Ларсон: Уживам во пријателството и топлината на Македонците

Ларсон: Уживам во пријателството и топлината на Македонците

Шведска е горд партнер на Македонија, со многу суштинска програма за реформска соработка фокусирана да ѝ помогне на земјата на патот кон ЕУ. Обезбедуваме помош во области како што се доброто владеење, родовата еднаквост, независното новинарство, економскиот развој и прашања за животната средина, што е тесно поврзано со подготовката на земјата за пристапување во ЕУ, вели шведската амбасадорка во Македонија, Ами Ларсон Јаим во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Таа зборува и за животот во Македонија, за уживањето во природата и особено во Охридското Езеро и потврдува дека нема подобар ајвар од македонскиот.  

Како гледате на напредокот што го постигна нашата земја досега и колку е таа блиску до процесот на отворање преговори за влез во европското семејство?

Македонија направи историски чекор кон членството во ЕУ во јули 2022 година кога се одржа првата Меѓувладина конференција за пристапни преговори. Европската комисија потоа го започна процесот на скрининг, каде што видовме импресивен почеток од страна на Македонија.

Пристапувањето во ЕУ е трансформативен процес од големи размери кој бара пристап со вклученост на целото општество. Клучно е со реформската агенда да се добијат вистински и трајни резултати. Владеењето на правото ќе биде во фокусот заедно со многу други области. Реформите ќе имаат корист за граѓаните, не од денот на влегувањето на земјата во ЕУ, туку од денот на нивното спроведување.

На ова се надоврзува и прашањето за уставните измени, што е услов за одење напред на патот кон ЕУ. Суверена одлука е на земјата дали сака да ја донесе оваа одлука или не.

Мислам дека е важно да се подвлече дека целосната агресија на Русија кон Украина претставува пресвртница во европската историја, која донесе ново чувство на итност во однос на прашањето за проширувањето на ЕУ. Одлуката да се искористи оваа можност е во рацете на политичкото раководство на оваа земја, но сега има моментум за Македонија. Унијата има енормно обемна агенда и многу прашања кои се натпреваруваат за вниманието на лидерите. Ова значи дека моментумот е добро од непроценлива вредност. Моето искуство е дека кога се има моментум, тој треба да се зграпчи. Како што истакна мојот колега, евроамбасадорот Гир, вратата на ЕУ е отворена.

Исто така, би сакала да појаснам дека Македонија не е сама во овој процес. Институциите на ЕУ заедно со земјите-членки на ЕУ, вклучително и Шведска, мобилизираат многу стотици државни службеници и експерти да работат на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, вклучително и за време на процесот на скрининг. На земјата ѝ се ставени на располагање значителни средства од ЕУ. Шведска е горд партнер на Македонија, со многу суштинска програма за реформска соработка фокусирана да ѝ помогне на земјата на патот кон ЕУ. Обезбедуваме помош во области како што се доброто владеење, родовата еднаквост, независното новинарство, економскиот развој и прашања за животната средина, што е тесно поврзано со подготовката на земјата за пристапување во ЕУ.

Значи, како што можете да видите, ЕУ многу инвестира во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, процес кој мора да биде кредибилен и ригорозен.

Кои се слабите точки на Македонија, дали би ги посочиле?

Анкетите многу јасно покажуваат дека Македонците се загрижени за економијата, корупцијата и криминалот. Јасно е дека е потребно побрзо темпо на реформи. Добро е познато дека ЕУ има загриженост за состојбата во судството и во владеењето на правото. Овие области не само што се забележани во извештаите на ЕК за земјите, туку што е уште поважно, се работи за области во кои самите македонски граѓани бараат подобрувања.

Корупцијата е корозивна за секое општество и сериозно им штети на напредокот и на развојот во државата. Таа, исто така, придонесува за одливот на мозоци, многу талентирани и образовани млади Македонци одлучуваат да бараат иднина на друго место.

