Македонија пет години се наоѓа во политички „лет во место“

Ивица Боцевски - Поранешнен вицепремиер и амбасадор

„Македонија веќе пет години се наоѓа во политички ‚лет во место‘, власта нема легитимитет, не умее да владее и ја носи државата во бездна, па затоа избори мора да има за да излезе сета оваа негативна енергија од политиката и за да може да се дојде до влада со полн демократски капацитет“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.

Господине Боцевски, Македонија долги години е во чекалницата на ЕУ. Како поранешен вицепремиер за европски прашања, со сите случувања поврзани со пристапните преговори за Македонија, каква европска перспектива предвидувате?

Треба да сме начисто дека постојат две крупни прашања со македонската европска интеграција. Првото е огромно стратегиско прашање и воопшто не зависи од Македонија, а второто прашање се однесува специфично само за Македонија.

Стратегиското прашање на кое што сè уште нема јасен одговор е што се случува со европската интеграција по 1 јули 2013 година? Дали е Хрватска последната земја што влезе во Европската Унија или, пак, процесот продолжува? Дали е европската интеграција на Западниот Балкан во привремен или траен ќорсокак? Што значи предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за европската политичка заедница, односно предлогот на Шарл Мишел за европска геополитичка заедница?

Одговорот на ова прашање воопшто не е едноставен. По британскиот референдум за излез од ЕУ, популарно наречен Брегзит, се чинеше дека Унијата ја научи лекцијата, па реторички тргна кон збивање на редовите, постоеше стремеж кон федерализирање на клучните европски институции (како Фронтекс, на пример), па дури и за влез во далеку поцврста европска безбедносна, воена, политичка и разузнавачка соработка. Меѓутоа, малку од тоа се материјализираше во практиката. Во меѓувреме, проширувањето веќе се устоличи како најголем виновник за сите актуелни европски проблеми, а посебно „преуранетото“ членство на Романија и на Бугарија (ако бидеме реални, и покрај сите сериозни внатрешни проблеми, и Романија и Бугарија не го заслужуваат овој понижувачки третман од еден бучен дел на европското јавно мислење).

Најдобар пример дека ЕУ нема идеја што да прави со Западниот Балкан е евро-интегративниот процес на Црна Гора и на Србија. По безмалку цела деценија преговарање, веќе се истопи целиот ентузијазам и во двете земји дека процесот на нивното зачленување во Унијата има јасна конечност, односно датум на нивни влез во ЕУ. Тие се наоѓаат во некој чуден меѓупростор на започнати, но заборавени преговори.

Во меѓувреме, руската инвазија доведе до солидаризација на сите земји од ЕУ и на кандидатите со Украина, па ентузијазмот заврши со потребата итно да се стори некој чекор за помош на Украина, односно политички исчекор што ќе ја смести земјата во европската орбита. Одговорот беше изнајден во форма на кандидатски статус за Украина, Молдавија и, веројатно, наскоро и за Грузија. Јасно е дека целиот процес е исклучиво политички и дека Украина и Молдавија не поминаа низ филтерот наречен „прашалник“ онака како што тоа се случуваше во земјите од Западниот Балкан, но тие се здобија со кандидатскиот статус. За мене е сосема неразбирливо и надвор од памет како е можно Босна и Херцеговина да нема статус на кандидат, а Украина и Молдавија да се веќе кандидати. Со сите свои недостатоци, Босна и Херцеговина е светлосни години пред Украина и Молдавија во нејзината европска интеграција, а не треба ни да се зборува колку се граѓаните, општеството и културата на БиХ веќе интегрирани во европските текови. Но, вчудовидувачки, сега Сараево е подалеку од Киев во европската интеграција. Апсурд! Да не зборувам, пак, за визното гето во кое се наоѓа Косово, повторно целосно неразбирливо.

