Мусаги: Образованието е основа за развој на секоја земја

Саид Сержио Мусаги, политички и стратешки консултант и добитник на почесната титула „Doctor Honoris Causa“ на УТМС

„Сакам да им се заблагодарам на професорот Аце Миленковски и на целиот академски тим на Универзитетот што ми ја доделија титулата „Doctor Honoris Causa“ како благодарност за мојата посветеност и работа низ годините. Оваа почесна диплома не само што ми го исполни срцето со задоволство и радост, туку и ми даде дополнителен мотив и енергија да продолжам со мојата работа.

Всушност, во професорот Аце Миленковски препознавам високо развиена визија за владеење, капацитет за лидерство, искуство, стратешко размислување и посветеност.

Ниската инфлација е здрава, но на ниво блиску до 0 отсто инфлација, економијата на земја како што е Македонија веројатно нема да расте. Затоа пак, во многу европски земји, нивоата на инфлација помеѓу 2 и 7 проценти се сметаат за идеални, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, Саид Сержио Мусаги, политички и стратешки консултант и добитник на почесната титула „Doctor Honoris Causa“ на УТМС. Според него, на Македонија ѝ требаат стабилни политики фокусирани на иновативни технологии и стратешки инвестиции, со цел да се избегне зависност од други земји, особено во однос на снабдувањето со храна, обновливите извори на енергија, технолошката модернизација, образованието, туризмот и маркетингот.

Господин Мусаги, кон крајот на 2022 година го добивте признанието „Doctor Honoris Causa“ на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје за Вашите достигнувања и за Вашиот придонес во развојот на економијата во Република Македонија. Колку Ви значи Вам ова признание?

Би сакал да ги изразам моите честитки до Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, посебно до ректорот, професорот Аце Миленковски, за одличната работа во промоцијата на Македонија и на Универзитетот во врска со постојните протоколи за меѓународна соработка со други универзитети од светот.

Ваквите меѓународни активности не само што придонесуваат значајно за квалификациите и за постдипломските можности за кариера на студентите, бидејќи образованието е основа за развој на секоја земја, туку се и индикатор за посветеноста на растот и на развојот воопшто.

Ќе ја искористам оваа можност да им се заблагодарам на професорот Аце Миленковски и на целиот академски тим на Универзитетот што ми ја доделија титулата „Doctor Honoris Causa“, највисокото признание што може да го додели еден Универзитет, како благодарност за мојата посветеност и работа низ годините. Оваа почесна диплома не само што ми го исполни срцето со задоволство и радост, туку и ми даде дополнителен мотив и енергија да продолжам со мојата работа.

Всушност, во професорот Аце Миленковски препознавам високо развиена визија за владеење, капацитет за лидерство, искуство, стратешко размислување и посветеност.

Имате големо искуство и знаење во областите во кои сте активни, во економијата и во образованието. Зад нас е една економски тешка година, полна со предизвици. Како би ја оцениле актуелната економска ситуација во регионот, пред сѐ во Македонија, која годината ја заврши со инфлација од близу 15 отсто?

Живееме во глобален свет. Не е тешко да се управува со земја што има два милиони жители. Треба да се применат правилните механизми, политика, дипломатија, лобирање и долгорочна визија. Во фазата на претпристапни преговори со ЕУ, важно е вашата земја правилно да ги искористи структурните фондови и помошта преку реализација на проекти, соодветно резонирање и создавање индустриски зони за поттикнување на економијата и создавање раст, вклучително и во помалку населените места.

Ниската инфлација е здрава. Но, на ниво блиску до 0 отсто инфлација, економијата на земја како што е Македонија веројатно нема да расте. Нивоата помеѓу 2 и 7 проценти се сметаат за идеални во сегашниот контекст за многу европски земји. Повисоките нивоа, пак, водат кон воведување на различни мерки за земјата.

Како корпоративен, политички и стратешки консултант, секогаш советувам сериозно да се земат предвид оние надворешни фактори што можат да предизвикаат повисока инфлација. Потребно е спроведување на контрола на квалитетот на јавните финансии, правилно управување и на микро и на макро ниво и на јавните расходи. Сметам дека стратешките инвестиции се клучни.

Македонија ги има сите предуслови да успее и да се развие во силна и просперитетна европска пазарна економија. Од географска гледна точка, земјата има блага клима, која со добар менаџмент и стратегија за маркетинг е предуслов за развој на туризмот и за поволна економска средина. Според мене, важно е да се создаде комисија за децентрализација. Шпекулативните сили би можеле да имаат штетно влијание врз инфлацијата, а земјата мора да биде внимателна за да го ублажи не само таквото влијание, туку и корупцијата. Исто така, важно е да се справиме со сиромаштијата и со нееднаквоста, кои имаат тенденција да се прошируваат со текот на времето ако се земат предвид инфлацијата и слабата куповна моќ на населението. Тие и самите по себе воопшто не се добри бидејќи водат и до корупција, недостиг од безбедност, тензии и немири меѓу населението, а сето тоа се фактори што ги обесхрабруваат инвеститорите.

Македонија е стабилна земја, има трговски договори со ЦЕФТА и е членка на НАТО, ОБСЕ, ОН, УНЕСКО, СТО, и сето тоа си има свои предности.

Што, според вас, надлежните во земјава треба да направат за да привлечат повеќе странски инвеститори, со цел да ја зајакнат економијата во овие клучни времиња?

Македонија е добро позиционирана, граничи со пет земји и сите заедно би можеле да ја искористат таа предност со цел да ги зајакнат стратешките сојузи и економиите на Балканот.

