Големи инвестиции, успешна соработка помеѓу двете земји на меѓународен план и поддршка за европската перспектива. Македонија може да се пофали со добрата релација која со години ја гради со Австрија. Пред една година за амбасадор на земјата во Македонија е назначен Мартин Памер, со долгогодишно меѓународно искуство. Иако времето на престој е сѐ уште кратко, тој редовно остварува средби со владејачката гарнитура и со опозициските партии и одблиску ги следи случувањата на политичката сцена. Сепак, но најмногу ужива во посетите низ Македонија и во нејзините природни убавини.
„Северна Македонија има одлични природни ресурси, природа што го одзема здивот и големо културно-историско наследство, да не заборавиме на вкусната храна и извонредните вина. Ова може да биде совршен терен за поттикнување на туризмот и за правење на земјата поатрактивна за странските туристи“, вели амбасадорот на Република Австрија во Северна Македонија, Мартин Памер.
Во интервјуто за „Магазинот за менаџмент и туризам“ зборува за повеќе теми, од конфликтите кои го загрижуваат светот, до европската перспектива на нашата земја.
„Европа, а особено овој регион, треба да стави повеќе фокус и енергија на својата иднина како просперитетен член на европското семејство. Австрија е тука да ја поддржи вашата земја на овој пат“.
Покрај тоа што е амбасадор на својата земја, тој е искрен амбасадор и за нашата Македонија. Вели дека ужива да ги прошета своите гости кои го посетуваат од различни држави и да им ги покаже убавините како што тој ги доживува. И ќе рече: „Видов и прошетав речиси сѐ. Од Охрид, Крива Паланка, Струмица, Шар Планина“. Но најмногу од сѐ, се воодушевува на како што вели „сончевото и зачудувачко Скопје”.
Господине Памер, Вие сте амбасадор на Република Австрија, која будно ги следи состојбите на Блискиот Исток. Поради сериозноста на ситуацијата, безбедноста во Европа е на високо ниво. Фокусот на светот е насочен кон Израел и Хамас. Сѐ повеќе напади и тензии од двете страни кои го загрозуваат животот на населението. Кој е Вашиот став? Дали сметате дека конфликтот може да се разлее и кон останатите земји, со оглед на тоа дека многу од нив веќе јавно ја искажуваат својата поддршка за едната или за другата страна?
Последните случувања навистина укажуваат на тоа дека опасноста од регионален конфликт расте. По варварскиот терористички напад на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година и многубројните жртви во Газа поради израелската реакција, тензиите и непријателствата во сложената средина на Блискиот Исток повторно се зголемија. Австрискиот став е јасен: Израел има право да се брани. Притоа, Израел мора целосно и безусловно да го почитува меѓународното, а особено меѓународното хуманитарно право. Екстремистичките насилни израелски доселеници само го поттикнуваат конфликтот, истото го прават и провокациите од Иран и неговите застапници како Хезболах во Либан. Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг патуваше во регионот неколку пати во последната година и ќе продолжи да одржува близок контакт со сите засегнати страни. Австрија ги поддржува меѓународните напори да се спречи понатамошна ескалација на Блискиот Исток и да се промовира стабилноста во регионот и пошироко. Ние цврсто веруваме дека решението „две држави“ е единствениот начин да се стави крај на израелско-палестинскиот конфликт и да се спречат понатамошни тензии во регионот.
Од земјите во Европа, Австрија е земја со висок стандард и добра економија, чии компании освен што вложуваат во својата земја, својот бизнис го шират и надвор од границите. Според последните информации вкупните инвестициите од Австрија во нашата земја надминале милијарда евра. Дали има интерес и од нови компании да вложат во Северна Македонија?
Според вложените финансиски средства, Австрија е број еден странски директен инвеститор во Северна Македонија, тоа е точно. И да, има многу поголем интерес од австриските компании да инвестираат во многу различни полиња, но во исто време забележуваме значително двоумење да ги истражиме потенцијалите во Северна Македонија. Многу ја почитуваме декларираната намера и фокус на новата Влада за подобрување на клучните околности за македонската економија, пред сѐ преку обезбедување владеење на правото и преку неопходните судски реформи. Само во последната година, ќе дадам конкретни примери, австриските компании почнаа да се занимаваат со области како што се јавното управување со отпадот во Тетово, производството на предмети за автомобилската индустрија, како и системот за јавно осветлување во Струга. Во иднина, инвестициите ќе продолжат и во останатите македонските градови. Најголемото австриско претпријатие во Северна Македонија, „ЕВН Македонија“, исто така најави многу важна инвестиција во модернизација на системите за обезбедување енергија во вашата земја во 2025 година.
Памер: „Зголемената емиграција на младите е од клучно значење.“ | Извор: Амбасада на Австрија
Каде сметате дека треба Северна Македонија да ги вложи своите ресурси за да ја зајакне економијата?
Прво и основно, институциите и јавната администрација треба да функционираат соодветно. Адекватното користење на човечките ресурси, особено со оглед на сè уште зголемената емиграција на младите, е од клучно значење. Ова вклучува зголемување на квалификациите преку инвестирање во професионално образование, како и обезбедување финансиски перспективи за младите луѓе и потенцијално успешните бизниси.