Со Мишел Темер, поранешен претседател на Бразил

Со Мишел Темер, поранешен претседател на Бразил

Ете, ова е тоа клучно стратегиско прашање... Јас не разбирам зошто токму сега и токму вака се иташе да се прифати еден недостоинствен и несозреан предлог, неправедно наречен „француски предлог“, а во суштина предлог на премиерите Ковачевски и Петков. Штом нема јасно придвижување на Западниот Балкан кон ЕУ, нема потреба од самоубиствени потези.

Токму тука доаѓаме до второто прашање. Срамното гласање на 19 јули само создаде едно големо орудие за уцена на Македонија и ја претвори нашата држава во некаква постмодерна бугарска колонија. За мене реакцијата на јавност е сосема оправдана и сосема очекувана, а никако не можам да го разберам самоубиствениот потег на власта со прифаќањето на преговарачката рамка.

Совршено е јасно дека Македонија не ги започна преговорите, дека сите бугарски барања станаа и европски барања, дека нема никакви гаранции дека отсега натаму, евро-интегративниот процес ќе тече исклучиво преку објективни мерила, односно приспособување на македонското законодавство и на институциите кон правилата на заедничкиот европски пазар. Напротив, ние влеговме во нова голгота и во ново национално предавство.

Сега ќе биде ѓаволски тешко да се симнат овие тешки вериги од вратот на Македонија и да се доведе ЕУ повторно на преговарачката маса, но за нас нема никаков друг избор. Под овие услови не смее да продолжи патот на Македонија кон ЕУ. Впрочем, за македонскиот народ целосната европска интеграција треба да значи крај на сите предизвици, а не да биде орудие за разградување на македонската држава, за разнебитување на македонскиот идентитет и за наметната бугаризација.

Како ја оценувате актуелната политичка состојба во Македонија?

Македонија веќе цели пет години се наоѓа во политички „лет во место“. Никако да заврши тој фамозен 27 април 2017 година, кога си ја изгубивме сопствената држава. Зоран Заев ја внесе Македонија во овој пеколен круг иако никогаш не успеа демократски да се легитимира. Тој нема ниту една чиста изборна победа и никогаш немал јасен и недвосмислен политички легитимитет за да владее со Македонија, а никако и да влегува во налудничави авантури од кои долго време ќе се вадиме.

За да се обнови Македонија, прво треба да се обнови демократијата во Македонија. Живееме во земја каде што мнозинското население се наоѓа во форма на институционализиран апартхејд и каде што не успева да се изрази народната волја низ институциите. Живееме во земја каде што на власт се фигури од куклен театар, со кои раководи Заев од Струмица, но и тој е марионета, испреплетен од разноразни конци, со должнички односи на сите страни и на сите меридијани.

Единствено знам дека сето ова еден ден ќе заврши и дека ќе има одговорност – и историска и морална, но и кривична одговорност за сите злосторства против македонскиот народ и неговите интереси, за газењето на демократската волја на македонските граѓани, за доведувањето на Македонија во зависна положба од туѓинци и за обидот за целосно разградување на државата и разнебитување на народот.

Незадоволството кај народот расте и од политичката ситуација во земјата, но пред сѐ од економската криза. Се организираат масовни протести со апел за предвремени парламентарни избори. Верувате ли дека изборите се единствено решение за излез од кризата?

Не е можна промена во Македонија без демократски избори. Секоја агонија на некакви преодни влади, широки коалиции за национален спас и слично е само продолжување на агонијата. Власта нема легитимитет, не умее да владее и ја носи државата во бездна. Избори мора да има за да излезе сета оваа негативна енергија од политиката и за да може да се дојде до влада со полн демократски капацитет. По 19 јули, Македонија веќе нема ни „д“ од демократска влада, а ни „л“ од легитимна управа. Време е да се стави точка и да започне враќањето на достоинството на земјата.

Во однос на отворените прашања со Бугарија, тамошната реторика е јасна и се темели на „три барања“ или услови за кои не се зборува многу јасно. Постои ли можност за решение без притоа Македонија, како во случајот со Преспанскиот договор, да е оштетена во однос на идентитетските и историските прашања?