Владата мора да ги нагласи стратегиите за зголемување на видливоста на земјата, вклучувајќи ги економските достигнувања, туризмот и атлетскиот развој, факторите на макроекономски раст што водат до економски напредок и до административната дигитализација. Паметните градови, најдобрите практики за управување со јавната администрација, поделбата на институционалната моќ, можноста за онлајн регистрација за малите бизниси и организации, дигитализацијата на сите архиви и регистри, автоматското издавање документи за идентификација за постојаните жители – сите овие можности им даваат доверба на инвеститорите. Како и секоја економија во развој, Македонија има потреба од странски инвестиции и надградување на работната сила, што води до економски раст. Европските инвеститори бараат владата да ги третира со истите права како и граѓаните на државата, како дел од инклузивно општество со стабилна администрација.

Затоа, ниту една мала или рурална населена област не треба да остане без водоснабдување, општински водовод, канализациски систем и систем за третман на отпадни води. За ова, од витално значење е да се искористи Програмата за претпристапна помош.

На вашата земја ѝ требаат стабилни политики фокусирани на иновативни технологии и на стратешки инвестиции во клучните сектори, со цел да се избегне зависност од други земји, особено во однос на снабдувањето со храна, обновливите извори на енергија, технолошката модернизација, образованието, туризмот и маркетингот.

Во поглед на политичките случувања во регионот, како ја коментирате актуелната политичка ситуација на Балканот, особено односите помеѓу Скопје и Софија, и како би можело на дипломатски начин да се надминат овие несогласувања?

Состојбата со војната во Украина е проблематична за цела Европа, со штетни ефекти особено за земјите од балканскиот регион. Според мене, оваа војна е неповратна грешка, која веќе остави свој белег на поделбата меѓу идните генерации. Мислам дека беа направени голем број дипломатски и аналитички грешки, вклучително и такви што вклучуваат контраразузнавање. На никаков начин снабдувањето со оружје не можеше да доведе до мир. Дали некој ги зел предвид обичните граѓани, руските и украинските деца, економските последици во соседните земји и низ Европа?

Што се однесува на случувањата помеѓу Скопје и Софија, имам свое лично мислење, базирано на моето познавање на балканската историја и на моето повеќегодишно присуство во регионот. Сите правиме грешки. Сепак, преземањето на истата грешка од минатото во сегашноста не носи ништо позитивно за развојот на нациите, нивните економии и за една визионерска стратегија за иднината на нивните граѓани. Граѓаните не можат доживотно да бидат заложници на една или на друга грешка или на историско толкување, што, пак, не може да се користи за манипулирање со јавното мислење и за политичко дестабилизирање на односите меѓу двете земји.

На Европа ѝ треба безбедност во балканскиот регион. Македонскиот народ и бизнис-лидерите сакаат да бидат дел од ЕУ како полноправна земја-членка. Ова е моето мислење.

На оваа работа политичарите треба да пристапат со зрелост и со меѓусебно почитување, да ги почитуваат економските и стратешките интереси и развојот на земјите и на нивните граѓани, притоа оставајќи настрана какви било политички или други интереси и без губење на идентитетот. Инволвирањето странски државници што не ја познаваат структурата на Балканот внесе сомнеж во однос на поседувањето дипломатски капацитет кај оние што се директно вклучени во преговорите. Едно е сигурно – треба да се фокусираме на иднината, бидејќи минатото не секогаш носи убави спомени. Тоа го очекува младата генерација од нас. Македонија и Бугарија секогаш ќе бидат братски земји, и тоа треба да биде основа за градење дипломатски и стратешки односи, со цел да се постигне доверба и соработка, што секако ќе им биде потребно на двете земји во иднина.

Господине Мусаги, Вие долги години живеете на Балканот. Што Ви се допаѓа најмногу во овој регион? Дали доаѓате често во Македонија и што е она што Ви оставило најголем впечаток од нашата земја?

На Балканот живеам од 1994 година, кога бев назначен од тогашниот министер за надворешни работи на Португалија, а подоцна и претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Дурао Баросо, за канцелар на Амбасадата на Португалија во Софија.

Како резултат на моите професионални обврски, имав можност да комуницирам со лидери од целиот балкански регион, вклучително и од Македонија, а дел од нив и денес се мои добри пријатели и соработници.

Во Македонија имав можност да посетам многу места: покрај Скопје, ги посетив и Куманово, Битола, Прилеп, Велес, Виница, и секаде запознав пријателски расположени, непретенциозни, интелигентни, вредни и амбициозни луѓе, кои вистински се грижат за својата земја. Ова остава впечаток.

Имам многу среќни моменти и искуства од моето време на Балканот – незаборавни глетки со величествена природа, богата историја, а не можам да не ги споменам и вкусната храна и одличното вино.

Со добро владеење, Македонија може да стане многу богата земја. Инвестициските фондови мора добро да се трошат. Земјата, не е само автопатишта, тековните комуникации се важни за економскиот развој, но не завршува сѐ тука. Земјата мора да ги отвори своите хоризонти кон надворешниот свет.

Видете, Македонија денеска нема дипломатско претставништво во Португалија, но, од друга страна, тоа не е причина да не ја посетам Македонија и да се чувствувам добро прифатено од сите овде. Настојувам да донесам португалски и други странски инвестиции во вашата земја преку формирање на македонско-португалско здружение.

Важно е да се создадат комерцијални и туристички зони, да се инвестира во руралните и во земјоделските региони. Треба да се спречи одредени региони да паднат во сиромаштија врз основа на стареењето на населението бидејќи порано или подоцна тоа ќе стане проблем.

Не е лесно во неколку реченици да се изрази 29-годишното професионално и лично искуство во источноевропските земји, но за мене најрелевантно е силното чувство и поврзаност што го имам со вашата земја.

Image
Newsletter