирање медицински отпад во вкупен износ од 65.801 евра.

Амбасадорот Хиронори Савада, на церемонијата за комплетирање на проект во Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Општа болница во Охрид

Амбасадорот Хиронори Савада, на церемонијата за комплетирање на проект во Јавната здравствена установа (ЈЗУ) Општа болница во Охрид

„Со оваа донација, Јапонија помогна да се заштитат 200 вработени, над 30.000 пациенти и животната средина од токсични материјали што се појавуваат како отпад при третман на инфективните болести, како што е Ковид-19“, изјави амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори.

Преку проектот за мали грантови, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во Македонија, во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра, конкретно во медицинска опрема, реновирање клиники и во возила за брза помош. Дополнително, како дел од Програмата за економски и социјален развој, Јапонија во последните две години ги снабди јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за Ковид-19, а обезбеди и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со Ковид-19.

Преку проектите од програмата за мали грантови, Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки и 64 здравствени установи, и обезбеди 34 специјализирани возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општина.
За пријателството меѓу Република Македонија и Кралството Јапонија, во една околност амбасадорот Савада ќе рече: 
„Заедничкото пријателство меѓу нашите две земји е веќе солидно, што многу ме импресионираше. Навистина ценам што Друштвото за македонско-јапонско пријателство неизмерно придонесе за градење на нашето пријателство промовирајќи ја јапонската култура во оваа земја уште од времето на Југославија. Горди сме на нашиот сограѓанин Кензо Танге и толку благодарни што многу македонски граѓани се сеќаваат на неговиот придонес за обновата на Скопје од земјотресот. Создавањето комеморативна поштенска марка во негова чест во 2020 година од страна на поштата претставува ваша благодарност за него. Се надевам дека концептот на Танге е жив и ќе биде длабоко вкоренет во Скопје.“

Инаку, од 1996 година, откако е воспоставена соработката помеѓу двете земји, Јапонија има поддржано 171 проект во Македонија во вкупна вредност од околу 8.5 милиони евра.

Image
Newsletter