Македонија веќе е оштетена. Насред Битола дојде премиер и потпретседател на соседна држава за да отвора клуб со име на докажан колаборационист. Да ми кажел некој мене во 1989 година дека во Македонија во 2022 година двајцата најмрачни ликови на нејзината современа историја ќе имаат споменик во Симница, Џемо Хаса, и клуб во Битола, Ванчо Михајлов, јас немаше да верувам. Во ерата кога зборуваме за европска интеграција, за пресметка со црните петна на историјата на секој народ, на секоја посебна група граѓани, ние дојдовме до повампирување на фашизмот. Дојдовме до ситуација да се зборува дека во Македонија за време на Втората светска војна немало народно-ослободителна војна, туку дека имало граѓанска војна помеѓу Бугарите–монархисти и Бугарите–комунисти. Не само тоа, туку и дека самиот македонски идентитет бил измислица од Тито и од Коминтерната, дека ние сме изворни Бугари, но со испрани мозоци, па дека преку демократизацијата и европеизацијата ќе сме се врателе кон своите бугарски корени и дека ќе сме ја отфрлеле „идеологијата на македонизмот“.

Ова не се претерувања, туку е службена бугарска политика, сега преточена и во преговарачката рамка на ЕУ, преку протоколите кон Договорот за добрососедство. Сега тие ќе се обидат и да ни направат внатрешен проблем со актуализација на непостоечкото прашање на „македонските Бугари“ и нивните права.

Едно од барањата на бугарската страна е Бугарите да влезат во македонскиот Устав. Но, за ова барање нема реципроцитет бидејќи тамошните власти апсолутно го негираат постоењето на македонско малцинство во земјата. Оттука, оправдано ли е ваквото нивно барање, за кое се зборува најгласно?

Бугарија не води малцинска политика со ова барање. Тие сметаат дека Македонците се неосвестени Бугари и дека нивна задача е да нè освестат преку европеизацијата и демократизацијата. Знам дека звучи лудо, но тоа е целта, односно „бугаризација преку европеизација“, доброволна асимилација на македонскиот народ.

Инаку, сите тие тврдења дека бугарскиот устав бил граѓански, па немало место за реципроцитет се само изговори. Бугарија нема намера да признае постоење на етнички малцинство на својата територија, а посебно болна точка се Македонците. Затоа не се регистрира ОМО „Илинден – Пирин“, затоа се оневозможуваат електронски и дигитални медиуми на македонски јазик, затоа никој нема намера да ги обнови училиштата, театрите и другите институции на македонски јазик во пиринскиот дел на Македонија.

За Бугарија не постојат Македонци како посебен етнички, културен или државотворен идентитет. Постојат само македонци со мала „м“ буква како регионален идентитет во рамките на големата бугарска нација.

Примопредавање на акредитивите во Бразил од страна на Државниот секретар на бразилското МНР, Сержио Данезе

Примопредавање на акредитивите во Бразил од страна на Државниот секретар на бразилското МНР, Сержио Данезе

Во време на економска криза, раст на цените и на двоцифрена инфлација, економијата стагнира, а инвеститори има сè помалку. Дали и како македонската дипломатија може да помогне во привлекување странски инвеститори?

Јас во неколку наврати сум бил дел од македонската дипломатија, како во редовниот професионален состав, така и во делот на политички именуваните лица за водење на надворешната политика. Македонските дипломати успешно ја водеа битката за Македонија, па над 140 земји во светот нè признаваа под уставното име. Македонските дипломати и денеска будно бдеат над безбедноста и над благосостојбата на сите македонски државјани низ светот и ја бранат вредноста на македонскиот пасош. Македонските дипломати се врвот на државната служба и најпрестижна професија во државната администрација.

