„Во Македонија се чуствувам како дома“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент унгарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. д-р Ласло Иштван Дукс. Семејство на унгарскиот амбасадор одлично зборува македонски јазик, а омилени дестинации за прошетка им се планините и, секако, градот заштитен од Унеско, Охрид.
Господине Дукс, повеќе од пет години сте амбасадор на Република Унгарија во Македонија. Како се навикнавте на животот во нашата земја?
Пристигнавме летото во 2016 година и уште од првиот ден се чувствувавме добредојдени и како дома. Живеењето во земја речиси шест години, особено со деца, значи дека земјата ви станува втор дом. Има многу сличности меѓу нашите земји, нашите култури и народи. Македонците се генерално многу срдечни и гостопримливи, така што лесно се вклопивме.
Го совладавте ли македонскиот јазик, дали се навикнавте на балканските навики и кое ви е највпечатливото место во нашата земја?
Македонскиот јазик го учев пред моето доаѓање во Скопје, но, за жал, откако сме овде, не го користам колку што мислев дека ќе го користам бидејќи речиси сите зборуваат англиски јазик, барем во главниот град. Така, сега мојата сопруга и нашите деца зборуваат многу подобро македонски од мене. Нашите култури се релативно слични, многу работи ни беа познати. Сепак, почнав да го ценам порелаксираниот пристап кон животот, можноста да се разговара за сѐ со кафе. Доаѓајќи од претежно рамничарска земја, навистина многу ги сакам планините во Северна Македонија, без разлика во кој дел од земјата.
Вашата дипломатска работа подразбира и голем број работни обврски. Би сакале ли да споделите со нашите читатели како ви поминува еден вообичаен работен ден?
Обично почнувам со работа во канцеларија околу осум часот, откако ќе ги однесам децата на училиште. По читањето на локалните и на меѓународните вести, најчесто присуствувам на различни состаноци. Исто така, треба редовно да известуваме и за случувањата во земјата. Во вечерните часови, особено во периодот пред рестрикциите поврзани со ковидот, се одржуваа многу културни настани, приеми и вечери. Се трудам што почесто да заминам од главниот град и да ја запознаам земјата подобро. Би рекол дека омилени денови во седмицата ми се тие кога патувам во некоја општина што не сум ја посетил претходно, да се сретнам со нејзините официјални претставници и со локалните жители таму, а и да ја запознаам природата во тој крај.
Македонија изобилува со природни убавини, но што е тоа што недостига според вас за да се привлечат повеќе гости, а земјава да се најде на мапата на атрактивни туристички дестинации?
Природните убавини и културното наследство се исклучителни. Но, сепак, на инфраструктурата, на општата инфраструктура како патиштата или на поспецифичната инфраструктура за туризмот како хотелите или бањите сѐ уште им треба определен развој. Се надеваме дека со почетокот на процесот за пристапување во ЕУ ќе бидат достапни повеќе средства за вакви проекти. Унгарските туристи почнаа да ја откриваат земјата особено по 2017 година, кога почнаа да сообраќајат нискобуџетните директни летови меѓу Будимпешта и Скопје. Пандемијата особено го погоди туристичкиот сектор, но се надеваме дека наскоро ќе можеме да се вратиме во нормала.
Покрај секојдневните работни обврски во Амбасадата, успеавте ли да видите дел од природните убавини на земјава и што е тоа што ви оставило најголем впечаток? Некое место што ви е особено драго?
Една од предностите на амбасадорот е што добива многу покани за различни настани и средби во сите делови од земјата. Имав привилегија да посетам многу општини. Насекаде има добро познати туристички атракции и скриени природни убавини. Се разбира, Охрид, како наследство на УНЕСКО е посебен, и – како што реков – навистина им се восхитувам на вашите високи планини. Имаме многу посебен однос со Крушево, каде што по поразот на Pеволуцијата во 1956 година, 550 Унгарци нашле привремено засолниште. Нивниот спомен е вредно зачуван таму и секогаш со задоволство го посетуваме овој убав град, кој има посебно историско значење и за Македонците.