Борбата против корупцијата и другите димензии на владеењето на правото се основи на членството во ЕУ. Не случајно тие се областите што го започнуваат и го завршуваат процесот на пристапување на земјите-кандидати во ЕУ. Но, не се работи само за исполнување на стандардите и барањата на ЕУ, туку се работи и за солиден, праведен, функционален систем кој го подобрува животот на граѓаните на Македонија.

Како ги коментирате последните политички случувања во врска со уставните измени во Македонија?

Уставните измени остануваат суверена одлука што треба да ја донесе Македонија, а одлуката е во рацете на политичките лидери на Македонија.

Како што споменав претходно, сега има силен моментум за проширување поради геополитичката реалност во која се наоѓаме.

Она што можам да го кажам е дека и мојата земја и другите земји-членки на ЕУ беа многу јасни за фактот дека веруваме дека земјите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ. Ова беше пораката што беше јасно изразена од шефовите на влади на ЕУ на самитот во Тирана во изминатата година.

Европската Унија инвестираше милиони евра за да имаме независен судски систем. Сметате ли дека се постигнати очекувањата на ЕУ во делот на судството?

Многу внимателно ги следиме случувањата на ова поле и забележуваме и назадување и одреден напредок. Ова е навистина една од областите каде што гледаме дека реформскиот процес треба да се зајакне и да се зголеми темпото на реформите.

Независен и ефикасен судски систем е еден од столбовите на функционалната демократија. Тоа е предуслов за постигнување вистински општествен напредок и благосостојба на граѓаните.

Владеењето на правото е една од областите каде што земјите кои се стремат кон членство во ЕУ многу внимателно ќе бидат оценувани во однос на тоа дали се обезбедени независноста, професионализмот и интегритетот на институциите. Владеењето на правото е дел од основите на ЕУ и затоа се разгледува во секоја фаза од процесот на пристапување – од првиот ден до денот на влегувањето на Македонија во ЕУ.

Ларсон: „Потребно е побрзо темпо на реформите.“

Ларсон: „Потребно е побрзо темпо на реформите.“

Шведска значително ја зголеми поддршката за Македонија за реформите во земјава и со тоа достигна сума од околу седум милиони евра. Со оваа одлука земјава стана еден од најголемите донатори во Македонија меѓу членките на ЕУ. Колку сте задоволни од начинот на кој се трошат овие финансиски средства?

Нашето сегашно портфолио во земјата е многу релевантно за нашите стратешки цели и работиме со нашите локални партнери за да ги добиеме најдобрите можни резултати за Македонија со парите на шведските даночни обврзници.

Нашата реформска соработка е структурирана во близок дијалог со македонската влада и со граѓанското општество со цел да се усогласи со развојните приоритети и со реформската агенда на земјата. Координацијата со другите партнери на ова поле е важна за да се избегне дуплирање, но и за да се осигуриме дека постои силен надзор.

Нашата работа е многу насочена кон поддршка на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и горди сме што можеме да придонесеме во тековните реформски напори на земјата. Ова вклучува работа, на пример, за заштитата на животната средина, родовата еднаквост и економскиот развој.

Вие сте жена во светот на политиката, каде што жените сè уште не се целосно застапени. Како би ги поттикнале другите жени да дејствуваат и да се стремат кон повисоки позиции во општеството?

За среќа, во мојата земја е постигнат голем напредок во родовата еднаквост и мојата генерација жени на многу начини можеше да ужива во многу поправедно општество од претходните генерации. Тоа не значи дека борбата е завршена – има уште работа за да се урнат преостанатите бариери.

Мислам дека она што е важно да се признае е дека родовата еднаквост не се однесува само на правата на жените. Родовата еднаквост е да го направиме општеството подобро за жените и за мажите, за девојчињата и за момчињата. Тоа е победничка ситуација. Кога ќе ја прифатите оваа премиса, тогаш станува збор за движење напред, заедно, како општество. Всушност, ако ги прашате Швеѓаните денес дали би сакале да ги поништат придобивките од родовата еднаквост и да го остават зад себе, на пример, заедничкото родителско отсуство – верувам дека тие веројатно ќе одговорат дека нивно основно право е подеднакво да го делат родителството.