Јас не се сомневам во капацитетите на македонските дипломати иако уште многу треба да се вложува за да се заокружи целта за глобализирана македонска дипломатија, присутна на сите меридијани и вклучени во сите глобални текови. Прво, Македонија мора да ја распространи својата дипломатска мрежа во сите главни градови на земјите од Г-20 од БРИКС и да отвори свои генерални конзулати во сите алфа глобални центри. Потоа, влезот во македонската дипломатска служба, внатрешното образование и печење занает, напредувањето во хиерархијата мора конечно да се ослободат од валканите шепи на македонската партизација, непотизам и други коруптивни практики. На крајот, потребни се и јасни национални цели во надворешна политика.

Така што, секако дека македонската дипломатија мора да се стави во погон и околу привлекувањето странски директни инвестиции, промоција на извозот и други економски проекти. Но, прво да се позанимаваме со класичните задачи на дипломатијата, да ги дефинираме националните цели во надворешната политика, па дури потоа да ги засукаме ракавите и околу овие прашања. Инаку, успехот на претходната влада во делот на странските директни инвестиции се темелеше и на целосната синергија и уиграност на сите институции во промоцијата на земјата како место за инвестирање, остварувањето контакти со потенцијалните инвеститори и целосната грижа за нивното привлекување сè до отворањето на нивните погони во Македонија. Разорувањето од страна на владата на Зоран Заев на овој разработен систем е злосторството против економскиот развој и благосостојбата на македонскиот народ.

Пандемијата со вирусот Ковид-19 Ве „фати“ на амбасадорската функција во Бразил. Вие бевте еден од ретките примери на дипломат што успеа во такво турбулентно време да им помогне на голем број македонски државјани заглавени во Јужна Америка да се вратат дома, во услови кога голем дел од аеродромите беа затворени и сообраќајот беше отежнат. Како успеавте да го организирате тој долг пат за нашите сограѓани во едни такви комплицирани услови?

Кога изби пандемијата и кога започна целиот свет да се затвора, врвна задача на целата македонска дипломатска служба беше евакуацијата на македонските државјани. Јас сум многу задоволен затоа што македонската дипломатија тогаш функционираше неуморно, со целосно хоризонтална и вертикална координација и со врвно разбирање од сите колеги–дипломати за тежината на моментот, но и за нашата одговорност како државни службеници кон граѓаните.

Се разбира, во мојот случај највеќе помогна тоа што македонската амбасада во Бразилија, веднаш по активирањето на механизмот на ЕУ за цивилна заштита, влезе во сите ЕУ–координации, дипломатски и конзуларни, во сите главни градови на Латинска Америка, а потоа и на Карибите. Претходно, веќе беа изготвени списоците со сите потребни детали од затекнатите граѓани, преведени на шпански, португалски и француски, па не беше тешко да се пронајдат места на македонските граѓани на летовите за евакуација. Врските, пак, со компаниите што организираат крстосувања, а чии бродови беа заглавени во Рио де ла Плата подоцна македонската дипломатија ги искористи на глобално ниво. Според мене, македонската амбасада во Бразилија, исто така, имаше успех затоа што беа формирани групи на социјалната мрежа „WhatsApp“ каде што заглавените граѓани комуницираа директно со амбасадата и со амбасадорот, беа споделувани сите информации и се следеше евакуацијата од местото каде што беа заглавени, па сè до влезот во Македонија. Се разбира, на дело ја видовме и балканската солидарност, па колегите од Србија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Бугарија и Турција, исто така, помагаа и се координираа за сите свои граѓани.

За мене од непроценлива вредност беше нашиот влез во координацијата на земјите–членки на ЕУ, употребата на сите нивни механизми за заемна соработка и осознавањето на технологијата на дипломатската комуникација внатре во Унијата. Сметам дека овој моментум не смее да испари и дека мора некако да ги вградиме овие искуства во идната работа на македонската дипломатија, но и да ги формулираме нашите барања кон европската служба за надворешно дејствување (дипломатијата на ЕУ) за наше постојано место во овие координации, а не само при вонредни околности.

Image
Newsletter