Предавање на амбасадорот на Унгарија во Македонија, Н.Е. д-р Ласло Иштван Дукс на УТМС за туристичките и економските потенцијали на Унгарија
Луѓето од Унгарија обично ги посетуваат Скопје и Охрид, но би било многу важно да се привлече нивното внимание и кон други делови на оваа прекрасна земја. Најважното прашање поврзано со туризмот е повторно да стартуваат директните летови, што е можно поскоро, а потоа и двете земји би можеле да почнат промотивни кампањи.
Унгарија како земја е особено привлечна за македонските туристи. Што е тоа што вашата земја ја прави атрактивна за туристите и дали постои кај Унгарците интерес да ја посетат Македонија? Дали е доволна соработката во туризмот и на кој начин би можела да се интензивира?
Директните летови меѓу нашите главни градови придонесоа за раст на туризмот меѓу нашите земји. Според нашето искуство, туристите од Северна Македонија обично ја посетуваат Будимпешта како нивна прва дестинација, кој е прекрасен централноевропски град со убава архитектура и долга и интересна историја. Наша цел е туристите да ги откријат и другите делови во земјата бидејќи имаме изобилство од историски градови, замоци, тврдини, но и од природни убавини како езерото Балатон и унгарските рамнини. Луѓето од Унгарија обично ги посетуваат Скопје и Охрид, но би било многу важно да се привлече нивното внимание и кон други делови на оваа прекрасна земја. Најважното прашање поврзано со туризмот е повторно да стартуваат директните летови, што е можно поскоро, а потоа и двете земји би можеле да почнат со промотивни кампањи.
Унгарија е силен поддржувач и пријател на Македонија, а пријателскиот дух помеѓу двете земји се негува со години. Но, што е со економската соработка, како да се интензивира таа? Може ли да очекуваме нови инвестиции?
Унгарија е деветтиот најзначаен трговски партнер на Северна Македонија, што како за несоседна земја е убаво достигнување. Нашата билатерална трговска размена растеше и во периодот на ковид, што е знак на силата на нашата меѓусебна зависност. Работиме заедно со локални партнери да привлечеме унгарски инвеститори бидејќи има уште многу области за проширување на нашата соработка.
Глобалната економија се соочува со големи предизвици, пред сѐ со енергетска криза, инфлација и со пад на економијата. Што може да се очекува, според вас, на економски план во европски рамки годинава?
Сите се надеваа дека ковидот полека ќе премине во поблага болест, дека економскиот раст повторно ќе биде повисок и дека меѓународните односи ќе почнат да се враќаат во нормала. Но, за жал, војната во Украина повторно направи сѐ да е неизвесно и се чини дека 2022-та ќе биде многу тешка година.
Националниот ден на Унгарците, 15 Март, Амбасадата на Унгарија во Скопје традиционално го одбележува заедно со Здружението на Унгарците во Македонија. Колкава е унгарската заедница во земјава, дали се унапредува и продлабочува низ годините културната соработка помеѓу нашите земји?
Унгарската заедница има околу 50 семејства, а има и унгарски иселеници што живеат во земјата ограничено време. Заедницата е мала, но многу активна и тесно поврзана. Здружението на Унгарците во Македонија „Теледом“, заедно со нашата Амбасада, организира бројни културни и едукативни настани. Расте и културната размена. Овде постои голем интерес за унгарската култура, а и во Унгарија за македонската. Во 2019 година нашата Амбасада организираше Унгарска културна сезона со многу изложби и концерти низ земјата, а бевме и специјални гости на Саемот на книгата во Скопје во таа година. Многу Македонци беа навикнати да посетуваат фестивали во Унгарија. Се надеваме дека овие културни врски повторно ќе зајакнат штом ќе го дозволи тоа состојбата со пандемијата.
Македонија има силна поддршка од Унгарија во евроинтеграциите, но земјава долго време е во чекалната на ЕУ. Како треба, според вас, дипломатски да се лобира за да се откочи процесот и земјава да стане дел од европското семејство?
Унгарија ја поддржува евроатланската интеграција на земјата од нејзината независност. Го поздравуваме вашето пристапување во НАТО. Војната во Украина во моментов покажува колку беше тоа важно. Жалиме што процесот на пристапување во ЕУ е толку бавен и што секогаш има нови препреки на патот. Мислам дека вашата земја направи сѐ што можеше да го забрза овој процес и дека е сега до нас во ЕУ да ги преземеме потребните следни чекори.