Северна Македонија има одлични природни ресурси, како и природа што го одзема здивот и големо културно-историско наследство, да не заборавиме на вкусната храна и на извонредните вина. Ова може да биде совршен терен за поттикнување на туризмот и за правење на земјата поатрактивна за странските туристи. Сепак, повеќето од овие предуслови – понекогаш буквално ако мислиме на загадувањето – не се правилно искористени поради многуте различни и многу предизвикувачки причини кои произлегуваат главно од минатото, но и од песимистичкиот начин на размислување, кој не е погоден за позитивни промени.
Водата, ветерот и услугите како што е туризмот се можеби клучните ресурси со кои располага Северна Македонија. Она што сè уште ви треба е конструктивен и посветен однос кон земјата, поволен и пристапен однос кон инвеститорите и – пред сѐ – кредибилен и проактивен пиар. Ако успеете да го постигнете сето тоа, на крајот ќе ја поттикнете и економијата.
Памер: „Она што сè уште ви треба е конструктивен и посветен однос кон земјата, поволен и пристапен однос кон инвеститорите.“ | Извор: Амбасада на Австрија
Вашата земја е домаќин на голем број туристи во текот на целата година. Кои се Вашите препораки до институциите за да се создадат подобри услови за привлекување странски туристи?
Северна Македонија навистина има што да понуди: мултикултурен живот, манастири, планини, езера, музика и многу повеќе. Сепак, квалитетот на инфраструктурата и услугите во сите области релевантни за туризмот честопати се далеку зад меѓународните стандарди. Покрај тоа, Северна Македонија сè уште не е доволно позната како атрактивна туристичка дестинација, што всушност би можела да биде. Што е можно поскоро треба да се разработат добро осмислени стратегии, мастерплан за туризам и патоказ, вклучително и остварливи концепти за финансирање, како и јавна поддршка.
Австрија е земја со голема историја, исто како и Северна Македонија. Дали сметате дека историјата ги спојува или ги разидува народите?
За моите гости и за себе, можам само да потврдам дека секогаш сме фасцинирани од македонската историја и култура – и двете го опишуваат она што ја сочинува Европа: Запад и Исток, Север и Југ, мултирелигиски и мултикултурен живот и, особено овде, извонредна гостопримливост. Но, иако е историјата важен дел од нашите животи, Европа, а особено овој регион, треба да стави повеќе фокус и енергија на својата иднина како просперитетен член на европското семејство. Австрија е тука да ја поддржи вашата земја на овој пат.
Памер: „Што е можно поскоро треба да се разработат добро осмислени стратегии, мастерплан за туризам.“ | Извор: Амбасада на Австрија
Виенскиот класицизам во минатото бил инспирација за многу уметници и извонредни композитори, а дел од оваа култура секоја година се одбележува во Скопје, на Виенскиот бал. Во колку светски земји се одбележува?
Виенскиот бал се одржува во Скопје повеќе од 23 години. Тоа е шармантен социјален и културен настан каде што се слават валцерот, културата во балски соби и радоста на животот – како и во речиси 40 други градови низ целиот свет. Горд сум што Скопје е дел од овој клуб и благодарен сум на мојот пријател, директорот на операта Оливер Арсовски, кој го организира овој настан од самиот почеток.
Годинава беше организирана Австриска вечер на „Охридско лето“. Изложба посветена на жените од Австрија и Македонија и концерт на Квартетот „Арпеџо“ од Виена. Колку ги зближува уметноста нациите?
Уметноста и културата се живи мостови меѓу луѓето, времињата и разликите. Тие даваат постојана инспирација, радост и нѐ тераат подобро да се разбереме. Австриската надворешна културна политика, како мека алатка на дипломатијата, е една од најблагородната области за работа бидејќи можете да ги збогатите другите и себе си и интелектуално, но и со среќата на големите искуства. Првата австриска вечер во Охрид за мене беше големо и пријатно изненадување. Темата на нашата изложба беше добро прифатена, а „Св. Софија“ беше повеќе од распродадена. Присуствуваше дури и претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.
Памер: „Секогаш сме фасцинирани од македонската историја и култура – и двете го опишуваат она што ја сочинува Европа: Запад и Исток, Север и Југ, мултирелигиски и мултикултурен живот.“ | Извор: Амбасада на Австрија
Во оваа година додека сте амбасадор во нашата земја, колку успеавте да ги видите убавините во нашата земја?
Ги прошетав сите мои многубројни гости од Австрија, Италија и други земји низ магичната и мистична Северна Македонија со цел да им ги пренесам вестите за вашата прекрасна земја и за нејзините атракции. Накратко: Сум видел речиси сѐ! Охрид и Трпејца, Св. Наум, Радовиште, Св. Јован Бигорски, Крива Паланка, Куманово, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино и Прилеп, Крушево, Скопска Црна Гора, Тетово, Љуботен и Шар Планина, многу гостилници, ресторани, винарии и, секако, сончевото и зачудувачко Скопје!
Во време кога светот се повеќе се разидува, колку ги зближуваат Олимписките игри и воопшто спортот луѓето, колку забораваат на сите различностите и недоразбирањате или со натпреварот се зголемува уште повеќе конкуренцијата меѓу народите?
Спортот и Олимписките игри живеат од заедништво и пријателска конкуренција, како што напомена нашиот Сојузен претседател во својот неодамнешен говор – „Едно без друго е невозможно“!