Родовата еднаквост на Шведска ѝ даде многу значителни економски придобивки. Придобивки за самите жени, кои стекнаа економска независност, но и за целото општество. Истражувањето на ОЕЦД покажува дека до 20 отсто од растот на Шведска во последните 50 години се должи на зголеменото учество на жените на пазарот на трудот.

Има и истражувања кои покажуваат дека општествата кои се засновани на правила што се родово еднакви, се посилни и постабилни од нееднаквите и недемократските општества.

И кога се донесуваат одлуки за граѓаните во една земја, треба да се земат предвид сите перспективи – а како би можеле да го направите тоа ако половина од населението не е соодветно претставено? Сè уште има многу земји низ светот каде што тоа се случува, или каде што напредокот на ова поле сега е доведен во прашање.

Мојот совет до девојките и до жените во светот на политиката е да се поддржуваат меѓусебно – исто така преку политичкиот дел – и да градат сојузи за унапредување на родовата еднаквост со многуте мажи кои исто така се залагаат за напредок. Многу жени во политиката добиваат многу закани и омраза онлајн, а понекогаш и во лице. Должност на сите е да придонесеме кон една овозможувачка средина каде што секој ќе може без страв да учествува и да придонесува кон општеството и кон демократското одлучување.

Како амбасада, а и јас како амбасадор, се обидуваме да ги инспирираме и да ги зајакнеме жените и девојките преку различни активности и проекти. Еден пример е нашата активност „Амбасадорка на еден ден“, кога покануваме една млада жена да оди во моите чевли еден ден, рамо до рамо со мене на состаноци и настани, но и во вршењето на редовните работни обврски. Тоа е еден многу инспиративен ден и за неа и за мене!

Понатаму, ние исто така работиме на зајакнување на учеството на жените во политиката преку Шведската развојна поддршка. Еден пример би била поддршката што ја даваме преку програмата „Жените водат“ (анг.: WomenLead), која ја спроведува НДИ. Оваа програма соработува со сите поголеми политички партии во Македонија, и со жените и со мажите, за да се стимулира поволна средина за учество на жените и за женско лидерство во политиката.

Ларсон: „ЕУ многу инвестира во процесот на пристапување на Македонија.“

Ларсон: „ЕУ многу инвестира во процесот на пристапување на Македонија.“

Дали жените можат да бидат мајки и да бидат успешни во кариерата?

О, да, апсолутно.

Еднаш имав претпоставен кој сакаше да вработува родители на мали деца бидејќи тие ќе знаат дека кога е тивко, тогаш работите ќе тргнат наопаку. Мислев дека беше прилично охрабрувачки да се слушне ова кога основав семејство.

Но, не е толку лесно како што се чини, се разбира. Општеството треба да се организира на начин што ќе им овозможи на жените да продолжат со кариерата. Ова значи дека и мажите и жените треба да имаат подеднаква одговорност кога станува збор за домашните обврски, грижата за децата, итн. Напредокот на ова поле беше многу важен за мојата земја заедно со достапната на висококвалитетна грижа за децата.

Mајчинството никако не треба да значи пречка за успехот во професионалниот живот на жената – напротив. Водењето тим и управувањето со семејството всушност има некои сличности! Како мајка, човек учи успешно да жонглира со многу задачи, а тоа е многу корисно кога агендата е многу густа.

Што Ви се допаѓа најмногу во Македонија и кои места уживате да ги посетите?

Ја сакам различноста во Македонија – и чувството дека човек се наоѓа во срцето каде што културите доаѓале во допир многу векови. Пејзажите, планините и Охридското Езеро се исто така нешто во кое многу уживам. И јас сега се согласувам со Македонците – нема подобар ајвар од македонскиот. Но што е најважно, уживам во пријателството и топлината на Македонците. 

Image
Newsletter